January 1, 2013

ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН 3. дел

Марија Јовановиќ - „Востанијата на македонскиот народ во XI-ти век“ (стр. 5-25)

I. ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН (1040 — 1041)

Постигнатиот успех на востаниците предизвикал страв во Цариград. Таму пристапиле кон засилени подготовки за стапување во борба со востанатите и задушување на востанието. Иако здравствената состојба му се влошила, императорот Михајло собрал голема одбрана војска и тргнал против востаниците.

Сепак, не бил византискиот император тој што им го нанел ирвиот и решителен удар. Предавството и расцепот во самиот логор на Делјана, всушност, го изменил текот на востанието. Главен причинител за тоа се смета дека бил Алусијан, син на последниот владетел на Самуиловата држава Јован Владислав. Имено, по покорувањето на Самуиловата држава од императорот Василие II во 1018 година, Алусијан, заедно со сите членови на царското семејство, бил одведен како заробеник во Цариград, а подоцна испратен на служба во Мала Азија. Михајло Псел, филозоф и писател, современик и добар пријател на Алусијан, вели за него дека бил „најубав од сите синови, со благ карактер, со блескав ум и познат по своето потекло“, а според зборовите на Кекавмен „тој бил војник способен да восхитува“.

Поголем дел од својот живот Алусијан го поминал во Ерменија. Во годините кои непосредно му претходеле на востанието тој се нашол во немилост кај императорот Михајло IV. Разочаран од својата положба бил решен на сè. Затоа, кога разбрал за востанието на Петар Делјан во Македонија, преоблечен во ерменска облека како слуга на познатиот византиски полководец Василие Теодорокан, избегал тајно од сите негови блиски во септември 1040 година, и дошол во Острово кај Делјана.

Кога стасал во востаничкиот логор, Алусијан веднаш не се открил кој е. Зближувајќи се со некои од востаниците, тој, како што наведува Псел, им поставил прашање дали би го прифатиле за свој водач некој од синовите на последниот владетел иа Самуиловата држава Јован Владислав, кога тој би се појавил во логорот. Откако се уверил дека може да смета на поддршка кај востаниците, Алусијан им се претставил и тогаш извесен дел од нив се определиле за него. Меѓу нив најмногу имало од редовите на македонското благородништво, кое било онеправдано од византиската власт и кое се стремело да го искористи востанието за задоволување на своиге лични интереси.

Набргу, веста за појавувањето на уште еден царски потомок се раширила во логорот на Делјана. Меѓу востаниците настанал расцеп, едни го примиле за водач Алусијана, а други Делјана. За да се избегнат несаканите последици, двајцата водачи се договориле меѓу себе и ја поделиле сета власт. Но, и покрај привидното помирување, тие се однесувале со недоверба еден спрема друг. Сепак, основната маса на востанатите останала на страната на Делјан. Тој го задржал и врховното раководство на востанието.

Овие настани имале многу негативен одраз на понатамошниот тек на востанието. Тие ги дезорганизирале востаниците, го одвлекле вниманието на раководителите и довеле до застој во воените дејствија, во моментот кога успехот требало да се прошири и зацврсти.

За да избегне секое ново недоразбирање, Петар Делјан му доделил една важна задача на Алусијана. Заедно со четириесет илјадна војска го испратил да го заземе Солун, кој тогаш бил управуван од внукот на императорот, патрициот Константин. Кога стасал до ѕидините на тврдината, Алусијан веднаш ја нападнал, сакајќи да го изненади непријателот. Според зборовите на Кекавмен, тоа претставувало голема стратешка грешка на полководецот Алусијан, која придонесла востаниците да претрпат пораз, бидејќи луѓето му биле преморени од работа и мачнотиите при походот.

Византијците го гонат Алусијан пред Солун

„...Познато е, вели Кекавмен, дека од уморот при патувањето се разлабавуваат и стануваат мрзливи дури и оние кои се одликуваат со силни и здрави тела. Бидејќи не се улогориле... тие лутале ваму-таму, еден сакајќи вода да пие, друг коњот да си го одмори, а трет самиот да се соземе од заморот.

Алусијан се враќа при Петра Делјана по поразот кај Солун

Кога оние што се наоѓале во тврдината, ги виделе дека скитаат така бесмислено, ненадејно излегле, ги нападнале и за кусо време им нанесле... голем пораз... А оној чудесен војник Алусијан избегал сам, откако го фрлил и својот панцир...“

Катастрофалниот пораз на востаниците кај Солун го лишил Делјана од поголемиот дел на војската. Според зборовите на Скилица, „загинале повеке од петнаесет илјади, а не помалку биле земени во ропство. Другите, заедно со Алусијан, посрамени избегале кај Делјана“. Со тоа Петар Делјан бил спречен понатаму да војува, поради немање доволно војска. Собирањето на нова војска било невозможно поради немањето време, а и поради настапувањето на зимскиот период.

Наскоро по овие настани византиската војска успеала да си ја поврати Димитријада, каде што, поради предавство, бил заробен Литовој. Со тоа на пристигнатата од Солун, по море, византиска војска, и била отворена вратата за напад на востаниците.

Поразот кај Солун и паѓањето на Димитријада претставувале повратен момент во понатамошниот тек на востанието. Тоа тргнало назад.

Нетрпеливоста и непријателството меѓу двајцата водачи на востанието уште повеќе се засилиле. Според зборовите на Скилица, „кога по поразот се состанале Делјан и Алусијан, почнале еден на друг да не си веруваат; едниот се срамел од поразот, а другиот верувал во предавство, и двајцата кроеле планови еден против друг, чекајќи згоден случај“. Полукав и поитар испаднал Алусијан. Тој со неколку свои приврзаници подготвил заговор против Делјана. На гозба која била специјално приредена бил поканет и Делјан. За време на гоштевањето Алусијан успеал да го опие Делјана, а потоа со своите луѓе да го фати и на свиреп начин да го ослепи. Откако го сторил ова нечовечко дело и ја зел власта во свои раце, Алусијан, заедно со една група приврзаници, тајно избегал и се предал на византискиот император во Мосинопол (денешна Гумурџина). За ова предавство Михајло IV го наградил со магистарски чин и го испратил во Цариград кај својот брат.

Расцепот во логорот на востаниците кој и порано постоел, уште повеќе се зголемил. Востаниците се поделиле на неколку непријателски одреди. Поради предавството на Алусијан, селаните заедно со сиромашните граѓани веке не му верувале на благородништвото.

Дури по овие настани императорот со својата војска, пролетта или летото 1041 година стапил во борба со востаниците, тргнувајќи од Мосинопол кон Солун.

Настапил период на порази на востанието, период на неговото згаснување. Востаниците отстапувале и му се предавале на надмоќниот непријател. Задушувањето на востанието одело од јужните области т. е. од Грција кон север, и се вршело со голема жестина. Во составот на византиската војска се наоѓале и норманските наемнички одреди. Најмногу се истакнал норвешкиот принц Харалд Хардрад или Долги. Еве што пишува Кекавмен за него: „Заедно со императорот тргна со својата војска во поход и Харалд, кој изврши против непријателите дела, достојни за неговото благородство, и храброст.“

Од Солун императорот се упатил кон Острово, каде што се одиграла решавачката битка, во која востаниците биле наполно разбиени, а самиот Делјан заробен и одведен во Солун. Оттука Михајло IV, заедно со Харалд, навлегол длабоко во Македонија. Во Прилеп им бил даден отпор од страна на една востаничка војска, на чело со Манојло Ивец. Со цел да го задржи непријателот да не завладее со внатрешните области на земјата, тој подигнал дрвена преграда околу Прилеп. Но императорот, пристигајќи со голема брзина, ја урнал преградата, го разбил и го растурил одредот на востаниците и го заробил Ивец.

Сепак, и со поразот на Ивец, земјата не била наполно смирена. Византискиот император во своето движење кон север, со голема воена сила, стасал до Триадица (Софија). Според еден расказ во „Стратегиконот“ на Кекавмен, во своето движење на север византискиот император наишол на силен отпор од страна на востаниците кај тврдината Бојана (југозападно од Софија). Тоа всушност бил последниот отпор укажан од востаниците, по кој сета земја повторно потпаднала под византиско ропство. Народот без глава и водач бил принуден да му се покори на императорот, кој, откако назначил во покорените теми свои стратези и поставил воени гарнизони, се спуштил повторно во Солун, а оттаму, заминал за Цариград, каде што триумфално бил пречекан. Со себе ги довел ослепениот Петар Делјан, Манојло Ивец и други заробеници. Еве како го опишува влегувањето на императорот во Цариград писателот Михајло Псел: „И блескав тој тргна за престолнината водејќи многу заробеници и се разбира најважните меѓу нив и самиот незаконски началник со исечен нос и извадени очи. — И така тој влезе блескав откако целиот народ беше излегол за него (на улиците). Тогаш го видов и јас како се ниша на коњот божем во носилка. Прстите кои ги држеа уздите на коњот изгледаа како огромни прсти, затоа што секоја рака достигнуваше голема дебелина и големина (колку му се влошило здравјето. — Забелешка М. Ј.), а лицето не личеше на поранешниот негов лик. И така, доведен во престолнината, тој доживеа блескав триумф, водејќи ги заробениците низ средината на театарот и им покажа на Ромеите, дека душевното напрегнување исправува трупови, а наклоноста кон убавото ја победува телесната слабост“.

И така, востанието на Петар Делјан, кое започнало со големо одушевување и добило големи размери, завршило со полн неуспех. Тоа претставувало едно од најкрупните народноослободителни востанија во Македонија во средниот век.

Востанието ги надминало рамките на исклучиво македонско народно движење, бидејки во него покрај македонскиот народ зеле учесгво албанското, грчкото, влашкото и друго население на Империјата. Во него биле опфатени различните слоеви на населението. Главната и основна маса ја сочинувало селанството, но покрај него, зело учество и градското население од градовите: Белград, Ниш, Скопје, Драч, Никопол, Прилеп, Димитријада, Софија, Острово и други. Во востанието учествувале и претставници на македонското благородништво, како и стратиотите, кои служеле војска во Македонија, а биле лица собрани од редовите на македонското, бугарското, албанското, српското и влашкото население. Сите овие различни социјални групи и слоеви се бореле за укинување на византиското господство, а покрај тоа и за своите специфични интереси. Најдоследни во борбата се покажале најниските слоеви од населението, зашто тие најдобро го сетиле на својот грб тешкото византиско ропство. При евентуалната победа над Византијците сето население кое учествувало во востанието се надевало дска ке му се подобрат животните услови.

Според тоа, народноослободителната борба нужно морала да прими и црти на антифеудална борба, бидејќи поголемиот дел на народот се борел, како против византиското ропство, така, едновремено, и против експлоатацијата на господаречката класа. Токму тоа и послужило како основна причина за расцепот во востаничкиот логор, токму со тоа и се објаснува предавството на благородништвото, исплашено од силниот размав на движењето. Сепак, целото благородништво не го напуштило востанието, иако може да се претпостави дека по бегството на Алусијан, многу мал дел од него останал во неговите редови.

Изворите се едногласни дека главен повод за неуспехот на востанието, било предавството на Алусијан. Решавачките пак причини за неуспехот биле социјалните противречности во логорот на востаниците и предавството на благородништвото. Освен тоа, како причина може да се наведе и тоа што не бил побаран сојузник надвор од Македонија.

Со востанието во 1040 година се завршува првата етапа на борбите на македонскиот народ против византиската власт во XI век. Иако востанието на Петар Делјан не успеало, тоа придонесло византиската власт на Балканот осетно да ослаби. Важна последица од востанието била и воспоставувањето врски за заедничка борба меѓу македонското словенско население и угнетеното албанско, влашко и грчко население во темите Драчка и Никополска, Грција и Солун. Востанието исто така помогнало да се зацврсти српското кнежевство во Зета, ослободено од византискиот суверенитет пред самото избувнување на Делјановото востание. Востанието на Петар Делјан оставило длабоки корени во животот на македонскиот човек и ја потхранувало неговата желба одново да стапи во борба против византиското ропство.

Крај

No comments: