August 23, 2014

Манлихера, верната придружничка на македонските револуционери

Во борбата за слобода од отоманскиот јарем едно од емблематичните оружја на македонските револуционери е пушката манлихера, позната и како манлихерка, малиќер и малихера. Се работи за австро-унгарската пушка Штаер-Манлихер М1895 (Steyr-Mannlicher M1895) дизајнирана во 1895 година од страна на Фердинанд Ритер фон Манлихер (Ferdinand Ritter von Mannlicher). Манлихерата е со 8mm калибар и била произведена во околу 3 милиони примероци.

Во спомените на Борис Сарафов е забележан случај на купување на 1100 пушки манлихери и друго оружје во 1900 година, директно од Штаер (Steyr), градот во кој што овие пушки се произведувале. Пушките тајно биле транспортирани, преку Дунав биле пренесени до Бугарија, а потоа до бугарско-турската граница, а дел од нив и во Македонија.

Борис Сарафов  со манлихера
„За година и половина околу 560.000 франка вкупно влегоа во касата на Комитетот. Повеќе од половината од тие пари беа дадени за бојни материјали. Купивме 1.100 пушки малихерки во Австрија, и околу 10.000 кримки со еден и половина милион патрони, околу 1.500 мартинки, берданки и др.; и имаше не помалу од илјада револвери. Заедно со комитетите внатре отидоа до 200 пушки манлихерки; а другите беа сместени во складови на границата (за манлихерки пушки беа дадени 64.000 франка а сè на сè чинеа до 70.000). И воопшто сите пушки беа сместени во складови, и се предадоа на следниот Комитет“, пишува Сарафов за случувањата во 1900 година, кога бил претседател на Врховниот Македонски Комитет (ВМК).[1]

Пушка манлихера

















Американскиот новинар Алберт Сониксен (Albert Sonnichsen), за време на својот престој во блатата во егејскиот дел на Македонија, запишал една битка, во која што неколкумина отомански војници паднале поразени од манлихерите на македонските револуционери.

Алберт Сониксен
„Кога есента се врати турската војска за да ги заземат своите стари места, не знаеше што се случило. Еден плотун од манлихерови пушки, што грмна меѓу високата трска им донесе смрт за некои, а на останатите им ги отвори очите. Еден млад офицер, поглупав од другите, извикал:

– Ние сме аскер! Ким син сис? (Кои сте вие? )
Од трските одговориле:

– Ние сме комити, ура!“, запишал Сониксен во својата книга „Исповед на еден македонски четник“ (Confessions of a Macedonian Bandit).[2][3]

Confessions of a Macedonian Bandit, стр. 23

Пушки манлихери имале македонските револуционери Никола Карев, Борис Сарафов, Даме Груев и други. Тодор Александров исто така имал манлихера, а за неа, според написот „Бунтовничкот водач убиен“ (Rebel chief killed), од 16 септември 1924 година објавен во  весникот „The News“, карактеристичен бил телескопскиот нишан.

„Пишувајќи за „The Times“ Лондон, кореспондент го опиша Александров вака: „Неговата слика го прикажува облечен во спретната, еднолочна униформа, со црна брада која стига до четвртото копче. Тој седи со скрстени нозе и ја милува во своите раце, кои што се тенки како на девојка, моќната пушка манлихера со телескопски нишан...“, пишува во написот посветен на убиството на „водачот на Македонците“, војводата Тодор Александров.[4]

 REBEL CHIEF KILLED Leader of Macedonians
BETRAYED BY FOLLOWERS SOFIA
 
Освен што македонските револуционери ја држеле в рака, пушката манлихера е претставена и на неколку подоцнежни кокарди на ВМРО.




Манлихерата често се спомнува и во македонските народни песни. Меѓу нив е и „Малихери пукаја“, песна во спомен на војвода Иван Христов Орџанов, познат и како Иванчо (Ванчо) Карасулијата.

„Малихери пукаја, леле, малихери пукаја,
Малихери пукаја, на Гандачо планина.

Тојо Ванчо војвода, тојо Ванчо војвода,
Тојо Ванчо војвода, на чукарка седеше.

На чукарка седеше, леле, на чукарка седеше,
На чукарка седеше, заповед ни даваше.

Јуриш браќа комити, леле, јуруш браќа кумити,
Јуриш браќа комити, да ја ослободиме,
да ја ослободиме, мајка Македонија.“[5]

Македонски комити, меѓу кои и Даме Груев,
вооружани со манлихери

Манлихерата е опеана и во познатата македонска народна песна „Болен лежи катил Ѓорѓи“.

„Болен лежи катил Ѓорѓи,
в Солунски зандани.
Дење лежи катил Ѓорѓи,
ноќе го испрашуваат.

Кажи, кажи катил Ѓорѓи,
кај е твојта пушка?
Кај е твојта пушка Ѓорѓи,
пушка малихера?

Ал' ме праша клети душман,
право ќе ти кажам.
Право ќе ти кажам душман,
нема да те лажам.

Глава давам клети душман,
пушка не кажувам.
Пушка не кажувам душман,
пушка маликера...“[6]

Во народната песна „Излези, стара мајко“, пушката манлихера е прикажана како верна сопруга на македонскиот комита.

„Ја излези, стара мајко,
надвор до портата,
па да чуеш, стара мајко,
што песна се пее.

Да го чуеш, стара мајко,
твојот син комита,
песна пее, стара мајко,
в' планина ќе оди.
Песна пее, стара мајко,
песна за слобода.

Збогум мајко, збогум жено,
збогум мили деца.
Мојта жена, стара мајко,
пушка малихера.
Мојте деца, стара мајко,
дребните куршуми.“[7]

Никола Карев, претседателот на Крушевска
република со манлихера в раце

Ист е случајот и со македонската народна песна „А бре Кољо, мамин Кољо“.

„А бре Кољо, мамин Кољо,
мамина кумито,
доста оди, мамин Кољо, пустите планини,
пустите планини, Кољо, у рамни долини.

Нели се нагледа, Кољо,
младите ан'мки?
Ајде да те женам, Кољо,
за едно кавурче.

Нели се наноси, Кољо,
пушки малихерки,
нели се нафрла, Кољо,
дребните куршуми?

- Мојта жена, мила мајко,
пушка малихерка,
мојте деца, мила мајко,
дребните куршуми...“[8]

Манлихерата е прикажана како сопруга на комитата и во народна песна од егејскиот дел на Македонија, пеена од Александар Неделков од село Статица.

„— Баба не те жени, Кољо,
 за попова ќерка.
Е мори бабо, стара бабо,
стара неразбрана,
жена имам, стара бабо,
 пушка малихерка.
 Деца имам, стара бабо,
 работа ми вршат, 
работа ми вршат,
 атар не ми кршат,
 фашиски глави кршат.“[9]

Тодор Александров
 со манлихера в рака

Оваа пушка се спомнува и во песната „Што е чудо станало ф това село Ресава“, пеена од Славејко Толов од Ресава роден во 1900 година, забележана меѓу 1932-1938 година:

„Што е чудо станало ф това село Ресава,
ф това село Ресава, Биковското маало.

Млади момци јунаци с малихерки у раци,
с малихерки у раци, патрондаши на гради,
штикови на к`кови, пиштоли у појаси,
пиштоли у појаси, бумбите им у раци...“[10]

Во македонската народна песна „Оздола идат еден млад војвода“ се пее за комити кои што на рамо носат пушки манлихери.

„Оздола идат еден млад војвода,
по него одат седум, осум души,
нане мила нане, седум, осум души.
На рамо ми носат пушки малихери,
на гради ми носат чифте патрондаши,
на глава ми носет црни фес капчина,
нане мила нане, црни фес шапчиња.

Право ми тргет горе за Рашанец,
првиот ми беше Аргир Маринче,
вториот ми беше тој Васил Зимов,
нане мила нане, тој Васил Зимов.

Третиот ми беше Стеван Куртела,
четвртиот ми беше Јанко Димитров,
нане мила нане, Јанко Димитров.

Бог да го убие Вељан од Речица,
нане мила нане, Вељан од Речица
што ги предаде седум осум души
Седум осум души, сè млади момчина
се млади момчиња, сите Македонци
нане мила нане, сите Македонци.“[11]

Во песна од егејскиот дел на Македонија, пеена од Дине Неделков од село Екшису, исто така  се спомнуваат комити, „момци Македонци“ со куси манлихери на рамо.

„Помоли се бабо, леле Тино,
ветер да продуне, леле бабо,
реки да промрзнат,
момци да преминат,
момци Македонци.
На лево рамо си носат, бабо,
куси малихери,
На десна страна
На глава си носат, бабо,
сиви могуни,
црни ми калпаци,
на калпаци пише, леле бабо,
Смрт или слобода,
За Македонија,
За Македонија,
земја поробена.“[9]

Во песната „Што е ова чудо“  се пее за битка помеѓу аскерот и македонските комити вооружени со манлихери.

„Што е ова чудо, мамо мори,
што е ова чудо,
што е ова чудо, мамо мори,
чудо ем големо, чудо ем големо!

Плато сардисано, мамо мори,
плато сардисано,
плато сардисано, мамо мори,
од четири страни со четири реда.

Плато сардисано, мамо мори,
плато сардисано,
плато сардисано, мамо мори,
Турци анадолци, Турци анадолци.

Турци анадолци, мамо мори,
Турци анадолци,
Турци анадолци, мамо мори,
сè со бели капи, капи раскапани.

Малихери пукаaт, мамо мори,
малихери пукаaт,
малихери пукаaт, мамо мори,
Турците се ухаaт, Турците се ухаaт.

Бомбите се ф'рљaaт, мамо мори,
бомбите се ф'рљaaт,
бомбите се ф'рљaaт, мамо мори,
ордите се одвраќаaт, ордите се одвраќаaт.“[12]

За пушката манлихера се пее и во песна посветена на македонскиот револуционер Методи Патчев.

„Јас Методи Патче од Охрида
ослободен од битолски затвор.
Па си тргнав за Охрида града,
там' не најдов ни мајка, ни татко.
Там' си најдов верната бисерка,
верната бисерка, малихерка.

Па си тргнав за Прилепа града,
за Прилепа, село Кадиново.
Там' си најдов верната дружина,
верната дружина, договорна.
Методи Патче
Слово држи Методија Патчев:
напред браќа, борба да водиме.

Се зададе силната потера,
силната потера, кавалерија.
Поарџија сите си куршуми,
оставија само еден куршум.

Слово држи Методија Патче:
ајде браќа да се убиеме.
Навртија пушки во градите.
Прв се уби Методија Патче,
а по него целата дружина.“[13]

За пушката малихера како верна придружничка на македонските револуционери се пее и во песните „Гоце е тажен зашто блиските жив го жалат“ (манлихери), „Заплакало е Мариово“ (малихери), „Абре Каурче“ (малиќер) и други.

Александар Стеванов
[3] Confessions of a Macedonian Bandit: A Californian in the Balkan Wars, New York, 2007 (ориг. 1909), стр. 23
[10] „Што е чудо станало ф това село Ресава“, Македонски комитски песни
[12] „Што е ова чудо“, Македонски комитски песни
[13] „Јас Методи Патче од Охрида“, Pesna.org

No comments: