March 26, 2013

Карпошевото востание 1. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

I ИСТОРИСКОТО МЕСТО НА КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Историјата на македонскиот народ — како и историјата на другите југословенски народи, кои што горе-долу егзистирале под слични околности на столетно ропство, кои живееле неколку века под кнутот на туѓите завоевачи — претставува сложен комплекс на ослободителни движења и борби, кои се манифестираат во изобилноста на своите форми. Почнувајќи од мистиката и револуционерните ереси, преку ајдуковањето и локалните бунтови, па до општонародни востанија, нашиот народ се наоѓал во постојано движење, бранејќи ја својата слобода и независност.

Уште од првите денови на доселувањето на Балканското Полуострво, па се' до денеска, македонскиот народ поради географско-стратешката положба што ја запоседнува во овој важен дел од Полуострвото, беше изложен на постојана опасност и напади. Co тоа, тој беше присилен низ векови да биде постојано на штрек, да води упорна борба не само против своите експлоататорски кругови, туку и против оние што однадвор ја загрозуваа неговата слобода и мирниот творечки развиток. Токму и оваа борба што ја водеше нашиот народ против тугѓите завоевачи претставува основна моторна сила, која придонесе тој да ја сочува низ векови својата индивидуалност, без оглед на тешките услови во кои егзистираше.

Оваа илјадогодишна борба на македонскиот народ уште толку е повеличествена што тој не се бореше за освојување на туѓи територии и поробување на други народи, туку неговата борба беше насочена против туѓите завоевачи што ја загрозуваа неговата слобода и независност, што го загрозуваа неговиот мирен развиток.

Во богатата револуционерна традиција на нашиот народ, кој низ векови бил изложен на агресија од туѓи завоевачи и поробувачи, влегува и зазема едно од важните места во историјата негова и востанието од 1689/90 година, на чие што чело стоеше највеличествената фигура на ова селанско-рударско движење легендарниот Карпош, познат во историјата како „Књаз од Куманово“.

Самото востание, кое беспорно претставува едно од крупните и интересантните настани од животот на нашиот народ под османлиското ропство, не е случајно, нити предизвикано од случајни причини. Напротив, тоа, како и другите револуционерни движења на нашиот народ во тоа време, беше предизвикано од тешкото економско и политичко потиснување од страна на турските спахии и зулумќари, кои ја исполуваа својата самоволја во условите кога и самата турска империја преживуваше тешка внатрешна и надворешна криза.

Историската вредност на ова востание не произлегува само од фактот што тоа претставува еден фрагмент од вековните борби на нашиот народ, туку поради тоа што ова, како и другите селански востанија во XVI и XVII век, претставува една од алките во синџирот на револуционерните селански војни во Европа и на Балканот, кои што до виден израз дојдоа во спомнатите два века. Сите овие востанија, па и Карпошевото кое заврши со неуспех, што во никој случај не може да се препише во грев на востаниците, означува чекор напред во историскиот развиток на општеството, конкретно на Балканот, во времето кога феудалниот систем во Европа ги изживуваше своите последни денови. Иако ова востание, како и другите востанија во Европа, заврши со пораз, гледано објективно тоа има големо револуционерно значење во тоа што ја тресеше трошната феудална зграда на Балканот, а со тоа влијаеше на понатамошниот прогресивен развиток на општеството.

Временски земено, ова востание во Македонија во однос на другите селански востанија на запад на Европа релативно задоцни. Ова задоцнување за полни сто и педесет години во однос на тие на Запад, доаѓа во прв ред оттаму што османлиско-тимарскиот феудален систем во однос на европскиот феудализам беше релативно заостанат. Додека феудализмот на запад на Европа во XVI век беше повеќе историја отколку стварност, дотогаш турскиот феудализам во тоа време го достигна својот врв, што се гледа од самите закони кои ги донесе Сулејман-законодавецот во 1530 година.

Продолжува

No comments: