Напоредно со утврдувањето на сопствената државност, соседите на Македонија сѐ повеќе се вртеа кон македонскиот простор, трудејќи се да го докажат своето "историско право" на Македонија. Севкупноста на инвестираните средства, формите и методите применети во тие широки активности, само за да ги реализираат своите намери, ја формираат содржината на политичките и националните пропаганди. Без сомнение, најстара од нив беше грчката пропаганда, која се трудеше да докаже дека Македонија отсекогаш била "стара грчка земја", па како таква оправдано е нејзиното вклучување во рамките на грчките граници. Етнографските карти издадени од грчка страна, во Лондон и Париз, во 1876 година, беа само еден дел од широчината на "докажувањето" за тоа оти не само што Македонија, наводно, била грчка, туку и дека границите на таа Велика Грција одат до Качаник и Ќустендил.
Отворањето грчки училишта и културно-просветни организации, во кои се прибираа приврзаници на гркофилството, беше, за македонското население, најраширената и најпогубна форма на таа пропаганда, форма преку која Грција влијаеше на формирањето, кај еден дел од населението, грчка национална свест. Ова влијание најпогодна почва најде меѓу Власите, етничка група во Македонија, која преку трговијата беше доста поврзана со грчките трговски центри. Друштвото за ширење грчка писменост од Атина, преку грчките конзулати во Солун, Серез, Битола и Скопје, настојчиво работело на ширење на мрежата од грчки училишта низ Македонија. До 1872 година грчкиот пропаганден центар во Серез добил 1.320.000 драхми за збогатување на својата активност. Во 1879 година, Друштвото, како помош на грчките училишта во Серез и Серско, дало 180.000 драхми, а веќе идната година трипати повеќе. Покрај мрежата од основни училишта, трите учителски школи и двете полугимназии, великогрчката пропаганда по Берлинскиот конгрес, само во Битола отворила машка и женска гимназија, богословија, неколку основни училишта и повеќе забавишта. Се на се, во 1886 година Грција во Македонија имала 836 свои училишта.
Не треба да се споменува присуството на Цариградската патријаршија, практично, грчката црква, чие влијание врз христијаните во Македонија, со векови, беше превосходно. По 1878 година, Патријаршијата ја засили својата активност, особено во Битола, преку митрополитите Неофит и Александар. Овој последниов, во договор со Атина, дури подготви и бунт, чија цел беше Македонија да се отцепи од Турција и да се приклучи кон Грција. Турската власт во 1892 година ги откри подготовките, митрополитот беше фатен и протеран, а соработниците притворени.
Великогрчката пропаганда, наспроти широчината на својата активност, почна да губи здив, а со тоа и приврзаници, по појавата на романската пропаганда, под чие влијание многу Власи го променија мислењето на чија националност и припаѓаат.
Великосрпската пропаганда своите корени ги влече од "Начертанието" на Илија Гарашанин од 1844 година. Во овој програмски документ за надворешната политика на Србија особено е нагласена потребата Кнежевството Србија да води перманентна политика во рамките на своите граници да ги "приклучи сите српски народи што го опкружуваат", програмско начело кое во следните децении и децении Србија ќе ја вовлече во повеќе воени катастрофи. "Српската држава...", подвлекува во "Начртанието" Гарашанин, - "која мора да се распространи и да се зајакне, своја цврста основа и темел има во богатата и славна српска историја... значи нашата сегашнина нема да биде без сојуз со минатото, туку ова ќе претпоставува една зависност, составена и устроена целина, и затоа српството, неговата народност и неговиот државен живот, стои под заштита на светото историско право...". Податоците говорат дека дури по 1868 година, кога српската влада го "отвори кесето", почнува нејзината заинтересираност да го надополни она што во изминатите години не го направи. Тогаш во Белград беше формиран Просветен одбор, чија задача беше отворање српски училишта во Стара Србија (Косово и Метохија) и Македонија. Само за пет години овој Одбор отвори повеќе од 60 училишта на овој простор.
Нов замав на српската пропаганда, која по српско-турските војни од 1876 до 1878 година мораше да се повлече, започна, како во Грција и Бугарија, впрочем, по Берлинскиот конгрес. Настаните на Балканот ја принудија Србија да почне со планска пропаганда во Македонија. Таа се сврте кон оние кои беа против ширењето на егзархиското влијание на балканскиот простор.
Српските претензии кон Македонија се протегале на југ до Лерин и Струмица. Првите знаци на пожива активност на великосрпската пропаганда беа одржаните митинзи во Белград, Ниш и Врање, на кои беа донесени резолуции со кои се осудуваше великобугарската пропаганда и се тврдеше дека народот во Стара Србија и Македонија е дел од српскиот народ, а Стара Србија и Македонија делови на српската земја.
Летото 1886 година Друштвото "Свети Сава" отворило две училишта во Белград: Светосавското вечерно училиште, наменето за описменување на возрасни македонски печалбари (него во учебните 1887-1890 год. го завршиле 700 до 800 луѓе), и Светосавското подготвително училиште, преку кое требало да се подготват (за две учебни години) учители за српските училишта во Македонија.
Ова училиште за две учебни години го завршиле 467 ученици. Само во текот на 1887 и 1888 година во Македонија биле отворени 37 основни училишта во кои почнале да работат 54 учители.
Тие месеци штотуку поставениот српски пратеник во Цариград, Стојан Новаковиќ, ангажирал луѓе, кои почнале да работат на "Македонски буквар" на македонски јазик. Целта на Букварот, според тоа како Новаковиќ ја формулирал, изгледала вака: "... тој би требало да се подготви за ширење на српската писменост и српскиот јазик во Македонија". Букварот излегол во печат на 18 мај 1889 година и бил растурен во Битолскиот и Солунскиот вилает, иако таму немало ниту едно српско училиште. До крајот на годината бил отпечатен и календарот "Голуб" со делумна употреба на македонскиот јазик, а нешто подоцна и Читанката за основни училишта, исто така на македонски јазик.
Од сето ова може да се добие погрешен впечаток дека српската пропаганда ја ширела свеста за посебноста на македонскиот јазик, ако не се знае намерата на Стојан Новаковиќ, образложена во три точки до владата во Белград: дека македонскиот дијалект е различен и од српскиот и од бугарскиот, дека има нешто заедничко и со едниот и со другиот. Второ: дека бугарскатата пропаганда вложила големи напори да ја искаже разликата меѓу македонскиот дијалект и српскиот јазик и, трето, дека е во интерес на Србија "трпеливо, солидно и систематски" да тргне по истиот пат, докажувајќи дека нема разлика меѓу српскиот јазик и македонскиот дијалект, значи, спротивно на бугарските стремежи и настојувања.
На тој начин српската пропаганда влегува во нова фаза, кога станува збор за нејзиното освојување на македонската територија. За тоа Новаковиќ му пишуваше на тогашниот српски министер за просвета д-р Владан Ѓорѓевиќ: "Бидејќи бугарската идеја... фатила длабоки корени во Македонија, сметам дека речиси е невозможно да се расколеба, изнесувајќи ја наспроти неа само српската идеја... Па од помош ќе им биде некаков сојузник, кој остро би бил против бугаризмот, а кој во себе би имал и елементи што можат да ги повлечат со себе народот и народните чувства, отцепувајќи го од бугаризмот. Тој сојузник јас го гледам во македонизмот, или во извесни мудро негувани граници, во негувањето на македонскиот дијалект и на македонската посебност. Нема ништо толку спротивно на бугарските тенденции како фактот дека Бугарите не можат со никого да дојдат во понепомирлива положба отколку со македонизмот".
Двајца агитатори на српството во Прилеп, д-р Светислав Правица и Шпиро Копривица, изготвиле програма за дејствување на српската национална пропаганда и во август 1878 година ја доставиле до Белград. Во десетте точки на програмата, меѓу другото, се предлагало "да се искористи незадоволството на македонското население од Бугарската егзархија, да се помогне настојувањето на македонските црковни општини да се отцепат од неа, а на свештениците, учителите и црковноучилишните општини, што ќе с го свртат грбот на Егзархијата, да им се дава постојано материјална помош". Програмата содржела и предлог да се печати весник на македонски јазик, да се испраќаат српски учители во Македонија, да се "печатат учебници и книги на српско-македонски дијалект", како и да се организира вонучилишна работа на учителите за просветување на народот.
Во меѓувреме, во 1886 година, српската влада во Софија стапила во врска со неколку члена на Тајниот македонски комитет. Поточно, Наум Евро, Коста Групчев, Васил Карајовов и Темко Попов, раководители на Тајниот македонски комитет од Софија, и се обратиле на српската влада со молба да ја помогне нивната активност за елиминирање на бугарската пропаганда од Македонија. Истата година во Цариград, со благослов на Стојан Новаковиќ, било формирано Друштво на Србо-Македонците во кое влегле и членовите на Тајниот македонски комитет од овој град. Во програмата на Друштвото, во која, меѓу другото, се бара од Високата порта издавање весник на чисто македонски јазик, стои (во политичкиот дел) дека весникот ќе го "подигне црковното прашање за откажување на Македонија од бугарскиот Егзарх", ќе се бара обновување на Охридската архиепископија, која, навистина, ќе биде под Цариградската патријаршија, меѓутоа, под која ќе бидат обединети сите македонски епархии. Весникот, исто така, ќе му докажува на македонскиот народ "дека не е бугарски, дека со Бугарите нема веќе никакви врски, дека Бугарите се непријатели на македонскиот народ". Весникот ќе треба "да води сметка за своите народни особини, јазикот и обичаите" итн. Што се однесува до филолошката страна на весникот, во него "ќе се пишува на чисто македонски јазик".
Се разбира, покрај оваа чисто национална димензија што ја карактеризира Програмата на Друштвото на Србо-Македонци од Цариград, не може да се избегне српското присуство во неа. Имено, токму во членот 1 од филолошкиот дел, каде што се вели дека во весникот ќе се пишува на чисто македонски јазик, се додава: "... но бидејќи македонскиот јазик не е книжевно обработен, да се исфрли секој бугарски израз, а да се воведе српски...".
Оваа група членови на Тајниот македонски комитет, од страна на бугарската пропаганда беа наречени "македонски сепаратисти". Според тесните национални погледи на бугарската историографија, оваа појава во развитокот на македонскиот народ е оквалификувана како "македонски сепаратизам", затоа што Македонците одбиваат да се вклучат и самите, и својата татковина, во границите на Бугарија, туку се борат за самостоен културен и политички развој. По Берлинскиот конгрес ова Движење доби такви размери што стана едно од главните опасности за грчките и бугарските национални интереси во Македонија.
По договорот за соработка со српската влада, Наум Евров и Коста Групчев тргнале за Цариград да работат на издавањето на весникот "Македонски лист", а Васил Карајовов и Темко Попов тргнале за Македонија. Во Солун, каде што се населил, Попов се поврзал со српскиот генерален конзул, кој побарал од него да направи програма што ќе ја помага Белград. Во Привремената програма (28 јуни 1887 година) Темко Попов побарал да се назначат 12 учители во Македонија кои, по можност, ќе предаваат на македонско наречје. Натаму, во Програмата, се предвидува "сите нивни настојувања да се стремат кон будење на народот од лажната идеја за остварување на Севкупна Бугарија и промовирање на една друга, сосема спротивна: Македонија за Македонците!". Освен ова, Попов предлага во Солун да се отвори читалиште, во кое ќе се "зближуваат идеите" и кое со текот на времето ќе се "претвори во централно друштво". Негови филијали да се отворат во поважните пунктови на Македонија. Покрај барањето во Солун да почне да излегува неделник "под надзор на овдешниот Генерален конзул", Попов во Привремената програма предлага да се разгледа и црковното прашање, под што подразбира "вложување најголеми усилби да се уништи" Егзархијата, која незаконски постои! И "наместо неа да се установи Охридската архиепископија".
Додека неговата Привремена програма беше земена во постапка, Темко Попов напиша подолга статија "Кој је крив", мошне интересен документ за општествените движења во Македонија во тие години. Во "Кој је крив", тој ја развива идејата во Македонија, наместо бугарско и грчко свештенство, да биде именувано исклучително македонско, како и идејата од Дебарската, Охридската, Прилепската, Велешката, Скопската, Воденската и Приштинската епархија да се повлечат грчките владици, а наместо нив да се избираат "кандидати за митрополити измеѓу својите сограѓани и еднородници", а Патријархот "само да ји ракоположује... без да има влас даји променује или сосема даји отфрла без саканје на народот". Интересно е гледањето на Попов дека "помегју нас Македонциве нема интелигенција, а си сме шоролопчји готоачи"... Па продолжува: "Ама ако во едно општество, во еден народ, нема интелигенција, тогај тоа општество не се вели општество, тој народ не се вели народ, туку збирштина. Денеска, кога светов се печали не да има интелигенција во својот народ, а сијот народ да је таков, није сиромаси си одиме као ракот! Не за фалење ќе кажа оти ние Македонциве од натурата не сме дарцјани да валиме и не валиме кон назад, кон мрак, а, напротив, наш отличен белег бил ије: бистрина на умот, љубов кон науката и кон друзи трговски завзиманја. А пак сега што не зеде матната и сме олку ништи духом!... Ами коаје таке, која е причината на оваа наша нараствена мртвост, на оваа наша голема заспаност? Којаје причината за оваа наша умствена тромост?... Велам је Егзархијата и егзархијските милости..."
На 26 јули 1887 година Наум Евро и Коста Групче се обратија до претставниците на големите сили во Цариград барајќи од нив поткрепа на барањето да се одобри во престолнината излегување на весник, преку кого македонското население ќе му објави на светот дека е "посебен народ, со посебна историја, нарави и обичаи' (подвлечено во оригиналот - з. н.) и дека нема ништо општо со околните државички - "па според тоа, никој нема право да претендира на Македонија.И таа останува на Македонците". (подвлечено во оригиналот - з. н.).
На 9 мај 1888 година Темко Попов му пишуваше на Деспот Баџовиќ: "... да не се лажеме, Деспоте, националниот у Македонија до такво дередже денеска је стигнал, што то и сам Исус Христос ако слезит од небоно не можит да го уверит Македонеца оти тој е блгарин или србин, освен оние Македонци у кои веќе пропагандата блгарска се има вкоренено".
Попустливоста на Стојан Новаковиќ и српската пропаганда, воопшто, никогаш не ги надминувала границите на нејзините интереси во Македонија. Соработката со македонските сепаратисти и со македонските национални дејци била наметната од потребата да се стекне и нивната доверба и довербата на македонскиот народ. Не може да се рече дека таквата активност на српската пропаганда не вродила со плод. Меѓутоа, потребно е да се констатира дека "македонскиот народ во српската национална пропаганда гледал заштитник, готов да му даде помош во отпорот против бугаризмот". Револтот што се изразувал против Егзархијата, се претворил во револт против Бугарија. Типичен пример за тоа е јавно изразеното незадоволство на учениците од седми клас на Бугарската гимназија во Солун, кои во јануари 1888 година, отворено изјавиле пред гимназиските власти дека "не можат да работат на бугарски јазик, туку сакаат да работат и да им се предава на нивниот домашен, македонски дијалект". Осумнаесетте исклучени ученици, меѓу кои биле и идните основачи на националните и политичко-револуционерни организации, како Даме Груев, Петар Поп Арсов, Димитар Мирчев, Христо Поп Коцев и други, заминале за Белград, каде што го продолжиле школувањето. Обидот, веднаш по пристигнувањето во српската престолнина, да почне нивната денационализација, преку промената на нивните имиња, и отпорот на учениците, покажува дека националното чувство кај идните интелектуалци во Македонија, веќе почнало да фаќа длабоки корени.
Карактеристично за великобугарската пропаганда е тоа што таа беше започната пред да се формира бугарската национална држава (1878). Зашто пред тоа беше формирана бугарската национална црква, т.н. Бугарска егзархија, која една од своите први акции насочи кон Македонија, како јасен одраз на аспирациите на бугарската буржоазија кон својот западен сосед. По формирањето на Бугарското кнежевство,целокупниот пропаганден апарат на Егзархијата, Софија го зеде под себе, централизирајќи ја и зајакнувајќи ја пропагандата максимално. Во 1882 година тогашниот претседател на владата, Стоилов, во еден напишан извештај до кнезот, чиј програмски карактер бил недвојбен, го утврдил односот меѓу владата и Егзархијата при што ја подвлекувал неколупати потребата Егзархијата својата просветна активност да ја врши исклучиво под врховен надзор на владата. Од петте точки на овој документ, во втората прецизно е речено дека Егзархијата треба да спроведува еднообразност во организирањето на црковноучилишните општини во Македонија и преку нив да ја изведува својата активност на теренот, што во практика значело "уништување на локалните самоуправи на македонските црковноучилишни општини и нивно потчинување на диктатите на Бугарската егзархија".
Средствата со кои Софија ја стимулирала егзархиската активност во Македонија, од година во година станувале се поголеми и поголеми: во 1881 година 100.000 лева, четири години потоа (за Македонија и Одринско) повеќе од 570.000 лева, а во 1890 година 5.500.000 француски франци. Со таква широка помош и резултатот не изостанал: во Солун биле формирани, на пансионски принцип, машка и женска гимназија, учителски паралелки во Солунската и Битолската гимназија, учителски школи во Скопје и Серез. Веќе во 1886 година бугарската пропаганда во Македонија имала 306 училишта со 18.570 ученици и 358 учители, а две години подоцна бројот на основните училишта нараснал на 748 и 63 класни со 25.996 ученици и повеќе од 1.000 учители. Во 1884 година во Прилеп е отворена богословија во која требало да се школуваат идните егзархиски свештеници. Не штедејќи, туку широко помагајќи ги учениците со стипендии и други форми на материјална поткрепа, Егзархијата без поголеми проблеми врбувала наставен и училиштен кадар за својата огромна мрежа. Се што било раководство во таа мрежа (директори на училишта, училишни инспектори, претседатели на црковноучилишни одбори), се било платено од Бугарската црква и сите тие директно нејзе и биле одговорни.
Егзархијата однела уште една победа: во 1881 година побарала, а во 1890 година од Цариград и добила право Скопската, Велешката и Охридската епархија да добијат бугарски митрополити, во 1894 година бугарски митрополит заседнал и во Неврокоп, а три години подоцна, во 1897 година, митрополити директно потчинети на Егзархијата биле поставени во Битола, Дебар и Струмица. На тој начин Бугарската црква создала во Македонија, значи на дел од Турската империја, држава во држава, контролирајќи го и насочувајќи го не само духовниот и културниот живот на голем дел од македонското население, туку и неговото, во најдобар дел, и политичко расположение и поведение.
Напоредно со ширењето и растењето на влијанието на Бугарската црква на територијата на Македонија, се обликувал и растел отпорот против неа, особено од страна на младите, оние кај кои почнало да се оформува чувството на национална самобитност, или пак тоа веќе станало дел на едно свесно национално и политичко дејствување.
На 18 јули 1888 година на паробродот "Рицар", среде Дњепар, Исаија Радев Мажовски, од Лазарополе, кој по 30 дена илегално патување, и тоа само ноќе, пристигнал во Русија за да им ја честита на "Словенските браќа од оваа ‘славна словенска голема Русија’ 900-годишнината од покрстувањето", на насобраните патници на палубата им се обратил со овие зборови: "... Ние, клетите Македонци, офкаме и плачеме, но никој не сака да не чуе, дури и самите наши браќа ни пречат!...". И уште: "Македонскиот словенски народ е окружен од најлути и отровни змии, тој се дави и измачува од најлути и неумоливи ѕверови!..."
Во првиот број на весникот "Македонија", на 21 октомври 1888 година Коста Шахов од Охрид, во воведниот коментар, ќе запише: "... Ние Македонците, иако сме едни под двојно и тројно ропство, а други прснати на разни страни, сепак, не смееме да си ја заборавиме татковината и должни сме да работиме на подобрување на нејзината положба... Задачата на весникот ‘Македонија’ е да се бори за духовно и културно издигање на Македонците".
Во веќе понапред споменатата статија "Кој је крив", Темков Попов ќе рече: "Мене ми се чини оти причина на оваа наша умствена парализија је... Егзархијата и егзархиските милости (подвлечено во оригиналот - з. н.). Таа Егзархија и тија нејзини милости не напраија готоачи. Тија учители што нији пушта даром, и тија училишта, штоји крепи таа, напраија умствена дембелјанаа во нашата таткојна... Ама не рече некој, оти, ако не беја овија егзархиски милости, није ќе немафме училишта. Не, тоа не је точно. Ние толку добро можевме и можеме да имаме потребните си училишта во таткојната наша, штода немавме потреба... од никакви помочи давани по таков начин... Инако, ако није Македонците не бевме во едно парализирано состојание во кое сме доведени... од Егзархијата - не че го трпевме ова положение на работиве..."
Вознемирени од акциите на Егзархијата и од се поголемото присуство на Бугари во македонската средина, велешани гласно го изразувале своето незадоволство. За да ги успокои духовите во Велес, Егзархијата го испратила највлијателниот Бугарин во тоа време, поетот Петко Славејков. Овој, откако се запознал со работите, ги повикал велешани на разговор. Д. Н. Каранфиловиќ, велешанец, зел збор на состанокот и обраќајќи му се директно на Славејков, велејќи дека никој не го прашал, никој од него не барал совет, па затоа тие свои совети нека ги чува за "своите Шопи", а велешани сами знаат, и тоа подобро од него, како да ги свршат своите работи.
Во 1890 година охриѓани испратиле молба до Цариградскиот патријарх во која напишале: "Ние Словените од Македонија од секогаш сме имале своја црква, Охридска архиепископија, која имаше седиште во нашиот град. Денес ние би сакале одново да си ја вратиме и така да живееме во слога со Великата црква... Покрај тоа што Бугарите не измамија и излагаа, тие ни го отфрлаат и јазикот, ни ги менуваат и нашите свети обичаи, ни ја менуваат сета наша лика и прилика. Ние тоа не можеме повеќе да го трпиме, и не сакаме нашите деца да не колнат нас и гробовите на нашите прадеди. Сега ние се одделивме од Бугарите и сами сочинуваме словенски општини во Македонија и сочинуваме самостоен народ. Како такви, ние сакаме да имаме наша црква, наши училишта. Ние си најдовме и наши учители, кои ги плаќаме и издржуваме...".
Во повеќе македонски градови незадоволството од Егзархијата достигнало таков степен што "се размислува за масовно откажување од егзархиската јурсдикција". Карактеристично е антиегзархиското движење во Варош-маало (1887) во Прилеп: варошани го пратиле својот поп Спасе Игуманов во Цариград, со помош на Стојан Новаковиќ, да се избори во Патријаршијата за признавање на македонска православна општина во Прилеп, која би ја признала јурисдикцијата на Патријаршијата. Патријархот ја прифатил идејата, ама без придавката "македонска". Спасе Игуманов се поврзал со папскиот викар во Цариград и му рекол дека, доколку Рим ја признае македонската православна прилепска општина, тогаш таа би влегла во унија со Римокатоличката црква. И таму бил одбиен,с пак заради придавката "македонска". Во Цариград Игуманов, приватно, се сретнал со митрополитот Теодосиј Гологанов, кој го советувал да "причека додека да узреат условите за обнова на Охридската архиепископија, кога сите македонски епархии под македонско име, ќе се осамостојат од туѓите верско-национални пропаганди во Македонија".
Во ова не само црковно движење против Егзархијата, учествувале повеќе од 3.500 луѓе, што зборува за созревањето на македонската национална мисла. Набрзо иницијативата за самостојна национална општина се проширила и во другите македонски градови, а по три години опфатила повеќе македонски епархии. Нешто пред тоа, кон крајот на 1873 и почетокот на 1874 година, шест црковни општини од Јужна Македонија (Солунската, Кукушката, Дојранската, Струмичката, Малешевската и Ениџе-вардарската), незадоволни од Егзархијата, почнале преговори за унија со Римокатоличката црква во Цариград, заканувајќи се дека на тој начин сакаат да го решат "по 20 години македонското прашање". Станувало збор за добивање своја, македонска црква, во унија со Римокатоличката. Сето тоа започнало нешто порано, како што сведочи викарниот епископ Нил Смоленски, личниот пратеник на егзархот Антим, кој бил испратен да ја проучи ситуацијата во Македонија. Смоленски се убедил лично: движењето за обнова на Охридската архиепископија е присутно, речиси, насекаде во Македонија, особено во Кукуш, Дојран, Струмица, Малешевијата, Воден, Велес и Скопје. Очигледно, кај граѓаните била веќе оформена свеста за посебноста на македонскиот народ и потребата од сопствена, народносна црква. Овие настојувања на народот биле поттикнати и од солунскиот валија Митхад-паша, кој, не дозволувајќи обединување на рајата преку црквата, во судирот мегу Патријаршијата и Егзархијата сакал да го уфрли и "третиот". Тој го искористил антагонизмот мегу македонските црковноучилишни општини и Цариградската патријаршија, од една страна, и незадоволството на општините заради едностраното решавање на црковното прашање во бугарска корист, и во Солун повикал повеќе македонски првенци, сугерирајќи им да формираат своја црква, обновувајќи ја притоа Охридската архиепископија. Турскиот валија потцртал во разговорот дека Македонците не се ниту Бугари, ниту Грци, туку посебен народ, кој има право на своја црква. Сето тоа било во ред, меѓутоа, признавањето на македонската црква би останало отворено, зашто повеќе од јасно било дека ниту Патријаршијата, ниту пак Егзархијата, кои веќе ги поделиле македонските епархии, нема да се согласат да биде призната новата црква. Митхад-паша тоа го знаел мошне добро, а го знаел и тоа дека околу ова прашање ја немал довербата ниту на својата влада. Затоа сугерирал признавањето да дојде од некоја друга, неправославна црква. Така, по кратки преговори, шесте општини на 16 јануари 1874 година, во "името на слободата и човекољубието", побарале покровителство од Англиканската црква. На изненадување на сите, Лондон не го прифатил нивното барање. Наводно "таквиот чекор не бил во духот на англиската политика на Блискиот Исток". Тогаш шесте црковноучилишни општини се обратиле до претставникот на Унијатската епископија во Одрин. Римокатоличката црква, која со внимание ги следела настаните во Македонија и решавањето на црковното прашање на Балканот, имала позитивно мислење околу развојот на настаните за формирање македонска самостојна црква. Дури, преку лазаристичките мисии во Македонија и го поттикнувала. Епископот на Римокатоличката црква во Одрин, Рафаил Попов, ја прифатил молбата на шесте општини. Повеќе црковно-училишни општини во Македонија се приклучиле кон оваа иницијатива, кога се проширила веста дека е прифатена иницијативата на шесте општини од страна на Рим за самостојна македонска црква.
Веста за унијата не ги оставила рамнодушни ниту Цариград, ниту пак Софија. Обединувањето не го прифатиле ни конзулите на големите сили во Солун. Рускиот конзул, на пример, се заколнал дека македонското население во иднина ќе ја нема поткрепата и заштитата на Русија доколку турската власт не се обиде насила да го сопре движењето. Високата порта го сменила под итно Митхад-паша, а за нов солунски валија го назначила огорчениот противник на римокатолицизмот, Омер Февзи-паша. Помогнати од него, патријаршиските духовни власти започнале вистински терор над македонското население, настојувајќи да ги вратат македонските епархии под своја јурисдикција. На Велигден 1874 година, на пример, струмичкиот грчки митрополит насилно влегол во една од двете цркви во Малешевијата да служи литургија, придружуван од турскиот аскер. Народот, незадоволен, собрал слама со намера да ја изгори црквата, заедно со грчкиот владика и другите свештеници. Кајмакамот одвај го спасил владиката. Биле уапсени 60 селани. Во Велес се случило нешто слично. Со помош на малубројните гркомани, главно Власи, свештениците на Патријаршијата тргнале да ги преземат двете градски цркви и гробиштата. Ним им се спротивставиле граѓаните, при што дошло до пресметка, чиј крај бил крвав: неколкумина мртви граѓани и повеќе повредени.
Вака или на сличен начин било задушувано движењето за народносна македонска црква. Под силен притисок од сите страни, тоа почнало да слабее, меѓутоа, и не да исчезне до крај. Во Кукуш и Ениџе-Вардарско, наспроти се, без услови била прифатена унијата.
Борбата за самостојна македонска црква, за обнова на Охридската архиепископија, ја продолжил митрополитот Скопски, Теодосиј Гологанов. Речено е: низ животот и дејноста на скопскиот митрополит "можат да се согледаат сите фази низ кои минал македонскиот народ во процесот на својот национален развиток", зашто овој грчки јеромонах, бугарски архимандрит и екскомунициран македонски митрополит, откако се претрпел за националното самосознавање, со ретка енергија влегол во борбата "за слобода на религиозната свест и за обнова на Охридската архиепископија, како самостојна црква на македонскиот народ".
Одобрението на Високата порта новоназначениот митрополит да замине за Скопје, Теодосиј Гологанов го чекал цели пет години. Конечно, на 15 март 1890 година го добил, и по една недела веќе бил во Скопје. По чистењето на кадарот на Егзархијата низ црковноучилишните општини и пополнувањето на испразнетите места со Македонци, веќе кон почетокот на есента од 1891 година Теодосиј ги заменил црковните свидетелства, кои во меморандумот го носеле името Бугарска егзархија со нови свидетелства и нови документи на македонски јазик. Во почетокот на октомври, за првпат јавно почнал со критика на Егзархијата поради посегање по самостојноста на општините и поради нејзината великобугарска политика, предлагајќи отфрлање на туѓинските цркви - Цариградската и Софиската. Во Штип, на еден црковен празник, за првпат јавно побарал обновување на Охридската архиепископија како македонска национална црква. Знаејќи дека ниту Патријаршијата, ниту Егзархијата нема да се согласат за обновување на Охрид како архиепископски центар и центар на посебна црква, а и притиснат од обвиненијата што доаѓале од Софија и Цариград, митрополитот Теодосиј се обидел да се договори со папскиот нунциј во Цариград за покровителство на Римокатоличката црква над евентуално обновената Охридска архиепископија, поставувајќи притоа шест услови. Од нив најкарактеристични биле оние со кои се барало новата црква да ги опфати "границите на македонската провинција" и да се забрани мешањето на католичките мисионери во внатрешните работи на црквата. Во писмото до архимандритот Дионисиј во Софија, инаку негов истомисленик и Македонец од Струмичко, од 22 јуни 1891 година, митрополитот Теодосиј, меѓу другото, пишува: "... Ние Македонците немаме толку мака од Турците колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија во оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат!". Па додава: "И кога и ова ти го реков, чинам дека ќе ме разбереш. Јас тргнав да ја обновувам Охридската архиепископија и враќање назад нема. Не сум сигурен дека ќе успеам, зашто многу е направено од нашите ‘пријатели’ да се дојде до вакво дереџе. Но, време е да се почне со сеидбата. Некое семе ќе падне на камен, некое пилците ќе го исклукаат, но некое ќе најде плодна почва и ќе никне. Секој почеток е тежок и секое големо дело бара жртви. Нека. Ако рече Господ, јас ќе бидам првата жртва, но нека таа жртва биде полезна за мојот народ".
На 4 декември истата година Теодосиј му напиша писмо на папата Лев XIII, со кое го замолува Светиот отец, "од свое име и од името на целата православна паства од Македонија, да не прими во крилото на Римокатоличката црква, откако ќе ја обнови стародревната Охридска архиепископија, незаконски укината од султанот Мустафа III во 1767 година". Притоа, Митрополитот ќе нагласи дека "нашата желба произлегува од историското право на македонскиот православен народ да се ослободи од јурисдикцијата на туѓинските цркви, Бугарската егзархија и Цариградската патријаршија, да се обедини во својата единствена православна црква и да ги добие сите белези на народ кој има право на самостоен духовен и културно-просветен живот". Веќе било доцна за преговори: Митрополитот бил насилно спроведен во Цариград, каде што од страна на Егзархијата бил обвинет, во јануари 1892 година, меѓу другото и за "создавање непостојна во историјата народност". На 11 март на Теодосиј му била одземена титулата скопски митрополит, а тој бил испратен на принуден престој во еден софиски манастир.
Ѓорче Петров во своите "Спомени" ќе запише: "Неусетно се јави настроение кај младината против владиците, општините, егзархиските учители и службеници и една струја против обидот на Егзархијата бескомпромисно да господари со црковно-училишните работи во земјата. На оваа струја, која претставува прв чекор кон самодејноста во земјата, с се приклучија еснафите и интелигенцијата". Резултатот на тоа незадоволство на младината беа првите револуционерни кружоци по училиштата.
Егзархијата не губела време: против оној учител, кој го користел македонскиот јазик наместо бугарскиот, преземала најстроги мерки - отпуштање, а оние што редовно го користеле бугарскиот јазик во наставата ги наградувала парично. Домородните учители биле полека но сигурно отстранувани од просветната активност, и заменувани со учители од Бугарија. Така, во учебната 1900-1901 година во Македонија биле вработени 24 учители само од Шумен, иако околу 180 месни учители биле без работа.
Деспотското однесување на егзархот Јосиф, во весникот "Глас македонски" од 31 мај 1898 година, што излегувал во Софија, е оценето како "чума која деморализира се што е младо во убавата и плодородна Македонија".

Извор: Македонско братство
No comments:
Post a Comment