January 26, 2015

Македонија во балканските војни

Првата балканска војна формално била започната од страна Кралството Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучиле и останатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна. Балканските сојузнички војски за релативно кратко време ја скршиле воената моќ на Отоманската империја која била победена на сите фронтови и била принудена набргу да побара мир.

Воените операции главно се воделе во Тракија и Македонија, со забележително учество на македонски доброволци. Балканските сојузници успеале да го исползуваат ентузијазмот и воодушевувањето на Македонците да се борат за слободата на својата земја.

Главнината на кралската српска војска под команда на принц Александар Караѓорѓевиќ ја нападнала најголемата концентрација на единиците на Отоманската империја во Куманово, во северна Македонија; втората војска минала во Бугарија, а оттаму во Источна Македонија за да ја ослабнат главната турска армија одзади; Косово била целта на третата војска, додека четвртата го зазела Нови Пазар, што преку Санџак ги поврзувал Црна Гора и Србија.

Во Тракија, двете главни бугарски војски удриле со сета сила на Лозенград (сегашен Киркларели во северозападна Турција) и Одрин (Едрине во Турција) што била влезната врата кон Истанбул. Тие биле охрабрени од патриотската хистерија што со месеци постепено растела во сите земји. Во предвечерјето на војната насловите во белградските весници ги повикувале Србите: "Подгответе се за војна! Здружената српско-бугарска офанзива само што не почнала!" Со ентузијазам се пишувало за брзиот напредок на Црногорците на патот за Скутари (денешен Шкодер во Албанија), додека на останатите страници во весниците имало убави слики од "Стара Србија", средновековното кралство кое новата земја била решена да го поврати. Весниците исто така ги повикувале поетите да придонесуваат со патриотски стихови.

Целосниот економски живот во Кралството Србија и Царството Бугариjа бил ставен во функција на војната.

На бојните полиња било уште понепријатно за војската на Отоманската империја. Девет дена по почнувањето на насилствата, србите ја разбиле главната сила на Отоманската империја во Куманово. Оваа победа го отворила патот кон Скопје, што набрзо паднало под српска контрола

Македонскиот поход се одвивал во свирепи услови. Дождот и снегот го направиле теренот и патеките калливи. Целиот регион бил покриен со мртви тела на војници, цивили и коњи. Додека се приближувала кон Скопје српската војска го уништувала и убивала локално албанско население. Загреани од приказните за злосторствата што Албанците ги вршеле врз христијанското население за време немирите во албанските територии, Србите ја ослободиле сета националистичка омраза против незаштитените села.

Главниот иследник на масакрите во Скопје била "Црната рака", со седиште во близина на Рускиот конзулат, во објект што набрзо потоа го нарекле Црната куќа. "Црната рака", со својата мрежа на агенти, ја избегнала контролата на воените власти и сe повеќе ја земала улогата на неформална влада на ослободена стара Србија. Неколку недели потоа, власта во Белград почнала да назначува цивилни администратори на овие територии, но оние што одбивале да се потчинат на барањата на "Црната рака" и на четниците биле исплашени. Бранислав Нушиќ, писателот кој ја поздрави војната со голем ентузијазам, се повлекол од функцијата гувернер на Битола со страв и згрозеност од активностите на овие единици.

Иако се соочиле со слаб отпор при нивната офанзива северно од Епир и источно од Солун, Грците биле неспособни да ја заземат Јанина, којашто жестоко ја бранел еден турски гарнизон. Додека се пробивале северно кон Македонија во правец на Битола, што според српско-грчките сознанија Грците требало да ја окупираат, тие станале единствената војска во Балканскиот сојуз на која Турците им нанеле сериозна воена штета. Од оваа причина, и на големо незадоволство на српската команда, Србите биле тие што требале да се соочат со турската војска кај нејзиното последно упориште во близината на Битола.

Битолска битка

Околу 110.000 Срби биле поттиснати на север и на запад од Битола наспроти 80 или 90.000 турски војници. По три дена борби, во кои загинале 12.000 Срби и 17.000 Турци, турските сили капитулирале на 18 ноември. Речиси 45.000 мажи биле заробени од страна на Србите; други 30.000 избегале во планините на македонско-албанската граница. Со ова му било ставено крај на турското владеење во Европа.

Ослободување на Солун

Грците не биле многу потресени околу нивната неможност да се борат во Битола. Пет дена пред почнувањето на борбите, принцот Константин церемонијално влегол во Солун, покиснат на студениот, зимски дожд. Непосредно по почнувањето на српската офанзива на Куманово, престанале да работат телеграфските врски од и кон Солун. Дури откако почнале во градот да пристигнуваат огромен број албански и турски бегалци, народот почнал да го сфаќа обемот на воената катастрофа со која се соочила Османлиската Империја. Речиси 20.000 бегалци биле сместени по локалните џамии во страшно нехигиенски услови. По нив дошле и војниците кои се повлекувале - некои од нив бегале од Србите, дел бегале од Грците кои се движеле источно од планината Олимп, а дел биле поттиснати од бугарската дивизија Рила што брзала надолу по реката Струма.

Грчките и бугарските сили очајно настојувале први да стигнат до Солун, кој што бил најголемата награда од османлиското наследство и немало никакви претходни договори за неговиот статус. Во тој случај, поседувањето ќе биде закон. Принцот Константин и единиците под негова команда ја претркрале дивизијата Рила за неколку часа. Кога влеглe во Солун, грчкото население го преплавило градот со сино-бели бои. Заедно со него бил Теоктистос, патријархот од Атина, коj му се придружил на метрополитот од Солун Генадиос во прославата на специјалната миса во црквата Свети Минас.

Учество на Македонци во Првата балканска војна

Најмногу македонски доброволци беа регрутирани во армијата на Царството Бугарија. На тракискиот фронт учествуваа 14.000 Македонци организирани во Македонско-одринско ополчение (доброволци). Македонски доброволци биле регрутирани и во војската на Кралството Србија и Краслтвото Грција.

Одредот на Јане Сандански со 500 четници, составен од реонските чети на Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев и други дејствувајќи самостојно прво го освоиле градот Мелник со околните места. Во реонот на Мелник и Свети Врач покрај споменативе самостојни чети, под нивна команда се наоѓаа околу 400 мелничани, триста лица од Свети Врач и околу седумдесет востаници од околните села.

Откако ја пробиле Рупелиската Теснина, Седмата рилска бугарска девизија и четите под команда на Сандански со 300 востаници, во придружба на четите на Стојо Хаџиев, Димитар Арнаудов, Александар Бујнов и други, како претходница на бугарската коњаница, влегле во Солун пред настапувањето на бугарските единици.

Иако Македонија била ослободена од Турското ропство, со големо учество на свои доброволци кои се бореле за автономна држава, нејзината судбина била решена на Лондонската конференција, односно таа останала окупирана од страна на новите окупатори Кралството Србија, Царството Бугарија и Кралството Грција.

Лондонски договор

На 30 мај 1913 година, Отоманската империја го потпишала мировниот договор во Лондон, според кој се откажала од териториите западно од линијата Енез-Мидија во корист на балканските сојузници, со тоа што било одлучено да се создаде албанска држава, чии граници требало да се утврдат дополнително. Загубите во загинати, ранети и заробени изнесувале: Отоманска Империја 153.000, Царство Бугариjа 73.000, Кралство Србија 30.000, Кралство Грција 28.671 и Кралство Црна Гора 10.000 луѓе.

Материјалните загуби на Царството Бугариjа изнесувале една милијарда и 300 милиони франци, на Кралството Србија 590 милиони, на Кралството Грција 467 милиони и на Кралството Црна Гора околу 100.000 франци. Загубите на Македонија, човечки и материјални, не се наведуваат, ниту во еден извор, иако војната се водела во Македонија, а од глад и болест умирале најмногу деца и стари. Македонија загубила сé што имала: територијата распарчена, народ и имотот национализирани, историјата погребана, и затоа Сандански рекол дека за Македонија ќе било подобро да остане под турско ропство, оти тие што ќе ја ослободат, ќе ја распарчат и повторно ќе ја поробат.

Македонија во Втората балканска војна

Меѓусојузничката балканска војна — Втора балканска војна, започнала на 17 јуни 1913 година, меѓу Србија, Црна Гора, Грција, Романија, Турција од една страна и Бугарија од друга.

Македонија по завршувањето на Првата балканска војна

Најголемиот товар и најбројните жртви во Балканските војни ги поднел македонскиот народ. Македонскиот народ на различни начини и во разни вооружени формации учествувал во војните, самостојно или во составот на бугарската, на српската или на грчката војска. Силната пропаганда на соседните држави дека војната против турската војска имала за цел ослободување на христијанското население од петвековното османлиско владеење и големата омраза против султановиот режим била мотив македонскиот народ да се вклучи во таа војна.

По завршувањето на Првата балканска војна, односно по Битолската битка, кога еден полк на српската војска влегол во Охрид, во кој веќе три дена функционирала месната власт воспоставена со помош на македонските чети, при обидот да се воспостави српска власт, остро се спротивставил војводата Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО. Во таа расправија, командантот на српскиот полк се пофалил дека според Српско-бугарската спогодба од 13 март во 1912 година, Македонија е поделена меѓу Србија и Бугарија и според тоа во Охрид треба да се воспостави српска власт.

Сличното чувство го доживеал и Јане Сандански, кога во Солун бугарските офицери му се заканиле дека за зборовите автономија за Македонија јазици ќе сечат. Немањето единствена национална и политичка програма и меѓусебната недоверба, биле најголема пречка за обединување на разединетите и спротивставени сили во македонското револуционерно движење непосредно пред Балканските војни. По завршувањето на Првата балканска војна, на ВМРО и на Јане Сандански им станало јасно дека нивните меѓусебни кавги оделе во полза на соседите и дека токму тие ја пропуштиле можноста да се обединат и да го предводат народот во борбата за ослободување и за создавање самостојна држава Македонија.

Во Првата балканска војна учествувале околу 100.000 Македонци, не земајќи ја предвид помошта од целото население што им ја укажувало на сојузниците. Можеби оваа бројка е преголема, но ако се знае дека постоеле самоформирани македонски единици, како што биле оние на Јане Сандански, четите на ВМРО, четите на МВК, Доброволниот полк, Ополченските дружини, Српските месни одреди и чети, селските чети, месната милиција, четите и дружините формирани од македонската емиграција и сите други Македонци мобилизирани самоволно или насилно во српската, бугарската и грчката војска, тогаш бројката од 100.000 луѓе веројатно ќе биде надмината.

Се смета дека во Првата балканска војна загинале неколку десетици илјади Македонци, а неколку стотици илјади Македонци емигрирале од Македонија поради теророт што го доживувале и од турската и од ослободителните војски. Општата политичка положба во освоените земји не станала подобра, туку полоша, отколку под Турците.

Ревизија на договорите

Бугарија не се сметала обврзана да направи територијални отстапки во Македонија по повлекувањето на српската војска од Албанија, поради тоа што Србија тоа го направила по одлука на големите сили, а не во спогодба со Бугарија. Според бугарското гледање на договорените обврски, Србија била должна да испрати помош кај Одрин. Тогаш дошло и до различни гледања на таканаречената спорна зона

За Бугарија таа зафаќала дел од Македонија, што според договорот требало да и се отстапи на Србија, а Србите за спорна зона ја сметале цела Македонија.

Воено технички подготовки

Во Бугарија, покрај веќе ангажираното македонско население кое во Првата балканска војна се борело во состав на бугарската војска, непосредно пред Втората балканска војна во новоослободените земји, односно во Македонија, била извршена мобилизација на младинците од 20 до 26-годишна возраст, од кои биле формирани Серската, Драмската и Одринската бригада. Бројната состојба на новомобилизираните младинци изнесувала 40.000 души. Од нив биле формирани 12 и 13 пешадиска дивизија и една самостојна бригада. Во секој новоформиран полк имало по еден баталјон искусни борци од Првата балканска војна.

Присилна мобилизација во српската војска

Причината за формирањето на Доброволниот полк е отфрлувањето на Српско-бугарската спогодба од 13 март 1912 година, со која била договорена поделбата на Македонија на спорна и неспорна зона, како и воспоставувањето нови граници. Со создавањето на државата Албанија, на Србија ѝ бил оневозможен излез на Јадранското Море, па таа барала можност да се прошири на територијата на Македонија и да излезе на Егејското Море.

Масовната мобилизација на македонското население во бугарската војска и префрлувањето на македонските доброволни дружини (баталјони) од Тракискиот на Македонскиот фронт биле силен мотив српската влада на окупираната територија на Македонија да изврши присилна мобилизација. На тој начин биле формирани четири таканаречени крстосувачки одделенија, под команда на командантот на граничните единици. Од овие одделенија, две дејствувале на левата страна на реката Вардар, а две од десната страна, меѓу Кавадарци и Гевгелија. Последниве две крстосувачки одделенија го формирале Вардарскиот одред, со кој командувал Василие Трбиќ. Во реонот на Кратово-Овче Поле-Кочани бил формиран Крстосувачкиот одред на Јован Бабунски.

Слично како бугарската, и српската влада ги мобилизирала Македонците од својата окупациона зона и ги концентрирала во првите редови. На тој начин, Македонците се нашле во првите редови на српската и на бугарската војска, а тие војувале за поделбата на Македонија. Со оглед на тоа што според Хашките конвенции окупаторите немале право да го мобилизираат окупираното население, македонските единици биле наречени Доброволен полк, односно Ополченски дружини. Присилната мобилизација била спроведувана под изговор за запишување на доброволци.

Формирањето на Доброволниот полк било извршено со одобрување на Владата. На 16 мај 1913 година војводата Ратомир Путник наредил: 1. да се создадат четири баталјони со седишта: првиот баталјон во Свети Николе, вториот во Приштина, третиот во Гевгелија и четвртиот во Неготино. Пополнувањето на овие баталјони требало да се изврши со месно население од соодветните реони, а командниот кадар да го обезбедат граничните команди. Покрај христијаните, можеле да се мобилизираат Турци и Арнаути, и тоа оние што имале служено војска и кои би ги задржале чиновите од турската војска. Сите доброволци требало да положат заклетва на верност на врховниот командант на српската војска, Н. В. Кралот Петар. Сите мобилизирани биле обезбедени со униформа, со оружје и со храна. За секои 10 доброволци од месни извори бил обезбедуван по еден коњ за пренос на товар.

Самоуништувачка војна

Во текот на Втората балканска војна, во армиите на двете завојувани страни, покрај масовните дезертерства, имало и бунтови во одредени единици. Особено незадоволство поради меѓусојузничката војна покажало македонското население кое се наоѓало главно во првите борбени редови на двете завојувани страни, водејќи самоуништувачка борба во корист на сопствените окупатори. За време на битката на Брегалница избувнале повеќе бунтови во четвртата. бугарска армија, а во српската трета. армија имало масовни дезертерства.

На некои делови на фронтовската линија биле забележани и братимења меѓу српската и бугарската војска. Се работи за Македонци кои се познавале од порано и кои ги сфатиле целите на војната, па не сакале да учествуваат во борбата за распарчување на сопствената татковина. Во 22 полк на 7. Рилска дивизија, што дејствувал на правецот кон Солун, избувнала побуна затоа што во времето на првото примирје бил префрлен во Источна Тракија. Околу 70 војници не сакале да заминат од Македонија, по што биле тепани со стапови. Појавата на колерата на Македонскиот фронт, исто така, предизвикала масовни дезертерства.

Во битката на Брегалница, загубите биле мошне големи и на двете страни. Во српската војска имало 16.200 мртви и ранети, од кои 11.350 во третата. армија.

Во бугарската војска имало 25.000 загинати. Само на српската страна имало околу 5.000 кои умреле од колера. Во бугарската војска од колера умреле многу повеќе луѓе, со оглед на тоа дека таа болест била пренесена од борбата против Турците во Тракија. Македонското население на двете страни на фронтот, исто така било, заразено од колерата. Освен тоа, многу села биле опожарени, храната однесена, недостасувала облека, па се водело грижа само за гол опстанок. По битката на Брегалница, дејствата во Македонија се претвориле во исцрпувачка рововска војна. Меѓусебното исцрпување траело до 31 јули 1913 година, кога било потпишано примирјето, кога балканските војни официјално завршиле.

Борбените дејства продолжуваат

Големите сили решиле да ја прекинат Втората балканска војна, особено поради злосторствата што сите војски ги вршеле врз недолжното македонско население.-И натаму поединечни и здружени меѓусебни воени судрувања

Борбата за територии во Македонија се водела со сите сили и средства и во сите области. По повлекувањето на турските сили, српската, грчката и бугарската војска ја распуштале во меѓувреме воспоставената месна власт и воспоставиле свои органи на власта. Како претставници на своите држави, тие го принудиле македонското население да се прикажува како да е од иста националност со органите што ја воспоставиле власта и како такви да испраќаат писма, анкети и апели, оти наводно сакале нивниот град и околијата да бидат присоединети кон соодветната држава.

На пример, селаните од Негорци, Гевгелиско, во текот на една недела трипати ја менувале својата национална и државна припадност. Тие биле принудени да испратат телеграма до бугарскиот цар Фердинанд дека се Бугари и дека бараат тој да ги присоедини кон Бугарија. Откако се повлекла бугарската, дошла грчката власт, па следела телеграма до грчкиот крал Ѓорги и на крајот била испратена телеграма со соодветна содржина до српскиот крал Петар.

Извор: Македонско братство

1 comment:

ANDRAINO ADAMS said...

Добрыя артыкулы, Вы чулі пра містэра Бенджаміна, электронная пошта: Lfdsloans@outlook.com --WhatsApp Кантакт: + 1-9893943740-- якія працуюць з паслугамі фінансавання, яны даюць мне крэдыт у памеры 95 000,00 долараў, каб пачаць свой бізнес, і я плачу ім штогод вось ужо два гады, і мне яшчэ засталося два гады, хаця мне падабаецца працаваць з імі, таму што яны - сапраўдны крэдытор, які можа даць вам любы крэдыт.