September 4, 2012

СПРОТИ ИЛИНДЕН

Летото 1903. беше многу убаво. Нивите натежнаа од род, гранките на овошките (зарделиите, праските, сливите и други) се кршеа од род, а во бавчине имаше тикви стамболки големи колку шиник. Ливадите беа окосени, бостаните беа полни со дињи бадемки и лубеници мраморки.

Марена помина и пред да се отвори гумното и вршењето, селаните од Загорани со радост го очекуваа Илинден, за да појдат на гости во соседното село Веселчани, оти таму им беше светден и малку да се одморат, оти уште од Петровден не се одмориле.

Вечерта, спроти празникот, небото беше чисто и ведро, многумина што беа собрани кај гумноно трпоско гледаа како доаѓаат откај Крушево чудни светлинки и нешто како да пука, но не можеа да сетат што е. Бидејќи беа уморни си отидоа дома и си позаспаа.

Следното утро беше Илинден. Иако празник некој мораше да ги истера воловите на пасење. Редот му се падна на Анѓеле, син на Петре Јонов Бозоски. Во волненото торбе мајка му Доста му стави леб и сирење. Анѓеле ги потера волојте накај Црна земја. Кај Торојца го сретна Недана, братучед му и му рече:

- Недан, нека попасат волојве, јас да ја
наполнам матеркава со вода од долна чешма (со таа вода можеш да изедеш еден сомун леб со старо сирење, толку што е убава).

- Добро, рече Недан. Aј, после ќе ги тераме боротинсконо, што троска има. Така и бидна. Таму го најдоја и Трајчета Цолета. Стоката се запаси, а децата се заиграа бишка, ложана и кусо петле. Така дојде време и за на мерис.

И тогај, од кај Крушево, до ушите на децата допре силно пукање од пушки и топови. Анѓеле многу се уплаши, почна да плачи и побегна дома. Кога го виде татко му Петре го праша:

- Што е Анѓеле, кај ти се волојте? Анѓеле гледајќи в земја рече:

- Ами, ми е страв од пукањето... Тогај Петре му врза една шлакајнца и му рече да оди назад кај стоката.

Јас многу страв претргав тој ден, оти бев дете, имав само осум години и не знаев дека комитите и славните војводи тој ден во Крушево направија прва Република на Балканот, мислев дека Турците пукаат на нас воларчињата. Вака ми раскажуваше дедо ми Анѓеле, Бог да му душа прости, во зимските вечери во почетокот од шеесеттите години од минатиот век.

Цане Николовски

Извор: Македонска ризница, број 1, 4 август, 2012 година.

No comments: