May 15, 2013

Рушење на митовите на пропагандата: кој го уби Стерјо Гули?

Стерјо Гули е најмладиот син на револуционерот Питу Гули. Роден е во Крушево во 1902 година. Стерју оставил потомство, неговите две ќерки: Евгенија и Елена, како и посинокот Кочо, дете од претходниот брак на сопругата Љуба.

За животот на Стерјо има доволен изворен материјал, кој овозможува да се направи релативно вистинска реконструкција на неговиот живот. Но, постои делумна мистерија околу мотивите и начинот на неговото убиство. Во овој текст ќе се обидеме со релевантни податоци да ги демантираме тврдењата на одредени личности што „тврдат“ дека Стерјо Гули е убиен од партизаните во 1944 година.

Имено, во статијата „Педесет и шест години премолчување на вистината“, Македонско дело, 11 февруари 2000 година, од Александар Бонев, е напишано следното:

„Третиот син на крушевскиот војвода Питу Гули, Стериу Гули, бугарската фашистичка окупација ја доживува како ослободување, станува водач на контрачета и кога влегуваат партизаните во Крушево се самоубива во една кафана, кажувајќи: ’зарем пак ќе не гази српската чизма’“. Ова „тврдење“ исто така е искористено од страна на бугарската википедија, во која за смртта на Стерју Гули стои: „Заробен од страна на партизаните - комунисти и е убиен е на 6 октомври 1944 година“.

Меѓутоа, да видиме што велат изворите. Интересна за нас е изјавата на посинокот Кочо Гули, во која се вели: „Татко му на Кочо, Стерјо - најмалиот син на Питу- се отепал со англиски автомат во кафеаната ’Цвета Лазор’ во Крушево по завршувањето на Народноослободителната војна во 1944 година. Тој и уште неколку други луѓе од градот отишле да испратат некоја партизанска чета за Кичево. Се вратиле во Крушево и влегле во кафеаната. Таму Стерјо се застрелал со автоматот“. Кочо кој тогаш имал 9 години бил на нива да го собере пиперот. „Ја завршив работата и се враќав дома. Кога влегов во Крушево слушнав дека бијат камбаните во црквата. А луѓето зборуваа: „Се убил Стерјо Гули, синот на Питу Гули“, раскажува Кочо за смртта на својот татко. Од оваа изјава јасно се гледа дека станува збор за самоубиство, дали со намера или од невнимателност се уште не може со сигурност да се тврди. Но дека гореспоменатото толкување на споменатиот Бонев е неиздржано ќе прикажеме една досега необјавена фотографија, од која јасно може да се констатираат неколку работи.

Од погребот на Стерјо Гули



На фотографијата се забележува дека има големо присуство на граѓани од Крушево, но и на партизани кој му оддаваат почит, неколку пораки напишани на траките, како и знаме на Крушевски народноослободителен партизански одред „Питу Гули“, кој е формиран на 16 април 1942 во месноста Груева Нива.

Ваквиот погреб и оваа чест доволно зборува за почитта која ја имаш Стерјо Гули како и неговиот татко Питу Гули меѓу партизаните. Но, и го разобличува тенденциозниот обид за прекројување на историските факти и обидот смртта на Стерјо Гули да ја прикажат како убиство без пресуда, егзекуција поради „српска чизма“.

Македонските партизани биле горди со делата на своите предци и борци од првиот Илинден, многубројните соборци што биле учесници и во првиот како и во вториот Илинден се доказ за решеноста на Македонците да се ослободат од секаква „чизма“ во Македонија. Несреќниот случај со смртта на Стерјо Гули пропагаторите се обидоа да го искористат, но пред фактите и боговите молчат.

Благојче Андонов, објавено на MKD.mk

No comments: