September 10, 2013

Драмата на Егејците 25

Драмата на Егејците (25)

Уранија Јурукова, Стерјана Канзурова и Вера Фотева (од лево на десно) веруваа дека со победата на комунистите во Граѓанската војна во Грција Македонците ќе се изборат за своите права. Но по раселувањето по светот грчките комунисти секаква пројава на македонштина во корен ја пресечуваa и осудуваа како непријателска

Ги раселија по светот и се откажаа од нив

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Грчките комунисти за време на Граѓанската војна ги искористија Македонците за свои цели - по поразот, ги раселија и никогаш не се погрижија да ги вратат во родните места. Напротив, тие јавно се декларираа дека не постои македонско малцинство во Грција, нешто што го прифатија како реалност за време на војната. Нивното сојузништвото со Македонскиот национален фронт било од интерес и не се засновувало на искрени основи. Тие биле свесни дека без поддршка на Македонците кои масовно учествувале во борбите, не можат да ја победат грчката армија, па затоа го признале нивниот национален идентитет и македонскиот јазик. Од друга страна, пак, Македонците во сојузништвото со нив гледале голема шанса за остварување на националните права.

Грчките комунисти откако ги признале постоењето на Македонците и македонскиот јазик, отвориле и 87 училишта во кои се школувале околу 10.000 деца, што било уште поголем мотив тие масовно да земат оружје в рака. И покрај тоа, не биле рамноправни со Грците. Во Привремената демократска влада немало ниту еден македонски претставник. И командантните места во Демократската армија ги зазеле само Грци. Дури се водела посебна сметка случајно да не биде поставен за командант некој Македонец. А на фронтот биле најбројни и најмногу гинеле Македонци. Според податоци на македонската организација Национално ослободителен фронт, во 1948 година од 25.000 борци на ДАГ, 11.000 биле Македонци, а во средината на 1949 година тие биле уште побројни. Од околу 20.000 борци, 14.000 биле Македонци. Притоа, ако се има предвид фактот дека најжестоките битки се воделе во местата каде што живееле тие, ќе се добие уште пореална слика за големата жртва што ја дале за време на Граѓанската војна.

Сега, по дистанца од 60 години, ако се анализира односот на силите на фронтот, ќе се види дека поразот на левите сили однапред бил предодреден. Грчката армија била речиси десетпати побројна и зад неа застанале Американците и Британците. Таа на крајот од војната броела 242.000 војници, а ДАГ, според британски процени, имала меѓу 20.000 и 30.000 војници. Покрај тоа, САД и' испорачале на Грција 140 авиони, 3.890 топа и минофрлачи, 97.000 пушки и 10.000 возила и камиони. Со оружјето стасале и 250 американски офицери. Британците вршеле обука и организирање на грчките вооружени сили, а Американците давале оперативни совети за воените операции и екипирањето на армијата. Наспроти тоа, ДАГ за време на Информбирото го загубила најдобриот сојузник - Југославија, која ја снабдувала со оружје и била база каде што се реорганзирала и ги префрлала ранетите.

Сите главни битки што ќе уследат потоа ДАГ ќе ги загуби. Во битката на планината Грамос на околу 80.000 војници на грчката армија и' се спротивставиле само 10.500 борци. Тогаш во воените операции авијација прв пат употребила американски напалм-бомби. Според британски процени, во ова битка ДАГ претрпела тешки загуби. Тогаш загинале 2.500 партизани, 3.200 биле ранети, 416 заробени, а 635 се предале. Од страна на Грчката армија загинале 1.063, а биле ранети 3.883 лица.

За време на втората голема битка на Вичо, ДАГ ќе доживее нов тежок пораз. Тогаш загинале 696 нејзини борци, а 560 биле заробени или се предале. Граѓанската војна во Грција завршил кон крајот на август 1949 година. Постојат различните податоци за бројот на загинатите и раселените лица за време на војната.

Д-р Лилјана Пановска во „Крајот на една илузија“ посочува дека во Граѓанската војна во Грција животот го загубиле 154.000 лица, а околу 90.000 ја напуштиле земјата, за повеќето од нив никогаш да не се вратат. Истовремено, околу 40.000 лица биле интернирани во концентрациони логори; 20.000 лица биле осудени за антидржавна дејност, а од нив најмалку 5.000 биле егзекутирани. Во исто време, повеќе од 700.000 лица биле раселени, станувајќи бегалци во сопствената земја. Бројот на жртвите на левицата, од 51.000 мртви и 50.000 ранети, биле неспоредливо поголем во однос на жртвите на десницата, од 10.249 мртви и 37.000 ранети.

„Останува впечатокот дека особено трагични и сериозни биле последиците за Македонците. Како резултат на учество во Граѓанската војна, животот го загубиле 21.000 Македонци, додека повеќе од 50.000 ја доживеале судбината на прогонети, раселени и луѓе откорнати од сопствениот дом. Доколку се разгледува сето ова и во корелација со фактот дека во тоа време Македонците претставувале, најверојатно, само една дваесеттина од вкупната популација на Грција, тогаш станува сосема јасно колкав, воопшто, бил размерот на последиците што тие ги претрпеле во однос на останатото грчко население. Ваквиот трагичен биланс бил сосема логичен ако се земе предвид масовното присуство на Македонците во редовите на Демократската армија“, оценува д-р Лилјана Пановска.

Покрај тоа, најтешките борби се воделе во областите каде што, главно, живееле Македонци. Најилустративен пример за тоа е фактот што во 1951 година 46 македонски села ги снемало од пописните листи зашто биле целосно уништени. Тогаш на 15.000 Македонци им било одземено грчкото државјанство, а била извршена и конфискација на два милиона декари земја во македонски подрачја.

Грчките комунисти вистинското лице спрема Македонците и нивниот национален идентитет го покажале за време на Информбирото, по поразот во војната, а особено кога им беше дозволено да се вратат во Грција. Општествено-политички организации на Македонците - НОФ, АФЖ и НОМС биле распуштени и прогласени за непријателски, шпионски и агентурни на Тито. Д-р Петре Наковски истакнува дека грчките комунисти во Полска, како и во другите држави каде што биле бегалците, формирале партиски комитети, а во нивни рамки дејствувала специјална тајна полиција. Комитетите што вршеле политичка контрола и индоктринација биле продолжена рака на ЦК на КП на Грција. „Секаква пројава на македонштината во корен беше пресечувана и осудувана како непријателска, а нејзините протагонисти, обични луѓе, обични македонски луѓе, учители и младинци, борци, мајки и татковци на чеда загинати во војните само за тоа што сакаа да бидат Македонци беа прогласувани како шпиони и агенти на други сили, држави и идеологии“, пишува д-р Наковски во предговорот на документите за бегалците во Полска, објавени неодамна.

Тогаш раководството на КП на Грција го прогласила македонскиот литературен јазик за титовски и го отстранила од употреба во македонските училишта каде што учеле децата-бегалци. Во Бугарија нашла „лингвисти“ кои македонската азбука ја замениле со бугарска и врз основа на руската и бугарската граматика напишале нова.

„Секаков вид македонска национална и патриотска пројава беше оценуван како антипартиски, националистички, сепаратистички и автономистички чин. Таквата антимакедонска хајка траеше сè до 1954 година, кога во Полска и во другите источноевропски земји беа расформирани грчките партиски комитети“, вели Наковски.

„На 29 декември 1982 година, во рамките на политиката на грчката влада за национално помирување, била објавена и одлуката за слободна репатријација на политичките бегалци. Согласно со оваа одлука, право на репатријација добиле сите политички бегалци од Граѓанската војна, но не и Македонците. Тие, едноставно, биле осудени вечно да го носат печатот на животот во егзил, пренесувајќи им го како трајно чувство на сите следни генерации“, пишува д-р Лилјана Пановска.

(Kрaj)

No comments: