Влијанието на Русија во Југословенско-бугарските преговори за федерација и македонското прашање за обединување.
Черчил, Рузвелт и Сталин на конференцијата во Јалта, февруари 1945 година |
По завршувањето на Втората светска војна на Балканот големо влијание имале договорите кои биле склучени меѓу силите на антифашистичката коалиција. Меѓу нив Русија, своето влијание го базира на неколку фактори.
Историски фактор. Во минатото Русија врз база на нејзината надворешна политика, која датира од времето на Петар Велики, а се однесува на излезот на Русија на топлите мориња преку Балканот. Истата политика продолжила и во периодот по Втората светска војна.
Геополитички фактор. Советска Русија граничи со три балкански држави, Романија, Бугарија и Турција. По завршувањето на Втората светска војна во две од трите држави се воспоставува социјалистичко (комунистичко) уредување. Нормално, советска Русија има огромно влијание во овие две држави.
Идеолошки фактор. Во име на заштита на православното население, политика која е зацртана уште во политиките на царска Русија, а по војната оваа идеолошка концепција била проширена со тезата за заштита на социјализмот на Балканот. Оттука е и ставот на Сталин кон Тито во времето на Резолуцијата на Информбирото, иако Југославија уште во почетокот се отклонувала од зацртаниот модел на социјализам воведен од Сталин.
Меѓутоа, Русија имала силни конкуренти на Балканот, најмногу во лицето на САД и Велика Британија. Во периодот по завршувањето на Втората светска војна, на Балканот биле промовирани т.н. доктрини од страна на големите сили. Овие доктрини најмногу се однесувале на поделбата на влијанија, односно, спречување на влијанија на Балканот.
Најпрво ќе ја споменеме Трумановата доктрина, која се однесува на помошта која САД требало да ја дадат на Грција и Труција по завршувањето на војната. Но, позадината на доктрината е друга. Имено, Русија имала претензии кон Босфорот и Дарданелите, а со тоа биле загрозени интересите на Турција, односно, САД. Затоа САД излегле со оваа доктрина со цел да не се дозволи Русија да има влијание во оваа земја. Во Грција, ситуацијата била полоша за САД и Британија. Имено, постоелa можност да не се испочитува “џенталменскиот договор” со оглед на тоа што во Грција беснеела граѓанска војна, а Демократската армија на Грција, предводена од Комунистичката партија, бележела успеси се до доаѓањето на воените трупи на Велика Британија и САД. Во Трумановата доктрина, овие две земји биле означени како земји од посебен интерес на САД. Всушност оваа доктрина послужи како основа за Маршаловиот план и блоковската поделба меѓу големите сили.
Доктрината на ограничен суверенитет се однесувала на т.н. социјалистички интернационализам со кој Русија можела во името на социјалистичките обврски да врши интервенција во таборот на социјалистичките земји, ако е загрозен социјализмот во поедина земја. Оваа доктрина е во тесна врска со Сонефелдовата доктрина (наречена по Хелмут Сонефелд, помошникот на Хенри Кисинџер), која дозволува интервенција на големите сили само во своите блокови. Овие две доктрини претставувале основа за руската интервенција во Унгарија, Чехословачка и Авганистан.
Периодот од 1944 до 1948 година е многу важен за Македонија и решавањето на нејзиното национално прашање, прашањето за обединувањето. Ова прашање станало особено актуелно по Првото заседание на АСНОМ. Веднаш по донесувањето на одлуките од АСНОМ, се вклучиле големите сили, првенствено Велика Британија, за да го спречат обединувањето на Македонија.
Британската дирекција за истражување при Министерството за надворешни работи подготвила студија во која се разгледувале географските, геостратешките и геофизичките карактеристики на Македонија. Оваа студија потврдува дека Македонија се наоѓа во рамките на Југославија, но не се исклучувала можноста да се постави барање за обединување со делови на Грција, Бугарија и Албанија. САД исто така будно ја следеле ситуацијата на Балканот и почетокот на преговорите за формирање на една нова федерација помеѓу Бугарија и Југославија, во која Југославија би имала водечка улога. Велика Британија се плашела од две работи кои можеле да се случат на Балканот а тоа се јужнословенско обединување и независност на Македонија. Во обете ситуации Русија би имала неограничено влијание, што не одело во прилог на другите сили, САД и Британија. Самото споменување на името Македонија, Британците ги фаќала паника, бидејќи обединувањето на Македонија се сметало за закана на британскиот штитеник, Грција, а со тоа би биле поткопани британските интереси на ова подрачје.
На почеток биле југословенско-бугарските преговори, кога Антони Идн тврди дека е можна ваква федерација, но само ако во неа влезе и Турција. Идн сметал дека во некои кругови преовладувало мислењето дека со обединувањето на Југославија и Бугарија, најправилно ќе се реши македонското прашање. Уште на почетокот на војната во 1941 година, имало обид за обединување (федерација) меѓу Југославија и Грција, обиде направен помеѓу владите во емиграција на двете земји, кој требало да претставува основа за идна балканска федерација. На ова се спротивставила Русија, која сметала дека таа федерација ќе претставува бедем за руското влијание на Балканот.
Но, и Русија не била за федерација на Балканот, ниту била за обединување на Македонија. Русија, пак, втор пат во својата надворешна политика имала можност да го реши обединувањето на Македонија и решавање на нејзиното национално прашање. Да се потсетиме, првиот пат беше во предвечерието на Втората балканска војна кога Русија се откажа од арбитражата во балканскиот сојуз, со што директно ја предизвика Втората балканска војна и распарчувањето на Македонија.
Имено, В.Г. Деканазов, заменикот на Молотов, на 31 јануари 1945 година на британското претставништво во Москва му порачал “што се однесува до создавање на една балканска федерација, посебно на една југословенско-бугарска федерација, тоа прашање според мислењето на советската влада, сега е неактуелно и нема практичо значење.”
На сите конференции на кои присуствувале лидерите на големите сили било истакнато дека не се поддржува федерација помеѓу Југославија и Бугарија. Тоа особено било нагласено на конференцијата во Јалта, кога се покренало прашањето за федерација, имало несогласувања околу тоа дали државата која е под режим на примирје може да склучува договори (се однесува на Бугарија). Било предложено, од страна на британскиот министер такво нешто да не се дозволи.
По сите овие негодувања околу федерација помеѓу Бугарија и Југославија, се случил Бледскиот договор. Форин офисот оценил дека тој договор е директно насочен против една сојузничка земја и дека воопшто не го признаваат. Британската влада не можела да разбере зошто Тито прифатил да преговара со Димитров, кога знаел за спогодбата помеѓу Черчил и Сталин за поделбата на влијанија. Сè изгледало дека ќе се случи федерацијата помеѓу Бугарија и Југославија. Се случила Резолуцијата на Информбирото. Сталин, ги прекинал сите односи со Југославија и се придржувал на “џенталменскиот договор” со Черчил. Последната средба пред Резолуцијата се случила во Москва, на 10 февруари 1948 година, каде престојувале и бугарската и југословенската делегација. На оваа средба Сталин рекол: “Да, федерации ќе создаваме, ама не такви какви што вие замислувате, другар Димитров, туку поинакви! А како прво, ќе создадеме бугарско-југословенска федерација и тоа што побргу.” Овој предлог, Тито го одбил како резултат на заладувањето на односите со Русија.
Уште еднаш било спречено решавањето на македонското национално прашање. Што се однесува до Егејскиот дел на Македонија, САД и Велика Британија биле целосно ангажирани во завршувањето на војната во Грција, а со тоа и во уништувањето на ДАГ, во која масовно учество зеле Македонците. Комунистичката партија на Грција добила поддршка во лицето на Русија. Ова најголема опасност претставувало за интересите на Велика Британија, која исцрпена од Втората светска војна, дозволила на “нејзина територија” да влезат американски трупи, со кои ДАГ не можела да се справи. Но, пропагандите не застанале. САД и Британија, почнале да поттикнуваат автономистички движења за создавање на македонско-грчка федерација и создавање на автономна Македонија под закрила на Грција?! Оваа идеја имала само една цел, а тоа е да создаде расцеп помеѓу Македонците.
Граѓанската војна завршила катастрофално за ДАГ и за Македонците. Почитувајќи го договорот со Британија, Русија останала неутрална во однос на судирот со Грција со што се спречи ослободување и обединување на Македонија. Подоцна, Сталин за оваа ситуација во Грција, ќе ја обвини Југославија.
Поради лакомоста и непомисленоста на големите сили еден народ повторно беше угнетуван и омаловажуван, непризнат и расцепен помеѓу своите соседи. Сите во Европа знаеја и признаваа дека постои “македонско прашање”, но никој не сакаше да признае дека постои македонски народ.
Кире Филов (извор: Руска Реч)
No comments:
Post a Comment