Гласник:
Ќе те слезат во ад
за Македонија
Каде змии пиштат
Очи закрвавени и зли
Ќе те земат на нишан
за Македонија
Ако паднеш недоречен
Љубовта одново ќе се роди
И до што е народ по светов
Во подземја и надземја
И на сон и на јаве
Ќе те довикува
Полн светлина е гробот на Прометеја!
Накалеми врз посечена овошка слобода!
Секоа твоја стапка е темел за престолнина!
Гоце:
Ме мачат прокоби
Крвави играрии на векот
Ни потопи ни суши
Не ќе ме слезат од височини
Не смрт без слобода
Не без Македонија
Та кој ми ја краде земјата
И во очи ми ја фрла
Кој ми го погани морето
Ѕвезди крвави ќе му потопам
Тука и тревка се бори
За сонце и слобода
Тука и семето јачка
Во земјина утроба
Та од каде прислушнувам плач
Та кој ветер ми го корне
Морето од душава
Мајка ти во црнина те оплакува
Јадра роса се нејзините солзи
Морска длабочина е нејзината душа
Има денови кога се збогувам
Со времиња – деца сирачиња што ми се
По патишта оставени
Како оголена шума
Без лисја што е без деца таа жена сиротица
Та додека едни народи
Се гаѓаат во срце со Аморови стрели
Овде под покрив од меч
На дар се делат тирании
Гласник:
Има една куќа меѓу камени пустелии
И има едно сонце и меч во темели
И син на сонцето во камени одаи што се игра
И во игра го прислушнува времето
И тој убавец ќе слезе
Меѓу народ во низини
И од планини ќе се јави
Со стада на морски брегови
И народ од темнина
Ќе изведе на виделина
Од за игра се е создадено тука
Од бело камче што држи зданија
До метеор во ноќ на ретки преданија
Ќе се јави како надеж на еден народ
Како плева за слобода ќе се крене
И роден од оган во оган ќе трае
Човек на човека
Да му подаде рака во беспаќе
Кога ќе се покренат со силата од морето
Кули во планиње ќе покршат
Во црвено ќе ја облечат слободата
И без да се плаши за породот
Од друг поган народ што страда
Зашто времињата
Нечесно бродеа
Од колено на колено
Гоце:
Та сега кога се шетам по морски брегови
И кога со народот се веселам над црни векови
Или кога во планиње јачат ветрови
Или кога ќе ме снема се плашам
Да не угине ова семе што го сеам
Под ова ѕвездено небо што се сели
Или лете кога боите на душата
Здружено зреат и здружено умираат
За секоја битка прстен кован
Но она што и да се изроди
Од човека против човека
А и од кој и да е народ
Ако е семе грабежливо и алчно
Молчешкум проследете го
И ако има жал за умилно живинче
Ќе пробуди во себе успиеност човекова
Постравотен од чума штом се крене
Во себе првин одиграјте ја битката
А потоа срцето само ќе зажали
За оваа осамена куќа на Европа
Ќе има видик кон морето
Ќе има тајна на меч со темели
Ќе играат крај огниште деца радоносни
Гласник:
И секој камен во природата
Ако беше дел од слободата
Како побунет роб ќе прозбори
И ако беше грабежливо соѕидан
ќе напушти туѓи престолнини
Или пак од далечни покраини
Во поход ќе кренат
Со твојот лик
Буропловсни галии
На овој век
Претскажано му е да гине
За себе неспокоен а за народ
Како татко загрижен благороден
Гоце:
Покрени се море градобран биди
Пред налет на стрели сараценски
Смрт или слобода и за бога
Одлука стравотна а камо ли
За народ унесреќен
И ако умрам и не стигнам
Да ве опоменам
Во природата и надвор од неа
Се што допрев и помилував
Ќе загрми а ако сите вас
Не ве збрав на покрив на слобода
И ако во себе
Не ја допрочитав вашата душа
Се плашам да не ве измамат
Оти има
Лажно сонце и рана пролет
Среде зима тешка
Та така
Да ги измами на видело
Вљубениците во слободата
А потем на нишан да ги земе
ете од тоа нам ни страдаат поколенија
Радован Павловски
No comments:
Post a Comment