April 10, 2013

Драмата на Егејците 11

Драмата на Егејците (11)

Жесток притисок на Британците врз Тито

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Тито тајно му ветил на својот пријател Фицрој Меклин, инаку шеф на британската мисија во Југославија во Втората светска војна, дека ќе ја прекини поддршката на демократските сили за време на Граѓанската војна во Грција. Ова ветување било чувано како строго доверлива тајна. За неа никој не смеел да дознае, зашто таа ќе му наштетела на југословенскиот маршал. Ова тајна се открива во британските документи за Македонците и југословенско-грчките односи објавени од Државниот архив на Република Македонија.

Во разговорот што го водел Меклин за време на посетата на Белград во почетокот на мај 1949 година, Тито не негирал дека во минатото им давал помош на востаниците во Грција. Истовремено рекол дека ситуацијата се променила, повлекувајќи дека Југославија, сепак, не може да им го одбие правото на азил на политичките бегалци, кои биле задржувани во Југославија. „Фактички, тој може да вети дека во иднина нема да им биде дозволено на востаниците да се враќаат во Грција за да продолжат да се борат, ниту ќе им биде давана каква било друга помош. Меѓутоа, тој замоли оваа негово ветување по никоја цена (повторувам по никоја цена) да не биде јавно објавено, бидејќи неговото обелоденување ќе му предизвика многу големи проблеми“, пишува во телеграмата до Форин офисот британскиот амбасадор во Белград Чарлс Пик. Тој притоа изразил уверување дека ветувањето на Тито дадено на Меклин му звучи искрено. За него тоа е од првостепено значење зашто востаниците повеќе не ќе можеле да се прегрупираат и реекипираат преку југословенската граница. „Сметаме дека Тито, најверојатно, му ја кажал вистината на неговиот стар пријател и затоа е многу пожелно тоа што го кажал да го сочуваме само за нас. Поради тоа, ве молиме овие добри вести да ги третирате како „строго тајно и лично“, стои во еден од документите.

За време на Титовото „не“ на Сталин, Југославија била од сите страни блокирана, а економските тешкотиите можела да ги надмине единствено само со помош на Запад. А за да и' помогнат на Југославија, САД и Велика Британија поставиле услов таа да ја затвори границата со Грција. „Решението на прашањето во врска со Грција, ми се чини, зависи од самиот Тито. Ако тој сака да ја види грчката ’ситуација‘ смирена, постојат неколку чекори што треба да ги преземе во тој правец - еве само неколку примери: затворање на радиостаницата на Маркос, која се наоѓа на југословенска територија; враќање во Грција, по преговорите преку дипломатски канали, на децата-бегалци, кои сега се во Југославија; отстранување на грчките востанички регрути, кои сега се обучуваат на југословенска територија; повторно отворање на комуникациите меѓу Скопје и Солун; и, на крајот, затворање на грчко-југословенската граница, што би било насочено против востаниците. Во суштина, ова е едно од прашањата со кое Тито на дело може да почне да ја докажува искреноста на неговите уверувања!“, ќе и' напише Џефри Валингер, шеф на Јужниот оддел на Форин офисот на амбасадата на САД во Лондон.

Она што им го ветил Тито на Британците ќе почне и да го реализира. Во познатиот говор што ќе го одржи на 10 јули истата година во Пула ќе ја нападне грчката влада за постојаните инциденти што се случувале на југословенско-грчката граница предизвикани од „монархофишистите“, но ќе упати критики и на силите на Демократската армија. „И така народот во демократска Грција си дозволил себеси да биде воведен во работа што може да има и веројатно ќе има фатални последици за грчкото ослободително движење“, ќе рече тогаш Тито. Притоа, ќе нагласи дека Југославија ќе мора целосно да ја затвори граница и да ги заштити „животите на работниот народ на нашата земја во оваа област“. „Се разбира, не треба да покажеме какво било колебање или каква било слабост, туку моќ, бидејќи ја браниме нашата сопствена земја и бидејќи мораме да ја одбраниме мирната изградба на социјализмот во нашата земја и ние ќе го браниме тоа од секого“, ќе поентира југословенскиот маршал.

Ветувањето на Тито дадено на својот пријател Фицрој Меклин (горе) дека ќе ја прекини поддршката на демократските сили за време на Граѓанската војна во Грција и ќе ја затвори границата било чувано како најстрого доверлива тајна

„Основната цел била преку економска помош, Тито да се одржи на површина, што од своја страна, пак, барало и одредени отстапки од југословенскиот лидер. Или, како што предложил еден дипломатски службеник на Форин офис: ’...ако (Тито) се' уште сака да ја добие нашата економска помош, ќе биде во негов интерес да ни даде некаква помош за возврат... Она што за возврат тој најлесно може да го направи за нас, без притоа да го изгуби внатрешниот углед, е незабележано да ја повлече поддршката за грчките востаници’“, подвлекуваат д-р Лилјана Пановска и д-р Тодор Чепреганов, подготвувачи на документите од Националниот архив на Велика Британија. Пановска и Чепреганов нагласуваат дека Југославија ја користела секоја можност да ги убеди западните сојузници за промената на нејзината политика во однос на Грција, така што „...Тито не само што му вети на Меклин, туку, исто така, преку Кардељ истите ветувања му ги даде и на американскиот амбасадор...“, истакнувајќи „...сега се' е поинаку... ние таму повеќе немаме пријатели (помеѓу востаниците)“.

„Со таа одлука за Британците повеќе не постоело никакво сомневање дека ’македонското прашање за скоро време е ставено во замрзнувач‘, имајќи предвид дека тоа прашање за нив било ’многу комплицирано... и нејасно...‘“, подвлекуваат македонските историчари.

По поразот на Демократската армија на Грција, Велика Британија започнала голема дипломатска офанзива да ги нормализира односите меѓу Грција и Југославија. „Во тој процес учествувале многу политичари од сите заинтересирани страни. На маса биле ставени голем број прашања и проблеми, за кои се воделе долги и непријатни дискусии. Меѓу нив било и прашањето за Македонците од Егејскиот дел на Македонија, како и за децата-бегалци. Во тие разговори имало уцени, отстапки и решенија донесени без знаење на заинтересираните. Тоа се однесува на Македонците, кои во таа политичка игра на „земи или остави“ немале ниту еден свој претставник, биле само неми сведоци и извршители на договореното меѓу повисоките инстанции. Повисоките државни интереси на Југославија имале приоритет пред судбината на македонското малцинство во Грција. Тие биле онаа „потребна“ жртва што придонела за нормализирање на односите меѓу Југославија и Грција“, подвлекуваат Пановска и Чепреганов.

Тоа дека Тито се откажал од грижата за Македонците во Грција во интерес на нормализирањето на односите на двете држави може да се види и од повеќе британски документи. „Југословенската Влада, истакна Тито, нема претензии спрема Грција и нема интерес да се меша во внатрешните работи на Грција... Во секој случај, тој не мисли дека би требало да е дозволи прашањето на македонското малцинство да стои на патот на обновувањето на добрите односи меѓу двете земји; ниту мисли дека прашањето на грчките деца би требало да претставува пречка. Југословенската Влада е подготвена да направи се' што може за да се реши прашањето со децата; но, тоа е многу покомплицирано отколку што се чинело на прв поглед“, стои во еден од нив.

Британците вршат постојан дипломатски притисок врз Тито и врз Едвард Кардељ, кој инаку тогаш бил министер за надворешни работи на Југославија. Тие дури инсистираат на разговорите да не присуствуваат определени личности кои биле промакедонски ориентирани. Во документите е забележан еден скандал што го предизвикале Светозар Вукмановиќ - Темпо и Владимир Дедиер. Тогашниот амбасадор на Велика Британија Чарлс Пик на 19 август 1950 година го информира Форин офисот дека се одржала средба на државниот потсекретар на Парламентот Ернес Дејвис и Едвард Кардељ, но разговорите завршила неуспешно поради присуството на Темпо и Дедиер. Преговорите биле прекината поради вечерата на која дошле и овие двајца врвни југословенски политичари. Што кажале тие во полза на македонското малцинство во Грција британскиот амбасадорот не соопштува, но затоа, пак, нивните дискусии кај Кардељ предизвикале нервоза и недоверливост.

Чарлс Пик своето мислење за Темпо и Дедиер ќе го каже во другата телеграма што ќе ја испрати истиот ден, подвлекувајќи дека бил непријатно изненаден од присуството на Темпо и Дедиер. „Во ниту еден момент не се сомневам во правото на Кардељ да избере кого било за водење на овие разговори, но сегашниот избор, искрено кажано, беше несреќен. Вукмановиќ е македонски фанатик, а се верува дека Дедиер, точно или не, е силно антибритански расположен“, ќе напише Пик.

Кардељ по скандалот ќе се правда дека не посакувал ниту Темпо ниту Дедиер да учествуваат во разговорите и дека тој ги поканил само да присуствуваат на вечерата. Истовремено, предложил да ги продолжат разговорите во Блед во интимна атмосфера.

(Продолжува)

No comments: