May 21, 2009

Тиквешко револуционерно знаме

Тиквешкото револуционерно знаме било изработено во месец март 1903 година, во куќата на Јованче Михајловски, од страна на Евгенија Михајловска, Тима Минчева, Лефтерка Грозданова и Ана Иванова.

„Знамето е правено од учителки од Кавадарци под раководството на Пане Иванов, учител во Кавадарци, кој што е роден во Ќустендил“, Петре Kамчевски, директор на Музејот во Кавадарци (изјава за агенција „Фокус“).

Дигитална реконструкција на знамето (А. Стеванов) според описот (верзија 1а и 1б):



Дигитална реконструкција на Тиквешкото револуционерно знаме со впишување на натписот на македонски книжевен јазик:



Идејата за знамето ја дал Иван Љамчев, кој всушност и ја раководел неговата изработка, а под инспирација од сликата „Слободата го предводи народот“ на францускиот уметник Ежен Делакроа. Знамето било со димензии приближно два на три метри и имало елипсна форма. Било изработена од црвена свила со разнобојни свилени конци купени од Солун и Истанбул.

„Тиквешкото револуционерно знаме всушност било изработено во 1903 година. Свилата и конците за негова изработка кавадаречките трговци ги донеле од Истанбул и од Солун. Во везењето на знамето учествувале неколку учителки: Ана Иванова, чиј маж бил претседател на Тиквешкиот комитет на ТМОРО, Тима Минчева и Лефтерија Грозданова, под раководство на учителот Иван Љомчев, кој ја дал идејата за знамето. Ана Иванова, многупати од страв да не бидат фатени од турските власти, знамето го препашувала околу себе и го носела под футата. Kога било готово, знамето било предадено заедно со мало доенче во пелени“, Петре Kамчевски (изјава за „Дневник“).

Пореалистичен приказ на реконструкцијата, верзија 1а:



Пореалистичен приказ на реконструкцијата, верзија 1б:




Во горниот дел на знамето стоел натписот: „Тиквешки революционенъ окрѫгъ“ (Тиквешки револуционерен реон), а под него пишувало „Свобода или смѫрть“ (Слобода или смрт). Во средината имало девојка со развеано знаме во рацете, а со едната нога стапната врз тело на убиен османлиски војник, со паднат фес, и скинати синџири.

„Во горниот дел [на знамето, н.з.] имало натпис „Тиквешки революционерен окръг“. Под него пишувало „Свобода или смърт“. Имало и една девојка. Жена која што држи развеано знаме и е стапнала со едната нога врз телото на убиен турски војник.“, Петре Kамчевски (изјава за агенција „Фокус“).

Дигитална реконструкција на знамето (А.С.) според описот (верзии 2а и 2б):



Дигитална реконструкција на Тиквешкото револуционерно знаме со впишување на натписот на македонски книжевен јазик:



Слични дизајнерски решенија, со поставување на жена која држи развеано знаме, се забележуваат и кај охридското илинденско знаме и струшкото илинденско знаме.

„Немаме ниедна фотографија од знамето. Но, според описот од спомените на револуционерот Пане Поп Kоцев, кој бил учесник во Илинденското и во Тиквешкото востание, што е депониран во архивот на Институтот за национална историја во Скопје, ние како општина побаравме изработка на негов уметнички приказ. Уметничката претстава ја изработи ликовниот уметник од Kавадарци, Горан Боев“, Петре Kамчевски, директор на Музејот во Кавадарци (изјава за „Дневник“).

Пореалистичен приказ на реконструкцијата, верзија 2а:



Пореалистичен приказ на реконструкцијата, верзија 2б:



Лицето на девојката било изработено со мрсни бои, а косата – природно црна, била пресечена од косата на Тима Минчева.

„Kосата на девојката од знамето всушност била природна. Тоа било косата што претходно била исечена од учителката Тима за подоцна да биде пришиена на знамето. Тоа било прекрасно, сите се воодушевувале од знамето и од мотивот прикажан на него“, Петре Kамчевски (изјава за „Дневник“).

Дигитална реконструкција на знамето (А.С.) според описот (верзии 3а и 3б):



Дигитална реконструкција на Тиквешкото револуционерно знаме со впишување на натписот на македонски книжевен јазик:



Знамето било предадено на војводата Петар Илков и за првпат било развиорено непосредно пред Илинденското востание. Потоа долго се чувало во куќата на семејството Шарлиеви во кавадаречкото село Ваташа. Втор пат било развиорено во текот на Тиквешкото востание во 1913 година против српскиот режим во Македонија.

„Прогласувањето на ова историско Тиквешко востание се изврши во историското село Ваташа, во училишниот двор. Овде се собравме, повеќе од 300 младинци под водството на познатиот тиквешки војвода Дончо Лазаров (Сојториев) (и до денес е жив и живее во градот Петрич). Од ова собрание на 18 јуни тргнавме со историското револуционерно знаме, кое беше чувано 1903 година, на нашите позиции што беа одредени кај устиоето на реката Црна, каде што требаше да удриме по остатоците од српската војска и платениците - Турци“, Пане Поп Коцев, 1942 година („Востанието во Тиквеш - јуни 1913 година“).

Пореалистичен приказ на реконструкцијата, верзија 3а:



Пореалистичен приказ на реконструкцијата, верзија 3б:



Од зградата на општината во Кавадарци било симнато знамето на кралството, а на негово место било ставено тиквешкото знаме.

„Востанието траело седум дена. За тоа време биле избрани градска управа и извршна власт, а на општинската зграда се виорело тиквешкото револуционерно знаме кое претходно се веело и пред Илинденското востание“,  Петре Kамчевски (изјава за „Дневник“).

Упростена дигитална реконструкција на знамето (А.С.) без девојката со развеано знаме и без османлискиот војник:



Упростена дигитална реконструкција на знамето со впишување на натписот на македонски книжевен јазик:



„Резултатот од Тиквешкото востание беше седумдневното автономно управување, кога над општинскиот дом во Кавадарци се развеваше свиленото револуционерно знаме, долго време работено од вешти момински раце. Тоа се вееше од 1 до 7 јули - Иванден“, Благој Видов, 1932 година („Спомени; Тиквешко востание во јули 1913 година (Иванден)“).

За натамошната судбина на знамето Пане Поп Коцев известува дека при задушувањето на востанието било запленето од српската војска, а истото го потврдуваат и српските четнички војводи Јован Бабунски и Василие Трбиќ во извештајот од 29 јуни 1913 година до Штабот на српската Врховна команда.

„При повлекувањето противникот го заплени нашето востаничко знаме, тоа беше продупено со повеќе од сто куршуми. Ова знаме и до денес [1942 година, н.з.] се чува од нашите тирани во нивни воени музеи. До неодамна знаевме дека се наоѓа во Белград, но сега разбравме дека е пренесено во Крагуевац“ , Пане Поп Коцев, 1942 година („Востанието во Тиквеш - јуни 1913 година“).

Долги години знамето било изложено во белградскиот народен музеј.

„Подоцна знамето беше запленето од Србите и како скап подарок му беше предадено на тогашниот престолонаследник Александар...“, Благој Видов, 1932 година („Спомени; Тиквешко востание во јули 1913 година (Иванден)“).

Слика со уметнички приказ на знамето:


Во четириесеттите години на минатиот век се забележани обиди знамето да биде вратено во Македонија. Сепак до тоа не дошло под изговорот дека во 1941 година, при опожарување на музејот, знамето изгорело.

„Ми обештаа дека ќе ми го дадат, но кога отидовме јас и еден поручник со наредба од командантот на градот, управникот на музејот се извини и рече дека во 1941 година со една мина од Германците бил погоден и тој музеј, па со сите предмети во него изгореле. И така ние не можевме да си го земиме и донесиме во Тиквеш нашето револуционерно знаме како наш историски факат“, Пане Поп Kоцев (мемоари).

Уметнички приказ на знамето:


„По задушувањето на востанието, знамето било запленето и однесено во Белград. Долго време било изложено во белградскиот народен музеј. Делегација од општина Kавадарци во 1949 година отишла во Србија и побарала да го види симболот на тиквешката борбеност. На членовите од делегацијата тогаш им било кажано дека зградата на музејот била погодена за време на бомбардирањето на Белград во текот на Втората Светска Војна и дека тогаш било изгорено и уништено нашето знаме“, Петре Kамчевски (изјава за „Дневник“).

Види и:

1 comment:

Anonymous said...

Знамето било направено од учителки од Кавадарци. Во горниот дел на знамето имало натпис „Тиквешки революционенъ окрѫгъ“; под него пишувало „Свобода или смѫрть“; во средината имало една девојка којашто во рацете држи развеано знаме, а со едната нога гази врз тело на убиен турски војник. Тоа знаме е земено од страна на Србите и е однесено во музеј во Белград, но во 1941 година поради опожарување на музејот знамето е уништено.