Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на АСНОМска Македонија.
Виолета АЧКОСКА
Создавањето на поинаква клима внатре во Бугарија, како и враќањето на угледот на државата на меѓународен план беа тешки задачи пред кои се најде новата татковинска влада, но и раководството на БРП (к). Новиот однос на БРП (к) кон македонското прашање, меѓу другото, ја изразил членот на ЦК-Тодор Павлов во весникот Работничко дело, на 21 октомври 1944 година. Само десетина дена пред објавувањето на написот на Павлов, весникот Нова камбана известува за предавањето кое Павел Шатев го одржал на собранието на Друштвото на публицистите во Софија, на тема Балканскиот проблем и Македонија. Според Павел Шатев „излезот за решавањето на балканските проблеми е самостојна Македонија, која рамноправно со другите балкански држави ќе може да влезе во идната спасувачка и посакувана Балканска или Јужнословенска федерација“.17 Павлов истакнал дека македонскиот народ по тешки и упорни борби му покажал на целиот свет дека правото на самоопределување до отцепување, не се дава, туку се изборува.18
Така, во сплетот на сложената внатрешнополитичка ситуација и меѓународна положба на Бугарија, како едно од најчувствителните прашања се покажа македонското прашање кое од сите претходни влади и политики беше поставено како залог во релизацијата на себугарското обединување и санстефанските идеали. ЦК на БРП (к), конечно во август 1946 година, на својот X пленум, донесе Резолуција за македонското прашања каде јасно е потенцирано правото на обединување на македонскиот народ.19 Сепак, донесената Резолуција не беше прокламирана и популаризирана во бугарската јавност заради силните остатоци на шовинизмот кон македонскиот народ и отпорите за признавањето на неговата посебност.
Со своето учество и придонес во општата антифашистичка борба македонскиот народ во пиринскиот дел на Македонија ги обезбедил неопходните предуслови да бара демократско решавање на правото на ослободување и обединување со македонската федерална држава која ја сметал за матична држава. Новата влада во Бугарија која се наоѓаше во многу незавидна положба поради учеството во војната како сојузник на нацистичка Германија и во очекување поддршка од ДФЈ пред меѓуна-родните фактори ги допуштила активностите на Македонците во пиринскиот дел за манифестирање на нивната национална посебност. Така, и покрај отпорите на некои политички сили во Бугарија за признавање на националните и културните права на Македонците, таа ограничена македонска автономија добила легитимитет и во договорите потпишани меѓу Ѓорѓи Димитров и Ј. Б. Тито есента 1947 год. Обединувањето на пиринскиот дел со НРМ требало да се оствари по реализирањето на идејата за создавање единствена јужнословенска федерација меѓу Бугарија и ФНРЈ. Но, поради преплетувањето на низа различни интереси и калкулации, таа федерација не се остварила.
Сепак, културната автономија на Македонците, која во периодот 1944-1948 година се воспостави во Благоевградскиот округ, претставуваше голема придобивка на македонската држава во заштитата на дел од својот народ надвор од границите на државата, но, и израз на расположението на Македонците и на бројната македонска емиграција ширум Бугарија која застана во одбраната на македонската посебност и правото на држава на својот народ. Тој исклучителен период од бугарско-македонските односи, набрзо, во текот на судирот на КПЈ со Информбирото, беше прогласен како национална грешка на бугарската политика. Така, изменетите ставови во однос кон македонското прашање, особено ставовите на ЦК на БРП(к) од август 1946 година, бугарскиот историчар Лалков ги оценува како грешка и недоволно промислен компромис.20 Притоа, сосема се негира очигледниот факт дека голем дел од Македонците во Бугарија се чувствувале различно. Тие не можеле, и покрај тешките емигрантски услови и притисоци, да се осознаат себе си како Бугари, така што нивното јавно декларирање честопати било во расчекор со она кое интимно го чувствувале.
Токму затоа, покрај организираните фактори и учесници во антифашистичката националноослободителна борба во пиринскиот дел на Македонија, особена улога во поддршката на младата македонска држава и во битката за издигнување на македонската национална самосвест одиграла македонската емиграција ширум Бугарија. Тоа биле луѓе кои припаѓале на различни социјални слоеви и биле приврзаници на различни идејни позиции и опции. Нивната раздвиженост, групирање и јавно пројавување во името на одбраната и поддршката на Демократска
Федерална Македонија е мошне евидентно. Голем дел од најекспонираните Македонци, всушност биле продолжувачи на традициите на македонската интелигенција во Бугарија,21 која уште пред Втората светска војна водела макотрпна борба за признавање и докажување на македонската национална посебност, јазик, историја.22
Уште во првите денови на конститурањето на современата македонска држава започна ангажирањето на извесен број Македонци од редовите на македонската емиграција, но и на институции и асоцијации во Бугарија, кои до 1948 година (до судирот со ИБ) вложија напори да ја помогнат својата матична држава, во зацврстувањето на нејзината внатрешна организација, но и во докажувањето на историските корени на македонската нација, јазик, култура и националниот карактер на ослободителните борби на македонскиот народ, пошироко.
Во многустраните активности, согледувајќи дека антифашистичката борба на Македонците и на другите балкански народи е во подем и дека тоа ќе донесе видливи промени на политичката карта на Балканот, различни идејни струи и припадници на различни организации во Бугарија, претставници на Македонците во Пиринска Македонија и на повеќе емигрантски групи и организации (комунисти, илинденци, ополченци итн.) со активности, прогласи, анализи, јавни обраќања го афирмирале решавањето на македонското прашање како балканско и јужнословенско прашање.
Продолжува
17 Весник Нова камбана, Софија, 11.10.1944; Н. Велјановски, цит. труд, док. 42, 137.
18 Н. Чинго, цит, труд, 50.
19 М. Стојковиќ, Балкански уговорни односи, резолуција X пленума Централног комитета Бугарске Радничке Партије (комуниста) о македонском питању, Службени лист СРЈ, Београд 1999, 6-7.
20 Според Лалков, тргнувајќи од незавидната меѓународна положба на Бугарија во дебатите на Мировната конференција, за да си обезбеди југословенска поддршка, бугарското државно и партиско раководство „ја прифатило неправилната југословенска теза за постоење на посебна македонска нација, која единствено на територијата на НР Македонија добила можност за самостоен државен развиток“. (М. Лалков, Основни насоки във външната политика на балканските народнодемократични държави 1944-1948. Сб. „Проблемът на мира и международните отношения 1919-1980“, БАН, София 1987, 117).
21 Децениите на борбата на македонските емигранти во Бугарија можат да бидат сумирани во мислата на Н. Ј. Вапцаров искажана на основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во Софија, во 1938 година. Живеејќи и работејќи во туѓина, вели Вапцаров, во тешки и нехумани услови, со сопствени сили потребни се „многу напрегнувања и себеоткажувања зашто „Ние сме Македонци“ и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“ (Македонскиот литературен кружок, Софија, 1938-1941, Документи, ред. В. Тоциновски, АМ, Скопје 1995, 20).
22 Поставувањето на актуелните аспекти на македонското прашање и неговото разрешување, особено до израз дошло во трудовите на Васил Ивановски, Коста Веселинов и други. Коста Веселинов со неговите студии Национално поробените народи и национални малцинства, објавена во Софија 1938 година, и со Македонската преродба и Илинденското востание, објавена исто во Софија во 1939 година, ѝ го покажа современиот патоказ на македонската историографска мисла за истражувањето и определувањето на историското значење на револуционерното и националното дело на илинденската македонска генерација, насочувајќи го македонското општество кон реализирање на вториот Илинден. Васил Ивановски Бистрички во 1934 година со неговата студија Зошто ние Македонците сме одделна нација, направи теоретско-научна верификација на настанувањето на македонската нација како историска категорија. Особено значаен труд на Васил Ивановски е Македонското прашање во минатото и сега, напишан во 1943 година во затворот Идризово. Со ширината на разгледуваните теми, во опсег од антиката и Cредниот век, преку преродбата и црковното прашање, балканските и двете светски војни, трудовите на Васил Ивановски спаѓаат во пионерските зафати во современата македонска историографија. (Д. Петреска, В. Ачкоска, Осознавање на историјата, Филозофски факултет, Скопје 2008, 115-116).

No comments:
Post a Comment