January 8, 2015

Спомени - Мирчо Кикиритков, 1

Спомени - Мирчо Кикиритков

Спомените на Мирчо Кикиритков Претставуваат интимна исповед на еден крајно предан припадник на внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), комита во четите на Тодор Александров, терорист и телохранител на највисоките раководни луѓе во Организацијата и убиец на идеологот на Македонската емигрантска федералистичка организација (МЕФО), Владислав (Славчо) Ковачев.

Мирчо Кикиритков е роден 1904 година во Штип во револуционерно семејство. Татко му и чичко му биле активни членови на револуционерниот комитет во Штип, а еден од чичковците е познатиот ресенски војвода Славејко Арсов. Во 1922 година избегал во Бугарија, каде што се вклучил во четите на ВМРО, на војводите Иван Јанев-Брло, Георги Гевгелиски, Панчо Михајлов и Ефтим Ташов - Полски. По убиството на Александар Протогеров во 1928 година и по зачестените меѓусебни убиства во ВМРО, тој се повлекол од Организацијата.

Животот на овој заблуден револуционер и покајник завршил по ослободувањето на Македонија. По 9-септемвриските настани 1944 година, тој избегал од Бугарија во Скопје, каде што бил уапсен и стрелан од македонските полициски власти.

Во неговите спомени мошне впечатливо е даден чинот на убиството на неговиот сограѓанин, штипскиот војвода, новинарот, публицистот, судијата, адвокатот и идеологот на МЕФО, Владислав (Славчо Ковачев).

Спомените на Мирчо Кикиритков ги забележал Васил Хаџи Кимов, негов сограѓанин од Штип, приврзаник на протогеровистичката струја на ВМРО и член на ВМРО (Обединета), а подоцна исклучен од неа. Хаџи Кимов е автор на брошурата „Не можам повеќе да молчам“ објавена 1929 година во Софија, во која жестоко ги осудува убиствата над македонските дејци од страна на михајловистичката струја на ВМРО. За време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, Хаџи Кимов бил претседател на Бугарскиот централен акционен комитет во Скопје, за што по војната бил осуден на повеќегодишна казна затвор. По издржувањето на казната, работел во Народната библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Хаџи Кимов спомените на Кикиритков ги запишал во септември 1929 година, кога веќе тој, разочаран од ВМРО, се повлекол од организациските работи и се зафатил со трговија.

Спомените на Мирчо Кикиритков се наоѓаат во Централниот државен архив во Софија, Р. Бугарија, на вкупно 16 страници, Пишувани на машина, на бугарски јазик.[1] Еден дел од спомените ги објавив 1993 година во магазинот „Збор“[2].

[1] Централен държавен архив, София. Фонд 1932 – Национално освободителни организации на македонските българи след Берлинския договор 1878 година, оп. 4. а.е. 33, л. 1-16
[2] „Македонски судбини – Заблудениот револуционер“, „Збор“, Скопје, 1 XI 1993 – 1 V 1994 (фељтон во 8 продолженија)

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]  

No comments: