February 28, 2012

Битката за Скопје 1

Завршните операции на Н.О.В. за ослободувањето на Македонија, Михаило Апостолски

БИТКАТА ЗА СКОПЈЕ

Во општиот план на Главниот штаб на HOB и ПО на Македонија, во основни линии беше предвидено кои единици треба да се управат кон Скопје. При крајот на октомври 1944 година, борбите во цела Македонија (со исклучение на Западна) се развиваа успешно како што се понапред изнесени.


Во Западна Македонија (Кичево, Гостивар, Тетово), покрај помали германски сили, се наоѓаа доста големи и добро организирани балистички сили, за кои подробно ќе говориме подоцна.

Во Качаничката Клисура, на комуникацијата дејствуваше XVI НО бригада, водејќи секојдневно борби против балистите и Германците на самата комуникација Скопје — Качаник.

Податоците прибрани од заробениците и најдените документи кај заробениците, како и фактот на повторното ослободување и дефинитивното задржување на Прилеп, Струмица и други градови, јасно говореа дека главнината на германските сили, и покрај жестоките борби, сепак беше минала низ Македонија иако со значителни загуби.

Скопје го бранеа главно, 22. пешадиска дивизија со 47. и 65. полк, некои делови од 11 возд. пол. дивизија. Меѓу нив имаше измешани и помали единици и борци од разни други единици на Леровата армиска група "Е". Пред Качаничка Клисура беше крепосната бригада „Ангемилер". Во борбите зедоа учество: германската пешадија, артилерија, инженеријата и малку тенкови. Авијацијата не учествуваше. Вкупната бројност на германските сили во Скопје изнесуваше околу една дивизија.

Генерал Михаило Апостолски

За одбраната на Скопје беа изработени укрепленија од типот на полска фортификација. Поголемиот дел на германските сили беа распоредени на јужната страна на Скопје (на десниот брег на реката Вардар), a помошните сили во источниот дел, во реонот на Гази Баба и во реонот на индустрискиот крај, а дел од силите во северозападниот крај, во касарните, каде што беше распоредена и артилеријата. Сите објекти што ги држеа Германците беа организирани за кружна одбрана, опашани со телени мрежи, а покрај ова пристапите беа минирани.


Во Скопје Германците беа нарочно организирале за одбрана и едновремено приготвиле за разурнување сите поважни објекти, и тоа: зградата на Главната железничка станица, Кранговата палата, зградата на сегашното Претседателство на Владата на НРМ (таканаречената палата Бановина), зградата на Дирекцијата на полицијата, зградата на Народната банка и Домот на армијата, зградите на Учителската школа и уште доста други згради крај кејот и околу мостовите. Сите мостови на Вардар беа поседнати и минирани.

Единици на Н.О.В. маршираат кон Тетово

Бидејќи, речиси, целиот октомври беа водени борби јужно од Скопје на Карлијак и малку позападно на Сува Гора, Германците спрема југ имаа организирано и надворешна одбрана на Скопје, на линијата: Лисиче, Кисела Вода, гребенот на Карлијак. На Карлијак: Бел Камен (954) и Крстовар (1057) како и селата Лисиче и Кисела Вода, беа силно укрепени и организирани за кружна борба.

Покрај ова, и на мостот преку Вардар, кај Ханриево (сега Горче Петров) беше поставено германско осигурување.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]  

No comments: