November 25, 2012

Создавање и активноста на ВМРО до Илинденското востание 8. дел

Иван Катарџиев


Втор основен проблем за успешно развивање на револуционерното движење беше вооружувањето на Организацијата. Оружјето беше од огромно значење за материјализирање на апстрактната идеја за револуционерната организација. Тоа го подигна чувството на сигурност во очите на обесправениот роб и затоа имаше извонредно привлечна сила.


Во прво време ЦК се кадеваше дека со оружје ќе може да се снабди во Бугарија. Меѓутоа, брзо стана јасно дека бугарската влада немала намера да и дозволи на внатрешната организација да се вооружува. Воениот министер на Бугарија отворено му рекол на Ѓорче Петров: „Не сме будали д а ви дадеме муниција (станува збор за околу 4.000 кримски пушки исфрлени од употреба во бугарската армија, а набавени од Организацијата б. н.). Така ние ја држиме силата в раце, инаку вие ќе се оттргнете од нас“ .

Неуспехот со набавувањето оружје од Бугарија Организацијата го компензира на друг начин. Беа внесени големи количества оружје од Грција, особено во Битолскиот револуционерен округ. Покрај тоа, народот се самовооружуваше на теренот. Сепак, потребите од оружје никогаш не беа докрај задоволени.

Растењето на Организацијата го наметнуваше и прашањето за создавање оружена сила. Тоа беше предвидено и со Уставот. Терористичките групи, создадени во 1895 година, не можеа да ги задоволат потребите. Затоа во есента на 1898 година беа расформирани, а на нивно место беше пропишано да се создадат околиски чети.

Задачата околу создавањето постојани околиски чети му беше доверена на Гоце Делчев, кој беше и најподготвен за тоа. Во почетокот четите, кои имаа пред се организационо-пропаганден карактер, беа ограничени во своите активности. Меѓутоа, заедно со успесите што ги постигнуваа во ширењето на револуционерното движење, растеше и нивното значење и број. Тие се претворија во школи на револуционерното движење, во извор на кадри за развиток на воената сила на Организацијата.

Со растењето на оружената сила на Организацијата се подобруваше и нејзината ефикасност. По околиските, беа создадени центрови чети (една за неколку села, потчинети на околиската), потоа селски чети, една за секое село, составена од легални членови, кои се мобилизираа само во одделни случаи итн. Над сите нив се наоѓаше инспекторската ревизорска чета, единствена за цела Македонија и Одринско, под команда на Гоце Делчев. Тој истовремено беше началник на целата оружена сила на Организацијата.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

No comments: