Showing posts with label Преродбеници. Show all posts
Showing posts with label Преродбеници. Show all posts

December 18, 2018

Pulevski on the Bulgarian propaganda in Macedonia

Pulevski on the Bulgarian propaganda in Macedonia, 1879! 

June 8, 1879 Georgi Pulevski to Despot Badzovic 

„...The Bulgarians here are playing tricks with us and are turning the water to their mill alongside divine Nathaniel, who is a Macedonian, but rather inclined towards the Bulgarians...“

Arhiv Srbije (Beograd) Fond: Ministarstvo prosvete, P. nbr. 981/8.VI.1879; Razgledi XIV/10 (1972), p. 1132.

Пулевски

Извор: ВМРО

July 24, 2018

Односот на македонистите од 19 век кон античка Македонија

Трудот е преглед на пишувањата и тврдењата на македонистите од 19 век за постоење на жива врска меѓу античките Македонци и денешните (тогашните) Македонци. Ваквата теза се појавува поради голем број фактори што се елаборирани во текстот, но таа и денес е актуелна во македонската културна сфера и доаѓа од голем број познати и признати историчари. Главната причина, но и цел на застапувањето на ваквата идеја кај македонистите од 19 век се согледува во неопходноста од враќањето кон славното минато за да се поттикне борбениот дух на Македонците во 19 век во напорите за создавање на своја самостојна држава. Покрај тоа, во овој труд се коригира некоректниот и омаловажувачки однос на некои наши (книжевни) историчари кон големото и значајно дело на македонистите од 19 век.

1. Вовед
Една од карактеристичните и доминантните теми од македонската писменост во таканаречениот „преродбенски“ 19 век е словенското потекло на античките Македонци, а во тие рамки и на Александар III Македонски – практика која продолжува да се појавува и во првите децении на 20 век. Безмалку сите македонски културни дејци од 19 век коишто го споменуваат најславниот антички македонски крал се декларираат како потомци на античките Македонци коишто, според нивните тогашни сфаќања, биле Словени, но истовремено и најстар народ што се доселил на Балканскиот Полуостров. Факторите коишто влијаеле врз ваквите ставови на нашите културни дејци од 19 век се многубројни и од различна природа, но останува мошне значајниот факт дека сите тие дејци се едногласни во тврдењето оти античките Македонци биле Словени и дека денешните Македонци се потомци на античките Македонци како најстар народ доселен на Балканскиот Полуостров.

Alexander III of Macedon

Меѓу позначајните фактори кои придонеле за ваквите ставови на македонистите од 19 век во прв ред е дотогашната историска и историографска практика за ширење и актуелизирање на таквата теза и тоа во пошироки балкански и словенски рамки. Како мошне значаен фактор во оваа смисла треба да се спомене и неопходната потреба од навраќање кон славното минато и кон славните предци на овие македонски простори што требало да биде поттик за воздигнување на борбениот и револуционерниот дух кај македонскиот народ во борбата за слобода и за создавање на своја автономна држава. Општопозната е ваквата потрага по далечните корени од славните и храбри предци во периоди кога народот чувствува дека е загрозен неговиот национален идентитет што, пак, од своја страна претставува поттик за акција. Во таа смисла, се разбира, ваквите идеолошки пројави кај македонскиот народ во 19 век не се никаков исклучок. Тоа е така затоа што македонскиот идентитет во 19 век е загрозен од неколку аспекти – Македонија се наоѓа под петвековно османлиско ропство, а сè повеќе и повеќе земаат замав српската, грчката и бугарската пропаганда кои задираат директно во националниот идентитет на македонскиот народ, но тие пропаганди задираат и во територијалниот интегритет на Македонија како географска и етнографска целина во рамките на Османлиската Империја. Загрозени се, значи, основните составни елементи на македонскиот национален колектив како што се македонската етничка припадност, македонскиот јазик, обичаите, културата, територијата, па како реакција на тоа се појавува потрагата по и навраќањето кон древното и славно минато на македонскиот народ.

Сосема ирелевантни се тука дискусиите за историската автентичност или неавтентичност на таа теза за врските меѓу античките и денешните, односно тогашните (од 19 век) Македонци, зашто таквата национална идеологија бездруго ја извршила целта поради која и настанала – да го мотивира, да го поттикне и да го мобилизира македонскиот народ во борбата за слобода и за создавање на своја самостојна национална држава. На крајот на краиштата, инсистирањето на нашите Македонци од 19 век на древното потекло на својот народ претставува и една практична, но и сосема логична идеја затоа што на тој начин се воспоставува интерактивна врска меѓу две далечни епохи, меѓу две култури коишто, секако, имаат допирни точки во неколку сегменти – националното име, територијата, дел од обичаите, а според последните генетски истражувања и крвта.

2. Македонистите од 19 век vs античка Македонија
Античка Македонија не само што не била terra incognita за нашите културни дејци од 19 век, туку таа за нив претставува сакрален топос од кој тие црпеле огромна енергија за своите подвизи. Тоа го потврдуваат мошне честите споменувања на славното античко минато на македонската држава и на двајцата најзнаменити кралеви од тоа време – Филип II Македонски и Александар III Македонски. Но, да се поткрепиме со примери, како што вели Гане Тодоровски. Да ја споменеме за почеток книгата „Претскажувањата на Голем Александар“ од Атанас Македонец објавена во 1845 година во Венеција. Во предговорот („Пролог на терџуманот“), Атанас Македонец ја поистоветува својата татковина Македонија со татковината на Александар Македонски („со тој големиот човек“): „И шчом ова ракописмо јет пресказање на Голем Александр и чинит мноугу голем збор за негојата мноугу милослива патрида Македониа, јас слугата на Христа од истата земја со тој големиот човек, сторив ниет, со помож на сфети Дух, да го прам терџуме и на јазиците што се зборуваат на мојата патрида“. (Македонец, 1996, 33).

Исто така, меѓу бројните Македонци од 19 век коишто зборуваат за античка Македонија е и јерејот Димитрија од Кривопаланечко кој некаде кон средината на векот, односно во 1848 година вели: „За моето назначување најмногу се заложи г-н Михаил Македонски, зашто сум роден Македонец и службата си ја терам по словенски. Од бога било пишано моето отечество Македонија да страда од Грците, па тие не ни даваат и денеска мир, иако сите знаат дека Македонија била постара држава и од нивното царство“. (Ристовски, 1995, 129).

И нашиот познат учител и собирач на народни умотворби Димитрија Миладинов го носел во себе истиот идеал како и другите многубројни македонисти од 19 век. За ова сведочи Рајко Жинзифов[3] кој пишува за полемиката на Д. Миладинов со некој Грк кој зборувал за тоа дека словенскиот, односно македонскиот јазик е „варварски јазик“. Во таа расправија „Димитрија ги посакал од Гркот не само сегашните Македонци, туку и древните, заедно со Филипа и Александра. Тој ги преобрнал и Хомера и Демостена и Страбона и едвај ли не ги пословенил во очите на Гркот и сегашните Елини“. (Тодоровски, 1990, 51). Од друга страна, и во Зборникот од браќата Миладиновци е објавено и едно предание за Александар Македонски.

Во една дописка од Охрид објавена во „Цареградски вестник“ од 3 март 1860 година среќаваме и еден ваков фрагмент: „Ова страна е Македонија и ако пригледаме природа, нрави, обичаи, характер на жители, нихен стан, нихна физиономија, из цело ште познаеме истите онија мужи кои во старо време составјали фаланги Александра Македонскаго“. (Конески, 1959, 80).

Во своите „Лични дела и спомени“ (Пловдив, 1906) Стефан Салганџиев ни оставил сведоштво за еден солунски учител, охриѓанец, кој некаде на крајот од 60-тите години на 19 век се изјаснувал како потомок на античките Македонци. Овој солунски учител тврдел: „Ја не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцарин; ја сум чист Макидонец, какви су били Вилип и Александри Македонски и Аризтотел вилозов“. (Конески, 1959, 49-50).

Во весникот „Македонија“ од 16 февруари 1871 година во статијата со наслов „По македонското прашање“ нашиот учебникар, национален деец и публицист Димитар Василев Македонски, полемизирајќи со бугарскиот културен деец Петко Р. Славејков, меѓу другото пишува: „Македонците не се изгубиле од лицето на земјата, како што си дозволуваат некои да велат, зашто, колку што знаеме ние, тие не згрешиле некогаш, па да зине земјата и да ги голтне“. (Ристовски, 1995, 131).

Ваквата античко-македонска идеолошка свест била присутна и меѓу „лозарите“. Во весникот „Македонија“ кој почнал да излегува во Русе на 21 октомври 1888 година и чиј уредник бил Коста Шахов, во една статија без наслов во бројот од 11 ноември 1888 година, авторот потпишан со иницијалите Г.К. меѓу другото пишува: „Денеска... секој Македонец, кога го спомнува Александар Македонски, вели: ’Ние сме го имале цар Александар Велики‘. Со тие зборови тој си наумува за блескавиот период и величието на Македонската држава. Александар Македонски стои пред лицето на Македонецот како национална гордост. Таа национална гордост денеска има за него интелектуално значење при односот за постигнување на идејата за самостојност. Великата македонска држава во лицето на Александра ѝ има направено огромна полза на науката“. (Ристовски, 1995, 136).

Како што наведува Блаже Ристовски, „и на едно тајно собрание на македонскиот ’кружок‘ околу в. ’Македонија‘ што се одржало на 19 јуни 1889 год. во хотелот ’Конкордија‘ во Софија, на коешто присуствувале 12-13 истакнати македонски дејци од тоа време (К. Шахов, Д. Македонски, Г. Георгиев, Ив. Шумков, Ножаров, браќа Иванови, Ќузлиев, Мандушев и др.) во рамките на размислувањата за ’да се покрене една поширока дејност‘, меѓу другото се зборувало и ’за Александар Македонски‘“. (Ристовски, 1995, 136).

Во 1890 година во Софија беше формирана Младата македонска книжовна дружина чиј прв претседател е Коста Шахов. Во печатениот орган на оваа книжовна дружина наречен „Лоза“ во 1892 година, во првиот број, пишува дека „татковината на Македонците е Македонија и дека таа била ’отделно славiанско господарство на което миналото е покрито со блесък и особено во времето на Филипа и Александра Велики, но при нихните наследници отпаднало‘...“. (Ристовски, 1995, 136).

И востаниците од Кресненското востание од 1878 во својот акт насловен како Правила-Устав на Македонскиот востанички комитет се повикуваат на античка Македонија, односно на Александар Македонски: „Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв што ја пролеваме по планините и горите македонски ние служиме како Македонска војска на Александар Македонски за слободата со нашата девиза: ’Смрт или слобода‘“. (Ристовски, 1995, 133).

Во овој контекст мошне интересни се содржините од актите произлезени од формирањето на Националното собрание и Привремената влада на Македонија во месноста Гремен-Теќе, Островска околија, во мај 1880 година како резултат на незадоволството на Македонците поради положбата на Македонија по Берлинскиот конгрес во 1878 година. Националното уставотворно собрание донело Протоколарно решение за формирање на Привремена влада на Македонија во кое, меѓу другото, се вели: „Од сите заинтересирани влади ќе се побара реставрација на Античка Македонија, ќе се упати и повик до сите љубители на слободата и од сите родољубиви мажи ќе се побараат благородни жртви“. (Андоновски, 1995, 72; Сталев, 2001, 89).

Покрај Протоколот, Привремената влада на Македонија издала и Манифест (од 23 март 1881 година) до македонскиот народ со кој го повикува на востание за ослободување од вековниот јарем. Во овој Манифест чести се навраќањата и повикувањата на славата на античката македонска држава: „Нашата мила татковина Македонија некогаш била една од најславните земји. Македонскиот народ, исто така, удирајќи ги првите темели на воената вештина, со своите победнички фаланги и Аристотеловата просвета, ги цивилизира човештвото и Азија. Но, таа некогаш толку славна наша татковина, денес е на прагот на својата пропаст поради нашите грешки и поради заборавот на нашето потекло... Наоѓајќи се во ваква немоќ и гледајќи ја целата расплакана нашата мила Македонија, нашата драга татковина Ве вика: вие, што сте верни мои деца, вие што по Аристотел и Александар Велики сте мои наследници, вие во чии жили тече македонска крв, не оставајте ме да умрам, туку помогнете ми... Македонци, сетете се на нашето потекло и немојте да го откажувате!“. (Андоновски, 1995, 74-75).

Меѓутоа, Александар Македонски и античка Македонија, како и тезата за нивното словенство (славјанство), доминантна место имаат и во делата на четворица наши културни дејци од 19 век – Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Цепенков и Григор Прличев. Но, да ги погледнеме мошне интересните, а понекаде и мошне зачудувачките, толкувања на ваквата појава како сегмент од нашиот историски развој, и тоа од врвни македонски историчари, но и конкретно од книжевни историчари.

Ова често навраќање кон античкиот период на Македонија што се случува во 19 век Блаже Конески го согледува во еден поширок балкански контекст. „Тоа уверение впрочем – коментира Конески – не било измислено кај нас. Тоа било распространето пошироко, пренесувано од некои постари истории. Александра го среќаваме на пр. претставен како Словен кај дубровничкиот поет Иван Гундулиќ. Тоа му годело на словенското самочувство. Од истиот разлог и македонистите го земале за свој предок, со кого можеле да се гордеат... Карактеристично за буржоазните национални движења – будењето на ’старата слава‘, националниот романтизам – не можело да не им биде присушто и на македонистите. Кај Бугарите се во тој поглед особено интересни историските конструкции на Г.С. Раковски“. (Конески, 1959, 80).

Според Блаже Ристовски, врз оваа појава во македонскиот книжевен 19 век влијаело зародувањето на современата историска мисла на овие простори, усната народна традиција, европската наука што манифестативно ја култивираше свеста за античка Македонија со постепено, но забележително инклинирање кон претставите за „словенскиот карактер“ на нејзиното население, како и веќе создадените култови во митологијата. (Ристовски, 1995, 127-129).

Александар Донски, пак, потенцира дека поради „огромниот крвен и културен удел на античките Македонци во денешната македонска нација, воопшто не е чудно што голем број Македонци во поблиското минато себеси се декларирале како потомци на античките Македонци... Наспроти сите антимакедонски пропаганди, античко-македонското етничко потекло масовно било прифаќано од страна на Македонците во 19 и 20 век“. (Донски, 2002/2003, 217).

Ставовите на македонистите за словенството на античките Македонци Гане Тодоровски ги квалификува како „хипотетични, утописки занеси на дел од македонските преродбеници (Џинот, Георги Динков, Пулевски, Исаија Мажовски, Јован Гологанов и др.)“, но и како „фикс идеи“. (Тодоровски, 1990, 101-102). Покрај ова, Тодоровски вели дека станува збор за „екстремен национален занес и колективна национална утопија“ (Тодоровски, 1979, 8), како и за „колективна заблуда од која не беа поштедени ни најистакнатите имиња на народната преродба... И како прв грев на младоста на нашата нација и како грда самоизмама“. (Тодоровски, 1979, 32).

За Томислав Тодоровски, пак, таквите пројави во 19 век беа „илузионистичко тврдење и романтичарски занес“ (Тодоровски, 1972, 13-14), а за Мажовски и за Пулевски ќе додаде дека „тоа беа луѓе со скромни интелектуални можности“. (Тодоровски, 1972, 22).

Во идентичен стил, Кирил Пенушлиски зборува за „искривоколчен култ за историското минато“ (Пенушлиски, 2005, 25), како и (на пример) за „неука бесмислица на Ѓорѓија Пулевски дека царот Филип и царот Александар Македонски се Славјани“. (Пенушлиски, 2005, 26).

3. Заклучок
Кога нашите историчари и книжевни историчари зборуваат за „национален романтизам“, за „екстремен национален занес“, за „колективна национална утопија“, за „грда самоизмама“, за „илузионистичко тврдење“, за „фикс идеи“, како и за „скромни и ограничени интелектуални можности“ и за „наивност и неукост“, а кога сето тоа се однесува на македонските културни дејци од 19 век, очигледно е дека се забораваат неколку мошне суштински факти. Имено, посериозните историски, научни проучувања на античка Македонија и објавите на сериозни историски трудови за таа епоха започнаа со германскиот историчар Јохан Густав Дројзен во четвртата деценија на 19 век, односно во 1833 година. Во времето, на пример, кога Ѓорѓија Пулевски ја пишуваше својата „Славјанско-маќедонска општа историја“ (три-четири децении по Дројзен) европската историска наука сè уште талкаше по темниците на античко-македонскиот период. Тие наши „неуки и наивни“ таканаречени „преродбеници“ работеле во време кога македонскиот народ нема своја држава, нема свој стандардизиран јазик, нема образовни и научни институции, во време кога македонскиот национален идентитет бил загрозуван буквално од сите страни и од сите аспекти (етнос, јазик, црква, територија) итн. Сето она што тие го создале и го постигнале во такви тешки услови (или „опстојателства“, како што вели Константин Миладинов) е еднакво на подвиг за восхит и бездруго не заслужуваат таков безмалку омаловажувачки однос, особено во рамките на македонската книжевна историја.

Од трета страна, а во врска со „неуката и наивна“ идеологија на македонистите од 19 век дека Словените, односно Македонците, се староседелци на Балканот, треба да се има на ум фактот дека дури и денес во одредени научно-историски кругови се става под сомнеж историската теза за доселувањето на Словените на Балканскиот Полуостров од зад Карпатите и тоа во бранови во 6, 7 и 8 век по Христа. Односно, наспроти ова, и денес (во 21 век!) се актуелизираат идеите на македонистите од 19 век дека Словените (поточно Македонците) се староседелци на Балканот.[4] Во тој контекст, се појавуваат и застапници на една трета теза според која денешната македонска нација настанала со симбиоза на етничките и културните идентитети од античко-македонскиот и словенскиот елемент што, се разбира, не е далеку од логиката.

Основниот проблем кај овие три тези е тоа што нивните застапници и поддржувачи најчесто вршат селективно презентирање на историските факти со цел, се разбира, да бидат поубедливи при докажувањето на своите ставови. Тоа несомнено значи дека пред историската наука сè уште постои едно прашање коешто ни до денес не е докрај расчистено и расветлено, па според тоа историјата ќе треба во иднина аргументирано да ги елиминира ваквите дилеми.

Но, како и да е, несомнен е фактот дека македонските културни дејци од 19 век, со сето она што го создале, направиле големи подвизи достојни за почит.

3) Во московскиот седмичник Ден, во броевите од 17.XI и 1.XII 1862 година, Рајко Жинзифов ги објавува своите сеќавања за браќата Димитрија и Константин Миладиновци под псевдонимот „Велешанин“.
4) Би ги споменале тука, на пример, тезите на Ташко Белчев, Васил Иљов, Лидија Славеска, Ангелина Маркус, Веле Алексоски, Ристо Стефов, Антоније Шкокљев – Дончо, Славе Николовски-Катин и други.

Библиографија:
1. Андоновски Христо (1995). Јужна Македонија од античките до денешните Македонци. Скопје: Македонска книга.
2. Донски Александар (2002/2003). Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел – фолклорни елементи). Штип: Центар за културна иницијатива.
3. Конески Блаже (1959). Кон македонската преродба, Македонските учебници од 19 век. Скопје: Институт за национална историја.
4. Македонец Атанас (1996). Претскажувањата на Голем Александар. Подготовка, предговор и транскрипција Вера Стојчевска–Антиќ. Скопје: Зумпрес.
5. Пенушлиски Кирил (2005). Митот и фолклорот. Скопје: Матица македонска.
6. Ристовски Блаже (1995). Македонија и македонската нација. Скопје: Детска радост.
7. Сталев Георги (2001). Историја на македонската книжевност 1800 – 1945, I дел: Македонската литература во 19 век. Скопје: Институт за македонска литература. 
8. Тодоровски Гане (1979). Веда Словена. Скопје: Македонска книга. 
9. Тодоровски Гане (1990). Македонската книжевност во XIX век. Скопје: Наша книга.
10. Тодоровски Томислав (1972). Спомените на Мажовски. Скопје: Мисла.
 
Д-р Ранко Младеноски

February 8, 2015

Македонската преродба

Во "Утринската песна на македонската преродба", Гане Тодоровски, зборувајќи за "случајот" на Димитрија Миладинов, ќе запише: "Можеби треба во случајот да се употреби изразот: разбуден и жив интерес кон народното, словенското, своето! Зашто будењето на Македонски Словен кај Димитар Миладинов е посложен процес. Тоа е комплекс од повеќе фактори... Тоа е првата половина на Македонија во 19 век, години на нејзини најнејасни децении, години на најмрачна безнадежност и најцрн мрак на непросветеност, кога ќе почнат првите заискрувања на разни автодидакти и полуписмени кирилпејчиновци јоакимкрчовци, даскалкамчевци и други. Знаени или незнаени жеднувачи за голтка светлина. Ќе почнат да доаѓаат веќе во оваа тера инкогнита учени луѓе од Русија, од Србија, од Германија, ќе почнат контакти, откривања на писмени паметници од средните векови, ќе почнат пропаганди, врски, ќе почне процесот на едно колективно присеќавање на подзаборавеното минато. Ќе се родат и конкретни акции, смислени и систематски. Преродба!". Почетокот на 19 век го карактеризира формирањето на покомпактна македонска граѓанска средина, која стекна извесна економска моќ и чие присуство во животот на чаршијата беше се повидно. Освен на економски план, нејзиното интересирање се прошири и во областа на црквата, просветата и културата. На нејзина иницијатива почнаа да се обновуваат цркви и манастири, да се градат нови, да се отвораат училишта, како и да се помагаат првите, на народен јазик, литературни обиди.

Македонската преродба не е конечно дефинирана, не е извршена нејзината периодизација , па, сепак, таа започна со црковно-народносниот судир со грчката Цариградска патријаршија, и со стремежот да се создаде самостојна црква, преку обновувањето на Охридската архиепископија. Ако се знае дека во 1806 и во 1819 година грчките митрополити во Македонија добиле директива од цариградскиот патријарх Григориј V засилено да го шират грчкиот јазик во училиштата, тогаш разбирливо е настојувањето на населението, и на македонското и на бугарското, многу често заедно, да се организираат против таквиот начин на погрчување. Од тоа настојување, од таа борба на еснафите, произлегоа црковно-просветните општини или настојателства, органи што ја зедоа врз себе грижата за црквите и училштата. Меѓу првите училишта во Македонија се оние во Скопје (1835), во Велес (1837), во Банско (1838), во Штип и Неврокоп (1840), во Прилеп (1843), во Куманово и Тетово (по 1852 година) и други. Во првите училишта учениците не се подготвувале само за свештеници, туку, пред се, за просветени граѓани што ќе знаат да го применат наученото во трговијата и занаетчиството. Првите учебници во овие училишта биле часословот, псалтирот и октоихот. Некои книги печатени во печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун, како "Начелно учение", "Книга за научение трих јазиков", "Таблица перваја" на Џинот, секако дека наоѓале место во првите училишта, како и книгите печатени на словенски јазик во Цариград и Белград. Првата библиотека се споменува во Велес во 1832 година.

Македонските свештеници и калуѓери низ целиот турски период биле единствени чувари и заштитници на славјанската писменост од Турците, и, особено од грчките напади . За разлика од високото свештенство, кое било од грчко потекло, свештениците и калуѓерите произлегувале од народот, биле крвно врзани со него, и често за неговите потреби преведувале од грчки јазик поучни слова на црковно-словенски јазик, во кого внесувале и силни знаци на народниот говор.

Јоаким Крчовски во 1814 година ја отпечатил во Будим својата прва книга "Повест ради...", а две години по него Кирил Пејчиновиќ , исто така во Будим, ја напечати книгата "Огледало". "Несомнено од далеку поголемо значење, отколку она што може како некаква вредност да се издели во тековите на првите македонски писатели, се јавува самиот факт дека тие пишувале на јазик во основата народен. Учеството на црковно-словенскиот елемент во тие текстови е уште силно. Професорот Конески ќе нагласи дека "се работи, всушност, за своевиден контакт на црквено-словенскиот јазик, како јазик на повисока култура, со народниот македонскиот јазик што допрва се оспособува за литературна употреба". Таквиот контакт претставува неопходен и многу значаен фактор во формирањето на еден нов литературен јазик.

Крчовски и Пејчиновиќ се современици на Димитар Миладинов. Меѓутоа, разликата во однос на нивните гледања на нациоалното будење, на пример, е огромна, чиниш, ги разделуваат векови. Во периодот меѓу 1836 и 1856 година, немаме многу податоци за Миладинов. А тоа е токму оној период кога тој од грчки ученик и воспитаник созрева во Македонски Словен.

Од 1856 до 1862 година, Димитар Миладинов изодува шест големи години на "најверен син на напатената татковина", ќе потцрта Гане Тодоровски. Фанариотите, на кои Миладинов се заколнал, за време на своето службување како писар на фанариотскиот владика во Мостар, дека нема за каков и да е надомест да им служи повеќе, во 1862 година, со фалсификувани документи, го обвиниле кај турските власти дека е руски шпион, и на тој начин се ослободиле од - најопасниот! Зашто, како што вели Жинзифов: "Миладинов смета за неопходно да се воведат словенските наречја и во грчките училишта, а наместо црковено-словенскиот јазик да се воведе живиот народен јазик и српскиот". Тој тоа и го работи во Прилеп, каде што по 1856 година учителствувал заедно со Жинзифов, кој му бил помошник, и каде што во грчкото училиште го вовеле македонскиот збор. Истото тоа ќе го направи и во Кукуш, идната година, каде што станал учител. Пред да дојде во Кукуш, од Струга, каде што бил на краток одмор, Димитар Миладинов им напишал на кукушани: "Криво погледнуваат на вас Грците. Имате гради, и гради словенски покажувајте! Го укоруваат нашиот словено-пелазгиски јазик, еден од најстарите и најбогати јазици и го наречуваат варварски... Грците ќе не погрчат?! Тоа е стара песна, тие веќе не можат да апат... Во темницата пробија сончеви лачи!...".

Не помалку значајна за националното осознавање на Димитар Миладинов е неговата средба со рускиот учен Виктор И. Григорович меѓу 8 и 5 мај 1845 година во Охрид, каде што во тоа време најстариот син на струшкиот грнчар, Ристе Миладин, и на неговата сопруга, Султана, учителствуваше. В. И. Григорович кај браќата Димитрија и Константин Миладинови, го всадил интересирањето за македонската народна песна и историското минато, како и љубовта кон народниот јазик. Притоа, гостинот од Казан ќе ги убеди своите домаќини дека не се Грци, туку - Бугари, а песните што ги запишал од нивната мајка - бугарски! Оттогаш па натаму и двајцата браќа ќе се свртат кон народното творештво. Жинзифов ќе се потсети, неколку години по смртта на Браќата: "Тој, (Д. Миладинов - з.н.) не оставаше ниту една минута без работа: по уроците одеше при старите баби и при момите да запишува од нив песни, пословици, поговорки. Брзал да најде во гостилниците луѓе што ги знаат месностите и кои со голема мака ги терал да кажуваат по кои патишта поминале, кои села се бугарски, кои турски, по колку куќи има во нив, какви се називите на планините, на реките итн. Сите тие известија тој ги запишувал и така составил верно описание на Македонија, кое го испратил во Москва... за составуење словенски географски атлас...".

Константин Миладинов во културната историја на Македонија влегува како исклучителна поетска натура, како основоположник на новата македонска поезија. Гане Тодоровски ќе рече: "Тој е првата буква на нашиот културен новозбор" , додавајќи притоа: "Константин Миладинов ни завешта мал поетски опус од едвај 15-тина песни... мал опус, но голем и чист формат!". Кочо Рацин, пак, во статијата од 1940 година "Развитокот и значењето на една нова наша книжевност", за браќата Миладиновци, за Пејчиновиќ и Жинзифов, ќе рече дека се народни писатели на овој "храбар и напатен народ". Блаже Конески до името на Константин Миладинов ќе го запише епитетот "прв претходник на создателите на современата наша поезија", бидејќи "тргаше од јазикот на народната поезија" и бидејќи песните ги напиша "на чист народен јазик од струшкиот крај". Поетското творештво на К. Миладинов е дел од процесите во Македонија за "вклучување на народниот јазик во литературата, кои траат од 16. па се до втората половина на 19. век, во кои тој се јавува како кулминативна точка, пред се, со својот поетски опус и, посебно, со издавањето на големиот Зборник на народни песни .

Издавањето на Зборникот, како и неговите подготовки, траеја повеќе години. Димитар Миладинов песните ги собираше низ Македонија и ги испраќаше до помладиот брат во Русија, а овој ги редактираше и ги подготвуваше за печат. На 8 јануари 1859 година Константин му пишуваше на бугарскиот поет и револуционер Раковски: "Ние Македончињата, недавно овде дојдени... неожидано получих Вашето писмо полно со искрена и горешча љубов кун отечеството ми". И додава покрај другото: "И ја имам много македонски песни, кои сакам да ги издадам малко подоцкна, зашчо сега не ми позвољават опстојателствата".

Не гледајќи можност да го издаде Зборникот во Москва, кога за тоа "опстојателствата позволија", К. Миладинов тргна за Виена кај бискупот Јосип Јурај Штросмаер, кој му ветил дека ќе му помогне во издавањето. Беше тоа во 1860 година. Средбата завршила успешно: бискупот се согласил да го финансира печатењето на Зборникот, притоа сугерирајќи му на Константин книгата да биде напечатена на словенска (македонска) кирилица, вклучувајќи ја на тој начин книгата против елинистичкото влијание во Македонија. Патем, Зборникот бил напишан со грчки алфавит. За да ја изврши дефинитивната редакција, К. Миладинов отпатувал во Ѓаково, каде што за три месеци ја свршил сета работа. На 24 јуни 1861 година Зборникот излезе од печат. Наспроти тоа што самиот Константин Миладинов во веќе цитираното писмо до Раковски песните ги нарече "македонски", наспроти тоа што Рајко Жинзивоф, кој, исто така, студираше во Москва заедно со нешто постариот од него Константин, каде што беше уредник на "Братски труд" во кој Константин напечати еден мал избор од Зборникот, во биографијата на Миладиновци има категорично речено:

"Со овој, во многу односи прекрасен Зборник од македонски песни, двајцата Миладиновци си издигнале најубав паметник", наспроти тврдењето на рускиот учен Ал. В. Рачински, на чие имање кај Одеса Константин ја помина првата година од својот престој во Русија, учејќи го рускиот јазик, во својата некролог - биографија за Миладиновци, објавена во весникот "Ден", број 21 од 3 март 1862 година, дека станува збор за "Зборник од македонски песни, навистина одлични", значи, наспроти сето тоа, Зборникот беше озаглавен "Блгарски народни песни", иако од 660-те песни објавени во него само 76 беа бугарски!

Именувањето на песните во Зборникот како "бугарски" е типичен пример на состојбата во која се наоѓаше македонскиот јазик кон средината на минатиот век, низ своето оформување во литературен јазик и основен поттикнувач на националната самосвест кај Македонците.

Како дојде до оваа мистификација, која подоцна ќе биде злоупотребувана еднаш и многупати потоа?

Во Москва Константин песните ги наречуваше македонски. Проф. Харалампие Поленаковиќ, врз основа на децениските истражувања и проучувања на делото на Браќата Миладиновци, дојде до следниот заклучок: во Загреб и во светот, воопшто, под Македонци се подразбирале Македонците на Филип и на Александар Македонски. За да се разграничат овие Македонци од словенските, а тоа беше мошне значајно во времето на илирското движење, кое стоеше зад идејата за обединување на Јужните Словени, се претпоставува дека или од околината на Штросмаер, или можеби и лично од него, било сугерирано песните да бидат наречени "бугарски", уште повеќе што во тоа време во Загреб престојуваше Васил Чолаков, пријател на Браќата и страсен пропагатор на унијатството на Македонија со Бугарија. Од едно писмо на Чолаков до Фрањо Рачки, десната рака на Штросмаер, се гледа како дошло до тоа македонските песни да бидат наречени "бугарски": додека ја вршел последната редакција на Зборникот, Константин Миладинов за време на средбата со Чолаков во Загреб, му побарал "сто песни од источните страни на Бугарија," за да може да ја нарече својата збирка "Бугарски народни песни", при што се договориле Константин да му плати на Чолаков по една форинта за песна.

Што се однесува, пак, до Константин Миладинов и неговата самосвест за сопствената народносна припадност, без каква и да е резерва таа е подвлечена не само во неговите писма, туку и во неговата поезија, особено во чудесната песна "Т'га за југ": Струга, Охрид, Кукуш! И плус Прилеп и Велес - тоа се местата каде што Браќата ги собираа песните, значи онаа "дијалектна зона во Македонија што подоцна ќе ја претпостави книжевната норма кај Македонците", што би рекол Гане Тодоровски.

Со своето богатство и разновидност Зборникот на Браќата Миладиновци ја пробуди гордоста на македонскиот човек и сознанието за поетското богатство што го поседувале македонскиот селанец и граѓанин. Македонскиот гениј почна да се открива пред светот.

Во македонската преродба свој забележителен прилог дадоа и Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов - Џинот, браќата Константин и Андреа Петковиќ, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков. Меѓутоа, прилогот што во оваа борба против туѓите влијанија и за народносно осознавање го дадоа Ѓорѓија Пулевски и Григор Прличев е посебен и недвојбен.

Блаже Конески во "Белешки за Пулевски" ќе нагласи дека "Пулевски обележува една етапа во себесознавањето на Македонците" . Овој галички ѕидар "македонски комита, ревиолуционер, војвода, поет, учебникар, лексикограф, граматичар, фолклорист, историчар и меѓнички идеолог на македонското национално будење" со своите граматики, песнарки, прирачници, речници и слични творби, "ја истакнува македонската самобитност, потребата од создавање на македонски литературен јазик и улогата на Македонија во словенскиот развиток во епохата на Кирил и Методиј"

Откако ја пропатувал Западна Македонија, во едно писмо од 1872 година, додека го подготвувал својот прв речник на пет јазици, Пулевски вели: "Јас, откако ја разгледав состојбата на работите и размислив како тие луге да се свртатс кон својот мајчин јазик, да се запознаат себеси и својата народност, ја напишав оваа книга од повеќе јазици". А две години подоцна, кон крајот на 1874 година, во едно друго писмо ќе извлече заклучок "...дека Бугарите лажат и на тој начин го воведуваат нивниот бугарски говор до каде што можат да стигнат", па затоа тој измислил "начин како може да се предупреди бугарското умилкување... за да не се цепка и побугарчува народот со помош на бугарски владици". Според Пулевски, тоа е печатењето училишни книги на "говор како што се зборува... од овдешна Јагодина, па се до Егејското Море" . Следејќи ја својата размисла како да се спротивстави на туѓите јазични влијанија, тој во 1873 година го печати Речникот на пет јазици (македонско-српско-албанско-турско-грчки), а во 1875 и Тријазичниот речник (словеномакедонско-албанско-турски). Тие месеци тој го предлага за печатење и ракописот на својата македонска граматика и ја почнува работата на "Славјано-македонската општа историја", што ќе ја заврши дури во 1890 година и која ќе има повеќе од 1.800 страници.

Во Речникот од три јазици Ѓ. Пулевски пишува: "Славјано-македонскио јазик има пет разлики... Тије се руски, хрватски, бошњачки, бугарски и македонски ... македонскиот јазик е најсроден со црковно-славјанските книги и тои је старославјански... народ се вељид људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор... Тие људите ји викајед народ, а место во које живувал народ се велид отечество од тои народ. Така и Македонците се народ и местово нивно је Македонија".

Григор Прличев, најталентираниот, најобразованиот и најблескавиот ум меѓу македонските интелектуалци во средината на минатиот век, целиот свој живот го поминал во заблуди: бидејќи, како што вели самиот, тогаш, во неговите младини, "само името на Атина и Јанина звучеше во нас", тој се беше страсно врзал за елинизмот. Дури, во името на "светата земја (Грција - з.н.), што не раѓа плод, зашто е натопена со многу крв и солзи", во весникот "Атина" од 29 ноември 1858 година, преку една стихотворба, ќе го нападне руското "варварство" и руското "фарисејство". Подоцна, кога "првата нужна задача на времето", како што ќе рече Конески, мислејќи притоа на црковната борба во Македонија, изгонувањето на грчките владици од неа, како и извојувањето на своја црковно-просветна управа, ќе се претвори во широко народно движење, Прличев жестоко ќе се вклучи во неа. Овојпат овој исклучителен поет и страстен борец против фанариотството, не можеше да ја избегне мамката на времето и условите во кои се јавија првите јасни знаци на национално будење. Имено, црковната борба во тогашна Турција стана општо движење кај Словените, што значи, кај Бугарите и Македонците, кое "создаде основа и за извесни заемности во нивниот национален развој - што тогаш се изрази во ориентацијата на дел од нашето граѓанство кон бугарштината". Темпераментен и не секогаш во состојба да ги контролира чувствата, Прличев се определи за бугарштината, иако дотогаш ниту беше во Бугарија, ниту пак го знаеше бугарскиот јазик. Тоа катастрофално се одрази на неговиот личен живот, доведувајќи го во состојба сам, со болка и резигнираност, да ја открие оваа заблуда и да заклучи дека е "убит Блгарами". Воопшто, не само Прличев, туку и македонскиот народ "скапо ја плати оваа илузија, на која ќе с подлегнат сите македонски преродбеници". Зашто, "напуштајќи една заблуда, тие лесно ќе станат плен на нова, па, речиси се до крајот на векот, се до појавата на Крсте Мисирков и неговите гледишта за македонското национално прашање, македонските интелектуалци ќе им робуваат на новоприфатените заблуди за сопствената национална припадност", ќе констатира Г. Тодоровски. И ќе додаде дека Прличев "ќе ја прегрне бугарштината како поим на словенската алтернатива во жестокиот елинистичко-словенски ривалитет што се одвива на тлото на Македонија кон средината на 19. век, под знакот на она судбоносно ‘или-или’ (да се биде или да не се биде), при што ниту време, ниту пак простор за тој излез нема, т.е. го нема факторот што треба да го понуди единствениот излез - патот до себеси". Уште во 1861 година Прличев, заедно со Јаким Сапунџиев, во Охрид ќе ја почне борбата против грцизмот. Три години подоцна, охриѓани ќе побараат бугарски владика за пастир на Охридската архиепископија, која требаше да се обнови со помош на Високата порта. Грците ја применија старата тактика, што ги фрли в пранги и браќата Миладиновци, и Цинот, и Мачуковски, и многу други: го обвинија Прличев пред турските власти дека е руски шпион! Во 1868 година тој веќе беше в затвор.

Во меѓувреме, во Охрид, за владика доаѓа Македонецот од Скопска Црна Гора Натанаил, поголем Бугарин од самите Бугари. Кратко траела радоста кај Прличев и охриѓани зашто увиделе: разлика меѓу грчките владици и овој, бугарскиот - немало! Повторно нови борби, нови проповеди, горливи настојувања да се има свое училиште. Натанаил го истерал Григора од неговиот роден град!

По враќањето од Бугарија, каде што престојувал неполни две години, и каде што "родољубците што ме канеа, станаа невидливи", како што ќе рече тој во својата автобиографија, кај Прличев се јавуваат знаци на ослободување од новата заблуда. Тој во Бугарија заминал да го учи бугарскиот јазик, но утврдил дека не може да го "усвои месното наречје", па ќе запише: "Солун е срцето, а ние вените на Македонија!". На групата бугарски професори во Бугарската гимназија во Солун, на прославата на празникот на браќата Кирил и Методиј, тој ќе им се обрати: "Благодарение Вам, мили мои колеги, што оставихте татковината си и дојдохте да послужите на нашата татковина!". Во 1883 година во една проповед ќе извика: "...Учителите ... дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги породила светите Кирил и Методиј. Нели сте уверени, господа, оти нашата Македонија денеска е најдолна од сите земји во светот!?...". И пак ќе се наврати на темата Македонија: "Мајка Македонија многу е ослабната. Откако го породи великого Александра, откако ги породи светите Кирил и Методиј, оттога мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнеможена, совршено примрена... Македонија е плодородна и неисцрпно благочедна. Колку се убави цвеќињата нејзини, колку се убави дрвјата нејзини, толку се убави и чедата нејзини и убави, и пргави, и остроумни!...".

Во последните години од својот живот тој ќе ја одбие поканата на софискиот неделник "Балкан" за соработка. Во тестаменталното писмо до редакцијата на неделникот тој ќе наведе повеќе причини за овој свој чекор, кои ќе го поттикнат Г. Тодоровски да констатира дека Прличевото одбивање да соработува во ова бугарско гласило е дефинитивно решение на поетот да престане со компромисите и самоизмамите. Тој с се враќа на татковината. Поведен од своите последни јавни настапи, пред професорите и учениците во Солунската гимназија, ќе рече: "...Македонија има да произведе ѕвездоподобни младинци. Вие ќе бидете повивачи на младинците на Македонија... за новородените младинци на Македонија вашата радост ќе биде радоста на мајката што ги родила, зашто повивавте, о вие, уважени и свети земјоделци на плодовитата македонска земја!... Солунската бугарска гимназија има да произведе уште многу Кириловци и Методиевци, што ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име!".

Прличев го почувствувал доаѓањето на новите генерации, ослободени од историските заблуди, генерациите на "Лозарите", на Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров, Крсте Мисирков, Димитрја Чуповски...

Извор: Македонско братство

April 14, 2013

„Автобиографија“ Григор Прличев

„Автобиографија“ – Григор Прличев 

Кратка биографија:
Григор Прличев е роден јануари 1830 – 31 г. во Охрид, во сиромашно, но трудољубиво големо семејство на Ставре Прличев и Марија Ѓокова. Уште не дополнил 6 месеци, а веќе останал сираче – починал неговиот татко. Останале само неговиот дедо, висок, белобрад и лесен земјоделец и неговата мајка која почнала да работи по куќите како слугинка за да може да го прехрани своето многучлено семејство. Ваквата тешка положба кај него ќе побуди потреба и должност таа мака да ја преточи во дело, како за себе напишано, а сета македонска мака е олицетворена т.е. својата автобиографија. 

Григор Прличев

Се додека Димитрија Миладинов не го посетил Охрид (1848 г.), Прличев учел кај месни учители грчки јазик, кои не ни биле вистински педагози и предавачи. Тие биле шијачи кои Прличев не можел да ги поднесува затоа често изостанувал од училиште. Му помага на „таткото“ на македонската преродба, Димитрија, за подоцна и тој самиот извесен период да предава во Тирана (Албанија).

Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет, иако никогаш не пројавувал поголема заинтересираност кон медицинската наука. Затоа продолжува да учителствува во село Белица, Струшко (две години), па потоа во Битола, Прилеп за на крај да остане 6 години учител во родниот Охрид. Во 1859 г. се враќа на студии во Атина каде го започнува делото „Сердарот“, со намера да учествува на големиот атински поетски конкурс. Следната година (1860) токму тој е победникот на конкурсот и освојува Лавров венец и 1000 драхми со можност за студирање во Оксфорд или Берлин. Но ненадејната вест за смртта на браќата Миладиновци ќе го вознемири Прличев и силно ќе го ориентира да се насочи кон грчките фанариоти за да ја одмазди неправедната смрт на своите патрони.

Се враќа во Охрид каде со сите сили се обидува да го вметне словенскиот разбирлив јазик во училиштата и црквите. Затоа стекнува голем број на непријатели на свој грб, а меѓу нив и погрчениот владика Мелетиј, одговорен за смртта на Миладиновци. Ќе биде затворен (1868 г.) во дебарскиот затвор, поради клевети од истиот владика. Но по една година Мелетиј е тргнат од власта, а Прличев е пуштен на слобода.

Во 1871 г. го објавува препевот на Хомеровата „Илијада“ на општословенски јазик – есперанто со кој Прличев се занесувал дека може да ги обедини сите словенски народи во една средина. Но, секако таа замисла била тешко остварлива во тогашни општествено-културни положби. Затоа е исмејуван од многу бугарски дејци меѓу кои и Христо Ботев, што ќе го разгневи Прличев и тој ќе се врати на учителската дејност во Битола најпрво, па потоа во Солун. Во периодот на вршење на оваа дејност (1883-1890) започува да ја пишува својата „Автобиографија“, која ќе биде објавена по неговата смрт во Софија. Умира на 6 февруари 1893 во Охрид. Погрбан е во дворот на црквата „Св.Климент“.

Содржина:
Во почетокот на делото авторот најпрво не запознава со своето семејство, неговите браќа и сестри, неговата мајка и дедо, и преку тешката економска положба ни дава една издржна сеопшта слика за положбата во која се наоѓал сиот македонски народ на почетокот од XIX век. Понатаму ни ги предава сликите од школувањето на охридските деца кои учеле на неразбирлив грчки јазик. Ни ги доловува сликите од денот кога за прв пат неговиот дедо го внел меѓу училишните клупи. Тој благороден старец ќе го научи да чита и да ја сака книгата. Неговите учители, незаинтересирани педагози не го инспирирале Прличев да го учи грчкиот јазик најпрво па затоа наоѓал поинтересни работи од одењето во училиште: продавал црници, јајца, препишувал ракописи итн. Уште во детските невини години тој ќе ја почустува на свои плеќи маката на македонскиот народ. Тешката социјална положба кај него ќе побудат револт и страст да го одбрани правото на македонскиот народ на подобра егзистенција во рамките на својата држава.

Исто така не заборавил да и се оддолжи насвојата благорадна мајка. Со многу топлина и почит ни го претставил денот кога ја видел како тешкиот мокар тепих „што и маска со мака би го носела“, го носи на плеќи, знаејќи дека моралната обврска да го издржи семејството ја натерало да работи по туќи куќи. Ликот на неговата мајка го искористил како основа за да ја наслика Неда, мајката на Кузман Капидан, од неговото најпознато дело, „Сердарот“.

Понатаму пишува за Димитар (Митре) Миладинов, за кој вели „речта му течеше од уста како мед“. Навистина покажал огромна почит кон големиот македонски деец, со кој имал прилика малку да учителствува.

Поважен аспект од неговиот живот е престојот во Атина откако се запишал на Атинскиот универзитет на насока медицина. Но, бидејќи не покажувал некоја особена желба кон таа нему туѓа наука, пишувал стихови. За време на престојот во Атина имал прилика да види како царот Отон го овенчува поетот Залакоста со Лавров венец како најголем грчки поет. Уште тогаш сонувал за тоа како тој би се наоѓал на местото на Залакоста иако 10 години подоцна неговиот сон ќе се оствари.

Сиромаштијата ќе го натера да се врати во Македонија, во Белица каде ќе биде учител, а потоа во Прилеп и Охрид. По 7 години се враќа во Атина. Започнал со пишувањето на „О Арматолос“ (Сердарот) една година пред почетокот на големиот поетски конкурс.

Токму тој ќе победи на овој конкурс (1860 г.), тој, за кого во преполната сала немало ни место да седне, а поетот Рангавис ќе му ја додели наградата и пред сите ќе биде наречен Втор Хомер за неговите исклучителни лирски способности. Но неговата радост кратко траела. Откако дознава за смртта на браќата Миладиновци, сфаќа дека дошло времето да ја преземе работата во свои раце и да го одмазди нивното дело. Се враќа во Охрид каде се залага за воведување на словенскиот јазик во училиштата и богослужбата во црквите. Но овие храбри акции ќе наидат на неодобрување на погрчениот Албанец, тогашен владика Мелетиј кој ќе го наклевети на турските власти и Прличев ќе биде изведен пред своите сограѓани пред уќуматот (турска управна админастративна област). Неговата мајка ќе се најде на тој настан и постојано ќе го храбри својот син да не се плаши, да верува во себе и храбро да издржи.

Прличев е одведен во дебрскиот затвор, каде е затворен во нечовечки услови. Тешка смрдеа се ширела низ ќелиите, го делел каменото легло со свирепи осуденици и убијци, но затоа неговите маки се исплатиле! Мелетиј е искаран од Охрид! Прличев кратко и концизно не информира за оваа победа над грчките фанариоти и влијанија врз македонскот население. Прличев се ослободува, ужива во можноста да го шири словенското писмо меѓу својот народ, но набрзо новопоставениот владика, Натанаил Кучевишки, за кого и напишал песна „Пастир наш Натанаил“, ќе се покаже уште посвиреп од својот претходник. Силум, од турски жандарми ќе биде одведен во Софија, пред очите на своите ученици. Таму му ветувале секакви награди само да се зафати да пишува и преведува на бугарски бидејќи одлично го владеал и тој јазик. Но разочарувањето на кое ќе наиде од неговиот препев на „Илијада“ на оној јазик за кој тој сонувал но немал јасна визија, општословенскиот, ќе го натераат пак да се врати на учителската дејност, најпрво во Битола, потоа кратко во Охрид и на крај во Солун каде го пишува ова дело.

Значењето на „Автобиографијата“:
Ова дело претставува моќен историски информатор и пишан сведок за социјалната, умствената, економската состојба на Македонците во векот на будење на националните интереси. Изобилува со издржни описи на ликови кои во тој момент живееле во средината во која живеел авторот. Неговата мајка, дедо, разни поети, експлоататори, подржувачи и пакосници се откриени на страниците од делово. Дело кое секако доколку не било напишано, се разбира важен дел од нашата долга историја би останал затскриен или изобличен во книгите на македонските непријатели, кои во голем број живееле тогаш.

Слајдови:



Звучен запис: