Showing posts with label Химни. Show all posts
Showing posts with label Химни. Show all posts

August 12, 2013

Зошто Никола Карев го исфрлија од македонската химна?

НАШИТЕ ПОЗНАТИ ПРЕДЦИ ВО СЕКАВАЊАТА НА НИВНИТЕ ПОТОМЦИ: СПОМЕНИ НА МИШЕ КАРЕВ, ВНУК НА НИКОЛА КАРЕВ

ЗОШТО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА  ГО ИСФРЛИЈА ОД МАКЕДОНСКАТА ХИМНА?

Преземено од Теа Модерна, 12 јануари 2005 година, стр. 35 и 37.

Автор: Блаже Миневски

Никола Карев е роден во Крушево, 1877 година. Во 1893 година заминал на печалба во Бугарија, каде што работел како ѕидарски работник во работилницата на Васил Главинов. По враќањето во Македонија, заедно со Веле Марков и други младинци, формира социјалистичка група, а по одржувањето на Првата социјалистичка кокференција се вклучил во ТМРО. По загинувањето на Веле Марков, станал војвода на чета. Учествувал во работата на Смилевскиот конгрес, каде се спротивставил на одлуката за кревање предвремено востание. Сепак, кога одлуката била донесена, се вратил во Крушево, каде што бил назначен за началник на Горскиот штаб, кој веќе го подготвувал востанието. По победата на востанието, бил избран за претседател на Крушевската Република. Таа функција ја вршел 13 дена.

По поразот и пропаста на Републиката, Карев заминува најпрво во Белград, а потоа доаѓа за Софија, но не можејќи оддалеку да слуша за теророт во Македонија, тргнува кон татковината. На 27 април 1805 година загинува кај кочанското село Рајчани. Никола Карев ѝ припаѓаше на онаа група македонски револуционери кои беа огорчени непријатели и противници на сите надворешни мешања во македонското ослободително дело.

„По задушувањето на Илинденското востание, чичко ми Петруш и татко ми Ѓорѓи Карев, извесно време се криеле во околината на Крушево, а чичко ми Никола, претседателот на Крушевската Република се засолнил во селото Дивјаци, потоа во Цер и на крајот во Мариово. Во селото Дивјаци имал средба со Даме Г руев, за да ги договорат следните активности на македонската револуционерна организација. Три месеци по задушувањето на востанието, Никола Карев, заедно со уште десетина борци, успеал некако да ја премине турско-српската граница и да стигне во Белград. По пристигнувањето, Никола испратил писма до мајка му Марија во Крушево. Во тоа писмо, кое долго го чувавме дома, а потоа негде исчезна, тој пишуваше дека кај него во Белград „секој ден доаѓаат новинари, ме прашуваат за нашата борба и се чудат која била таа сила што можела 13 дена да чува република сред Отоманската Империја, во срцето на Балканот“. Во Србија, чичко ми Никола останал до февруари 1904 година. При престојот таму многу му помогнала Социјалистичката партија на Димитрие Туцовиќ. Баба Марија тие писма, но и фотографиите, весниците и другите предмети на Никола ги чувала како света реликвија, но подоцна Србите, Бугарите и нашата комунистичка власт се ни зедоа”, се сеќава на својот славен чичко и на неговата трагична судбина, неговиот сега 76-годишен внук од брат, Мише Карев.

НАРЕДБА ДА ЈА ПРЕДАДЕ АРХИВАТА ВО СОФИЈА

Неговиот татко Ѓорѓи Карев, најмлад брат на Никола Карев, како 16-годишно момче учествува во Илинденското востание, во познатата битка кај месноста „Слива“. Починал во 1949 година во затворот „Идризово“, каде што издржувал казна поради таканаречениот македонски национализам. Најстариот брат на претседателот на Крушевската Република, Петруш Карев успеал да ги надживее двајцата свои браќа и покрај сите малтретирања и голготи што ги поминал во животот. Умрел во 1968 година. Според внукот Мише Карев, старецот умрел со голема болка во душата поради недостоинствениот и понижувачки однос на македонската власт кон брат му Никола Карев. Војводата и претседател на првата Република на Балканот, средниот син на Јанаки и Марија Кареви, бил убиен во 1905 година од турскиот аскер кај кочанското село Рајчани.

„По престојот во Белград, каде што дал повеќе интервјуа на странски весници за состојбите во Македонија, чичко ми Никола, кој во тоа време имал 28 години, добил наредба од ВМРО веднаш да отпатува во Софија и таму, лично на Даме Груев да му ја предаде целокупната архива на Крушевската Република. Иако имал голема резерва околу префрлувањето на архивата од Крушево во Софија, Никола пристигнал во Бугарија во март 1904 година. По наредба на Груев, преку канал на Организацијата, испраќа абер до својот брат Петруш да ја откопа и да ја донесе во Софија архивата на Републиката. Архивата била закопана до една бука во Беговата корија, точно под буката која ’прва ја ј осветлува сонцето’. Во април таа 1904 година, чичко ми Петруш успеал да ја пронајде и да ја откопа архивата на Крушевската Република. Сместена во кираџиски самар, драгоцената македонска архива во мај веќе била во Бугарија, каде што му била предадена на Даме Груев. Чичко ми Петруш кажуваше дека кога стигнал во Софија, Никола веднаш го однел во кафеаната каде што ги чекал Груев. Предавајќи му ја архивата, тој му рекол на Даме дека презема голема одговорност врз себе пренесувајќи ја архивата на Крушевската Република во Бугарија. Чичко Петруш кажуваше дека Даме Груев дури и му се заканувал на Никола, кој долго одлагал да ја донесе архивата во Софија. Во кафеаната каде што била донесена и предадена архивата, заедно со Даме Груев бил и Борис Сарафов, човекот кој издејствувал одлука за предвремено востание, на која Никола, исто така, се спротивставил во Смилево. Како и да е, оттука натаму претседателот на Крушевската Република веќе немал никаков увид во тоа каде е и што се случува со архивата на Републиката”, вели внукот на Никола Карев.

ДОЛГО ВРЕМЕ НЕ ЗНАЕВМЕ КАДЕ МУ Е ГРОБОТ

Разочаран од малодушноста, па дури и од незаинтересираноста на некои дејци на револуционерната организација за крвавата тиранија што ја спроведува Турција по задушувањето на Илинденското востание, војводата Никола Карев во пролетта 1905 година решава да се врати во татковината и таму да ја продолжи борбата за автономна и обединета Македонија. Тргнал на пат со мала чета одбрани борци, користејќи канал на Организацијата преку Кочанската Котлина. За жал, по пат четата е предадена, се разбира и овојпат од Македонец. Турскиот аскер ги опколува во близина на селото Рајчани и успева да ја ликвидира речиси целата чета. Се спасил само војводата Петар Ацев со уште неколкумина комити. Според спомените на Петруш Карев, најстариот брат на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република во тој судир со аскерот бил тешко ранет. Ризикувајќи ги своите животи, двајца комити успеваат да го засолнат во една од блиските колиби, но војводата обилно крвавел и повремено ја губел свеста. Целиот терен бил сардисан од војската која била веќе сосема близу и до колибата каде што бил ранетиот Карев. Немајќи друг излез, војводата и уште неколкумина комити извршуваат самоубиство. Речиси во исто време, во селото Цер на сличен начин, со самоубиство, животот го завршува и војводата Христо Узунов, близок пријател на Никола и на семејството Кареви. Притоа интересен е споменот на Петруш Карев во врска со тој настан: кога разбрала за смртта на Узунов, Марија, мајката на Никола, три дена седела до прозорецот и плачела. Таа не знаела дека веќе бил мртов и нејзиниот син Никола. Во врска со убиството на Претседателот, во некој турски весник излегла информација заедно со фотографија на девојка.

„Кога чичко ми Никола бил мртов, војникот што вршел претрес, во кошулата нашол слика на девојка. Тоа е фотографијата на Коца Јосева Хаџова, вереницата на Карев. Таа умира неколку години подоцна во Струга, од туберкулоза. Тој весник долго го чувавме дома, но во 50-тите години на минатиот век ни го зедоа за архивот, или за Институтот за историја, не се сеќавам точно, но знам дека никогаш не ни го вратија, иако ветуваа дека ќе ни достават барем копија. За семејството Кареви, по смртта на Никола, следуваа долги и мачни години, кои не завршија со ослободувањето и создавањето на Народна Република Македонија. Долги години по затворите скапуваа чичко ми Петруш и татко ми Ѓорѓи, браќата на Никола Карев. Татко ми Ѓорѓи Карев не само што лежеше туку и беше убиен во затворот во ’Идризово’ во 1949 го-дина. Уште потешко ми е на душата што до ден денес не знаеме, не ни кажаа каде му е гробот. Во истиот затвор, пак поради Македонија, кон крајот на 50-тите години, година и пол лежев и јас. Во меѓувреме од нашата куќа беше однесено сè што беше поврзано со чичко ми Никола, но и со неговите браќа. Бугарите ја зедоа архивата на Крушевската Република и сите документи потпишани лично од Никола Карев; Србите, на пример, ни ги зедоа писмата на Никола до неговите родители, како и писмото кое Гоце Делчев му го напишал на Никола и во кое го советува да не оди во Солун, туку да остане во Битола, каде што е многу покорисен за делото. Една фотографија, која уште нигде ја немам видено дека е објавена, јас лично му дадов на нашиот историчар Љубен Лапе. Подоцна му дадов една фотографија од Никола и на Орде Ивановски. Тоа беше фотографија на чичко ми направена 1904 година. Фотографијата беше многу значајна поради тоа што на опачината беше потпишана лично од Никола. Тој го имаше напишано и датумот - 1 мај 1900 година. Чичко ми Петруш кажуваше дека Никола, три дена, во август 1903 година, лично му го диктирал на Никола Киров Мајски, неговиот братучед, познатиот Манифест на Крушевската Република. Тој оригинален запис на Манифестот и сите други белешки биле однесени во Софија, заедно со архивата на Горскиот штаб и на Владата на Крушевската Република. Оние што по секоја цена сакаа да го намалат значењето на Никола Карев, подоцна измислија дека Манифестот, наводно, го напишал Мајски, а не Карев. Истите тие го избришаа од македонската химна неговото име, а остана, на пример, името на Питу Гули, кој е еден од десетте војводи што биле во тој период во Крушево и Крушевско. Зошто Никола Карев, претседателот на Крушевската Република, е избришан од нашата химна, веројатно знаат само тие што го избришаа. Не случајно и неговите мошти, по пренесувањето од Рајчани, се меткаа по разните визби низ Крушево, за на крајот да завршат фрлени под скалите на ’Македониумот’. Дури во 1990 година, по сензационалното откритие на ’Нова Македонија’, ковчежето со неговите коски беше погребано внатре во споменикот.

ПОРТРЕТОТ НА НИКОЛА - НАЈСКАПОЦЕНОТО НЕШТО

Единствено нешто што успеале да зачуваат дома Кареви е портретот на Никола од 1901 година, врамен во рамка од ореово дрво. „И рамката и фотографијата се постари од сто години. Ги чуваме во семејството како најскапоцено нешто. Чувам и некои фотокопии на документи до кои имам дојдено во последниве неколку децении, како што е неговото интервју за грчкиот весник ’Акрополис’, дадено на грчки новинар на 8 мај 1903 година во Битола. Во интервјуто направено само три месеци пред Илинденското востание, Никола Карев на грчкиот новинар отворено му кажува дека е Македонец, но и дека се смета за потомок на Александар Македонски. Исто така, во тоа интервју, Никола вели дека македонскиот народ ’сака Република и пријателство не само со Бугарија, туку со секој што ќе ни помогне да се ослободиме’, а истовремено потсетува дека засега не останува ништо друго ’освен да ја продолжиме борбата’. Не е познато дали новинарот некогаш дознал дека истиот тој човек само три месеци подоцна ќе направи Република во Крушево”, вели Мише Карев, застанат под големиот портрет на Никола Карев во салонот на својата куќа во Крушево. Следната година се навршуваат сто години од смртта на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република. Македонската држава веројатно ќе најде сили, во согласност со „коалиционите партнери”, достоинствено и државнички да го одбележи тој настан.

December 15, 2010

По Републиката, Карев ја загуби и химната

Историчарите и политичарите сѐ уште немаат објаснување зошто во текстот на државната химна го нема името на Никола Карев кое постоело во различни верзии на песната „Денес над Македонија се раѓа“

Сѐ уште е енигма поради какви историски околности Никола Карев, претседател на Крушевската Република, и револуционерот Димитар Влахов останаа без своето место во државната химна „Денес над Македонија се раѓа“. Од запишувањето на првичниот текст на песната, нејзините преправања и допишувањата на имињата, различните сведоштва на актерите за верзиите на стиховите до конечниот избор за државна химна во 1992 година, траат дилеми дали е нанесена неправда кон Карев и Влахов.

Редакцијата на „Дневник“ располага со тонски запис на песната која во 1942 година ја создал револуционерот Владо Малески, а заеднички ја пеат легендарните пејачи Никола Бадев, Александар Сариевски и Васка Илиева. На снимката, направена пред повеќе децении за потребите на државното Радио Скопје, се слуша дека во делот каде што се наведуваат имињата на револуционерите „...Делчев, Груев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“. Во една од пишаните верзии на оваа песна, пак, името на Влахов е заменето со Марков, презимето на револуционерот Веле Марков. Ова се, вкупно, седум имиња што со години се „вртеа“ во различните верзии на текстот на песната „Денес над Македонија се раѓа“ и во која, на крајот, останаа само „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“.

Луѓето што во 1992 година ја донеле одлуката за конечниот текст на химната објаснуваат дека единствено таков текст со четирите имиња бил предмет на нивното разгледување, а дека другите варијанти на текстот не биле достапни или познати.

Публицистите и историчарите укажуваат дека со текот на годините легендарната песна сѐ помалку се изведувала со имињата на Карев и Влахов. Мислењата за причините за тоа одат и до таму што се смета дека тоа било намерно правено. Дури се наведува дека причината за „неподобноста“ на Карев била во фактот што неговиот брат Ѓорѓи Карев, учесник во Илинденското востание, во 1944 година бил осуден на петгодишна затворска казна од новата комунистичка власт поради соработката со бугарскиот фашистички окупатор.

Најголеми дилеми, сепак, отвора фактот што постојат дилеми за тоа каков бил текстот на песната што ја создал Владо Малески. Познатиот македонски историчар Симо Младеновски наведува дека постојат документи од кои се гледа дека Малески во 1980 година му кажал на поетот Лазо Каровски кои имиња биле содржани во песната.

- Малески рече дека таа строфа гласи : „Од гроб станаа славните ѕидари на Крушовската Република, Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“. Интересно е што тука го нема името на Даме Груев - наведува тој.

Младеновски објаснува дека Малевски не го запишал текстот на песната кога таа е изведена на пречекот на Новата 1943 година во Струга организиран од струшките антифашисти. Публицистот Кочо Топузовски, пак, во својата книга за Никола Карев пренесува запис на историчарот Блаже Ристовски во кој тој, повикувајќи се на сведоштвото на Малески, навел дека во првиот текст биле спомнати само имињата на „Гоце Делчев, Питу Гули, Дамјан Груев, Сандански...“.

Текстот на песната прв го запишал поетот Кочо Рацин во јуни 1943 година, но во него не се спомнувало името на Карев. Рацин го сменил и едниот стих, па наместо „Од гроб станаа славните ѕидари...“ напишал „Одново сега знаме се веје...“, а од имињата се наведени „Делчев, Груев и Питу Гули, Сандански, Димитри Влахов“.

- Името на Карев во текстот на песната е спомнато кога таа е објавена во збирката „Наши песни“ во 1944 година, кога во последниот стих се наброени Карев, Влахов и Сандански. Оттогаш, дури до 1970 година јас сум присуствувал на повеќе приредби на кои се пеела денешната химна - вели публицистот Кочо Топузовски.

Тој повикува да се истражи како се случило од текстот на химната да отпаднат имињата на Никола Карев и на другите значајни личности.

Според Симо Младеновски, различните имиња што се спомнувале во текстот на песната се должело на тоа што авторот Владо Малески до крајот на својот живот не направил дефинитивна верзија на својата песна „Денес над Македонија се раѓа“.

- Не мислам дека постоела некоја политичка причина заради која името на Никола Карев е намерно отстрането од текстот на химната. Претпоставуваме дека актуелната верзија била најраширена за разлика од другите текстови - вели тој.

Песната на Малески, направена по мелодијата на народната песна „Надежда болна легнала“, станала народна песна која различно се изведувала и која во 1992 година е одбрана како најдобро решение за химна на независната Република Македонија. Всушност, песната била утврдена како химна на тогашната Социјалистичка Република Македонија во 1989 година, но тогаш не бил утврден нотен запис и текстот на песната што е законски потребно. Дотогаш, таа се употребувала само како свечена песна која се изведувала во значајни државни поводи,

Познатите македонски книжевници Петре М. Андреевски и Радован Павловски во 1992 година беа дел од жирито кое реши до пратениците во Собранието, по многу дебати, да се предложи песната „Денес над Македонија се раѓа“.

Актуелниот пратеник Стојан Андов, кој тогаш беше претседател на Собранието и на Уставната комисија, вели дека и нему не му е познато зошто при дефинирањето на текстот на химната не биле предвид земени сите верзии на песната.

- Името на Карев заслужува да биде дел од химната, но сега е тешко да се направи таквата промена - проценува тој.

Радован Павловски: Не ни беа познати сите верзии на песната

Ние ја предложивме таа песна бидејќи беше најдобра меѓу оние од кои се вршеше избор, вели поетот и академик Радован Павловски.

- Времето, впрочем, потврди дека таа песна е достојна за македонска химна. Навистина, ние не ги познаваме сите варијанти на текстовите и кои сѐ имиња се спомнувале во нив. Не знаевме, на пример, дека во едниот текст се спомнуваат Карев и Влахов, или дека во другиот го нема Даме Груев. Ние го потврдивме тоа што беше постојна песна. Во нашиот предлог ние го напишавме само името на песната, без нејзиниот текст. А како се усвои овој текст, не ми е познато - изјави Павловски. 

Извор: „Дневник“, 25.05.2007

June 14, 2010

Македонска химна - прва верзија

Автори на химната на Република Македонија се Владо Малевски - текст (1941) и Тодор Скаловски - музика (1943). Долу можете да го погледнете првичниот текст на химната (којшто се разликува од денешната официјана химна на Република Македонија) напишан во 1941 година, а првпат изведен во 1942 година. Во заграда е стихот по којшто првично напишаната химна се разликува од онаа којашто за првпат била изведена.

Денес над Македонија

Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!

Горите Македонски шумно пеат,
нови песни, нови весници!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Македонците се борат,
за своите правдини!

Одново сега знамето се вее, (Од гроб станаа славните ѕидари)
на Крушовската република!
На Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански
На Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански

Не плачи Македонијо мајко мила,
Крени глава гордо високо,
Македонија слободна,
слободна ќе живее!
Македонија слободна,
слободна ќе живее!

March 19, 2010

Земјо Македонска

Земјо Македонска е македонска народна песна, сметана за неформална македонска химна. Песната има неколку варијанти.

Земјо Македонска

Земјо Македонска,
поздравјавам те! 2х
Земјо Македонска,
земјо турско-ропска Македонијо
уважавам те. x2

Уважавам твојте Македонијо
гори високи. х2
Горите висојте
и во теб херојте Македонијо
што ги раѓаш ти. x2

По теб се белеjат Македонијо,
безбројни стада. х2
Стадата белеат,
а гроздои зрејат Македонијо,
по твој ридови. x2

Ништо не те плаши Македонијо,
на овој бели свет. x2
Кој душман ќе влезе
жив нема да излезе Македонијо,
ти го ставаш в гроб. х2

Васка Илиева



Владо Јаневски



Симеон Гугуловски

December 7, 2009

Зора на слободатa

"Марш на македонските револуционери" попознат како "Изгреј зора на слободата" е химна на АСНОМ-ска Македонија изведена на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1945. Набргу после тоа е забранета под изговор дека е пробугарска, сепаратистичка и про автономна Македонија.

Изгреј, зора на свободата,
Зора на вечната борба.
Изгреј в душите и срцата
на всички роби по света!

Тирани, чудо ште направим,
Ниј чуждо иго не трпим,
С јунашка крв ште ви удавим,
И пак ште се освободим!

Јунаци смели пак развиха
Окрвавени знамена,
Комити нови забродиха
Из македонската земја.

Тирани, чудо ште направим...

Ечат гори, полја, балкани
От бојни песни и Ура,
Сноват борците-великани:
Напред, готови за борба!

Тирани, чудо ште направим...

Нас ништо веч не ште уплаши,
И т'ј живеем ден за ден...
Свештени са горите наши,
Из тех свободни ште измрем!

Тирани, чудо ште направим...

Химна



Линк Википедија

Линк Време

August 18, 2009

Химна на Република Македонија

Денес над Македонија

Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Одново сега знамето се вее,
на Крушевската република!
Гоце Делчев, Питу Гули,
Даме Груев, Сандански!
Гоце Делчев, Питу Гули,
Даме Груев, Сандански!
Горите македонски шумно пеат,
нови песни, нови весници!
Македонија слободна,
слободно живее!
Македонија слободна,
слободно живее!

Химна



Законот за химната во Службен весник (12 август 1992):