Showing posts with label Македонско братство. Show all posts
Showing posts with label Македонско братство. Show all posts

March 22, 2015

Унијатството во Македонија

По 1859 година се случил важен настан во Кукуш. Жителите на казата, за посигурно да го избегнат грчкото влијание, изјавиле дека ја признаваат власта на Папата и дека тие се соединуваат со Римската црква. (зборот унијати доаѓа од францускиот збор соединува). Тие и пристапиле на католичката-унијатската црква која штотуку била конституирана во Цариград задржувајчи го ориенталскиот обичај-ритуал, го вовеле словенскиот како литургиски јазик и традиционалните правила на поредокот.

Непријателството на Русија го спречило развитокот на унијатската црква во Бугарија, но таа опстојувала во Македонија, Тракија и Цариград се до војните од 1913-18 година, кои ги принудувале нејзините верници да емигираат во Бугарија, со исклучок на мал број кои останале во Едрене. Откако патриаршијата дознала за тоа таа веднаш испратила свој владика во Кукуш.

Во тоа време од 1857 во Кукуш учител бил Димитар Миладинов. Со неговата помош населението успешно го спреведувало отпорот против еленизмот, иако грчкото свештеништво со подршката на отоманските чиновници успешно ја спроведуало пропагандата, посебно по укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767 година. Но и бугарската пропаганда во текот на XIX век игра голема улога во Македонија. Уште пред подигањето на Бугарската Егзархија во Битола било отворено нардоно училиште во 1863 година а женското во 1869. За добивање на дозвола за основање на Бугарска црква и нејзина пропаганда во Македонија најголема заслуга имал господинот Игнатиев, руски амбасадор во Цариград којшто многу влијаел на Султанот.

Велешката епархија, борејќи се против еленизмот е една од првите во Македонија која и пристапила на Егзархијата.

Извор: Македонско братство

March 10, 2015

Словенска писменост

Судбински прелом во историјата на Македонските Словени настанува со пронаоѓањето на азбуката, односно со почетокот на ширењето на писменоста, и директно, преку неа, утврдувањето на христијанството меѓу нив, како и создавањето на првиот словенски книжевен јазик. Во писменоста кај Македонските Словени се разликуваат две фази: читањето и гатањето со црти и рецки, и втората фаза, по покрствувањето, користењето на грчкото и латинското писмо. Меѓутоа, за да може покрстувањето да добие најшироки размери и да се пробие до сите слоеви на населението, беше потребна евангелиската вистина да се проповеда на јазикот на народот, каде што таа требаше да се прошири. Инаку, како ќе можеше да се воведат во Христовото учење 54.000 Македонски Словени од Брегалничкиот регион, ако вистината за Христа не им се објавуваше на нивниот јазик, јазикот што го разбираа.

Во "Панонските легенди" во "Житието на Кирил" се вели дека кнезот моравски, Растислав, му се обратил со писмо на византискиот император Михаил Трети и го замолил: "За нашите луѓе што се откажале од многубоштвото и го прифатиле христијанството, ние немаме таков учител што би ни ја објаснувал Христовата вера на наш јазик... Поради тоа, господару, испрати ни таков епископ и учител". Во "Панонските легенди" во "Житието на Методија", во четвртата глава, стои запишано дека императорот, на собирот на кој присуствувал и Кирил, и на кој се разгледувала оваа молба, му се обратил на Филозофот: "Филозофу, ги слушна ли, овие зборови? Освен тебе, друг не ќе може да го сврши ова. Еве ти многу подароци и оди, откако ќе го земеш со себе брата си Методиј, игуменот. Вие сте солунци, а сите солунци говорат чисто словенски". Во Житието на Кирил, глава 13, е запишан и одговорот на Филозофот: "Макар што сум уморен и болен, со радост ќе одам таму, ако имаат букви за својот јазик".

Се разбира, Моравците немаа своја азбука и Кирил требаше да се нафати да ја создаде. Црноризец Храбар вели: "Порано Словените немале писмо, туку со црти и рецки броеле и гатале, зашто беа пагани... Потоа човекољубец Бог... Го прати светиот Константин Филозоф, наречен Кирил, кој им создаде 38 букви, едни по примерот на грчките букви, други според словенската реч... Некои велат: зошто создал 38 букви, кога може и со помал број да се пишува?... Други, пак велат: зошто се словенски буквите? Нив ниту Бог ги има создадено, ниту ангелите, ниту постојат од самиот почеток како еврејските, римските и грчките, кои се од искони и се прифатени од Бога. Трети, пак, мислат дека самиот Бог ги има создадено буквите... Што да им одговориме на овие безумници? Ќе им одговориме по светите книги: Се од Бога се случува по ред, а не одеднаш..."

Јасно е дека Кирил и Методиј азбуката ја напишале според своето одлично познавање на јазикот на Македонските Словени, густо населени околу Солун и во него. Јасно е, исто така, дека тоа е јазик разбирлив за широк простор на кој се населиле словенските племиња. Инаку, како да се разбере фактот дека Браќата ја превеле потребната црковна литература на јазикот на Македонските Словени за жителите на релативно далечната Моравија? И бидејќи постојат сите индикации дека Кирил азбуката (најверојатно глаголицата) ја составил пред барањето на Михајло Трети да замине за Моравија, за потребите за покрстувањето на Словените - пагани, населени меѓу Вардар и Струма, во Брегалничката област, каде што управувал брат му Методиј, тогаш неоспорно е дека јазикот на Словените, во мугрите на нивното покрстување на Балканот и пошироко, е општ и заеднички. Тоа, пак, значи дека Браќата, користејќи го јазикот на Македонските Словени, се основоположници на првиот книжевен словенски јазик и прататковци на словенската книжевност.

Блаже Ристовски, споредувајќи ги историските факти, доаѓа до констатација дека во основа делото на Браќата е антибугарско, дека нивната дејност била свртена против бугарските стремежи. Имено, Бугарија речиси постојано била воен сојузник на поранешната франечка држава, а подоцна и на германската, борејќи се против Словените во Моравија. Токму во името на тоа сојузништво, Људевит Германски, во 862 година испратил своја мисија во Бугарија, чија цел била да преговара со кнез Борис за нова војна со словенската Велика Моравија. Може само да се претпостави дека мисијата имала за цел и да го убеди кнезот Борис да го прими христијанството преку латинскиот обред. Зацврствувањето на германско-бугарскиот сојуз во прв ред било вперено против Византија, и токму затоа мисијата на Браќата во Велика Моравија била една од акциите на Цариград да го спречи овој сојуз и да ги намали несаканите последици. Патем, во 863 година, кога Кирил и Методиј се во Велика Моравија, кнезот Борис и Људевит Германски веќе војувале против оваа словенска земја, а наредната година Византија се пресметува со Борис и го принудува да го раскине договорот со Германците, како и да го прими христијанството од Цариград.

Во трудот "Етногенезата на македонскиот народ - кон-тинуитет и традиција" Лидија Славеска ги користи и ги анализира најновите истражувања на кирилските ракописи и доаѓа до вонредно значајни резултати. Имено, покрај другото, анализата на десетте најстари кирилски ракописи покажува дека најголем дел од нив с припаѓаат на македонската редакција. Најновите гледишта што треба да се подразбере под "редакција", го отфрлаат мислењето дека овој поим го опфаќа само податокот за потеклото на ракописот. И со право, зашто тоа би довело, како и што доведувало досега, до нови недоразбирања. Затоа "под редакција мора и може да се подразбере оној печат што на старословенскиот јазик му го дава национално различната средина, формирајќи ја неговата национална норма, која потоа може да се примени и во сосема другајазична средина", како што констатира Д. Богдановиќ. Л. Славеска укажува на лингвистичкото правило дека вистинската јазична средина се одредува според информациите што се добиваат врз основа на отстапувањето и појавите во јазично-правописните норми на одделни препишувачки центри во однос на општата норма карактеристична за старословенскиот јазик.

Зошто "старословенски", а не "старобугарски"? Едноставно: Бугарите немаат никакви аргументи да се поврзуваат со историските и судбински настани, како што се христијанизирањето на Словените и нивната писменост. Следејќи ги најновите читања на натписите откриени во поново време и споредувајќи ги нивните текстови со утврдените историски факти, Славеска доаѓа до констатации, кои го потврдуваат мислењето на Блаже Конески оти "...вон од секакво сомневање, старословенскиот јазик е заснован врз јужнословенскиот говор".

На 12 километри од Кавала, во стариот град Филипи, е најден натпис од ханот Пресијан, во кој се вели: "Пресијан, од Бога кнез на многуте Бугари, го испрати кавханот Исбул, откако му даде војска, и боилот Ичургу, и канот боила Коловур, и кавханот против Смолјаните". Значи, Бугарите и словенското племе Смолјани, кое ја населило Југоисточна Македонија, биле во војна. Во еден друг напис стои и ова: "Бугарите им направија многу добрини на христијаните и христијаните заборавија на тоа". Станува збор за прекор што им го упатиле Бугарите на Византијците за одбивањето да с пружат помош на бугарската војска во нивната пресметка со Струмјаните. Како што се гледа, односите меѓу Бугарите и Словените биле воени и за тоа има пишани податоци. Меѓутоа, за некакво сожителство меѓу Бугарите и Словените пишани податоци - нема!

И уште: кога востанатиот Тома Словенинот во 821-823 година со своите војници го опсадил Цариград, тогашниот хроничар забележал: "Бидејќи тој имаше моќна непријателска сила... од краиштата на Азија, Европа, Тракија, Македонија, Тесалија и од Склавините, кои беа наоколу". Според Мировниот договор од 814 година, Бугарите во оваа одбрана на Цариград учествувале на страна на Ромеите, како што официјално биле наречувани Византијците, и биле директни противници на Словените во Македонија. Бугарските Словени во овие години никогаш не биле именувани како Склавини. И, воопшто, македонските Склавини за цело време давале отпор и на Бугарите и на Византијците, во обидот да бидат врамени во големоадминистративни единици, теми, какви што биле Солунската и Стримонската во текот на 9 век. И, ако се знае дека масовното покрствување на Македонските Словени е извршено во средината на 9 век, кога меѓу Бугарите и Македонските Словени нема никаква симбиоза, тогаш, да повториме: Бугарите немаат никакви аргументи да се поврзуваат со покрстувањето на Словените во Македонија и со појавата на писменоста на македонскиот простор! Причината е проста: покрстувањето на кнез Борис и неговиот народ започна во 866 година, три години по Моравската мисија на светите Браќа!

Оттука, не може да стане збор за некаков "старобугарски" јазик, кога се говори за појавата на писменоста кај Словените и нејзиното подоцнежно ширење на сиот простор каде што тие се населиле. Во прилог на оваа констатација треба да се додаде мошне сериозниот факт: јазикот на кој е ширена писменоста дури и за кнезот Борис бил туѓ -словенскиот јазик, како државен, во Бугарија е прифатен дури во 893 година, на соборот во Преслав! Синтагмите "бугарски Словени" и "Словени од бугарска група", особено кога со нив се именуваат Македонските Словени, историски се неодржливи, зашто старобугарскиот јазик, кој во Бугарија почнал да се формира и изградува дури во втората половина на 9. век, не може, безразлично какви напори на тој план се вложувани и се вложуваат, да се поврзе со јазикот на Кирил и Методиј, од проста причина што јазикот на Солунските браќа е постар од старобугарскиот јазик на кнез Борис!

Смртта на Методиј (885) како да најави пресврт во односот на Великоморавија кон служењето служба божја на словенски јазик. Кнезот Свалоплук на најгруб начин го забрани овој јазик, некои од учениците на Кирил и Методиј стави во окови, други, пак, протера. Во хрониките стои запишано: "По смртта на Методиј, архиереј стана некој Латин по име Виглиско (станува збор за епископот Вихинг, Германец по народност - з.н.)... Тој го забрани учењето Методиево и, откако ги измачи многу неговите ученици, ги испрати на робија и во пранги. Светите, откако се помолија на Бога, се случи голем земјотрес и вторпат и третпат... се отворија затворските врати и се скршија прангите од нозете и рацете... Но, духоборците тоа му го припишаа на Сатаната и со големи мачења ги изгонија од земјата... Тие пак... дојдоа во земјите околу Дунав... и веднаш тргнаа кон големата река Дунав. Таму со чудо божје и со молитви врзаа три дрва со павит и... преминаа преку реката и дојдоа во Белград". (Белград тогаш беше под бугарска власт - з.н.) Овде станува збор за доаѓањето во Белград на Климент, Наум, Горазд и Ангелариј. Во хрониката понатаму стои: "Таму беа удостоени со голема почест од кнезот Радислав, а тие му дадоа благослов и среќа... Така, едни се расеаја по Мизија, други по Далмација и Дакија. Наум и Климент дојдоа во илирските и лихнидските земји".

На покана од кнезот Борис, Климент и Наум од Белград допатувале во бугарската престолнина Плиска. Во Пространото Климентово житие се зборува дека таму биле убаво пречекани. Меѓутоа, Блаже Ристовски развива интересна теза дека имало причина зошто бугарскиот владател, по толку срдечниот прием, го испратил Климент далеку од престолнината во периферната област Кутмичевица, која горе-долу го зафаќала поголемиот дел од Западна Македонија. Имено, во престолнината живееле многу Протобугари, кои го зборувале својот протобугарски јазик. На чело на штотуку формираната бугарска црква стоел Грк. Освен тоа, во бугарската држава официјалниот јазик бил грчкиот. Климент и Наум, пак, дојдоа не само како Словени кои проповедаа на словенски јазик, туку Климент и како епископ благословен од папата. Во една таква средина и во такви услови, се чини, немало место во таа 886 година, како за глаголицата, така и за словенскиот јазик. Во недостиг на податоци и објаснувања зошто Климент во 886 година се одлучил да дојде во Охрид, на периферијата на бугарската држава, наместо да остане во престолнината, се прифаќаат трите претпоставки: првата, Климент сакал да работи - дома; втората: тој, најверојатно, одбил, доследно бранејќи го делото на Браќата, да соработува на реформата на глаголицата, реформа што беше сја наумил кнезот Борис; третата: односите меѓу домаќинот и ценетиот гостин заладиле, и овој последниов го избрал Охрид. За овој град тој ќе го врзе своето име и својата понатамошна работа на учител, проповедник, епископ и книжевник, цели 30 години. Блаже Конески ќе рече: "Неговото име ќе се сврзе со град Охрид, зашто тој тука изградил свој манастир, и тука најрадо престојувал... Широчината на неговата просветителска дејност се гледа по тоа што, според Пространото житие, 3.500 ученици излегле од неговата школа и отишле на различни должности во повеќе епархии".

Бранко Панов, пак, за доаѓањето на Климент во Кутмичевица, ја разработува тезата што ја поставил Н. Л. Туницки: Климент му станал близок на кнезот Борис и почнал да работи според неговите планови! Имено, кнезот Борис со причина брзал да го испрати светиот маж во Кутмичевица: првин, Борис, по тешките борби што ги имал против Берзитите (Брсјаците), предводени од племенските кнезови, ја освоил склавинијата Берзитија, на која подоцна ќе се протегне поголемиот дел од територијата на новоформираната област Кутмичевица. Според Панов, логиката води кон тоа дека големите материјални привилегии што ги добил Климент како учител со специјална задача од Борис, меѓу кои дворски палати, места за одмор, земјиште и друго, претходно припаѓале на победените племенски водачи на Македонските Словени. На тој начин Климент станал феудален земјопоседник. Со богати привилегии потоа биле дарувани и Климентовите ученици. Практично, преку Климент и неговите ученици, кнезот Борис почнал да ја утврдува централната бугарска власт во југоисточните краишта на своето проширено кнежевство, конкретно, во Македонија. Намерата на Борис се проширувала: првин како учител, а потоа како епископ, Климент требало да влијае на Македонските Словени за нивно претворање во послушни поданици на новата власт. Во Климен-товото житие е запишано и ова: "...се стремел (Климент -з.н.) да ги измени мислите на луѓето кон кроткост и човечност". Иван Венедиков сменувањето на управителот на Кутмичевица Котокиј и назначувањето на Домет за нејзин управник, а Климента за негова "десна рака", го поврзува со зацврстувањето на бугарската власт на новоосвоените територии. Тоа дотолку повеќе што комитите, а Домет тоа и бил, располагале со своја војска и со потчинет воено-административен апарат. Ако на тоа се додаде и помошта на црквата, тогаш зацврстувањето на новата власт на чело со тандемот Домет - Климент би било и побрзо и поефикасно.

Освен тоа, не случајно кнезот Борис направил сè да го врзе за себе учениот и мудар Климент. Во Македонија во тоа време сè повеќе се засилувало влијанието на Византија преку грчките свештеници, кои на овој простор слободно дејствувале уште од 864 година, кога Борис дозволил неговите поданици да бидат покрстени според образецот на Источната црква. Кнезот не можел да дејствува преку црквата, зашто сè уште немал изградено своја сопствена црковна организација. Тоа го користела Цариградската патријаршија, која некои македонски епархии ги потчинила директно под себе, иако тие се наоѓале во рамките на новата бугарска држава. Охридската епархија, на пример.

Ако оваа теза се прифати како точна, тогаш. може да се направи паралела меѓу дејноста на браќата Кирил и Методиј во Моравија, и на Климент, а подоцна, по доаѓањето во Македонија, и на Наум, во Охрид: Браќата имале основна задача да ја заменат латинската богослужба со словенска, а Климент и Наум, во штотуку освоената Македонија од страна на Бугарите, требало грчката богослужба да ја заменат со словенска. Н. Л. Туницки, кого го сметаат за еден од најдобрите познавачи на животот и делото на Климент, во опсежниот труд "Св. Климент, епископ словенски", ќе нагласи дека "Климент не бил само мисионер во Македонија во обична смисла на зборот, и негова главна цел не било ширењето на христијанството меѓу Славјаните, бидејќи населението во Македонија и соседните области веќе било покрстено. Во својата дејност на прв план тој го ставил просветувањето на славјанскиот народ преку книгите, воведувањето на славјанската богослужба и подготвувањето национална хиерархија".

На тој начин Климент Охридски ја претставува онаа генерација македонски просветители, која ја зацврстуваше свеста дека Словените треба да се вклучат во културниот свет како активен субјект, а не како аморфна маса без свој културен лик. Со својот книжевен опус, со она што го направи за развојот на словенската писменост и на нејзиниот јазик, светиот отец Климент прерасна во фигура од општословенско значење. "Кога станува збор за Климентовото дело, се земаат предвид бројните слова што ги составил тој и ги наменил за луѓето среде кои живеел, што најчесто ги изнесувал усно пред нив, а потоа, преку преписите што ги умножувале, тие го наоѓале патот до сите Словени".

"Помалку видливо, но затоа со многу посуштествено значење спрема иднината се одвиваше процесот на општественото и културното адаптирање на словенските маси во сферата на тогашната европска цивилизација. Во 9 век резултатите од тој процес се сосема видливи како во стабилизирањето на државниот живот на Словените, така и во нивниот културен растеж. Од нивната средина во тој период веќе излегоа луѓе што требаше како културно изградени личности да се застапат за својот народ. Климент Охридски беше најистакнатиот меѓу нив".

Блаже Конески ќе заклучи, проучувајќи ја активноста на Браќата и нивните ученици: "Моравската мисија на Кирил и Методиј означи далеку поамбициозна замисла. Словенскиот јазик требаше да стане литургиски јазик, какви што беа грчкиот и латинскиот. Имено, во тој факт и се изрази најостро настојувањето да се обезбеди културно-политичката самобитност на Словените. Тоа што таа акција беше успешно спроведена беше причина Словените во средниот век да настапат на културното поприште како издиференцирана целост, што не беше случај со другите племенски гранки во Европа, во контактот со римско-византиската културна сфера.

Основна карактеристика на Охридската книжевна школа беше доследното продолжување на делото на Браќата. Школата се застапуваше за првобитната словенска азбука составена од Кирил, глаголицата, како и за обликот на кирило-методиевскиот јазик со неговите лексички и граматички карактеристики, што ке рече, за јазикот на Македонските Словени. Во Преслав (Бугарија), пак, тамошната книжевна школа во која, (Охридската, како постара, се развиваше сосема автохтоно), се повеќе се употребуваше кирилицата. Климент пишуваше на јазик "нескован во примитивен израз, ами богат, разнообразен, сугестивен во своите стилски токови". Тој беше еден од оние, кои ги поставија темелите, длабоко и сигурно, на едно движеење, и духовно и културно, чии резултати требаше допрва да дојдат. На тој начин и Климент и оние што го следеа и поддржуваа беа вклучени во матицата на европската културна традиција.

Првин Владимир Мошин, кој одново и прецизно ги датира кирилските ракописи, а потоа и Блага Алексова, особено со утврдувањето на археолошкото богатство на Баргала, открија нови материјални докази за она што се случуваше во Македонија во времето на појавата на македонската писменост. Сега веќе далеку поаргументирано може да се говори за тоа дека Браќата, поконкретно: Кирил, азбуката ја составиле заради покрстување на Македонските Словени во Брегалничката област, каде што управуваше брат му Методиј, од што може да се извлече логичен заклучок дека во овој регион, значи во Македонија, биле создадени сите услови да се оформи иисмена словенска традиција, неколку децении пред такви услови да се оформат секаде каде што се доселиле Словените. Во Моравија, на пример, или пак во Бугарија, каде што покрстувањето започнало повеќе од триесетина години подоцна отколку покрстувањето во брегалничкиот регион.

Значи, еден така сложен верско-политички и културно-историски процес, каков што беше покрстување на Словените, започна најпрвин во Македонија, меѓу Македонските Словени, а дури потоа дојдоа подготовките на Браќата за Великоморавската мисија.

Блага Алексова констатира дека во широкиот регион северно од Солун, каде што Македонските Словени беа најгусто населени и христијанизирани уште за времето на Методиј, по доаѓањето на Учениците во Македонија (866 год.) започнало организирањето и создавањето на првата словенска црковна организација, заради која бил обновен и градот Равен на Брегалница. Алексова наведува дека во Равен почнал да се гради катедрален храм со мартириум за моштите и реликвиите на Петнаесетте тивериополски маченици, со што била поставена основата на првата црковно-словенска организација на Балканот и е формирана епископијата на Брегалница, Великата епископија.

Сè помали се дилемите како да се именува јазикот на Кирил и Методиј. Тоа е старословенски јазик изграден врз основа на говорот на Македонските Словени околу Солун. Говорот на словенската популација на југот на Македонија е само еден дијалект повеќе, со свои карактеристики, во општиот јазик на Словените. Оттука, светите книги што Браќата ги превеле на него се разбирливи во Македонија, и во Моравија, и во Хрватска, и во Бугарија, и во древната Русија. Блаже Ристовски ќе забележи: Како може јазикот на Македонците околу Солун да се нарече "бугарски", па оттука и името на првиот словенски книжевен јазик да биде "старобугарски", кога тие, Македонските Словени околу Солун, никогаш не дошле во допир со Бугарите, барем не до времето кога Кирил и Методиј почнале да работат на азбуката.

Честото менување на политичките господари на македонскиот простор и долготрајното ропство под Турците, како што забележува Блаже Ристовски, се причина започнатиот процес на конституирањето на македонската популација во посебен народ со словенски јазик и со словенско-византиска култура, да се забави, не дозволувајќи да се задржи народносното име на македонскиот народ. Тоа го искористија соседите за да можат околу Македонија и на Македонците да им наметнуваат свои истории и бескрупулозно да ги присвојуваат. Наметнувањето на името "старобугарски јазик" е типичен дел на тој обид за присвојување.

Извор: Македонско братство

March 2, 2015

Словените на Балканот

Словените на Балканот навлегувале масовно и долготрајно.

Првите податоци за нив, под името Венети (или Венеди) се среќаваат кај римските историчари Гај Плиниј Постариот и Тацит. Како Склавини прв ги споменува во петиот век од н.е. Псевдо - Цезариј. Тој вели дека тие живеат во "близината на Дунав" и додава: "Тие се диви, слободни и без поглавари, бидејќи своите водачи и старешини постојано ги убиваат било на гозба, било на пат, и се хранат со лисици, дивичи мачки и меѓусебно се довикуваат како волци кога завиваат". Ни Прокопиј Кесариски нема високо мислење за протагонистите на новата северна опасност за Византија: "Живеат во бедни колиби, надалеку распрснати едни од други, сите пооделно менувајќи го живеалиштето. Кога влегуват во борба, повеќето како пешадија, напаѓаат на непријателот носејќи во рацете мали штитови и копја. Некои немаат ни кошула, ни наметка, ами, откако ги опашуваат бечвите до препоните, така влегуваат во борба. И едните и другите (станува збор за Словените и Антите - з.н.) имаат ист јазик целосно варварски... сите се високи и телесно јаки. Живеат сурово и во крајна запуштеност, како Хуните, и секогаш како нив се полни со нечистотија, а воопшто не се нечесни или злосторници..." .

Според Прокопиј, Словените поради својата физичка конституција лесно ја поднесувале секоја временска ситуација. Се хранеле со полски плодови, со риба, со дивеч, со месо, со овошје, а пиеле млеко, медовина и варено пиво од јачмен. Правеле и сирење. Овој историчар ја фали нивната нарав и простосрдечност, како и нивната претерана гостољубивост. Словените ја сакале и музиката, ја познавале тамбурата, а нивните жени биле познати по својата верност на мажите. Наспроти овие убави особини, тие не стоеле на зборот, не биле сложни меѓусебе, живееле во караница и нетрпеливост.

Псевдо - Маврикиј вели дека Словените не се разликувале по начинот на живеење и по обичаите.

Словените и Антите го почитувале култот на мртвите. Нив тие ги гореле. И Антите и Словените имале заеднички бог, чие име не е познато. Тој бил единствениот господар на светот и господар на молњата. Кај Јужните Словени овој бог се викал Перун. Како врховно божество нему Јужните Словени му принесувале жртви - животни. Словените имале и други помалку важни или повеќе важни божества, на кои им принесувале жртви, а потоа, врз основа на нивните делови или остатоци, на нив гатале. Словените, ќе забележи проф. С. Антолјак, воопшто не верувале во судбината како старите Грци . Кај нив постоело еден вид политеистичко боготворение на природните сили на чело со богот на громот. Пантеонот на природните сили и појави во кои верувале бил разновиден и богат: верувале во самовили, во реки, во езера, во пештери, во земјотреси, во планини, во сонце, во месечина, во ѕвезди, во огнот и т.н.

Преттатковината на оваа голема индоевропска група народи, сродни по јазик, се претпоставува дека била меѓу реките Висла, Дњепар, Десна, Западна Дрина и Карпатите. Најновите проучувања говорат дека тие како народност се формирале зад Карпатите од каде што почнале да се движат на север, исток и југ, формирајќи на тој начин три големи етнички групи: Источни Словени (Руси, Белоруси и Украинци), Западни Словени (Чеси, Словаци, Полјаци, Полапски Словени, Канантански Словени, Градишчански Хрвати, Прибалтички Словени и Лужички Срби) и Јужни Словени (Срби, Хрвати, Словенци, Македонци, Црногорци и Бугари).

Мошне брзо, за околу четириесетина години, најјужно, по текот на Бистрица, западно од Солун, се населиле Драговитите. Нивни соседи станале Велегезите, северно од нив, меѓу Охрид, Битола и Велес, се населиле Берзитите (Брсјаците). Блиску до Солун, своја нова татковина нашле Сагудатите, а на Исток од Солун кон реката Струма и кон Халкидик - Ринхините. По долините на реките Струма и Струмешница се населило племето што го добило името Струмјани, а источно од Места својата нова татковина ја нашле Смолјаните. Еден дел од Драговитите се населил во Полог.

Населувањето на Словените на Балканскиот Полуостров, и се разбира, во Македонија, го подвлекува Јован Ефески, летописецот од Сирија: "Во третата година по смртта на императорот Јустин (527 година - з.н.)...изврши напад проклетиот народ на Словените. Тие секавично ја поминаа цела Елада, областа на Тесалоники и цела Тракија и потчинија многу градови и тврдини. Тие ги опустошија и изгореа, зедоа заробеници и станаа господари на земјата. Тие заседнаа на неа како на своја, без страв. И, ете, во тек на четири години се раширија на неа сега. Тие вршат пустошења и пожари и земаат заробеници, така што...ги фатија сите императорски стада, многу илјади глави и друг разен добиток....Се збогатија - имаат злато и сребро, стада од коњи и многу оружје и се научија да војуваат подобро и од Ромеите . Тие груби луѓе што не смееја да се појават надвор од густите шуми и не знаеја за оружјето, освен за кусите копја за фрлање".

Во 636 година Исидор пишува дека Словените за времето на царот Ираклиј ја завојувале "цела Грција", која, како што пишува тој, ја сочинувале Далмација, Епир, Елада, Тракија, Македонија, Ахаја, Крит и Кикладските Острови.

Во втората половина на VII век (поточно: во 675 година), формирајќи го Вториот голем племенски сојуз на чело со ринхинскиот кнез Пребонд, Македонските Словени биле на најдобар пат да формираат своја држава. Ова е време кога тие исцело ја пословенизирале Македонија. Ова е време кога на територијата на Македонија се појавуваат повеќе склавинии, организирани родовско - племенски единици. Тие биле седиште на македонските словенски племиња. Ѓорѓи Острогорски тврди дека во нив Византија "немала никаква власт". Со склавиниите, сосема независно, управувале македонски словенски кнезови. Еден од нив бил кнезот Пребонд. По формирањето на племенскиот сојуз на чие чело стоел тој, исплашена, Византија интервенирала брзо. Сојузот бил разбиен. Во "Чудата на Св. Димитрија Солунски", втора книга, опширно е опишан обидот на Византија да го фати и ликвидира кнезот Пребонд. А кога бил фатен: "...тој изјави дека ако би се вратил на своето место, не би водел повеќе сметка за мирот. Напротив, би ги собрал сите нему околни племиња и не би оставил незасегнато место од војна, ниту по копно, ниту по море, туку непрекинато ќе војува и не ќе го остави жив кој и да било христијанин (читај: Византиец - з.н.). И така со божја помош беше разоткриена неговата намера и, како што е речено, самиот си ја навлече смртта". Тој ја доживеал судбината на својот претходник, кнезот Хацон, кој во 616 година, исто така, ги обединил во прв голем сојуз Драговитите, Сагудатите, Велигизите, Берзитите и уште некои.

Анастасиј Библиотекар, во своето дело "Хронологија трипартита", како впрочем, и другите негови современици, областа населена со Словени ја наречува Склавинија. Тој соопштува дека во годината 658 година, императорот Констанс Втори "ја кренал војската против Склавинија, одвлекол многу заробеници и ја покорил". За годините 688-689 известува дека царот Јустинијан Втори, откако го нарушил мирот со Бугарите, "заповедал коњицата да премине во Тракија, зашто сакал да ги ограбува како Бугарите, така и Склавините". И уште: "Јустијан Втори кренал со војска против Склавинија и Бугарија. Тој ги потиснал Бугарите, кои во моментот му се спротивставувале, а многубројните Словени, потиснувајќи ги дури до Солун, дел ги добил преку војна, а дел, бидејќи му се приклучиле, ги населил во македонските области".

Бибилиотекарот, кој живееше во 9. век, навраќајќи се во својата хронологија на минатото, за првпат ќе го спомне името Македонија поврзано со Македонските Словени, при што ќе го запази неговото географско-историско значење. Притоа, тој јасно ќе ги разликува Словените од Бугарите, како и византиската административна единица, темата Македонија, од класичниот поим на Македонија. Тој ќе запише: "...Во осумнаесеттата година од своето владеење, Константин Петти (741-775), ги заробил Склавините во Македонија, а останатите ги покорил".

Околу употреба на поимот Македонија во почетокот на 9. век, интересно е писмото што византискиот император Михаил Втори (820-829) го упатил до Лудовик Благочестив (10 април 824 година), во кое зборува за востанието на Тома Словенот (821-824): "Тома, со тоа што ги собра нашите кораби и драмони, имаше можност да дојде во (некои) делови на Тракија и Македонија. Доаѓајќи така бргу тој го опседна нашиот град (Цариград - з.н.) и го опколи со флотата во месец декември 15 индикт (декември 821 - з.н.)". Понатаму, во писмото византискиот император му пишува на императорот на Светата Римска Империја дека Тома во редовите на побунетите има луѓе од "краиштата на Азија, Европа, Тракија, Македонија, Тесалија и од склавиниите што беа наоколу". Очигледно, Михаил Втори кога прв пат овде ја споменува Македонија мисли на темата Македонија, а кога тоа го право по втор пат, тогаш мисли на Македонија како географско-историска целост. А под она "склавините што беа наоколу", мисли на Словените, пред сe на македонските Словени.

Авторот на делото "За преземањето на градот Солун" (од Арабите 904 година - з.н.), Коменијат, дава голем број податоци за Македонските Словени, споменувајќи ги Драговитите, Сагудатите, Струмјаните и други, кои, како компактно словенско население, живееле околу Солун. Коменијат пишува: "Нам, пријателе, татковина ни е Солун и јас прво ќе те запознам со тој град со големиот и прв град на Македонците..."

Се чини главна цел на продорот на словенските племиња на југ бил Солун. Долготрајни биле борбите за овој стратешки и богат град. Првиот забележан напад, според летописите, се одиграл на 26 октомври 584 година, додека Солун го празнувал својот празник Митровден. На 25 јули 877 година напаѓачите го извршиле решавачкиот јуриш: три дена јуришале на градските ѕидини, меѓутоа, не успеале да ги освојат. Словенскиот народ бил тој што живеел во близината на Солун, како што велат византиските извори. Во средината на 9. век веќе "сите солунчани говореле чисто словенски", пак да ги цитираме истите извори.

Македонските Словени во борбата со непријателот се истакнувале со смелост и бестрашност, особено кога ја бранеле својата племенска независност и слобода.

Населувајќи ја Македонија Словените извршиле длабока промена во општествено-економските односи и во самиот живот на Византија. Урнувајќи ги градовите, укинувајќи ги парите како платежно средство, вршејќи корени измени во аграрот, формирајќи независни племенски единици, тие, фактички, ги уништувале последните остатоци на робовладетелството, создавајќи услови за инаугурирање на сосема нови општествени односи, феудални. Новите доселеници, покрај другото, од кореното население го наследиле христијанството, кое во Македонија длабоко се вгнездило уште во 4. век. Христијанството го разурна и забрза и распаѓањето на родовско - општествениот поредок, кнезовите сè повеќе во свои раце преземале елементи на државната власт, сè повеќе се зголемувал бројот на вооружените луѓе во нивните склавинии, под нивно управување, се разбира. Осмиот век во Македонија е век кога се забрзал процесот на формирање на македонскиот народ, а името на Македонија и Македонците станувало сè подоминантно и сè поприсутно, кога станувало збор за прецизно одредена територија и за посебен народ.

Бранко Панов ќе констатира дека од 6. до 11. век македонските склавинии ќе останат надвор од Византиската империја и повеќето од нив ќе бидат независни кнежевства со свои кнезови, кои самостојно управувале со нив. Од 8. век македонските склавинии, како што потврдуваат повеќе извори, веќе се, всушност, полудржавни формации, кои имале добро обучена и за тоа време добро вооружена војска, особено тешко вооружена пешадија. Склавиниите можеле успешно да се спротивстават на византиските напади, а нивните управители со војската да ги држат во потчинетост луѓето што ги населувале овие родовско-племенски заедници. Сите овие склавинии сочинувале една општа етничка територија, во која словенскиот јазик бил заеднички, што јасно говори дека на територијата на некогашната древна македонска држава постоеле сите елемен-ти потребни Македонските Словени да се конституираат во народ. Свеста за етничка и државна посебност била толку силна што и по паѓањето на Македонија под бугарска и византиска власт, таа, свеста, живеела кај Македонците и се манифестирала низ повеќе форми: тие не дозволиле да се ликвидира нивната самоуправа, продолжиле и понатаму да избираат свои кнезови, да го употребуваат својот словенски јазик, да ги применуваат своите обичаи.

Извор: Македонско братство

February 23, 2015

АСНОМ

Д-р Евгение Димитров ја периодизира борбата на македонскиот народ за сопствена државност, во времето на Втората светска војна, во неколку фази. Според него, "првата фаза се карактеризира со борбата за обезбедување политички предуслови за создавање сопствена државност. Оваа фаза го опфаќа времето од капитулацијата на кралството Југославија до почетокот на вооруженото востание, иако извесни нејзини аспекти на определен начин се рефлектираат и во следната фаза", која е "фаза на зачеток и почетен развој на државноста." Таа го опфаќа времето од почетокот на вооруженото востание до летото 1943 година. Државноста на македонскиот народ почнува да се гради со самиот почеток на револуционерното вооружено востание. Поради тоа и првите вооружени акции на првите партизански одреди во Македонија од 11 октомври 1941 имаат не само политичко, туку и државотворно значење ... Скелетот на младата државност, во оваа фаза го сочинува сплетот од вооружени одреди, военотериторијални органи, револуционерни органи на власта и органи на антифашистичкото политичко движење што дејствуваат на повремено слободната и полуослободената, како и на окупираната територија.

Првото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, преку одлуките што ги донесе, претставува реализација на државната идеја за која се бореа и гинеа генерации и генерации македонски патриоти. Со одлуките на АСНОМ, кој "стана и остана единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава" , прв пат по Самоиловото царство, македонскиот народ доби своја држава, се реализира континуинираниот стремеж на Македонецот да живее во сопствена државно-правна единица... Во оваа фаза не постоеја развиени форми на организација на власта, ниту постоеја чисти и издиференцирани органи и институции на власта. Нивна општа карактеристика е што сите тие се јавуваат како органи на единствената националноослободителна борба што има свој воен, политички државно-правен и општествено-економски израз." Третата фаза се карактеризира со зацврстување на државноста, а почнува со Преспанското советување на ЦК на КПМ и завршува со Првото заседание на АСНОМ. Според д-р Димитров, "ова е фаза на стабилизирање на државноста и на нејзиното државно-правно манифестирање" ...

За оценка на развојниот степен на оваа фаза особено се значајни три факти. Прво, Преспанското советување на ЦК на КПМ, на кое се донесени одлуки за формирање поголеми воени единици (бригади и дивизии), за натамошно проширување и зацврстување на системот на власта организиран во народноослободителни одбори и за образување Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ. Одлуките на Преспанското советување се израз на потребите од консолидирање на веќе потврдената државност и нејзиното државно-правно обезбедување.

Второ, создадена е значајна ослободена територија во сите делови на Македонија, а особено во Западна Македонија, каде што веќе есента 1943 година постои и дејствува заокружен и заемно поврзан систем, што го сочинуваат селските, општинските, градските и околиските народноослободителни одбори, над кои се наоѓа Обласниот народноослободителен одбор за Западна Македонија, на чиј врв се ЦК на КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. На оваа територија изградбата на државноста го достигна највисокиот степен во својот дотогашен развој.

Трет факт од значење за натамошната изградба на државноста е формирањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, есента 1943 година." Основната задача на овој Иницијативен одбор беше "да ги изврши нужните организационо-политички подготовки за да се избере и конституира највисокото претставничко и извршно тело на народната власт во Македонија." Сепак, "по својата фактичка положба и улога ова тело ги надминува рамките што му беа поставени според првобитната замисла. Според силата на околностите во кои постоеше и дејствуваше, Иницијативниот одбор беше доведен во положба да одлучува за прашања од особено значење за државно-правната положба на македонскиот народ и да презема мерки за натамошната изградба на неговата државност." Последната, четврта фаза, е "фаза на доизградување на државната заедница и на нејзиното конечно уставно-правно зацврстување. Таа го опфаќа периодот од Првото заседание на АСНОМ до донесувањето на Уставот на Народна Република Македонија. Во оваа фаза се изградува систем на органи на власта на целата територија на федералната единица Македонија. Овој систем го сочинуваат месните, општинските, градските, реонските, околиските и обласните народноослободителни органи и АСНОМ, како врховен орган на државната власт и Президиумот на АСНОМ, како негово потесно тело, кое, покрај определени извршни функции, е овластено во времето кога не заседава АСНОМ, да ги врши сите функции што ги има АСНОМ."

Во периодот на подготовките за свикување на Првото заседание на АСНОМ, важно место зазема формирањето на Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ, кој "се јави во двојна функција: како политичко тело и како орган што има задача да се грижи за натамошниот развој на народноослободителните одбори во Македонија". Од тука произлегува дека одлуките што ги донесуваше Иницијативниот одбор "може да се поделат на две групи: одлуки што ги донесуваше Иницијативниот одбор како политичко- претставничко тело со посебни овластувања што му ги пренесе Главниот штаб и ... одлуки што го легитимираат како вистински носител на функцијата на највисока власт во Македонија." Со Одобрението на Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, се потцрта легитимитетот на актите и решенијата донесени до свикувањето на АСНОМ. Ваквата одлука "говори за тоа дека Иницијативниот одбор е сметан во извесна смисла за супститут на АСНОМ".

Првото заседание на АСНОМ се одржа на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински. На него присуствуваа 116 делегати, како и делегатот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија Светозар Вукмановиќ - Темпо, делегација од Главниот штаб на Србија, делегати од политичките организации ва Македонија и шефовите на Англиската и Американската воена мисија, акредитирани при Главниот штаб на Македонија.

Заседанието избра Президиум на АСНОМ. За претседател беше избран Методија Андонов - Ченто, потпретседатели станаа Панко Брашнаров и Мане Чучков, а секретари Љупчо Арсов и Владо Полежина. Исто така, беа избрани и претставници од Македонија во АВНОЈ, како и неколку помошни тела на АСНОМ.

На Првото заседание на АСНОМ беа донесени следните декларации и одлуки:

- Решение за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија;

- Декларација за основните права на граѓаните на демократска Македонија;

- Решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава;

- Правилник за работа на АСНОМ;

- Решение за формирање Законодавна комисија при Президиумот на АСНОМ;

- Решение за формирање Државна комисија за утврдување на престапите на окупаторите и нивните соработници;

- Одобрение од Првото заседание на АСНОМ на решенијата, заповедите и задолженијата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ;

- Решение за оддавање благодарност на Народноосло-бодителната војска на Македонија;

- Решение за прогласување на 2 август за државен празник на македонската држава;

- Манифест на АСНОМ до македонскиот народ;

- Проглас до македонскиот народ за одржаното заседание и донесените одлуки на АСНОМ.

Со овие правни акти, како и со одлуките на Президиумот на АСНОМ, се дефинираше македонската држава, правно се определуваше нејзиниот профил.

Бездруго, во таа насока, најважна одлука на Првото заседание на АСНОМ е Решението за прогласување на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Македонија. Во ова решение се дадени и првичните насоки за конституирањето на македонската држава, со што решението прераснува во "уставно-правен документ врз основа на кој треба да се создаде и изградува македонската федерална држава." Со решението се конституира и институцијата "народно правителство", односно Владата на државата, чија функција привремено ја презема Президиумот на АСНОМ. Натаму, во структуирањето на државната извршна власт, ова решение предвидува формирање "нужен број отдели за разните гранки на државното управление" , кои ја вршат функцијата на министерства до формирањето на владата.

Во натамошното државно-правно конституирање на Македонија, АСНОМ ги дефинира и основните граѓански права. Во Декларацијата за правата на граѓаните, стои дека сите граѓани на Македонија "се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание." Декларацијата ги регулира и правата на националните малцинства "на слободен национален живот". За малцинствата станува збор и во Манифестот на АСНОМ, во кој се "прокламира слободата и рамноправноста на сите народности во Македонија."

Натаму, во Решението се гарантира "сигурноста на личноста и имотот", како и "правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот". Македонската држава, преку Декларацијата, ги гарантира слободата на вероисповеста, совеста, говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружување. Изборното право, според Декларацијата, "во демократска Македонија го вршат избирачите со тајно гласуване на основание на општото, непосредното и личното право." Правото да избира и да биде биран го има секој граѓанин со наполнети 18 години, освен "малоумните лица, како и лицата кој се обвинети по отношение на интересите на народно-ослободителната војна".

Една од важните одлуки на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија е и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Оваа одлука ја "дополнуваше и заокружуваше национално-политичката физиономија и карактер на младата македонска држава." Со ваквата одлука се потврди принципот на самоопределување на македонскиот народ. Со оглед на негирањето на македонскиот јазик, што беше едно од оружјата на туѓите пропаганди во Македонија, очигледна беше потребата законски да се санкционира употребата на македонскиот јазик во новата држава. Како што вели Блаже Конески, на Првото заседание на АСНОМ "од дискусијата за јазикот и правописот се има породено еден обид за давање т.н. времени правила за македонскиот литературен јазик, без некаква задолжителност. Тие послужија како основа на дискусиите за јазикот и правописот, организирани во октомври 1944 година во Горно Врановци, кога беа поднесени три реферати по тоа прашање." Унификацијата на македонскиот литературен јазик "се изврши со усвојувањето на азбуката (3 мај 1945) и правописот (7 јули 1945) по предлог на Комисијата за јазик и правопис. Тој акт го обележи исполнувањето на сите дотогашни настојувања во процесот на создавањето на општиот македонски јазик. Со него се обележи и почетокот на неговиот слободен развиток како на еден веќе формиран јазик."

Решението за прогласување на 2 август за државен празник нема само протоколарно значење, односно, не е само гест со кој се одбележува денот на одржувањето на АСНОМ. Во него се огледа и стремежот за нагласување на континуитетот на борбата на македонскиот народ за своја држава. Впрочем, тоа е јасно и од формулацијата на решението, во кое се вели дека 2 август е "симбол на сите негови (се мисли на македонскиот народ - з.н.) борби за неговото конечно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена Федерална македонска држава." Дека акцентот на АСНОМ е ставен врз континуираниот развиток на македонската идеја за сопствена држава, се гледа и од Рефератот на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, изнесен на Првото заседание на АСНОМ, во кој се вели дека "денешната борба на македонскиот народ е продолжение на славните традиции на полвековната борба. Принципите и начелата за кои се борева првоборците на македонскиот народ: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Сандански, легнат во темелите на денешната македонска држава."

Уште еден важен документ е донесен на Првото заседание на АСНОМ - Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ. Во него, откако направен пресек на дотогашната историја и на борбата на Македонецот за слобода, се потцртува дека "првото македонско Народно собрание го прокламира пред цел свет своето праведно и неостапно сакање ЗА ОБЕДИНЕНИЕ НА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД (големите букви како во оригиналот - з.н.) на принципите на правото за самоопределување. Со това ќе се тури крај на робството на македонскиот народ во сите негови делови и ќе се создадат условија за искрена солидарност и мир между балканските народи." Во обраќањето до Македонците во Бугарија и Грција, во Манифестот се вели: "Нека вашето участие во свеопштата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец." Идејата за обединување е присутна и во веќе спомнатиот Реферат на Иницијативниот одбор. Кога станува збор за поделбата на Македонија, во Рефератот се вели: "Македонскиот народ никогаш не се помирил со својата трагична судбина. Он ја продолжи борбата против големобугарските, големосрбските и големогрчките завоеватели, за слобода, равноправност и обединение на сите делови на македонскиот народ."

Извор: Македонско братство

February 22, 2015

Богомилизам - "Македонска Ренесанса"

Драган Ташковски ќе нагласи: "Две џиновски фигури стојат на прагот на средновековната македонска историја: Климент Охридски и поп Богомил. Првиот - просветител и книжевник, кој со своето дело претставува гордост не само за Македонија, туку и за целото словенство, и вториот - идеолог и револуционер, чие еретичко учење стана знаме на угнетените во цела Европа во средниот век.

Презвитер Козма во "Беседата против богомилите", меѓу другото, ќе запише: "Така се случи и во бугарската земја, во време на правоверниот цар Петар. Тогаш се појави поп по име Богомил, но поправо е да се рече Богунемил. Тој почна како прв да ја шири ереста во бугарската земја... Откако почнав да ги разобличувам нивните зборови и постапки, мене ми се чини дека и воздухот се опоганува од нивните дела и проповеди..."

По својата форма, богомилството е верски ерес, по својата суштина, пак, тоа е социјално движење, обусловено од економските и политичките прилики во земјата во која настанало. А недвојбено е дека богомилството настанало во Македонија. Поголем дел од Македонија тогаш беше под бугарска власт. Целта на новите покорувачи на македонската земја беше јасна: по пат на вклучување на македонските области во рамките на воено-административните области на Бугарија, што побрзо и што побезболно, да се разбие родовско-племенското уредување на македонските кнежевства. И тоа на бугарските властодршци им успеа: племенската самоуправа на Македонските Словени слабееше, а на нејзино место почнаа да се јавуваат новите феудални односи. Тоа значи дека наместо самоуправните традиции на Македонските Словени, сè поголем простор заземаше феудалната експлоатација. Војните стануваа почести, даноците поголеми, грабежите и насилствата веќе беа појави од кои се немаше каде, природните несреќи доаѓаа како дополнителна казна за народот. Селото беше сè посиромашно: селаните ги изгубија имотите и средствата за производство. Многу од нив попаднаа во ропство. Огромното мнозинство од нив, пак, станаа робови на земјата што ја обработуваа, благодарејќи на економскиот зафат на цар Симеон, кој, наместо племенската сопственост на земјата, почна да создава феудална сопственост, при што прикрепениот селанец исцело стана зависен од феудалецот. "За да ги задоволи своите војници и старешини, Симеон мораше да ги пљачкосува победените. А бидејќи победените и покорените беа Македонските Словени, тој удри врз нивните имоти". Роман Лакапен преку писмо го информира царот Симеон дека 20.000 луѓе од Македонија пребегнале во Византија. Во него буквално стои дека избегале "поради насилствата и самоволијата на бугарските војски". Некои историчари сметаат дека дури и посетата на Климент Охридски на бугарската престолнина и неговата оставка на епископската должност до царот, неколку месеци пред неговата смрт, била од заради насилствата и пустошењата на освојувачите на просторот на Величката епископија.

Свештенството во Бугарското царство беше привилигирано, меѓутоа, не сето. Постоеше и непривилигиран слој - нижото свештенство, кое потекнуваше од народот, а го сочинуваа селските и градските попови. Добар дел од нив не само што не беа добро платени, туку беа обременети со обврски и давачки. Во такви услови на живејачка, кога царот Петар, за да може да ги издржува огромните воено-административни и црковни апарати, ја засили експлоатацијата, револтот и незадоволството, чиј карактер би можел да се третира и како антицрковен, антифеудален, па и ослободителен, беа неминовни. Од тие причини, незадоволниот народ ја прифати "новопојавената ерес", што би рекол Козма. Тој, како што видовме, го споменува попот Богомил како основач на ова движење. Драган Ташковски, пак, оди понатаму: тој тврди дека Богомил бил Климентов ученик, кој страсно ја прифатил глаголицата, како и Климент Охридски, впрочем. Тој учеше "да не се потчинуваат на болјарите и сметаа дека оние што му служат на царот му се одбивни на Бога и му заповедат на секој слуга да не работи за својот господар".

Александар Матковски вели дека нема докази оти попот Богомил, воопшто, постоел. Тој поаѓа од фактот дека Ефимие и Ана Комнен, кои пишувале за богомилите, попот не го ни споменуваат, туку за основачи на сектата ги именуваат Чурило и лекарот Василиј. Матковски го прифаќа тврдењето дека словенскиот збор "богомил", просто, значи она што значи - мил на Бога.

Богомилската космогонија и есхагологија за создавањето и пропаста на светот била општа теорија за овој свет, негова логика во популарен облик, што би рекол Драган Ташковски, што религиозните маси на далечното средновековие можеа да ја разберат, а со тоа да се стават во активно движење за решавање на конфликтните општествени состојби наметнати од новите господари. Богомилите учеле дека постојат два бога: Богот на доброто и Богот на злото. Богот на злото го создал целиот материјален свет, па и човекот, а Богот на доброто душата на човекот. Богомилите ги отфрлале сите молитви, освен "Оче наш", не ги почитувале ни крстот, ни иконите, ни црквите. Се молеле дома и меѓусебно се исповедале. Побунетите на бискупите им ја оспорувале власта над верниците. Го отфрлале Стариот завет и го признавале само Евангелието. Ги поттикнувале верниците на непокорност кон оние што се на власт. Проповедале сиромаштија и остро истапувале против богатите и нивното богатство.

Појавата на учењето за двата бога, т.н. дуалистичка хереза, е израз на револтот против хиерархијата на христијанската црква, која ја користи идејата за Господ за да ги држи во покорност верниците. Таа, исто така, е израз и на револтот против државната власт, која се потпира на христијанската црква, како на идеолошко средство на своето владеење. Добро е речено дека оваа двојна хереза го акуелизира вечното прашање што го поставува човекот: зошто Господ на едни им дава многу добра, а малку зла, а на други многу зла, а малку добра? Идеолошки, богомилското движење во Македонија во целост беше насочено против византиските и бугарските освојувачи, против новоформираните домашни феудални господари и против црквата, која, како што вели и Презвитер Козма, била крајно расипана.

Антифеудалната суштина на богомилството се огледа во неговите општествено-политички ставови и во рамките на мистично-религиозните концепции и затоа потпора имало, главно, кај посиромашните маси. Проповедајќи демократија во сиромаштијата, скромен и едноставен живот, непослушност кон власта, богомилството содржело силна антифеудална нота и го поттикнувало народот на бунт и револт.

Подеталното анализирање на карактерот на богомилството ќе не доведе до битната констатација дека тоа, со самиот факт оти се свртело против царот и болјарите, против владејачката номенклатура, која беше, пред се и над се, составена од Бугари, значи богомилското движење за Македонските Словени имало и ослободителен карактер. Н. П. Благоев со право увидел дека Македонија била центар на опозицијата против цар Петар, не само затоа што тој на незаконски начин дошол до престолот, туку и затоа што богомилството во тоа време било единствено борбено движење во Македонија. Драговичката и Мелничката црква, на пример, биле претставници на екстремната ориентација, за разлика од бугарската богомилска црква, која била за помирен и поумерен став. Клучен податок дека богомилството поседувало и јасни белези на ослободително движење е вистината дека комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самоил, синови на комитот Никола, го прифатија учењето и како негови приврзаници кренаа востание (869 год.), што доведе до ослободување на Македонија од Бугарското царство, создавање на првата словеномакедонска држава и дефинитивно оформување на Македонците како народ. Симпатиите на цар Самоил кон богомилите и нивното бројно учество во неговото востание и во востанието на неговите браќа, просто се објаснува: богомилите биле единствената делумно организирана антивизантиска партија во Македонија со јасна словенска и народна ориентација. Интересно: востанието на Македонските Словени избувнало онаму каде што било најсилно учењето на богомилите. Тоа било на просторот ограден со тријаголникот Вардар - Охрид - Шар Планина.

Противмерките на Византија и Бугарија против ова "зло" биле жестоки. Цариградскиот патријарх Теофилакт ќе го советува царот Петар: "Оние, пак, што остануваат во зло, болни од непокајување, божјата црква ќе ги отсече како изгниени и сосема погубни делови и ќе ги предаде на вечна осуда... Општествените закони на христијанството... предвидуваат смрт за нив, особено кога се гледа дека злото се влече сè повеќе, напредува и мнозина погубува".

Наспроти се, богомилството се проширило, првин во Бугарија и Босна, потоа во Италија и Јужна Франција, и станало движење кое влијаело на текот на историските настани.

Извор: Македонско братство

February 20, 2015

Народна федеративна партија

По Рилскиот конгрес, се повеќе се продлабочувал јазот меѓу двете групи во ВМОРО - македонската (наречена уште и лево крило, левица) и врховистичката (наречена десно крило или десница). Левото крило на ВМОРО, предводено од Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев, Петар Поп Арсов и Димо Хаџи Димов, ја застапувало тезата "за постоење одделна македонска народносна единица што се бори за извојување на самостоен државно-правен развиток. Внатрешната македонска револуционерна организација требало да работи како за ослободување така и за национално-политичко будење и афирмација на народните маси." Целта на македонското револуционерно-ослободително движење е извојувањето "државна самостојност на Македонија. Македонија би се оформила како посебна држава, при што се допуштала можноста за нејзино вклучување во евентуалната балканска федерација, но само како нејзин одделен и рамноправен федерален член." Како резултат на ваквите делби, Серската, Солунската и Струмичката организација, се одделиле во Македонско-одринската револуционерна организација, препуштајќи го називот ВМОРО на врховистичкото крило раководено од Христо Матов. Подоцна, ова крило ќе го узурпира светлото име на македонската Организација, преку бугарската ВМРО на Ванчо Михајлов.

Народната федеративна партија, практично, е продолжување на Македонско-одринската револуционерна организација. Во развитокот на Партијата се регистрираат четири периоди. Првиот од нив е "фаза на напори за зајакнување и организационо проширување на МОРО под раководство на Јане Сандански, а за водење на националноослободителните борби во новонастанатите услови (јули - декември 1908 година)". Вториот период е "период на организирани подготовки за создавање НФП, кога таа била партија во проект (јануари - август 1909 година)". Третиот период е времето на "постепено опаѓање на НФП (август 1909 -јануари 1910 година", а последната фаза е "периодот на кризи во редовите на НФП (јануари - јули 1910 година)." Ориентацијата и политичката програма и на МОРО и на НФП се идентични, со единствената забелешка дека Народната федеративна партија "се ориентирала кон исклучива употреба на легални парламентарни методи и средства во политичките борби", за разлика од МОРО која "не ги исклучувала и вооружените акции". Освен тоа, како легален експонент на МОРО, Партијата "претставувала континуирано продолжение на Организацијата од времето на Илинденското востание" Токму затоа, државно-правната концепција на МОРО и НФП, како и идејата за федерализмот на Јане Сандански, се материјал кој треба да се проучува како една целина.

Со Народната федеративна партија е поврзана идејата за создавање на Источна федерација. Оснивачкиот конгрес на НФП "смета дека не може да се постигне остварување на самоопределувањето на македонскиот народ преку создавање на самостојна држава во балканската федерација. Младотурската револуција дава основи да се прошири идејата - од Балканска федерација на Блискоисточна федерација." Ќе се задржиме малку поопстојно на државно-правниот концепт на оваа федерација и на статусот на Македонија во неа, тргнувајќи од документите на МОРО, НФП, како и од гледиштата на Јане Сандански, како еден од творците на оваа програма:

Програмата на МОРО предвидува дека Македонија и Одринско се неразделен дел на Отоманската империја. Корекцијата на ставот за автономна Македонија, како засебна држава, во правец на гледиштето за македонска држава во рамките на Источната федерација, е наметнато од два значајни надворешнополитички услова. Во прв ред, на конституирањето на Македонија како самостојна држава, "му се спротивставиле не само владите на балканските држави кои биле заинтересирани за поделба на Македонија, туку и големите сили кои се противеле на секоја посериозна промена на територијалното статус кво." Освен тоа, "опасноста од поделбата на Македонија се повеќе се покажуваше како реалност, та затоа, само по себе се наметнуваше барањето нови патишта во остварувањето на националната слобода."

Во Програмата од 1908 година МОРО "како први барања на својата активност ги поставува: 1. борбата против секакво политичко ропство и против секаква економска експлоатација 2. стекнување неопходни услови за политички напредок на народот." Натаму, во Програмата, МОРО бара демократизирање на Отоманската империја, како и уништување на остатоците од апсолутизмот, што подразбира "воведување уставен и парламентарен систем, народно претставништво преку едно собрание што ќе има апсолутна власт, министерства што ќе бидат одговорни за своите дела."

Кога станува збор за внатрешните односи во Империјата, Програмата предвидува "автономија на провинциите во однос на Империјата, автономија на окрузите во однос на провинциите и автономија на општините во однос на окрузите во регулирањето на нивните внатрешни прашања и на нивните интереси." Во однос на централизацијата, односно, на децентрализацијата на федерацијата, МОРО смета дека "секоја вештачка централизација што ја парализира иницијативата на народот во областа на неговите месни и обласни интереси, може само да го сопира општиот економски и културен развиток и да биде извор на политичко угнетување. Секоја прекумерна децентрализација, со индивидуализирање и изолирање на одделни области, го остава нивниот развиток на нивните сопствени сили, ги оградува од заемна културна дејност и на тој начин го оневозможува ползувањето на колективните сили на Империјата за побрз и поинтензивен развиток на оние нејзини делови, чии месни сили не се доволни за тоа." Според тоа, Организацијата предлага: "Општите интереси и дела на Империјата, како што се надворешната политика, армијата, финансиите, царините, поштите и телеграфите, железниците, да бидат во рацете на централната власт на Отоманската империја, организирана врз уставна основа. Локалните и провинциските влади ќе се занимаваат со сите други функции на државата". Меѓутоа, секој народ го задржува правото "да се организира слободно и одвоено".

Во однос на граѓанските права, според Програмата, се гарантира "слободата на вероисповедта, зборот, печатот, собирите и здруженијата", како и "неповредливоста на личноста, куќата и кореспонденцијата." Особено битен момент за македонскиот народ е барањето за "укинување на сите национални и класни привилегии и полна еднаквост на сите националности и сите верски групи."

Натаму, во Програмата се бара "воведување на општо, задолжително и бесплатно образование", кое ќе се изведува на мајчин јазик.

МОРО бара војската да биде заменета со народна милиција, оградувајќи се дека "сегашните услови на Империјата не изгледаат, се уште, доволно зрели за ваква организација на вооружените сили. Поради тоа, МОРО е во овој момент за постојана војска, задолжителна воена обврска за сите граѓани, без оглед на националност и религија, за намалување на воената обврска на две години и за територијално служење на војската."

Во Декларацијата на МОРО, објавена заедно со Програмата, се дефинира и изборниот систем. Според Декларацијата, треба да се свика Општ парламент на Империјата, "кој ќе се базира на општото, рамноправно, непосредно и тајно право на глас под овие услови: а) на 50.000 жители, без оглед на пол и возраст, треба да биде избран еден пратеник б) сите оние што наполниле 21 година можат да бидат избрани, без никаков цензус...".

Концептот за Источна федерација, според д-р Александар Христов, содржи неколку битни елементи. Во прв ред, "во концепцијата за федерација се наоѓаат општествено-политички и економски основи за решавање на македонското национално прашање. Во таа смисла, од особено значење се барањата да се создадат низа политички услови заради остварување на принципот на широка децентрализација и самоопределување на македонскиот народ, со право да се конституира во своја федеративна држава." Натаму, се одделува стремежот "да се создаде една реална, рационална и прифатлива заедница, во која ќе можат да егзистираат сите националности, со интеграција на заедничките интереси, но и со полна гаранција за национална независност и развиток на секоја национална индивидуалност." Освен тоа, за македонскиот народ е мошне битно и "остварувањето неутрализација на надворешните влијанија, кои им пречеа на остварувањето на националната слобода на угнетените народи, а особено на остварувањето на националната слобода на македонскиот народ." На крајот, "во формирањето на Источната федерацијја, МОРО го истакнува барањето дека федерацијата може да се формира, зацврстува и развива, спогодбено со организираните револуционерни сили на македонскиот народ и легитимните претставници, избрани од него. Според тоа, федерацијата треба да биде акт на сите народи, донесен од нивните легитимни претставници и со нивна слободна волја".

Идејата за Источна федерација е варијанта во развитокот на македонската државна идеја. Таа се појави во време, чии услови наметнуваа нов пристап кон македонското прашање и кон борбата на македонскиот народ за своја слобода и за своја држава. Според тоа, таа ги има сите белези, поточно, сите слабости и доблести на своето време, но, сепак, останува неодминлив факт во развитокот на македонската државно-правна идеја.

Извор: Македонско братство

February 19, 2015

Смилевскиот конгрес

Следејќи ги одлуките на Солунскиот конгрес на ТМОРО од јануари 1903 година, за одржување конгреси на револуционерните окрузи на кои би се донела дефинитивната одлука за востание во Македонија, во Смилево, од 2 до 7 мај 1903 година бил одржан Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, кој, според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание.

Од првиот ден на Конгресот присуствувале Даме Груев, кој бил претставник на Централниот комитет од Солун, Анастас Лозанчев, Георги Поп Христов, Георги Пешков, како претставници на Битолскиот окружен комитет, Ѓорѓи Сугаре, Парашкев Цветков, Никола Петров Русински, како делегати од битолскиот реон, Васил Чакаларов и Пандо Кљашев, како делегати од костурскиот реон, Г. Папанчев, Михаил Чеков, од леринскиот реон, Славејко Арсов , Никола Кокарев, Велјан Илиев, Александар Панајотов, како делегати од ресенскиот реон, како и Борис Сарафов и Димитар Дечев, за кои некои учесници и автори тврдат дека "Борис Сарафов учествувал како ревизор на четите, а Димитар Дечев како делегат по воени работи". Во текот на Конгресот во Смилево пристигале и Тале Христов и Јордан Тренков, Петар Ацев, Никола Карев, Ванчо Мицков, Ордан Пиперката, Димитар Матлиев, Христо Узунов, Тасе Христов, Деан Димитров, Аргир Маринов, Тома Николов, Арсо Мицков, Димитар Спространов и Васил Пацков.

Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, се уште, не се созреани. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол: "А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време." Оваа интервенција на Груев ги прекинала споровите.

Во записникот од Смилево стои дека на Првото заседание на Конгресот се разговарало за

1. распределбата на војничките и моралните сили;

2. подготвувањето до и за време на востанието;

3. должностите и правата на началничкиот персонал до и за време на востанието;

4. што да се прави со невооружените и неспособни луѓе - старците, жените и децата за време на востанието;

5. кој е стопан на оружјето;

6. рамномерното распоредување на оружјето;

7. определување на времето за востание."

Највисок носител на востаничката власт во округот бил Главниот штаб, во кој биле избрани Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Реонските началства определувале војводи и ги распределувале востаниците. Натаму било решено да се "формираат специјални подготовителни курсеви во неколку пункта, каде што ќе можат за кратко време да се научат на воена вештина идните војводи -учесници во востанието."

Во реоните се предвидувало формирање чети од 30 до 50 души, како и тајно увежбување на востаниците. Што се однесува до обезбедувањето храна, таа требало да се собира "доколку дозволуваат месните услови". Начинот на нејзиното собирање пред почетокот на востанието бил "доброволен, со убедување, а за време на востанието со принуда, со тоа што ќе му се издаде на стопанот за земеното од него расписка, потпечатена со окружниот печат и потпишана најмалку од еден од раководителите началници." Првиот ден било решено "по однос на правата и должностите на началничкиот персонал да се изработи специјален востанички дисциплински устав."

Вториот ден било дискутирано за прашањето околу сопственоста на оружјето, за неговата распределба и набавување. Исто така, бил прифатен и дел од Уставот.

Третиот ден се расправало за составот на реонските раководни тела, како и за "начинот на водењето на востанието и што да се прави со невооружените и неспособни за востание." Што се однесува до раководните тела, тие имале три до пет члена, и биле "конституирани со општа согласност".

Во однос на стратегијата и начинот на водење на Востанието, било решено тоа да биде општо, односно да се кренат сите окрузи, а да се води на партизански начин, "со оглед на тоа дека само еден дел од населението е вооружен". Освен тоа, било решено "на денот на Востанието да се кренат сите вооружени сили по реоните како чети", а четите требале да ги прекинуваат патните, телеграфските и поштенските врски, да го разоружуваат турското население, да ги напаѓаат државните згради, да напаѓаат (според можностите) секоја турска вооружена единица, да ги бранат христијаните, вклучувајќи ги и туѓите поданици од турски напади. Било забрането да се напаѓа мирното население и да се посега по турски жени, деца и старци. Било предвидено четите да дејствуваат поединечно, а во случај на потреба да се здружуваат две до три чети и, по извршената акција, да се растураат. Последниот ден бил прифатен Уставот и било решено Главниот штаб да го определи денот на Востанието.

Покрај тоа, на Конгресот бил критикуван и Анастас Лозанчев, претставник на Битолскиот револуционерен округ на Солунскиот конгрес, "кој самоволно и неосновано го претставувал округот на Конгресот во Солун, земајќи обврски во името на округот без да ги консултира реоните."

Востаничкиот дисциплински устав е еден од оние документи кои се инкорпорирани во континуираниот развиток на идејата за македонска државност. Токму затоа, поопширно ќе се задржиме на него, како документ кој претставува етапа во развојот и структурирањето на македонската државно-правна идеја.

Дисциплинскиот устав го определувал Главниот (Генерален) штаб како врховно раководно тело на Востанието, односно, како врховен заповедник на сите вооружени сили, но и "највисок орган на власта на востаничката територија. Тој е орган што раководи со востанието и сите вооружени единици стојат под негово заповедништво." Меѓународната активност на востаниците, исто така, се одвивала преку Главниот штаб - тој бил единствено овластен да води преговори со надворешни сили, како и со непријателот. Генералниот штаб за својата работа одговарал пред Конгресот, што произлегува од "принципот на одговорност на сите органи на ТМОРО и ја наоѓа својата основа во Уставот на ТМОРО од 1896 година, според кој сите органи подлежат на контрола од страна на највисоките претставнички тела на Организацијата, т. е. од страна на конгресите, кои можат да бидат општи, околиски или окружни."

Уставот го регулира судството, односно, постапката при изречување казни. "Во одделни одредби го наоѓаме принципот на материјалната вистина и на двостепеност при донесувањето на пресудата", при што обвинетиот треба да биде ислушан, да се изведат доказите и "дури по сестраното утврдување на сите околности на случајот и на делото може да се изрече казната."

Востаничкиот дисциплински устав не ги санкционира сите "одредби за идното устројство на македонската држава. Тој тоа не го ни истакнува, оти тој е дело на делегатите од окружен конгрес на ТМОРО, а не на општиот конгрес, кој единствено е овластен да ги разгледува и да решава по прашањата што се од значење за целата територија на Организацијата на која се протега нејзиниот суверенитет. Оттука, Востаничкиот устав ги дава само основите на новата организација на револуционерната власт на еден дел од територијата, т.е. територијата на Битолскиот револуционерен округ."

Извор: Македонско братство

February 17, 2015

Подготовки за Илинденското востание

Историјата на Тајната македонско-одринска револуционерна организација е проследена со постојани внатрешни борби меѓу претставниците на пробугарскиот Врховен комитет и македонската струја на ТМОРО. Хетерогеноста на Организацијата придонесе по редица прашања да се појавуваат несогласувања, а доведе и до диференцирање на две крила - лево и десно. "Левицата со Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански и други, цврсто стоеше на позициите за независност и самостојност на македонското национално ослободително движење, за полна политичка автономија на Македонија. Десницата со Христо Матов и други ... се наоѓаше под влијание на врховизмот, односно на големобугарските официјални фактори, но, се уште, се држеше прикриено." Д-р Манол Пандевски како раководители на десното крило ги означува, покрај Христо Матов и Иван Гарванов , Христо Татарчев, Анастас Лозанчев, Иван Хаџи Николов, одбележувајќи дека "кон нив, по 1901 година, клонел и Даме Груев." Врховистичкото крило во ТМОРО го зголемило своето влијание кога "еден од врховистичките експоненти и агент на бугарската влада, Иван Гарванов, успеал да се вовлече во составот на ЦК и привремено да ја заземе должноста претседател." Гарванов го "узурпирал ЦК на ТМОРО во јануари 1901, кога по една провала, бил затворен од полицијата целиот дотогашен состав на Централниот комитет, што го сочинувале Христо Матов, д-р Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов и Пере Тошев. Во резултат на паниката што при апсењето го зафатила, Иван Хаџи Николов му го предал ЦК на Гарванов."

Несогласувањата во Организацијата се еден од битните моменти во историјата на ТМОРО, со оглед на тоа дека "познатите судири во нејзините редови, кои во годините по Илинден сосема јасно се искристализирале и кои ќе ја следат се до нејзиното пропаѓање, ги влечат своите корени од непосредниот предилинденски период" Во почетокот на XX-тиот век, едно од главните прашања, околу кои биле спротивставени левото и десното крило на ТМОРО, секако, е прашањето за подигање востание во Македонија, односно, прашањето за терминот на востанието, за кој врховистите инсистирале да биде што побрзо, а Гоце Делчев, ЃорчеПетров, ПереТошев, како и, воопшто, претставниците на левото крило на Организацијата, се залагале востанието да биде подигнато во моментот кога ќе се создадат услови за сенародно востание, услови кои во 1903 година не постоеле.

Иницијативата за кревање востание потекнува од Иван Гарванов, чие "влегување во Организацијата и застанување на чело на нејзиното највисоко раководно тело претставуваше фатален момент во развитокот на Организацијата и, воопшто, во развитокот на македонското националноослободително движење." Фаталноста се огледа, пред се, во неговата целосна предаденост на бугарскиот Двор и во неговите активности и залагања востанието да се дигне што побрзо. Работејќи во таа насока, Гарванов почнал "уште во есента 1902 година да подготвува терен, односно, да консултира одделни работници на Организацијата, а и надвор од неа, за потребите и можностите за востание во Македонија во пролетта или летото 1903 година. Во текот на овие разговори беа консултирани лица за кои Гарванов беше однапред убеден дека ќе се согласат со него." Работата на Гарванов му ја олеснуваше и отсуството на Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кои во овој период беа задгранични претставници на ТМОРО во Бугарија. Благодарејќи на напорите на Гарванов и десното крило на Организацијата, на 2, 3 и 4 (15, 16 и 17 според новиот календар) јануари 1903 година во Солун беше одржан конгрес на ТМОРО на кој беше донесена одлука за кревање востание. На Конгресот учествувале Иван Гарванов, Спас Мартинов, Димитар Мирчев, Лазар Димитров, Тодор Пејков, Иван Сапунаров, Велко Думев, Никола Петров, Христо Влахов, Никола Хрлев, Димитар Занешев, Анастас Лозанчев, Димитар Ганчев, Иван Ингилизов, Георги Варналиев, Тодор Лазаров и Христо Поп Коцев. Како што се гледа, Гарванов успеал на Конгресот да не присуствуваат Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои, несомнено, со својот авторитет би придонеле Солунскиот конгрес да не ја донесе одлуката за кревање предвремено востание.

Учесниците на Конгресот не ги "претставувале рамномерно сите окрузи на Револуционерната организација. На тој начин, Конгресот не бил комплетен и, според тоа, во ваков состав не можел да донесува крупни решенија, без согласност на сите револуционерни комитети." Што се однесува до застапеноста на сите краишта на Македонија на Солунскиот конгрес, "веднаш паѓа во очи дека во записникот се говори само за претставници на реони и во случаите кога пред себе имаме цели окрузи. Од друга страна, три окрузи имале само по еден делегат (Битола, Одрин, Серес), а од другите три - по неколкумина (Солун - четири и тоа без тројцата членови на ЦК, Скопје - два, Струмица - два). " На тој начин, "излегува дека присутните делегати застапувале одвај една третина од реоните на ТМОРО."

И на Солунскиот конгрес се одразиле несогласувањата околу подигањето на востанието. Противниците на востание што би се дигнало во 1903 година сметале дека "револуционерните окрузи не се доволно подготвени со оружје и со раководни бојни кадри и дека моментот уште не е погоден. За подигање востание најмногу инсистирал Иван Гарванов, кој, меѓу другото, говорел дека во случај на востание можело со сигурност да се смета на помош од Бугарија." Гарванов успеал да ги убеди повеќето делегати, со што одлуката за востание била донесена. Што се однесува до карактерот на востанието, "се прифатил предлогот тоа да биде ‘општостратешко’."

Како што веќе рековме, левото, македонско крило на ТМОРО наполно не се согласувало со одлуката востанието во Македонија да се подигне во 1903 година. Така, на пример, Јане Сандански вели дека по веста за одлуката на Солунскиот конгрес, "мене како ровја да ме удри. Паднав сосема отепан и не можев да одам." Сандански, впрочем како и Делчев и Петров, смета дека "востание може да се прави само ако сите се подготвени и без да се надеваме на надворешни ветувања."

По Солунскиот конгрес, Христо Матов и Христо Татарчев, чија активност била во рамките на проврховистичката ориентација на Гарванов, во Софија свикале советување на кое учествувале главните и најавторитетните идеолози и раководители на ТМОРО. Целта на советувањето била да се убедат овие македонски револуционери во неопходноста да се крене востание, бидејќи Гарванов и неговите соработници биле свесни за значењето на нивната поддршка. Советувањето било одржано во јануари 1903 година и на него учествувале, меѓу другите, и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев и Иван Хаџи Николов. И на ова советување се диференирале две групи - врховистичката и македонската. Во првата спаѓале Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов и уште неколкумина, а втората ја предводеле Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Пере Тошев немал диферениран став за востанието, образложувајќи го тоа со неговото неодамнешно враќање од затвор и непознавањето на состојбите.

Христо Матов своето залагање за востание го образложил вака: "Непосредната и главната цел на востаничките дејства (тој го изоставил терминот востание) би била да се посегне што посилно врз интересите на блиски и далечни држави, што би предизвикало ефикасно надворешно мешање, кое би довело до автономија на Македонија". Во редот на блиските држави на кои Х. Матов им признавал интереси во Македонија, требало на прво место да се вброи Бугарија. ‘Целта на нашите дејства не беше пишува тој, ние да станеме господари на ситуацијата, туку турската власт да не биде господар на положбата во земјата.’ Тој го отфрлил масовното во смисла на масовно дејствување со оружје. Според него, борбата требало да се води како герила и само од опитни и калени поединци, што би значело чисто четништво. И за мнозинството учесници на Солунскиот конгрес профилот на востанието изгледал слично. Неговата главна задача била да го привлече вниманието на надворешниот фактор и да доведе до надворешна интервенција.

Став сосема спротивен од врховистичкиот имале Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Тие сметале дека востанието не смее да се дигне во 1903, кога се уште не биле стекнати сите услови. Така, на пример, Ѓорче Петров подвлекувал дека "ако го прогласиме ова востание, ќе ја подбиеме идејата за сенародно востание за долго време, зашто ќе се кренат само неколку околии. Уверував,продолжува тој во своите сеќавања, дека е сега невозможно сенародно востание, зашто уште нема подготовки, ниту нужни материјали. За одоваде вардарскиот дел им претскажував дека ние ќе работиме против сами себеси, зашто ќе ја повториме 1895 година - востание само со чети од Бугарија, што ќе биде против основните задачи на Организацијата...". Ѓорче Петров ни го оставил и ставот на Гоце Делчев околу востанието: "Делчев се обиде да ги урне мислењата, тој немаше дар за зборување, се искажа дека е категоричен противник на востание какво што проектираа, а е за востание какво што бевме планирале јас и тој. Делчев се запали, се испоти, се расфучи." А Гоце Делчев имал и зошто да се расфучи - Петров ни го оставил профилот на материјално- техничката подготвеност на луѓето на Организацијата во Македонија: "За штогоде подготвени можат да се сметаат само седум околии: Костурската, Леринската, Битолската, Демирхисарската, Кичевската, во Солунско само Кукушката, и тоа доста слабо; во Струмичко само Струмичката околија, и тоа со незгодни пушки кримки, и во Скопско само Штипската околија, со кримки и со мартинки..." Наместо вакво, неподготвено востание, Ѓорче Петров предлагал "перманентно востание": "Ние препорачуваме да се измени тактиката на дејствата на четите и на диверзантските елементи по градовите, да се почне активно дејствување кое да се доближи до востание. Јас настојував да им ги разврземе рацете на четите и на градските раководители за поединечни акции во целата земја, кои подоцна би прераснале во вистинско востание." Гоце Делчев бил близок до идејата на Ѓорче Петров. Тој вооружените активности ги гледал како "напади од страна на четите против аскерски единици и атентати од страна на решителни момчиња по железничките линии, а исто така и против државните установи."

Излагањата на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, со својата аргументација, не оставиле многу простор - заклучокот на советувањето бил: против избрзано востание! "Како резултат на сето тоа, апсолутното мнозинство реши да им се соопшти во Солун, од името на сите присутни, дека сме против земеното решение за востание," пишува Горче Петров во своите сеќавања. - "Борис (Сарафов) и Славчо (Ковачев) навидум се согласија (гласаа против). Останаа само Матов, Татарчев, Хаџи Николов и уште еден-двајца, кои гласаа за востание. Бевме натоварени јас и Матов да го пишуваме писмото. Јас побарав тој и јас да го составиме одделно проектот за одговор. На собранието мојата редакција, поотворена и порешителна, се прими и се испрати во Солун како мислење на овдешните претставници на Организацијата. За забележување е дека најмногу беа за востание оние околии, кои подоцна не зедоа учество во востанието."

Противењето да се крене неподготвено востание на видните дејци на Организацијата се обидел да го анулира Гарванов, кој со Думев дошол во Софија кон средината на јануари. Двајцата во Бугарија "одржувале средби и, скришно од Ѓорче Петров, се договарале само со двајца задгранични претставници и со Сарафов. Петров одбил да се состане со емисарите од Солун, зашто тие криеле од него што прават и зошто се дојдени, а Пере Тошев ги оставил без определен одговор. Во тие денови, Гоце Делчев не бил во Софија, тој ја минал границата и на 12 (25) јануари веќе бил во Разлошката Котлина. Мисијата на двајцата емисари успеала. Христо Матов и Христо Татарчев испратиле ново писмо во Солун, во кое известувале дека, наводно, луѓето на Организацијата во Софија, со исклучок на поединци, се согласни со одлуката на јануарскиот конгрес." Во писмото, се разбира, не стоело дека тие "поединци" се главните дејци на ТМОРО - Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Така, "одлуката за востание била дело, во прв ред, на Иван Гарванов, Анастас Лозанчев, Христо Матов и Христо Татарчев, кои ја имале согласноста на Даме Груев. Нејзиното спроведување ќе биде дело на далеку поширок круг раководители и активисти."

Извор: Македонско братство

February 16, 2015

Младотурската револуција

Во 1876 година новиот султан Абдул Хамид II го суспендира недолго пред тоа донесениот Устав, а неговите приврзаници ги прогони. Меѓутоа, овие политички емигранти на Запад покренаа широка пропагандна активност, во која бараа реформи во Отоманската империја, кои би претставувале трансформација на стариот државен строј, врз основа на демократските принципи што ги барало времето. Приврзаниците на реформите го добија името "младотурци", име под кое во 1908 година била подигната Младотурската револуција.

Во 1891 година во Женева е формиран "Отомански комитет за единство и напредок", кој подоцна, во времето на Младотурската револуција, прерасна во партија "Единство и напредок", а чии цели биле "борба за запазување на целоста на Отоманската империја, а во тесна врска со ова радикално реформирање на Турција" , односно, повторно заживување на уставноста и редуцирање на апсолутистичката власт на султанот.

На 3 јули 1908 година, Нијази-беј, командант на турскиот гарнизон во Ресен, и ја откажал послушноста на Големата порта и со својата единица почнал операции против властите во околијата на Ресен. Нему му се придружиле младотурските комитети, во соработка со албанските лидери. Превратот почнал да се шири и набрзо бунтовниците контролирале една широка територија, која во себе ги вклучувала Преспанско, Охридско, Струшко, Дебарско, како и дел од албанската територија. На 22 јули младотурците ја освоиле Битола, притоа ослободувајќи ги сите политички затвореници. Утредента, во Солун, се одржале големи демонстрации, на кои учествувале околу 30.000 души. И во Солун биле ослободени политичките затвореници.

Покрај ослободувањето на политичките затвореници, младотурците ги легализирале и вооружените чети. На 31 јули 1908 година, во Солун, Јане Сандански упатил Манифест до сите народности на Османската империја, во кој го повикува и христијанското население во борбата против султанскиот апсолутизам. Обраќајќи се до Турците, Сандански во Манифестот вели дека "управниците лажеа досега дека христијаните биле ваши непријатели. Сега вие разбирате кои се ваши браќа, а кои ви се непријатели." Во делот на Манифестот со кој Сандански се обраќа до христијаните, се вели "Да ги закопаме заедно со апсолутизмот и создадените од него национални самоистребувачки борби." При тоа, Сандански предупредува: "Не подавајте им се на престапните агитации кои можеби ќе се поведат од официјалните власти во Бугарија против нашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција што се стреми кон слобода."

Единиците што Абдул Хамид II ги испратил да го задушат востанието откажале да се покоруваат на султановите наредби. Падишахот немал друг излез - на 24 јули 1908 година одново стапил на сила Уставот од 1876 година.

Основните принципи на новиот-стар Устав ги одбележува д-р Манол Пандевски: "Слободите, според овој Устав, биле сосема ограничени, а многу негови одредби биле реакционерни. Султанот и натаму ги задржувал прерогативите на ‘највисок калиф’ и ‘падишах’. Неговата личност била неприкосновена и неодговорна пред законите на земјата. Уставот му давал право да ги назначува и отпушта министрите, да ги поставува сенаторите. Муслиманскиот елемент бил поставен во привилегирана положба. Правата на немуслиманите, и како поединци и како народносни заедници, биле ограничени. Уставот им ги оставил дотогашните привилегии на пропагандните црковно-школски институции во Македонија. Тој не предвидувал да се воведат економско-општествени односи на штета на феудалните сили. Уставот утврдувал дводомен парламентарен систем: покрај Народното собрание, постоел и Сенат, кои заедно го сочинувале Отоманскиот парламент. Сенатот бил составен од претставници од турската висока бирократија и од крупните земјовладетели. Тој имал задача да ја ограничува и без тоа, речиси, никаквата законодавна иницијатива на собранието." Како што се гледа, Уставот не докрај ги донел очекуваните реформи, но, сепак, овозможил создавање на една сосема друга општествено-политичка атмосфера во Македонија.

Извор: Македонско братство

February 12, 2015

Лозарите

Во Виена во 1894 година, под псевдонимот Вардарски, Петар Поп Арсов ја издаде брошурата "Станболовштината во Македонија и нејзините претставници". Тоа беше единствена книга во тоа време, која толку јасно и недвосмислено ја отслика и разобличи непријателската улога на Бугарската егзархија и нејзиниот училиштен оддел кон Македонија.

Петар Поп Арсов мошне јасно ја сфатил улогата на Егзархијата и нејзините училишта ширум Македонија како "тројански коњ" за да "создадат во Македонија Бугари", како што тој самиот во брошурата ќе напише. Поп Арсов и припаѓаше на онаа голема група од околу 40 македонски ученици и студенти, кои, истерани од егзархиските училишта во Македонија, преминаа во Белград, па таму, откако не се согласија со великосрпската политика, кон 90-тите години на минатиот век, се преселија во Софија, каде што ја формираа Младата македонска книжевна дружина и каде што почнаа да го издаваат списанието "Лоза". Во таа група беа, покрај другите, Петар Поп Арсов, Даме Груев, Крсте П. Мисирков, Григор Хаџиташковиќ, Димитар Мирчев, Ѓорѓи Белев, Тома Карајовов, Христо Матов, Андреј Љапчев, Ѓорѓи Балашчев, Климент Караџулов и Христо Поп Коцев.

Крсте П. Мисирков ќе напише во "За македонцките работи": "Мислата за национално обединување на Македонија, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 година. Кон крајот на 1890 година во Бугарија се префрлија 30-40 ученици и студенти Македонци од Белград. Тие ученици се душата на сите собитија во Македонија од тогаш до сега. Тие ги запознаа Србија и Бугарија со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја осознаа опасноста за поделбата на Македонија меѓу тие две држави, доколку Македонците сами не се вооружат, за да ја извојуваат сами, со сопствени сили и средства, слободата и со тоа да ја предупредат поделбата на Македонија... По нивна иницијатива, се формира, кон почетокот на 90-тите години, еднонационално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со подигање на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието ‘Лоза’."

Дружината, полуилегално, беше формирана во втората половина на 1891 година и во неа влегоа највидните претставници на тогашната млада македонска интелигенција. Се претпоставува дека соработници на Движењето биле и Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров. Во јануари 1892 година излезе првиот број на "Лоза". Во него беше објавен и Уставот на Дружината, кој во три точки ја определуваше нејзината цел: да издава свое списание, да ги постави основите на читалиште во Софија и да прави "други благодејанија", како, на пример, поддржување ученици и слично, ако за тоа има средства.

Како што се гледа од Уставот, нема ништо пошироко на национален план. Меѓутоа, воведниот збор, практично, беше платформата зад која стоеше младата Македонска книжевна дружина. Наместо наслов тој ја имаше мислата на Софокле: "Ништожник е оној што има подобар пријател од татковината". Во воведниот текст се нагласува стремежот на "штогоде чувствителниот Македонец, каде и да се наоѓа тој", треба да е ист - засилен отпор на Македонците против "грабливите посегнувања" кон Родината! А за да се засили тој отпор, потребно е да се обединат раздробените, разнишани сили во една општа, моќна сила - народна сила, ако се сака да се зачува иднината на својата татковина, Македонија!

Во истиот тој, прв број на "Лоза", се појави и статијата на охриѓанецот Горѓи Балашчев под псевдонимот "Езерски", озаглавена "Неколку белешки". Балашчев, кој две години пред тоа ја издаде брошурата "Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци", на македонски јазик, во статијата, прави преглед на објавуваните патеписи за Македонија, сакајќи на тој начин "да ги потсети претендентите на историското минато на Македо-нија", како и да го "обележи самостојниот развиток на македонскиот народ".

Наспроти тоа што еден дел од материјалите во "Лоза", како во првиот така и во неколкуте наредни броја, барем оние што се однесуваа на "македонското прашање", беа пишувани деликатно, сепак, реакцијата беше жестока. "Појавата на ‘Лозарите’ беше примена како природно продолжение на движењето што го водеше скопскиот митрополит Теодосиј".

Органот на бугарската влада, весникот "Свобода", пишуваше: "Кога усилбите на целата интелигенција, на целиот бугарски народ, засега се насочени кон глува, бесшумна борба за бугарското национално единство, кога се арчат и пари и сили и народна енергија и кога, во таа борба со Србите и Грците не се штеди ништо за да победи идејата за тоа дека Бугаринот од Македонија, Тракија и Мизија е син на една и иста мајка-Бугарија, дека тој има еднакви обичаи, нарави, јазик, политички стремежи и идеали и при сето тоа... во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија, излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека Македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!".

Она што "Лоза" не го кажуваше јавно, "оние" од другата страна гласно го потенцираа: "Од статијата ‘Неколку белешки’ се гледа дека Дружината припаѓа кон ‘денешниот преовладувачки словенски елемент’, дека името на тој елемент му е ‘Македонци’, дека Македонија е нивната татковина и дека таа е ‘одделно словенско’(!?) господарство, чие минато е покриено со блесок, особено од времето на Филипа и Александар Велики...", пишуваше "Свобода".

Всушност, "Свобода" точно ја прецизира националната програма на "лозарите": нивната татковина е Македонија, таа е населена со одделно словенско племе наречено Македонци, преку нејзиниот простор беснеат пропагандите на Бугарија, Грција и Србија, чија цел се сведува на едно те исто - посегање по македонската територија, и дека е потребно да се оформи македонски литературен јазик, што ќе се потпира на охридското поднаречје.

Фронталниот напад на софискиот печат врз "Лоза" и "македонските сепаратисти" значеше само едно: Софија нема да дозволи раѓање на какво и да е "сепаратистичко" движење против "усилбите на бугарскиот народ за бесшумна борба за бугарското национално единство". "Лоза"се појави уште двапати и тоа бројот 2 и двобројот 3-4 и кон почетокот на летото 1892 година престана да излегува. Во меѓувреме Младата македонска книжевна дружина беше растурена.

Десетина години подоцна, Крсте П. Мисирков напиша: "Тоа духовно движење на Македонците не и се бендиса на бугарската стамболовска влада, која забрани да се издава ‘Лоза’ и фати да ги гони македонските сепаратисти". Коста Шахов, еден од оние духовни двигатели на македонското национално чувство во последните децении на минатиот век и претседател на ММКД, во 1894 година пишуваше како се однесе официјалната власт кон ММКД: "Ако ја земе човек предвид силата на таа гнасна ‘Свобода’ во она време ќе ја разбереме положбата на оние бујни младинци дури и без да кажуваме дека еден нејзин член власта го интернира, ќе ја разбереме положбата на Дружината...".

Разбивањето на Дружината не значеше, ниту пак можеше да значи и разбивање на нејзината основна идеја -веќе идната година во Солун беше, на иницијатива на нејзини членови, формиран "Комитет за добивање политичките права на Македонците дадени од Берлинскиот конгрес", од кого потоа, според сведочењето на Петар Поп Арсов, се разви Тајната македонско-одринска револуционерна организација. Во "Стамболовштината...", Петар Поп Арсов ќе подвлече дека овој Комитет, всушност, е модифицирано продолжение на "лозарската" идеологија. Фактички, ставовите застапени во "Стамболовштината..." на Поп Арсов претставуваат "доградување на ‘лозарството’ и како Движење". Интересно, бугарската влада формира своја ММКД и се обиде повторно да го издава списанието "Лоза" (излегоа само два броја на бугарски јазик, со нагласена бугарска националистичка идеологија), меѓутоа, без некој поконкретен резултат. Остана вистината дека ММКД и "Лоза" во последната деценија на XIX век, со прашањата што ги актуелизираа и со директната провокација на националното чувство на Македонија, станаа "меѓник во македонската историја", меѓу две драматични и преломни етапи од развојот на македонската национална самосвест.

Извор: Македонско братство