Со заземањето на Македонија од страна на Турците-Османлии, во Македонија навлегол османскиот монетарен систем. Првата турска монетоковница била отворена во Скопје. Скопје било едно од првите краишта или уџови на територијата на Македонија. Во нашата историографија е прифатена 1392 година како година на паѓањето на Скопје под османска власт. Освојувањето на Скопје го извршил Пашајигит-бег за време на владеењето на султанот Бајазит I Јилдирим (1389-1402). Имено, за прв краишник бил поставен освојувачот на Скопје, претходно спомнатиот Пашајигит-бег. За време на турското владеење на Балканот Скопје бил развиен економски и трговски центар. За тоа докажува и отворањето на првата османска монетоковница, која била приватна(изнајмена), во Македонија токму во Скопје.
Таа се наоѓала во близина на Даут Пашиниот Амам. Скопската монетоковница била отворена во 875 година по хиџра (1471 година) за време на владеењето на султанот Мехмед II Фатих (Освојувач). Со мали прекини за време на султанот Мустафа И (1617-1618 и 1622-1623), скопската монетарница работела до 1640 година, т.е. до времето на султанот Мурат IV кој последен ковал во неа. Во неа се изработувале златни и сребрени монети, а според досега единствениот пронајден мангир (мангар) се знае дека се изработувале и бакарни монети. На првите акчи (турски сребрени монети „белици”) стои датацијата од 875 г по хиџра, но според нивниот тип и реткоста може да се заклучи дека биле исковани кон крајот од десетгодишнината кога се менувал типот и тежината на акчите, односно во периодот од 1479-180 година.
Таа се наоѓала во близина на Даут Пашиниот Амам. Скопската монетоковница била отворена во 875 година по хиџра (1471 година) за време на владеењето на султанот Мехмед II Фатих (Освојувач). Со мали прекини за време на султанот Мустафа И (1617-1618 и 1622-1623), скопската монетарница работела до 1640 година, т.е. до времето на султанот Мурат IV кој последен ковал во неа. Во неа се изработувале златни и сребрени монети, а според досега единствениот пронајден мангир (мангар) се знае дека се изработувале и бакарни монети. На првите акчи (турски сребрени монети „белици”) стои датацијата од 875 г по хиџра, но според нивниот тип и реткоста може да се заклучи дека биле исковани кон крајот од десетгодишнината кога се менувал типот и тежината на акчите, односно во периодот од 1479-180 година.
До крајот на владеењето на Мехмед II во скопската монетоковница биле ковани акчи уште на двапати, во 885 и 886 г по хиџра. Акчите ковани во 886 г. по хиџра биле ковани по смртта на Освојувачот во периодот на борбата за престол на неговите синови Бајазит и Џем. По победата на Бајазит II и неговото стапување на престолот, почнале да се коваат нови акчи, на кои била внесена годината 886 по хиџра, како и кај последните акчи исковани за времето на Мехмед II. Од времето на Бајазит II па до затворањето на провинциските ковници, било правило на парите да се врежува годината на стапувањето на престолот на султанот, а не и годината на промената на серијата или вистинската година на ковање. Од времето на Бајзит II се регистрирани неколку варијанти на два основни типови кои биле ковани за владеењето на овој султан. За време на неговиот наследник, султанот Селим I Јавуз (1512-1520) монетоковницата продолжила со работа. Во врмето на неговото владеење, румелиските монетоковници биле попродуктивни од анадолските, што се објаснува со потребата за подготовки на походите против Персија и Мамелуците во Египет и Сирија. Некои од типовите на акчи, кои во овој период се ковеле во Скопје се многу ретки, па дури и уникатни. Времето на владеењето на наследникот на Селим, султанот Сулејман И Величенствениот (1520-1566) е зенитот на османската држава. Во овој период таа претставува светска велесила која се протега на три континенти. Во овој период скопската монетоковница работела со метал кој бил откупуван во градот, кој тогаш претставувал важен трговски центар. За време на владеењето на Сулејман, во неа се ковале акчи, од кои до денес се регистрирани околу 50 типови и варијанти. Според еден податок во скопската монетоковница се ковале и златни пари- султани. Имено, во ферманот испратен во септември 1564 година, од скопскиот кадија се бара да го уапси управителот на ковницата, бидејќи произведувал златници со лош квалитет. Меѓутоа, досега за жал не e пронајден ниту еден примерок на овие златници што биле ковани во Скопје. Најверојатно поради нивниот слаб квалитет тие биле претопени. За време на истиот владетел во Скопје биле ковани и бакарни пари-мангири. Единствениот примерок на мангир кован во Скопје се наоѓа во колекцијата на Слободан Среќковиќ. Според дизајнот и инскрипцијата, може да се заклучи дека монетата била кована во периодот од 962-963 г. по хиџра (1554-1555). Пред самиот крај на владеењето на Сулејман I, скопската монетоковница престанала да работи, најверојатно поради тоа што на нејзиниот управник му била одземена дозволата за ковање. За време на султанот Селим II (1566-1574) скопската монетоковница продолжила со својата дејност, но го намалила интензитетот на производство. За време на овој султан биле ковани акчи и султани. После доаѓањето на престолот на Мурат III (1574-1595), делумно се подобрила работата на скопската монетарница. Во овој период скопската монетарница изработувала монети со сребро подобро од другите монетарници во државата. Ова е интересен податок, со оглед на тоа дека дотогаш ова ковница се сметала за најлоша во Царството. Во овој период производтсвото и понатаму продолжило да опаѓа. За време на наследникот на Мурат, Мехмед III скопската монетоковница сериозно го намалила своето производство, пред се поради недостатокот на благородни метали. Во овој период во румелиските ковници престанале да се коваат златници, освен во Сидерокапса. Скопската монетарница почнала да го губи својот примат меѓу ковниците во Македонија за сметка на охридската ковница. За време на владеењето на Ахмед И (1603-1617) скопската
монетоковница работела со минимален капацитет поради недостатокот на сребро. За време на идните неколку султани, работата на скопската ковница речиси замрела. Последен турски владетел кој ковал свои пари во Скопје бил Мурат IV (1623-1640). Од него се најдени многу мал број на монети ковани во Скопје, што оди во прилог кон тезата за постепено згаснување на монетоковницата во Скопје. Со доаѓањето на престолот на султанот Ибрахим, со цел да се спречи фалсификувањето на пари, провинциските ковници биле затворени, а ковањето продолжило во Истамбул.
Можеме да кажеме дека во периодот од отворањето на ковницата во Скопје, најпродуктивна била во периодот на султанате Селим И и Сулејман Законодавецот, т.е. на врвот на моќта на Османското Царство.
Со опаѓањето на моќта на Империјата, опаѓало и производство на пари во ова ковница и на крај била затворена од веќе кажаните причини.
1 Даниела Поповска, Ковање на монети во скопската монетарница за време на османлиските владеења, Монетите и монетоковниците во Македонија: Зборник на трудови од симпозиумот одржан по повод 80 години од животот и 50 години наставна и научна дејност на акад. Ксенте Богоев, уредник Цветан Грозданов, МАНУ, Скопје 2001, стр.1642
2. Слободан Среќковиќ, Ковање на пари во Македонија за време на Османлиите, Монетите и монетоковниците во Македонија: Зборник на трудови од симпозиумот одржан по повод 80 години од животот и 50 години наставна и научна дејност на акад. Ксенте Богоев, уредник Цветан Грозданов, МАНУ Скопје 2001, стр 176
Користена литература:
Монетите и монетоковниците во Македонија: Зборник на трудови од симпозиумот одржан по повод 80 години од животот и 50 години наставна и научна работа на акад. Ксенте Богоев, уредник Цветан Грозданов, МАНУ, Скопје 2001
Дарко Дорошевски, објавено во Македонска Ризница, бр. 2
No comments:
Post a Comment