ПРВАТА ЛАСТОВИЦА НА БАЛКАНСКАТА ПРОЛЕТ „Работническо дело“, 24. X. 1944 год. [Документи за македонската историја]
„Всушност би требало да се каже: „На Македонската пролет“. Станува збор за штотуку објавената стихозбирка „На исток“, сонетен венец од Венко Марковски. Тој млад надарен поет веќе му е познат на бугарскиот читател, макар што всушност тој е македонски поет. Речиси сите негови работи се напишани на македонски јазик. На јазикот, што нашите великобугарски шовинисти го сметаат за бугарски дијалект, како што Македонија ја сметаат за бугарска провинција. Венко Марковски уште пред неколку години, во времето на шовинистичкиот бес кај нас, излезе со својата поезија и демонстративно изјави дека Македонците и македонскиот јазик се тоа, кое денеска им е веќе признато: самостоен народ со свој јазик! Тој смел полет на младиот македонски поет беше поткрепен од другарот Тодор Павлов, сегашниот регент на Бугарија. Тој изврши решително идејно и политичко влијание врз поетот, истргнувајќи го од канџите на великошовинистите и го упати по патот по кој Марковски денеска толку блескаво се развива. Денеска тој е националниот револуционерен поет на Македонија, што се бори за својата слобода и независност.
Книгата „Исток“, првата поетска творба, која што слободно од фашистичката цензура излегува во слободна Бугарија, е посветена на Советскиот Сојуз и на неговата борба против германските изроди. Книгата, макар и напишана на македонски јазик, се разбира и од бугарскиот читател, како што ни се доста разбирливи и српскиот и рускиот јазик. Во еден од идните броеви ќе дадеме подетална рецензија за оваа книга.“
Христо Радевски
No comments:
Post a Comment