Соколот како македонски симбол

Соколот е птица која доста често (ако не и најчесто) во споредба со другите видови птици, се среќава во македонските народни песни.

"Море сокол пие" е една од најпознатите македонски народни песни. Во неа соколот се нарекува "јуначко пиле" и преку прашањето "Море нели виде јунак да премине" се прикажува како придружник на македонските јунаци.

Во песните за македонските револуционери и херои Јане Сандански и Гоце Делчев "Кога падна на Пирина" и "Сокол ми лета високо" , како и во песната "Бор садила мома Евгенија" поврзаноста меѓу соколот и јунакот е дури поистакната.

Во "Кога падна на Пирина" , трите сокола споменати во стиховите: "Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански, долетеја три сокола..." се персонификација на трите дела на Македонија: Вардар, Егеј и Пирин.

Соколот како митолошки помагач на македонскиот народ во неговите најтешки мигови е претставен и во песната "Убава Калина"

Во "Сокол ми лета високо" соколот се јавува како гласник за смртта на херојот Гоце Делчев. Какво е преносното значење на соколот што лета високо е дискутабило. Можеби преку високиот лет на јуначкото пиле, народниот гениј сакал да го прикаже преминувањето на војводата Делчев од земскиот живот во легендите, исто како што олимписките богови ги поставувале хероите по смртта, на небото како соѕвездија.

Сивиот сокол (Falco peregrinus) споменат во песната "Бор садила мома Евгенија" живее на територијата на Македонија и е најбрзата птица, а воедно и живо суштество не само во Македонија, туку и во светот.

Не случајно и во песната "Назад, назад, Калино моме" соколот преку стиховите "Ќе се сторам јас сокол пиле и пак кај тебе ќе дојдам. Гора ќе прелетам..." е претставен како господар на небото за кого ниедна далечина и висина не е недостижна.

Интересна тривија е дека постои антички приказ на Александар III Македонски, како египетски фараон и египетскиот бог Хорус којшто има човечко тело и глава на сокол (слика десно).

Сивиот сокол се спомнува и во една од најпознатите македонски песни "Тешкото" на Блаже Конески:

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце - сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!

Селото Соколарци (општина Чешиново-Облешево) го носи името поради тоа што таму за време на отоманската окупација (а можеби и предтоа) жителите на селото одгледувале соколи за воени цели.

Во песната "Блазе тебе Шаин ѕвездо" (исп. Рајна Спасовска) е опеан шаинот (дијалект) односно соколот обучен да лови други птици.

Падобранската единица за специјални намени се вика Сокол, и делува под мотото “Само оној сокол што го бие ветер е цврст и јак”. Постои и караула во јужниот дел на Р. Македонија која го носи истото име.

Ловечкото друштво од Куманово кое е едно од најстарите ловечки друштва во Р. Македонија, основано во 1924 година, од 1951 година се вика Сокол.

Личното името Сокол и презимињата Соколов/ски, Соколаров и Соколарски исто така се среќаваат во Македонија.

Александар Стеванов, објавено и на Cooltura

No comments: