МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК
Се што е под Дунав и Стара Планина е територија на Македонија
Истиот однос Европа го имаше и кон Србите. Благодарејќи на дејноста на Српската православна црква во Австрија, се прават напори да се омеѓат и етничките граници на "Србите" не само во Австрија, туку и во Турција. Благодарејќи на периферната положба и особениот интерес на Австрија и Русија, беше подготвено Првото српско востание на Караѓорѓе и беше создадена првата современа српска држава, но претставата за нејзините етнички граници речиси не се протегаа надвор од Белградскиот пашалак. Дури со тоа востание се разви митологијата за Душановото Царство и за Косовската битка што создаде епопеја во народната традиција и преднацрта визија за српските територијални претензии, богато илустрирана и во тогаш создаваното народно творештво презентирано особено од Вук Караџиќ. Тоа се рефлектираше и во историската свест на српскиот народ што потоа го оптоваруваше не само XIX, туку и целиот XX век. Факторот што во условите на шеријатска Турција можеше да ги сугерира граничните линии на одделните етноси, покрај верата, беше пред се јазикот. Но тој можеше да биде релевантен само во однос на несловенските јазици. Најсложена за означување беше етничката граница помеѓу самите словенски етноси, јазици и култури на Балканот. Особено што насекаде има појаси од пошироки лимитрофни подрачја. Во почетокот на XIX век немаат претстава за балканската етничка карта ни мошне истакнати имиња од науката. Вук Караџиќ, на пр., дури во 1822 год. му го откри на светот "бугарскиот јазик" преку македонските трговци од Разлог во Виена.
МАКЕДОНИЈА ЛУЛКА НА КИРИЛ И МЕТОДИЈА
Тогаш рускиот славист П. И. Кепен му обрнува внимание на Вука дека Бугаринот Д. Мустаков му кажал оти разлошкото наречје е од "српската граница", а самиот Караџиќ му одговара дека не знае каде е тоа место, но дека "поскоро ќе биде во Македонија, отколку од српската граница". За да се разјасни прашањето, на 22. IV 1826 год. Кепен го препорачува Караџиќа пред Руската академија на науките да биде помогнат за да направи истражувања на самото место "зад Дунав", бидејќи "бугарскиот јазик се уште малку ни е познат, а словенскиот дијалект што се користи во Македонија, таа лулка на словенските првоучители Кирил и Методија, и во словенските црковни книги, сосем ни е непознат..." Истражувањето на јазикот на јужните Словени - продолжува Кепен - бездруго бара истражување на јазикот на заддунавските Власи (македонските Власи што се нарекуваат Куцовласи) и јазикот на Албанците, за кои досега толку малку знаеме што некои го вклучуваат во словенското наречје, додека други, со поголема основаност, албанскиот или арнаутскиот јазик го сметаат самостоен, древен, европски". Следствено, не само што В. Караџиќ не прави разлика помеѓу македонскиот и бугарскиот, туку тој и за кирило-методиевскиот јазик вели дека бил "српски или бугарски", а за албанскиот не постоеле ни елементарни информации.
Значи, и православна Русија, независно од старите врски со балканските Словени и православци, немала јасна претстава за етничката карта на Балканот. Вистина, уште во половината на XVIII век Екатерина II од бегалците од Турција создала посебни етнички полкови на Србите, Македонците, Бугарите, Грците и Власите, па во регистрационите книги е фиксирана и нивната народност (за бегалците од Македонија точно е означено дека се декларирале оти се "из македонскои нациеи"). Во времето на Руско-турската војна во 1811 год. било дозволено да се формира и посебна Бугарска земска војска во рамките на руската армија. Сепак, Русија уште немала точна претстава не само за Бугарија и за етничките граници на Бугарите, туку ни за другите денешни народи на Балканот. Токму во времето на етеристичкото движење аѓутантот на главниот командант на руската армија П. И. Пестел предложил проект за државното уредување на европските владенија на Турција во кој предвидува создавање федеративни кнежевства од следниве области: Влахија, Бугарија, Романија (Румелија), Србија, Босна, Албанија, Ливадија, Мореја, Тесалија и Македонија.
Во почетокот на XIX век поголемо значење имале историските традиции и зачуваните имиња на некогашните држави на балканскиот простор, отколку етнокултурните реалности на овдешните народи. Затоа се доградуваат митовите за античката Македонија или за древната Елада, особено за Византија, како и за средновековните привремени царства и кралства на Бугарија, Србија и Дакија и се проучуваат картите со границите на античките и средновековните држави.
МАКЕДОНЈАНЦИ
Така се гради и свеста на населението од тие територии и се зборува за Бугари само на просторот помеѓу Дунав и Стара Планина, за Срби главно во Белградскиот пашалак и во австриска Војводина (под јурисдикција на Карловачката српска православна црква), додека за Македонци на територијата на цела "Румелија" што ги растега границите од Шар Планина, па се до реката Марица и од Солун до Ниш, Софија и Стара Планина. Тоа го потврдуваат и трите мошне значајни документи од август 1829 година напишани од Трифон Неделјович Давидски од "Филипо Поле" (денешен Пловдив) упатени до руската воена команда што напредувала преку Бугарија кон Цариград: неговата долга акростихувана "Песна македонска", прокламацијата "За верата Христова и за верноста на нашата татковина" и меморандумот "Молба и желба" до главниот командант на Руската армија. Тие претставуваат автентичен израз на народот од "праотеческата земја Македонија" и одраз на патриотскиот стремеж на "христијанскиот род што живее во Македонија" и го носи името Македонјанци. Давидски нагласува дека Бугарите живеат на просторот помеѓу Дунав и Стара Планина, а се што е подолу е територија на Македонија и е населено со Македонци.
Благодарејќи на интересите на големите сили, а пред се на "покровителката на православјето" Русија, најрано почнаа да се издвојуваат од Турција народите што беа на периферијата на Империјата. Во 1804 год. (не без поттикот и помошта однадвор) беше кренато востанието на Караѓорѓе Петровиќ во Србија, а потоа (1815) и она на Милош Обреновиќ. Во 1821 год. избувна етеристичкото востание на Грците - најпрвин на островите и во грчките колонии во денешна Романија, а потоа и во самата Грција. По Руско-турската војна со мирот од 1829 година дојде до признанието на државниот статус и на вазална Србија и на новиот меѓународен субјект Грција. По Кримската руско-турска војна, во 1859-1862 година беше извојувана полната слобода и обединувањето на романските кнежевства со истакнување и на обединителното денешно име на државата Романија.
Во тие околности Бугарија и Македонија, словенски и православни земји, како етнокултурни целини, останаа единствени заеднички да ја делат судбината во Европска Турција. Тие беа веќе во иста позиција и спрема Турција и спрема Цариградската патријаршија. Нив ги сврзуваа истите интереси и цели и стоеја пред истите задачи. Дотогашната традиционална црковно-словенска писменост на Балканот, заедно со природните допири во историјата, создаваше претпоставки за заеднички настап. Блискоста на јазикот само ја олеснуваше таа привремена кохезија на стремежите. Она што се случуваше во другите словенски земји не остануваше непознато за Словените во Турција.
ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"
ПРОДОЛЖУВА: Од бога било пишано Македонија да страда од Грците
ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

No comments:
Post a Comment