Сегашност го нарекуваме оној момент на премин на иднината во минато, а тој краток момент е всушност фикција, оти тој е толку краток, што нема реална димензија. Всушност, може да се каже дека сегашноста и иднината се само време во кое се сеќаваме на минатото. Затоа, она што можеме навистина да го познаеме и задржиме како познато секогаш е минато. Ова значи дека во историјата секогаш, помалку или повеќе, се останати траги за постоењето, дури и тогаш кога нештата физички целосно исчезнале. Имено, може да се заклучи дека секој град врз својот надворешен изглед има видливи траги од своето минато. Така, многубројните траги врежани врз изгледот на Битола, преку архитектурата и урбанизмот, се најтранспарентното и најнепорекливото сведоштво за нејзиното многувековно постоење. Но, и онаа Битола што ја нема, онаа што забот на времето ја нагризал или пак што невремето целосно ја уништило, преку сеќавањето, старите фотографии, описите на разните патеписци, оставила длабоки духовни траги за нашите и идните генерации. На овој начин, во лавиринтот на постоечки и исчезнати сокаци и ќор – сокаци, улички, улици и булевари, се заплеткани и егзистираат прекрасните приказни и историски факти за битолскиот застој низ времето. Секоја од овие улици и секоја куќа, секоја порта и јавна чешма, секој камен кријат некаква возбудлива и неповторлива вистинска или измислена сага... Може таа да е љубовна, но може и боемска, па дури и револуционерна, но, секогаш е специфична и неповторлива – битолска. Така, Битола со својот постоечки урбан и културен еклектицизам и непостоечкиот, но присутен духовен екстракт, секогаш за своите жители, но и сите оние добронамерници кои го посетиле градот и барем краток период поминале во него, претставува место каде тие можеле да достигнат до своите највисоките духовни инспирации. Местоположбата на Битола во близина на Баба Планина, Пелагониско Поле и Црна Река, има пресудна улога за историскиот развој на градот. Благодарение на ваквата местоположба, уште во периодот на предисторијата, постои организиран човечки живот со, за тоа време, развиена и богата материјална и духовна култура...
Заради поволната местоположба, најверојатно од македонскиот владетел Филип II, тука е изграден античкиот град Хераклеја Линкестис, а низ него во време на владеењето на Римјаните проаѓа познатата патна комуникација Виа Егнација, со што тој во време на неколку векови е еден од главните градски центри на овој дел од Балканскиот Полуостров. Населувањето во почетокот на VII век, најпрво на словенското племе Драговити, а потоа и на словенското племе Березити (Брсјаци) и поставувањето на темелите на нов град во близина на античкиот град Хераклеја, го означува почетокот на средновековниот период на Битола. Во овој период од својот развој, градот се претвори во значаен религиозен, просветен и културен центар, во кој има голем број на цркви и манастири. Во времето на средновековната македонска држава на царот Самоил и неговите наследници, Битола претставува град – тврдина со несомнено значајна воено – стратешка функција и се смета дека е една од престолнините на македонските цареви.
Сепак, и покрај спроведените повеќебројни истражувања и анализи за да се одговори на прашањето каде е лоцирана средновековна Битола до наше време сè уште нема точен и прецизен одговор на тоа прашање. Карактеристично за Битола е што во средновековните пишувани извори се сретнуваат голем број различни имиња за градот. а најчесто се употребувани Бутелиок, Битола, Пелагонија и Монастир. Паѓањето на Битола под турско – османска власт кон крајот на XIV век донесе видливи промени на физиономијата на градот од етнички и урбан аспект. Тој е претворен во град скоро целосно населен од турско и друго муслиманско население и со типично ориентален надворешен изглед, во кој најекспонирани се бројните џамии, медреси и останати муслимански верски и јавни објекти. Од отоманскиот период датира Саат – кулата, која и денес е најпрепознатлив објект и незаменлив симбол на градот. Тогаш е започнато оформувањето како главната градска улица на таканаречениот Широк Сокак.
Во времето на долгогодишното, петвековно отоманско владеење, градот повеќепати доживеа свои издигнувања и падови. Но, градскиот живот никогаш не згасна, а континуирано, во различни периоди, се населуваат луѓе со различни етнички и верски припадности: македонско христијанско население, муслиманско население со припадници од разни етнички елементи: Евреи, Власи, Роми... И покрај фактот дека на крајот на XIX век доминантен дел од градското население го сочинува македонскиот етнички елемент, со сите доселувања и иселувања на население во тој период, Битола добива карактер на град со мешан етнички состав и се стекнува со традиција на меѓунационална и верска толеранција.
Својот најголем демографски, економски, политички, општествен и културен подем, Битола го достигна во втората половина на XIX и почетокот на XX век. Градот тогаш е претворен во воено административен центар на европскиот дел од Отоманската империја и доживува голем урбан растеж, во кој доминираат градби на бројни воени, економски и културни објекти, на болници, раскошни куќи, јавни чешми, конзулски резидентни и останати репрезентативни објекти.
За стопанскиот развиток од големо значење е и поврзувањето со железничка линија во 1894 година на Битола со Солун. Во тоа време занаетчиството од најразличен вид, со повеќе од 2 000 дуќани, претставува главната стопанска производна гранка во градот, а се тргувало со низа држави од Европа и Азија. Свои дипломатски претставништва од рангот на конзулати, отвораат сите големи европски држави, а такви претставништва има и од тогашните балкански држави. Затоа честопати и денес Битола се нарекува „конзулски град.“ Промените во големината и значењето на градот постепено неминовно предизвикаа промени во личната култура на жителите, кои во многу сегменти започнаа да се однесуваат по европски стандарди. Сето тоа предизвика и видлив просветно културен подем. Па, во градот се отвараат училишта и читалишта, се формираат културно – музички групи, гостуваат театарски претстави. Браќата Јанаки и Милтон Манаки отвараат фотографско студио и први на Балканот започуваат да снимаат со филмска камера. Тие со таа филмска камера и со фотографските апарати регистрираа и овековечија низа од исклучително значајни настани кои се одиграа во градот во време на последните години од отоманската власт.
Како главен административен и економски центар на Отоманската Империја, Битола претставува и терен на интензивна активност на соседските странски пропаганди, во нивниот обид за однародување на македонскиот народ и негово претворање во Бугари, Грци или Срби. Истовремено, градот е центар и на ослободителната револуционерна борба, организирана и предводена од Македонската револуционерна организација. Во градот и неговата околина со цел да го организираат населението за ослободителна борба од турската власт, престојуваат и дејствуваат најпознатите имиња на Македонската револуционерна организација: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Пере Тошев, Никола Карев... Токму затоа, Илинденското востание во 1903 година најсилно се реализира во вториот битолски револуционерен округ на Македонската револуционерна организација, а во близина на градот се водеа некои од најзначајните битки меѓу востаниците и турската војска.
По Идинденското востание, градот стана арена за пресметка меѓу приврзаниците на разните културно национални пропаганди од соседските балкански држави, пресметка која не беше само со збор и перо, туку и со груба физичка сила и оружје. Битола е во центарот на случувањата и во време на Младотурската револуција од 1908 г., па тука во почетокот на бунтот против централната власт се собрани главините раководители и главните воени сили на младотурското движење. Растот на Битола е прекинат со Балканските војни и Првата светска војна. Битолската битка помеѓу српската и отоманската војска во времето на Првата балканска војна е една од најголемите воени операции во текот на целата таа војна.
Со поразот на турските војски во оваа битка, дефинитивно завршло петвековното отоманско владеење со Битола. Но, најкатастрофални последици за градот се предизвикани кога тој за време на Првата светска војна е на самата линија на воени дејства од таканаречениот Македонски фронт. Завојуваните страни, односно српските, бугарските, француските и австроунгарските војски, безмилосно цели две години го бомбардираа градот и скоро целосно го уништија. Мнозинството жители на Битола или беа убиени или побегнаа од градот. Стопанскиот, културниот, просветниот живот скоро целосно престана. Иако, по запирањето на воените судири дел од населението се враќа, поделбата на Македонија меѓу соседните држави негативно влијаеше на натамошен долгорочен развој на Битола.
Имено, Битола потпадна под српска власт и од град со централна местоположба во Отоманската Империја. стана град кој се наоѓа во периферен реон на новото Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, односно нешто подоцна преименувано во Кралство Југославија. Всушност, пресекувањето на природната комуникациска врска на Битола со Солун значеше неповратно губење на економското, културното, политичкото и културното значење на градот. Во периодот помеѓу двете светски војни, Битола бележи скромен развој на сите полиња. Основната карактеристика на градот за време на српската окупација е неговата индустриска неразвиеност и големите економско – социјални и политички проблеми. Во овој период, особено по големата светска економска криза, од крајот на 20 – тите и почетокот на 30 – тите години на минатиот век, пропаднаа голем дел од занаетите во градот, а големата битолска чаршија од отоманскиог период видливо се намали. Најголемо претпријатие во тој период е битолскиот „Монопол“ со околу 580 вработени, што сведочи за економската неразвиеност на сето градско стопанство. Најзначаен економски зафат во целиот меѓувоен период е изградбата на железничка пруга со нормален колосек од Битола до Велес во 1931 година. Во време на Втората светска војна, Битола претставува воен и административен центар на бугарската окупаторска власт. Како таков претставува и еден од главните центри во организирањето на македонското национално ослободително движење.
Бројката од над 6.000 учесници во национално ослободителната и антифашистичка војна од 1941 до 1945 година и 266 загинати борци се најдоброто сведоштво за придонесот на Битола и битолско во извојувањето на првата национална држава на македонскиот народ во историјата. Имињата на Стив Наумов, Елпида Караманди, Тодор Ангелевски, Трифун Пановски и низа други видни македонски херои од Битола ќе останат трајно испишани во национално ослободителната историја на градот.
Ослободувањето на Битола од бугарските и германските окупатори на 4. ноември 1944 година го означува почетокот на еден нов забрзан растеж на градот на сите полиња од општествено – економскиот живот.
Индустрискиот раст во годините по војната продуцира изградба на низа стопански објекти од најразлични области од економскиот живот. Развојот на комуникациските инфраструктурни објекти од сите видови, особено од патната инфраструктура, доживеа голема експанзија. Економскиот раст предизвика забрзан демографски и урбан развој.
Градот постепено се претвори во модерен индустриски, културен, образовен и здравствен центар во југозападниот реон на Социјалистичка Република Македонија. Ова значење Битола продолжи да го има и по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Градот и денес ги поседува сите неопходни претпоставки за натамошен сестран општествен, економски и културен развој. Тој развој, заедно со откривањето на нови факти за историјата на градот, кој веќе одамна го нема, ќе ја надградуват, надополнуваат и градат специфичната и неповторлива слика на Битола.
КУСТОС-СОВЕТНИК ИСТОРИЧАР
Д-Р Александар Литовски
ЛЕКТУРА: Дукадин (Објавено во Македонска ризница, бр. 5)

No comments:
Post a Comment