April 23, 2014

Македонската емиграција во Русија: почетоци

Руска реч на македонски јазик започнува со циклусот статии посветени на македонската емиграција во Русија, но и руската емиграција во Македонија. Првата статија е посветена на почетоците на македонската емиграција во Русија. Тука ќе се задржиме на формирањето на првите иселенички организации на Македонците, не само во Русија, туку и во државите на Балканскиот полуостров, односно, Србија и Бугарија, каде Македонците најчесто наоѓале прибежиште од тешката економска ситуација во Османлиската Империја. Првиот текст од овој циклус е посветен на периодот од почетокот на XX век и формирањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург.

Балкански гласник

Емигрирањето на Македонците во соседните, европските па и прекуокеанските земји започнало кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Причините за емигрирањето биле главно економски. Мажите оделе на печалба, додека жените останувале дома. Меѓутоа, освен од економски причини, македонците емигрирале и поради тоа што биле прогонувани и затво­ра­ни од властите, на почетокот од турските, а по Балканските војни и поделбата на Македонија, од српските (во Вардарскиот дел), од грчките (во Егејскиот дел) и од бугарските власти (во Пиринскиот дел на Македонија). Најголем дел од населението од Македонија, емигрирало по завршувањето на Илинденското востание, кое имало катастрофални последици за самото на­се­ление. Турските власти, поради одмазда, се нафрлиле врз невиното македонско население, со најразлични реперкусии, палежи, убиства, силувања и прогони.

Стефан Јакимов Дедов

Почетоците на македонската емиграција може да се бараат некаде во средината на XIX век. Најпрво, македонците емигрирале во соседните земји, Србија и Бугарија. Здружувањето на македонската емиграција започнува во Белград кога во 1902 година се органзирале во Македонскиот клуб. Во тој период во Белград е формиран Словенскиот клуб, а негови фили­ја­ли станале Рускиот и Чешкиот клуб, а се најавило и формирање на Бугарски клуб. Македон­скиот клуб побарал од српската влада признавање како рамноправен член на новата словен­ска институција. Но, српската влада не била спремна за признавање, бидејќи тоа би значело признавање на посебноста на македонскиот народ, посебноста на македонскиот национален ентитет во словенскиот свет.

Дијаман­ди­ја Мишајков

Без формално признавање, Македонскиот клуб во Белград околу себе ги собрал интелектуалците, занаетчиите, печалбарите, трговците и на 7 јули 1902 година, започнале со издавање на неделниот весник ,,Балкански гласник”. Овој весник пишувал написи и статии за самобитноста на македонскиот народ, но често доаѓале во судири со пропагандата во Белград. Во последниот број на весникот, излегол напис со наслов ,,Меморандум”, во кој се најавило дека македонската емиграција подготвува меморандум до големите сили-потписнички на Берлинскиот договор, врз основа на кој ќе бараат да се подобри состојбата во Македонија.

Оваа вест, за организирано дејствување на македонскта емиграција во Белград наишла на огромен отпор како од српските власти, така и од другите пропаганди кои биле најголем противник на емиграцијата од Македонија. По ова, Македонскиот клуб во Белград не ги добило потребните документи за легално работење, весникот бил забранет само по осум недели излегување, а неговите уредници биле изгонети од Србија.


Кон крајот на септември 1902 година, Стефан Јакимов Дедов и Дијаман­ди­ја Мишајков го посетуваат рускиот дипломат во Белград и со неговоа препорака заминуваат во Санкт Петербург.

Заедно со нив заминале и Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски, кои всушност, биле и основоположници на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Од почетокот ова друштво како свој патрон го имал Св. Климент Охридски, а по донесувањето на Уставот на друштвото, патрони станале Св. Кирил и Методиј. Тоа биле зачетоците на нај­зна­чај­на­та македонска национална асоцијација, што скоро дваесет години ја имала улогата на офи­ци­јален претставник  на македонската национална мисла и акција. Оваа македонска асо­ци­ја­ци­ја, всушност, ги поставила темелите на денешната Македонска академија на науките и умет­нос­тите.

Крсте Мисирков

Во основачкиот акт на Другарството, т.е. писмото до Советот на Санкт Петербуршкото словенско благотворно друштво, од 28 октомври 1902 година, се забележани основните кон­цеп­сиски пунктови од Програмата на идната национална институција. Во писмото се вели: ,,Со се­која година бројот на нас родените во Македонија што се школувале во високите школи во Санкт Петербург се зголемува. Истовремено со секој ден се зголемува неопход­нос­та за раз­мена на мислите меѓу нас за да можеме со заеднички усилби да се запознаеме на нашата тат­ковина, со нејзината сегашност, минатото и иднината....”

На состанокот од 1 ноември 1902 година Советот им ја задоволува молбата на потпис­ни­ците на писмото (19 потписници). Им биле определни денови кога како посебен словенски ентитет ќе можат да се собираат во салата на Словенското друштво, а со тоа, всушност, Ма­ке­дон­ците биле признати како посебна нација во совенскиот свет.

Димитрија Чуповски

По ова, во Русија, започнала најголемата активност на македонската емиграција. Бил дооформен текстот на Меморандумот што бил концепиран уште во Белград и на 12 ноември 1902 година бил претставен пред Руската влада и пред Советот на Санкт Петербуршкото словенско благотворно друштво што претставува и единствена пишана полна македонска на­цио­нал­на програма, која во следната, 1903 година само фрагментирано била објавена во не­офи­ци­јалниот орган на Другарството во Софија, весникот ,,Балканъ”. Во меморандумот упатен до рус­ката влада, се изнесува разработен план за мирољубиво, т.е. по еволутивен пат, решавање на македонското прашање. Се барало признавање на националната посебност на маке­дон­ски­от народ, како и создавање автономна Македонија, најпрво во рамките на Осман­лис­ката држа­­ва, а подоцна и како посебна држава на Балканскиот полу­остров, под заштита на голе­ми­те сили.

ПРОДОЛЖУВА

Кире Филов (извор: Руска Реч)

No comments: