June 1, 2009

Лагите на бугаризмот 12

Лагите на бугаризмот 12

Превземено од http://lagitenabugarizmot.blog.com.mk/

Македонските преродбеници биле бугари

Бугаристичка лага: "македонските преродбеници биле восхитени бугарски патриоти, кои пишувале на бугарски јазик и го истакнувале не еднаш своето бугарско национално самосознание" (извадок од книгата "Десетте лаги на македонизмот" од Б. Димитров).

ИСТОРИСКИ ОДГОВОР:

Византија, Источното римско царство своите жители ги декларираше не на етничка база, туку географски, по Темите каде што живееле. Тема е византиска воено-административна област, со своја сопствена управа, но потчинета на Византија т.е. Романија. Вистинското, изворно име на Византија е Романија.

Грците, како основачи и лојални граѓани на Романија (Византија) во текот на целиот среден век, па се' до 19 век се нарекувале Ромеи (Римјани), а нивниот јазик ромејски (римски); грците биле дел од источното римско царство- Романија, па следствено, по тогашниот византиски обичај луѓето да се декларираат по географската припадност, тие биле Ромеи-Византијци. Инаку, многу познато е дека грците не се римјани, ниту пак имаат некаква лингвистичка или крвна врска со римјаните.

Во состав на Византија имаше голем број на Теми, населени со повеќеетничко население; Византија за полесно да ги лоцира луѓето ги нарекуваше по името на Темата, а не со етничкото име, но и со тенденција сите нив да ги асимилира во Ромеи (Византијци). Така, жителите на темата Стримион, беа стримионци, жителите на темата Македонија беа географски Македонци, но не и етнички.

Од 972 г. бугарската држава не постои, истата влегува во состав на Византија, во која спаѓаше и поголемиот дел на Македонија; слободните територии на Самоил и неговите браќа не беа признати за посебна држава, туку тие беа за Византија само бунтовници. Тогаш, Византија ја дели територијата на Бугарија, денешните Македонија, Србија, Црна Гора и дел од Албанија на Теми. Но, за да ги асимилира различните етникуми во својата држава, Византија ги менува имињата на окупираните територии; така, територијата на источна Тракија станува тема Македонија, а жителите на темата Македонија за византијците се Македонци, без разлика на нивната етничка припадност. Цариград и неговата околина се сместени во тема Тракија, а жителите на Тракија биле нарекувани Тракијци. Територијата на Македонија, Црна Гора, сегашна Србија влегуваат во византиска тема Бугарија (Воулгариа) и сите жители (Македонци, Срби, Црногорци) на темата Бугарија беа за Византија бугари. Права, вистинска Бугарија станува тема Паристрион или Мезија (Мизија), а жителите Паристрионци или Мизи (Ibidem, p. 43-49./Vezi P. Diaconu, Les Petchénegues..., p. 112-115, N. Iorga, Les premieres cristallisations d'État des Roumains, “Bulletin de la Section Historique”, 5-8, 1920, 1, p. 33-46; N. Bănescu, Les premiers témoignages byzantins sur les Roumains de Bas-Danube, “Byzantinisch-Neugriechische Jahrbücher”, 3, 1922, p. 287-310 / N. Bănescu, Les duchés byzantins de Paristrion (Paradounavon) et de Bulgarie, Bucarest, 1946, p. 101; P. Diaconu, Les Petchénegues..., p. 101).


Мапа на Темите во Византија 1025 г., Македонија со Србија се тема Бугарија, па затоа Византијците од 10 век ги нарекуваат Македонците (и Србите) Бугари, односно жители на темата Бугарија. Денешна Бугарија е тема Паристрион, а јужна Бугарија - Тракија е тема Македонија, па сите жители од географска Тракија, а тема Македонија, се наречени Македонци, а оние од Паристрион- Мизи, Паристрионци. Ако Македонците во 10 век биле Бугари, следува дека денешниве Бугари не се Бугари оти не се наречени Бугари после 972 г., туку Византијците ги нарекуваат Македонци и Паристрионци- Мизијци, според темите на кои припаѓаат.

Така, по византискита книжнина, Македонците ги нарекуваат Бугари, по територијата каде што живеат- тема Бугарија, а пак Македонци за Византија се луѓето од темата Македонија (околу Одрин-Едрене), пред се словенизирани Траки, Евреи, Ерменци, Ромеи-Грци, итн. Затоа, многу од подоцнежните писатели, хроничари и патеписци за Макединија и останатите територии од темата Бугарија, го користат терминот Бугари и согласно со тоа, наоѓаат Бугари во Македонија. Но, истите тие кои се служат со тематската поделба од Византија, Македонци лоцираат во источна Тракија, каде што некогаш била византиската тема Македонија.

Најубаво ќе ја разбереме византиската терминологија на луѓето по теми, ако го разгледаме случајот со византискиот император Василиј Втори Македонецот, Бугароубиецот. Василиј Втори Македонецот припаѓа на лозата на Македонците, чиј родоначенлик е Василиј Први, по потекло Ерменец, од ерменска фамилија или мешано словеноерменска, која стотина години живеела во Адријанопол-Едрене, и, поради тоа што е роден 811 г. во тема Македонија, во сите византиски извори е наречен Македонец, а неговата династија Македонци - „Македонос“ (Извори: 1. Ibidem, p. 228; cf. GSBH, V, p. 155 / 2. "Basil I." Encyclopædia Britannica. 2005. / 3. Abstracts from the International Conference ARMENIAN CONSTANTINOPLE organized by R.G. Hovannisian, UCLA, May 19-20, 2001, UNIVERSITY OF CALIFORNIA, LOS ANGELES, DICKSON AUDITORIUM). Така, Ерменците и сите останати националности што живееја во темата Македонија (историски Тракија) станаа по византиските книги Македонци, а Македонците оти живееја во тема Бугарија станаа Бугари. Василиј Втори Македонецот е најлутиот непријател на Самоил. Во 1014 г. кај Беласица, Василиј Втори Македонецот ја победува македонската армија на Самоил, каде убива неколку илјади македонски војници. По оваа битка, Василиј Втори Македонецот од страна на византиските хроничари е наречен Бугароубиецот т.е. убиец на жители од темата Бугарија, а не етнички Бугари.

Како ермено-словенот Василиј Втори Македонецот беше Македонец, така и Цар Самоил беше бугарин за Византија- жител и владетел на териториите кои припаѓаа на темата Воулгарија.

Седиште на темата Бугарија било Скопје, од каде се управувала не само најголемиот дел од Македонија, туку и Србија, денешна Црна Гора и делови на Албанија. Поради тоа, Србите, како и Црногорците за византијците представувале бугари- жители на темата Бугарија.

Византискиот историчар Лаоник Халкондил вели “Трибалите (средновековно архаично име за Cрби т.е. рашкани) сега се нарекуваат Бугари” (Laonicus Chalcondyles, P.G., т. 159, Op. cit., кол. 26).

Кедрин, најголемиот хроничар на средновековната македонска држава и Црногорците ги нарекува Бугари, а црногорскиот принц Константин Бодин, син на црногорскиот кнез Владимир и Самоиловата ќерка Косара го нарекува „Цар на Бугарите“, а целата негова војска составена од Црногорци, која потоа собирала и косовари, е, окарактеризирана како војска на „Бугари“ (Georgius Cedrenus loannis Scylitzae ope ab L Bekkero suppletus et emendatus 11, Bonnae, 1839, pp 714-719) т.е. војска составена од жители на темата Бугарија. Според бугарската историја, ова би значело дека и Црногорците се Бугари. Неговиот татко Јован Владимир, кнез црногорски, византиските хроничари го нарекуваат секогаш Бугарин (жител на тема Бугарија), па затоа и бугарската црква побрза да го прогласи црногорецот за бугарски светец и денеска неговото име се слави од БПЦ на 22 мај (Види православен календар на Бугарската Православна Црква).

Византискиот хроничар Михаил Псел за востанието на Петар Делјан (внукот на Цар Самоил) тврди дека тоа е востание на племето на "бугарите", а почнало во денешни Војводина и Србија, опфакајки ја цела Србија, за на крај да стигне во Македонија. Крунисувањето на Петар Делјан во цар е одржано во Белград (главниот град на Р. Србија), а Скилица ги означува белграѓани како Бугари (Воулгарои).

Белграѓани прикажани како Бугари со Петар Делјан, Скилица 11 век

По пропаста на Самоиловото царство, Василиј Втори Македонецот ја намалува диецезата на Охридската Патријаршија само на Тема Бугарија т.е. на најголемиот дел од Македонија, Србија и Црна Гора. Бугарските историчари тврдат дека Охридската Архиепископија е бугарска црква поради тоа што нејзината надлежност била за ЦЕЛА БУГАРИЈА; но, под ЦЕЛА БУГАРИЈА се подразбира целата тема Бугарија, која не ја опфаќаше денешна Бугарија- Добруџа (византиска тема Паристрион, Мезија) и Тракија (византиска тема Македонија), кои тогаш беа потчинети на Цариградската Патријаршија.

Ромеите (Грците, Византијците) кои живееле во темата Бугарија се сметале за Бугари т.е. географски Бугари, жители на Византиска Тема Бугарија.

Теофилакт Охридски, грк, родум од Еврип, е Архиепискот на Охридската Архипископија од 1090 г. до 1119 г. Познат е по тоа што го има напишано "Пространото Св. Климентово Житие" каде објаснува дека за него бугари се жителите на византиската тема Бугарија т.е. тоа се географски бугари. Теофилакт и самиот себеси се сметал за бугарин- жител на темата Бугарија, па во Пространото Житие на Св. Климент запишува "Св. Климент ни го предал НА НАС БУГАРИТЕ сето она што се однесува на црквата" (Пространото Житие на Св. Климент, Охридски ракопис во Румянцев музей во Москва. Збирката на Григорович под број 818, лист стр. 11-6 до ЗЗ-б. / Архивен институт на БАН (кутия ИИИ, папка ИВ.)

Како мнозинското население во византиската тема Бугарија (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија) било словенско, бугари за грците биле словените, па Теофилакт пишува во своето житие на Св. Климент за "славенскиот или бугарскиот народ", а јазикот во во темата Бугарија го нарекува бугарски. За него, Св. Климент бил "прв епископ на бугарски јазик" (Пространото Житие на Св. Климент, Охридски ракопис во Румянцев музей во Москва. Збирката на Григорович под број 818, лист стр. 11-6 до ЗЗ-б. / Архивен институт на БАН (кутия ИИИ, папка ИВ.).

Оттогаш, за Византијците и Грците зборот Бугар станал синоним за словен, а бугарски јазик синоним за словенски јазик.

"Краткото житие на Св. Климент", уште наречено "Охридската Легенда", напишано од охридскиот Архиепископ од 13 век, гркот Димитриј Хоматијан, родум од Ликија (Мала Азија), koj сите словенски народи ги нарекува бугари - волгарои. За словените, грчкиот автор во "Охридска Легенда" пишува: "тие беа иселени во старо време од воената сила на Александар, од крајот Бруса Олимп кон Северниот океан и Мртвото море, а откако поминало многу време, со страшна војска го преминаа Дунав и ги зазедоа сите соседни области: Панонија и Далмација, Тракија и Илирик, а и голем дел од Македонија и Тесалија" (Охридска легенда- автора на житието — охридския архиепископ Димитрий Хоматиан; Ал.Милев, Гръцките жития на Климент Охридски" , 1966 г. ). Во истата Охридска Легенда, оригинално напишана во 13 век се вели дека папата го ракоположил Методиј за архиепископ на Моравија и Бугарија (тема Бугарија), а Kлимент бил ракоположен од Методиј за епископ на целиот Илирик и на "бугарскиот народ" кој ги владеел тие краишта (Ив. Дуйчев, Краткото Климентово житие от Димитрий Хоматиан, в „Климент Охридски, сборник от статии по случай 1050 години от смъртта му" БАН, София, 1966 г., стр. 161—171). За Грците, сите словенски народи што ги населуваат Илирик (Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска, мое дополнување), Далмација и Панонија за грците биле бугари и ги нарекуваа со едно име, почнувајки од 10 век.
Дека навистина поимот "бугар" означувал словен, но, не и посебна народност во средниот век, доказ се и останатите документи од времето на охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, ракоположен на охридскиот архиепископски трон во 1216 г. Од негово време имаме зачувано записи на Македонци кои се декларирале "по род Македонци" во времето кога Охрид бил дел од Епирската држава, па со сигурност можеме да констатираме дека Македонец во тие документи представува етникум, а не географски поим, поради тоа што Охрид припаѓал географски на Илирик, а државно на Епир. Тука имаме и запис од Иван Иерекар од селото Власто (денeска Велестово) „по род Македонец“ (J. Pitra, Analecta sacra et classica specilegio Solesmensi parta, t. VI Juris ecclesiastici graecorum selecta paralipomena). Parissis et Romae 1891, col. 315).

Во Елада и Тесалија, имало голем број на словенско население, кое гркофоните го нарекувале Бугари. Во Грција никогаш не се населиле Бугари, нит пак Бугари ја владееле таа територија; во 7 век таму се забележани склавиниите, кнежевствата на племињата Милинги и Езерци, Војунити и Велегезити. За време на грчкото националослободително востание 1821-1829 г., се пеела една песна за премавнување на различностите на различните етноси кои ја населувале Елада и создавање елинска нација : „Албанци, Власи, Бугари, луѓе кои говорите на други јазици, придружете се“ ( 1. Victoria Clark, Why Angels Fall. A journey through Orthodox Europe from Byzantium to Kosovo Macmillan: London, 2000 ISBN: 0 333 75185 X; 2. FATHER GREGORY TILLETT, The British Orthodox Church).

Грците го наметнуваат терминот бугар, бугарски јазик, како синоним за словен и словенски јазик од крајот на 18 век

Од 1767 год. Охридската Архиепископија е укината по ургенција на Грците и Македонија потпаѓа под јуриздикција на Цариградската Патријаршија, целосно контролирана од грчки и гркофилски клир. Во тоа време, Патријаршијата отвара грчки училишта ширум Македонија, на грчки јазик. Грчките учители го наметнале терминот бугар, бугарски јазик, како синоним за словен и словенски јазик. Инаку, пред тој период, во Македонија НИКОГАш не се употребувал зборот бугар како синоним за словен и не постои ниту еден пишан постар од 18 век каде некој Македонец се изјаснил како бугарин или својот јазик го нарекол бугарски.

Српскиот академик, Петар Драгашевиќ, кон крајот на 19 век бил во Тесалија и Грција, при што вели: „грците ме нарекуваат Бугар, иако сум Србин од Србија...зборот бугар означува Словен“ (Petar Dragasevic “Makedonski Sloveni”, 1890 g., Beograd). Српскиот пропагатор, Цвијиќ, борецот за србизација на Македонците, бил меѓу егејските Македонци и во Грција, па за своите впечатоци, тој пишува: „гркиот селанец ги вика македонските Словени секогаш Бугари...кај Грците, името Бугарин означува исто што и Словен. Грците ги нарекуваат Бугари и Србите, ако не знаат дека се од Србија...Името Србин за грчкиот селанец е само политички поим...а Бугарин е етнографски поим...полухеленизираните македонски словени- Чифчии, пкмалку зборуваат грчки, себе се сметаат за Грци“ (Професор Јован Цвијић (1865-1927), рада "Македонски Словени, проматрања о етнографији македонских Словена", Књижара Геце Кона, Београду 1906. год.). Др. Јован Цвијиќ, познат српски етногеограф и академик, српската влада го има пратено во Македонија во 1905 г. и за големосрпски владини интереси има напишано дека Македонците се аморфна маса, без национална свест и книжевен јазик, кои имале симпатии и кон Србите и кон Бугарите, па лесно можеле да се претопат или во Срби или во Бугари. Но, истиот тој Цвијиќ, подоцна сведочи дека кога бил во Македонија, Македонците имале развиено македонска национална свест па самиот се демантира и вели: "малите луѓе од народот, селаните, знаат само дека се Македонци" (Svetozar Pribicevic: „ Diktatura kralja Aleksandra”, 5. poglavlje, str.128).

Во 19 век, во Отоманската Империја, поимот Бугар означувал проста раја, селани, додека сите граѓани се декларирале како „Грци“; се’ градско били „грчко“, градската облека била „грчка“, а селската „бугарска“ (Wilkinson 1951: str. 149). Самите Бугари велат дека поимот Бугар немал национално значење: „Во турско време бугарскиот селанец ги означуваше Бугарите од градовите со зборот „Грк“, а граѓанската носија за него беше „грчка носија...Нашиот селанец, кога ќе речеше „ние сме Бугари“, мислеше „ние сме христијани“, т.е. православни. Рускиот цар беше за него „бугарски цар“ не по народност, ами по православно христијанство.....“ (А. Т. Балан, Една македонска теория, Периодическо списание LXV, 1904, стр.818).

Според најновиот „Речник на современиот елински јазик“, зборот бугар - воулгар, на елински, означува простак („Речник на современиот елински јазик“, Г. Бабиниотис, Атина, 1998 г.).

Во едни такви услови, кога Македонците учеле грчки училишта и кога се словенско’ било нарекувано бугарско, за нашите предци од 19 век словенското значело бугарско, секој кој говорел словенски говорел бугарски. Така и некои наши преродбеници, македонскиот народен јазик го нарекуваат бугарски, но не мислејќи на бугарски, каков што сега го знаеме, туку на словенски.

Господин Генадиј, Митрополит Велешки (роден во село Подкожене, Поградец) ни кажува дека во 19 век, во Македонија поимот Бугар означувал чист Словен, дека сите словенски народи се Бугари, па тој запишува: "од Бохемија и Моравија сите тие се Словени, чисти Бугари, наши браќа". Покрај тоа што за г. Генадиј денешните Чеси и Словаци се Бугари, тој своето потекло го влече од античките Македонци, па за него Аристотел е "првиот учител во Грција, учител над учителите, чист Бугарин (Словен)" (Извор: Симеон Радев, "РАННИ СПОМЕНИ", наслов: "ПОСРЕЩАНЕТО НА ЧЕТИРИМАТА БЪЛГАРСКИ ВЛАДИЦИ", Ново, коригирано и допълнено издание под редакцията на Траян Радев, Изд. къща Стрелец, София, 1994).

Глигор Прличев во својата автобиографија пишува: „...бугарската азбука само на тројца им беше позната и се нарекуваше српска..“ (Григор Пърличев, Автобиография). За него и Србите се Бугари т.е. Словени; во тоа време, само Србите имаа реформирана и кодифицирана словенска азбука, па затоа и Прличев вели дека бугарската (словенската) азбука се нарекувала српска. Никола Попфилипов, македонски учител вели дека бугарскиот јазик е општ балкански јазик (вестник "Македония" Цариград, 6. Април, 1868 г.).
Јордан Хаџиконстантинов - Џинот, јасно кажува дека за него поимот Бугари значи Словени, па во неговата "Солунска Легенда" објавена 1859 г. во "Гласник друштва српске словености" вели дека Св. Кирил и Методиј се апостоли на сите Бугари (Словени) (Гласник друштва српске словености, VIII, стр. 146-147).

Варијанти на преписи на "Солунската Легенда", каде пак се гледа дека во Македонија, поимот бугар, означуал само словен, па во истата се вели дека Св. Кирил и неговиот брат Страхота (св. Методиј) ја создале словенската азбука за просвета на "бугарите" (словените) од Моравија и дека кнезот на Велика Моравија бил "бугарски" кнез (Й. Иванов, "Български старини из Македония", БАН, 1970 г. ).

Шопот, Отец Спиридон Габровски, во 1792 г. ја пишува „Историјата на бугарските народи“, за кого сите јужнословенски народи се Бугари, и Србите и Македонците- Словените. Во неговата кратка историја тој вели: „Болгарите ги завладеале Тракија, Македонија, Далмација, Белото Море и Рим...Илирите се нарекуваат Болгари...од Болгарите произлегоа Србите..., а од кога Александар ја зеде целата илирска војска да го бие светот...од тогаш Болгарите почнаа да се нарекуваат Словени и Македонци (Спиридон Иеросхимонах, История во кратце о болгарском народе славенском, превод М. Г. Минчев (ц), ред. П. Тотев, худ. доц. Ив. Кънчев (ц), предп. инж. Д. Кънев, печ. УИ "В. Априлов" - Габрово, ИК "Луна", 2000 г. ; - Спиридон Иеросхимонах, История во кратце о болгарском народе славенском 1792, пр.Б. Христова, проф. Б. Райков, БАК при НБ "Св. Кирил и Методи", И "ГАЛ-ИКО", София, 1992 г.). Пак имаме доказ дека “Бугар” во тоа време значело Словен, а тогашните „Бугари“, себеси се сметале за чисти Словени, ист народ и со Србите, и со Македонците и со Илирите (Хрватите, Црногорците и Словенците).

Крсте Петков Мисирков го објаснува поимот Бугарин:
“Грците исто така не разликуваа словенцките народности и сите словени...го велеа со презреното име „бугари". …Грците…употребуваа името бугарин за да воплотат во него своiето презреiн'е кон се словенцко.. Со името бугари не крстиiа грците и нас македонците. Но тоа прекрстуаiн'е не iет iединствено… ( “За Македонцките Работи”, Предгоор, София, Печатница на „Либералний Клубъ“ 1903 ).

Кирил Пејчиновиќ на својата книга "Огледало" од 1816 г. ставил дека е напишана на "препростејшим и некнижним јазиком Болгарским долнија Мисии". Тогаш не постоел книжен - литературен бугарски јазик, ниту пак некој друг јужнословенски литературен јазик. Најпрво од јужнословенските јазици е стандардизиран српскиот, за дури кон крајот на 19 век да се создаде литературен бугарски јазик. Единствен книжен (литературен) јазик во 1816 г. бил старословенскиот, кој како што погоре опишав се нарекувал болгарски во Македонија, а некнижен болгарски јазик го означува словенскиот народен говор.

Секретарот на бугарскиот Егзарх за Македонија, Петко Рачев Славејков, главниот во спроведувањето на бугаризацијата во Македонија, во 1871 г. објавува статија под наслов "Македонското прашање", каде прави осврт на македонското преродбенско движење, критикувајки ги Македонците кои себеси се сметале за потомци на античките Македонци и дека за нив, поимот бугар означувал словен, а не етноним бугар, па лошо е настроен кон "она мислење (на македонистите) дека божем старите Македонци биле Бугари, т.е. Словени" (Статия на Петко Рачов Славейков във вестник “Македония”, издаван в Цариград, година В, бр. 3 от 18. И. 1871 г. Цитирано по Събрани съчинения, т. 7. Публицистика, С: Български писател, 1981 г., стр. 21 – 24).

МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕРОДБЕНИЦИ ОД 19 ВЕК СЕ СМЕТААТ ЗА НАСЛЕДНИЦИ НА АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ

И навистина, Македонците од 19 век сметале дека се наследници на античките Македонци, за кои за нив биле чисти словени, но наместо словени го користат опишниот термин бугари, погоре детално објаснет.

За Јордан Хаџи-Константинов - Џинот, Македонците од 19 век потекнуваат од античките Македонци и нивната култура, од Пеонците, па дури и од античките митолошки народи како Мирмидонците, а сите тие биле чисти Бугари т.е. Словени („Цариградски весник“ бр. 458 од 21.11.1859, „Цариградски весник“. бр. 211 од 05.02.1855 г.). И за Ѓеорѓија Пулески античките Македонци се чисти Словени (Славјано-Македонска општа Историја, Софија 1893 г.).

Познатиот македонски учебникар Димитар Македонски го гледа својот народ како антички Македонци, па во една своја статија пишува дека античките Македонци не ги голтнала земјата, туку дека се чисти Словени: „...Македонците не се Цинцари, ниту друг некој народ, но чисти Бугари (мисли на Словени)... оттаму ќе научите дека Македонците не се изгубиле од лицето на земјата, како што си дозволуваат некои да кажуваат, затоа што, колку што ние знаеме, тие не згрешиле некогаш до толку, што, да зине земјата и да ги голтне.“ (в. Македонiя од 16.02.1871).

Во својата „Кратка свјаштена историја за училиштата по Македонија (на македонско наречје)“, печатена „Во печатницата на Македонија“, Цариград 1867 г., пишува:
„П.[Прашање] Кои се оние Бугари (Словени), што се крстија во почетокот на први век после Рождество Христово?
Од. [Одговор] Тие се Бугарите што живеат во Македонија
П. Од кого се покрстени тие?
О. Од Апостол Павле, кој најнапред проповедал во Филипи и Солун...

Апостол Павле ги покрстил прво античките Македонци во Филипи, а сето тоа е многу убаво објаснето во Библијата. Димитар Македонски сосема е сигурен во своето потекло- дека е ист со првите Христијани, крстени од Апостол Павле, а тоа се античките Македонци, кои според него се чисти Бугари (Словени).

Факт е, дека сите оние македонски преродбеници кои го користат бугарското име како словенско се школувани по грчките училишта. Сите тие прво биле гркофили, за дури при крајот на својот живот да сватат дека се Словени (они го користат терминот Бугари), што потврдува дека дома, од нивните родители, дедовци не биле воспитувани дека се бугари, туку напротив.

РУСКО-БУГАРСКАТА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА ОД 19 ВЕК

Bо 50те години на 19 век, почнува активно да се вклучува Русија во балканската политика, чија цел била создавање голема Бугарија, која потоа би станала само една руска колонија и целосно управувана од Русија. Во голема Бугарија, требало да влезе и Македонија. Како во тоа време во Македонија немало никакво бугарско национално чувство, русите морале некако да го афирмираат и распространат бугарското име. Затоа, русите почнуваат да го неметнуваат термиот бугар како етничко, а не општословенско значење, за што постајат многу историски извори. Рускиот конзул во Солун, ги наговарал богатите македонски семејства (Робевци (власи) и Лазаревци од Битола) да се декларираат како Бугари, за нивиот пример да го следат и останатите Македонци (Офейков, Материали за българското възраждание в Македония, София 1885 г., стр. 441). Во истото дело, Офејков пишува за рускиот конзул во Варна, Рачински кој работел на создавање Бугари во Македонија, па во Москва обезбедил стипендии за „две македонски момчета “, а тоа биле Константин Миладинов и Рајко Жинзифов, со цел нивна бугаризација. Пред се', тие врбувале за свои пропагандисти немакедонци, најчесто власи од Македонија.

Русија не застанала само на тоа. Почнала се повеќе Македонци да испраќа на бесплатно школување во Русија. На 30.08.1842 г. руската влада дава стипендии на двајца Македонци кои студирале во Атина; еден од нив е Партенија Зографски (Филип Томов, "Живот и дейност на Хаджи Партения". Мак. Пр. Х. 1,2, стр. 35). Подоцна, Партенија Зографски како дојрански митрополит е жесток противник на бугарската егзархија и својата епархија ја става во унија со Ватикан.

Во Русија, Македонците ги образувале дека најјужното словенско племе е бугарското, дека бугарите биле словени, а не турки народ. Иако на Русите предобро им било јасно дека бугарите се турки народ, бидејки бугари биле нивните Татарстанци, чуваши и АлМаринци, сепак, заради својот интерес за создавање голема Бугарија ја искривувале историската вистина.

Еден од најголемите руски шпиуни и ширач на бугарската пропаганда е Димитар Миладинов (Миладини). Неговиот татко бил по потекло од влашкото село Магарево (Битолско), од каде семејството се преселило во Мислешево, па на крај во Струга. Неговиот зет Кузман Шапкарев, негов следбеник, во неговата биографија сакајки да го скрие вистинското влашко потекло на Миладин, измислува дека неговото семејство избегало од Магарево од влашките зулуми врз македонското население во селото. Но, с. Магарево е основано од власи, преселници од Епир и никогаш немало Македонци во истото (Ибид, стр. 218). Неговата мајка, Султана е родена во с. Магарево и е ќерка на влашки поп.

Димитар и неговиот брат Константин се имаат школувано во гимназијата во Јанина, неофицијалната престолнина на власите во Епир. (ДИМИТЪР И КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВИ, 1986 Sofia, стр. 198-201 , Димитър Райков). Биле и двајцата учители на влашки јазик, во пелистерските влашки села Трново и родното Магарево (пак таму, стр. 201).

Интересно е, што во нивните млади години не го познавале македонскиот јазик, нитy словенското писмо, па во една преписка меѓу Димитар и Константин забележано е дека "ќе одат во Русија да го научат словенскиот јазик, за да предаваат бугарски во Македонија" (Братя Миладинови. Преписка. Издирил коментирал и редактирал Н. Трайков. С., 1964, с. 126.). За разлика од словенскиот јазик кој не го владееле, многу добро го научиле италијанскиот јазик, кој како романски е многу сличен со влашкиот (Табаков, Н. Братя Миладинови. Биография. С., 1966, с. 12.). Инаку и двајцата престојувале и работеле едно време во албанскиот Драч.

Во 50-тите години на 19 век, прво Димитар, а сетне и Константин се испратени на обука во Москва од страна на руската амбасада во Цариград (пак таму, стр. 204). Во Русија, браќата Миладинови се целосно финансирани од руската држава и црква, каде дури и рускиот архиепископ давал пари на Константин Миладинов (Ив. Хаджов. Александър Рачински за Братя Миладинови. Училищен прегред, XXXI, 1932, кн. 1, с. 114).

Русите за Контсантин и Димитар Миладинов имале отворени шпиунски досиеја. На 25.5.1861 г., рускиот консул во Битола г. Хитрово пишува до азијатскиот департамент на руското министерство за надворешни работи дека "учителот Миладинов е познат по своите заслуги во полза на бугарската народност и распространувањето на образованието меѓу православните жители на Македонија, беше неодамна упасен од турците поради сомнение за врска со руските агенти" (Селишчев, А.М. Семъя Д. Миладинова. Из донесений консула М. Хитрово (1864 г.). — Македонски преглед. В (919 г.), кн. 3, 65).

Според руските дипломатски служби, Димитар Миладинов бил нивен шпиун за ширење на бугарската нaродност во Македонија (Селишчев, А.М. Семъя Д. Миладинова. Из донесений консула М. Хитрово (1864 г.). — Македонски преглед. В (919 г.), кн. 3, 67) т.е. бугаризација на Македонците.

За бугаризацијата што ја спроведувал Миладинов, финансира и осмислена од Русија, пишуваат и останатите дипломати во Македонија.

Чарлс Калберт, британскиот конзул во Битола во извештајот до британскиот амбасадор Хенри Булвер во Цариград и до англискиот државен Секретар Џон Расел по повод апсењето на Димитар Миладинов пишува: "Димитар Миладинов е еден руски пропагандист (Никола Трайков. Братя Миладинови..., с. 215.). Понатаму британскиот конзул објаснува до своите претпоставени: " Доста големата преписка на Димитар Миладинов, составена од добиени писма и преписи од испратени писма, не остава ни најмало сомнение, дека тоа лице е агент на руската пропаганда" (Никола Трайков. Братя Миладинови..., с. 217.).

Миладинови, како бугаризатори на Македонија, а воедно и учители во македонските краишта, испраќале свои ученици на школување, односно бугаризација во Русија по наредба на руските дипломати; дури, Димитар Миладинов испраќал млади Македонци во Русија без знаење на нивните семејства, кои се противеле на нивната бугаризација. Забележан е протестот на македонскиот револуционер Ѓорѓи Капчев од Охрид до турските власти, каде тој го обвинува Димитар Миладинов дека без знаење на семејството го пратил брат му Иван Капчев во Русија (ДИМИТЪР И КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВИ стр. 215/216, Димитър Райков, Софија 1986 г.).

Во Зборникот на Народни Песни од Македонија, браќата Миладинови измислуваат 3 песни каде се спомнува бугарското име. Имено, требало да го претстават македонскиот фолклор како бугарски, а немало во Македонија ниту една песна, предание каде се спомнува бугарското име или некој бугарски владетел. За овие нивни измислици пишува и ширачот на српската пропаганда, Симеон Кончар во својата брошура "ПРАДОМОВИНА СРБА", 1894 год., кој пак тврди дека Македонците се Срби, оти никаде во нивниот фолкор не се спомнува бугарското етничко име, ниту пак постоела бугарска национална свест кај Македонците.

Друг руски агент кој е важен за нас и работи во полза на ширењето бугарска народност во Македонија е Ксенофон Дзиндзифи, кој по наредба на руските дипломати и неговиот учител Димитар Миладин, го променува своето влашко име во словенско и станува Рајко Жинзифов. Потекнува од семејство на битолски власи, есктремни гркофили, а роден е во Велес, додека татко му Ioani Dzindziphi учителствувал таму, како грчки учител.

Иако руски пропагатори во Македонија, делото на Миладинови и нивните ученици Жинзифов и Шапкарев е особено значајно за македонската историја, јазик и литература. Сите тие се надарени поети, прозеисти, собирачи на македонски народни умотворенија и иако несвесни, пишувајки на македонски јазик, истиот го промовираа. Го промовираа и македонскиот фолклор, како уникатен и својствен само на македонскиот народ, едно богатство и сведошто на посебноста на еден цел народ.

No comments: