July 22, 2011

Земјата што ја збогати Европа

Покрај тоа што Македонија ги исполнува сите услови за започнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, портата за влез во Унијата за Македонија и понатаму е ширум затворена и тоа само поради непринципиелните и геноцидни барања на една од нејзините земји членки.

На луѓето од Брисел мора да им стане јасно дека, Македонија е дел од Европа и сè додека таа не стане земја членка на Европската Унија, истата таа Унија нема да биде комплетна. Не само поради тоа што Македонија е европска земја, каква што од секогаш била, туку и бидејќи самата Македонија дала огромен и непроценлив придонес за Европа да стане она што е денес.

Да видиме дел од она со кое што Македонија и Македонците ја задолжиле Европа.

Харолд Ламб во својата книга „Александар Македонски“, од 1924 година, спомнува дека земјоделието во Европа започнало токму на територијата на Македонија:

„Македонија е место каде сигурно настанало првото агрикултурно село во Европа, кое датира од околу 6.620 година п.н.е.“

Ова значи дека останатите народи во Европа до тогаш постојано се селеле и не биле сврзани за одредена територија како што населението на ова село било сврзано со територијата на Македонија.

Земјоделието во Македонија и денес е гранка со која што се занимаваат поголем број на нејзини граѓани, а климатските услови нудат идеални услови за одгледување на голем број земјоделски култури и производство на здрава храна.

Занимавањето со земјоделие, односно формирањето на постојани населби придонело за развивање на науката, културата и уметноста. Скулптурата „Адам од Македонија“, која датира од 6 милениум п.н.е., на светскиот археолошки симпозиум во Хрватска (2002), беше наречена едно од десетте најзначајни археолошки пронајдоци. Локалитетот Кокино претставува една од најстарите астрономски обсерватории во светот, стара повеќе од 3 800 години. Во 2005 година NASA ја рангираше меѓу четирите најзначајни антички обсерватории.

Природно продолжение на тие први земјоделски населби било формирањето на првата вистинска држава во Европа.

Ова го потврдува Питер Грин (Peter Green) во својата книга „Alexander of Macedon 356-323 BC: A historical biography“, од 1974 година:

„Македонија била првата голема територијална држава со ефективна централизирана политичка, воена и административна структура на европскиот континент.“

За ова пишуваат и авторите Fritz. M.Heichelheim и Cedric A. Yeo во нивната книга „History of the Roman people“: (стр. 148):

„Античка Македонија била единствена во јужна Европа и на Медитеранот која што изгледала и работела како држава со сите државни атрибути... Тоа бил еден народ, со ист јазик, со иста религија, со иста култура и обичаи. Со еден збор вистинска национална држава...Во Античка Македонија имало еден закон кој важел на целата територија.“

Зарем не е апсурдно за најстарата држава во Европа, портата за влез во Европската Унија да се држи затворена?

Не само што Македонија се спомнува како најстара земја на европскиот континент, туку се смета за земја која со својата култура ја облагородила Европа, како што тоа го вели Харолд Хаарман во својата книга „Early civilization and literacy in the mediterranean world“ (1996):

„Балканот со центар Античка Македонија, бил јадро каде што се родила најстарата цивилизација, која со своите културни вредности ја облагородила Европа и светот, му дала писмо врз чија основа подоцна било создадено латинското.“

Високо развиената цивилизација на Македонците ја потврдува и експертот за античка Македонија - Јуџин Борза (Eugene Borza) во својата книга „Пред Александар, градејќи ја античка Македонија“ (Before Alexander, constructing Ancient Macedonia), од 1999 година (стр. 89):

„Древните Македонци од дамнина имале високо развиена цивилизација.“

Во историјата Римјаните се забележани како оние кои што го измислиле цементот. Но, неодамна за BBC грчкиот археолог Ангелики Котридис (Angeliki Kottaridis) излезе со тврдењето дека веројатно не Римјаните, туку Македонците се оние кои што го имаат измислено цементот и тоа цели три века пред Римјаните да започнат да го користат.

Македонците предводени од Александар III Македонски, еден од најголемите војсководци и кралеви во историјата на човештвото, околу триста лета пред Христос, успеале да ја создадат најголемата империја во светот до тоа време, која била поголема одошто Европската Унија е денес.

И за разлика од тоа дека, Европската Унија денес декларативно се залага за почитување на малцинските права, а во пракса секојдневно истите тие малцински права се кршат во две нејзини земји членки - Грција и Бугарија, кога се во прашање Македонците, во империјата на Александар III Македонски се почитувала секоја нација.

Денес населението во Европа е претежно христијанско (католици, православни, протестанти...). Неодамна од страна на ОБСЕ едногласно беше усвоена Резолуција за борба против нетолеранцијата и дискриминацијата врз христијаните.

Но, дали Европските бирократи знаат дека овој процес на христијанизација во Европа започнал токму по барање на еден Македонец, дека во Македонија се појавила првата христијанска црква во Европа и дека токму Македонците биле првите луѓе од континентот Европа кои што го примиле христијанството.

Во Светата книга во делата на Светите Апостоли е опишана случката која е позната како Македонски плач (Macedonian Cry):

„16:9 - И на Павла му се јави ноќно видение: некој човек од Македонија застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија – помогни ни!“

„16:10 - И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието."

На прашањето, како Свети Павле знаел дека човекот кој бил исправен пред него во тоа видение навистина бил Македонец?, F. F. Bruce (Ф. Ф. Брус) дава одговор:

„Доволно е да се спомне што тој човек рекол: „Дојди во Македонија и помогни нѝ!“. Какошто T. W. Manson рече на ова место пред 25 години - ако некој дојде и ми рече: „Дојди во Шкотска и помогни нѝ!“, јас ќе претпоставам дека е Шкот, без оглед на тоа дали носи килт и свири на гајда за да го докаже својот идентитет.“

По ова Свети Павле тргнал за Македонија и по патот Виа Егнација стигнал во градот Филипи, кој што бил основан од македонскиот крал Филип II Македонски, во 356 година п.н.е.

Недалеку од градот, Свети Павле имал официјална средба со неколку Македонки (домородни жени), дел од кои што и ја основале црквата во Филипи, прва христијанска црква на европскиот континент. Нивна лидерка била Македонката Лидија, која што и се смета за прва жена од Европа која што го примила христијанството (според книгата на F. F. Bruce -St.Paul in Macedonia).

Доколку Македонец не го повикал Св. Павле да дојде во Македонија, доколку првата христијанска црква не била основана токму во Македонија и доколку Македонците не го примиле христијанството, којзнае дали Европа денес ќе била претежно христијанска.

Со Македонија е поврзано и создавањето на кириличната азбука, која што се користи од повеќе европски земји.

Фреската „Оплакувањето на Христос“ од црквата Св. Пантелејмон во Нерези, Република Македонија (1164), се смета за непосреден претходник и предвесник на европската ренесанса.

Според напишаното од специјалистот по византиска уметност, Тања Велманс (Tania Velmans), во нејзината книга: „Уметноста на медитеранот - ренесанса на истокот и западот 1250-1490“ (L’art de la Méditerranée – Renaissances en Orient et en Occident, 1250-1490), ренесансата во Европа започнала токму во Македонија, во 1295 година:

„Ренесансата во Европа започнува со фреската на Богородица, во црквата Перивлепта, Охрид.“

Имајќи ги предвид сите овие факти, Европската Унија мора Република Македонија да ја прифати како полноправна членка на Унијата, и тоа не било како туку под нејзиното уставно и историско име и со сета нејзина култура и традиција. Не само за да и помогне на Македонија, туку пред сè за да помогне на самата Унија да се збогати со сите претходно спомнати културни вредности и историски придобивки со кои Македонија може да се пофали.

Александар Стеванов, објавено и на Macedonian Spark

No comments: