October 25, 2010

Македонија – Анте Поповски

МАКЕДОНИЈА

Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце.

Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините.

Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води.

Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите.

И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат.

Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк.

Низ која времето одминува
и пак се враќа
со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање.

Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.

Анте Поповски

No comments: