Укинувањето на Охридската архиепископија

Безразлично што во почетокот односите меѓу Охридската архиепископија и Цариградската патријаршија биле коректни и сестрински, па дури охридскиот епископ Пајсиј во 1565 година и го водел соборот во Цариград на кој патријархот Јоасаф бил обвинет за симонија. Знакот на заемно уважување бил и донесениот акт на Соборот во Одрин (Едрене), во мај 1697 година, во кој Охридската архиепископија, Пеќката патријаршија и Кипарската епископија се прогласени за "почитувана тројца" и дека постојат еднакво законски, како и "богопроизведените четворици патријарси". Меѓутоа, колку што повеќе слабееше Охридската ариепископија, толку повеќе растеше настојувањето на Патријаршијата од Цариград да завладее со неа и со просторот на нејзината диецеза. Интригите на Патријаршијата за сметка на Архиепископијата од Охрид со времето станувале дел од нејзиното поведение кон "сестринската" црква. Во времето на заладените турско-австриски и турско-руски односи тоа било далеку поедноставно: на султанот му било постојано сугерирано дека Архиепископијата е орудие на Рим, Виена и Москва. Внатрешните несогласувања во Архиепископијата и оделе на рака на Цариградската патријаршија. Кулминацијата на заострените односи го достигинала својот врв за време на изборот на Ананиј, протосингел на патријархот Јоанакиј Трети Караџа, за архиепископ на Охридската архиепископија. Тоа била една обмислена и беспримерна игра со благослов на султанот: Патријаршијата, наспроти самостојноста на Охридската архиепископија, го предала правото на избор на нов охридски архиепископ на шест-седумина затечени архиереи на Архиепископијата во Цариград, прогрчки расположени. Целата акција за избор на нов архиепископ на испразнетото место бил, всушност, инициран од гркофилските колонисти од охридската дијацеза во турската престолнина. Формалниот избор бил направен, меѓутоа, Ананиј не бил прифатен од охриѓани, а и Архиепископијата не го признала новиот избор. Изгонувањето на тукуштодојдениот Ананиј во Охрид бил последен успех на партијата на автохтонистите во градот. Во меѓувреме, Патријаршијата со поткупи на високи турски великодостојници и приврзаници на грчката кауза меѓу високото свештенство на Архиепископијата, откинувала парче по парче од неа. Најпосле, патрихот Арсениј на 16 јануари 1767 година ја дал својата прва "доброволна" оставка во која, меѓу другото, рекол: "...поради неможноста да ги средам и поправам нуждите на Охридската архиепископија што се јавија една по друга пред нас...". Сменет од архиепископ, Арсениј бил назначаен за митрополит на Пелагониската епархија, но и оттаму бил изгонет на 24 јуни 1767 година, откако дал повторно "доброволна" оставка.

Веднаш по симнувањето на Арсениј од архиепископскиот престол, патријархот Самоил Ханцери издејствувал кај султанот Мустафа Трети, ираде со кое се поништувала Охридската архиепископија, а нејзините епархии биле вклучени кон Патријаршијата, без право на жалба на оваа и ваква одлука. За да се избрише каква и да е трага на Епископијата, Цариград ја укинал и самата охридската епархија, пренесувајќи го центарот во Драч и наречувајќи ја епархијата Драчка. Се отишло дотаму што дури и името на Охрид било променето во Лихнидос - само да се укинат сите спомени на Охридската архиепископија. Така Охрид, по 800 години, бил укинат не само како центар на антикефална црква, туку и како епископско седиште, безразлично што тој тоа беше уште од првите децении на христијанството на Балканот. Патријаршискиот синод, оддавајќи му благодарност на султанот, на 15 мај 1767 година донел акт во кој ги "образложил" причините за укинувањето на Архиепископијата. Наводно, таа (како, впрочем, и Пеќката патријаршија, укината една година порано), била создадена незаконски и неканонски одделена од Патријаршијата. На тој начин султанскиот хатишериф со кој се ликвидирала Архиепископијата не е само канонски, туку и праведен акт! Славко Димевски забележува дека дури и наредбата за укинување на Архиепископијата, донесена од заколнат непријател на христијанството, каков што бил турскиот султан, не била толку сурова, колку што била сурова одлуката на исцело грцизираната Патријаршијата да се избришат сите траги на постоење на Архиепископијата во Охрид.

Постигнувајќи ја својата основна цел: укинување на Охридската архиепископија, грчката Цариградска патријаршија направила се да се уништат духовниот и црковниот живот во Македонија и да се наметнат законите и обичаите на грчката црква. Се разбира, најпрвин била укината словенската богослужба. Свештеничкиот кадар бил генерално заменет со Грци и гркомани. Отпорите на паствата уследиле мошне брзо во Битола, Охрид, Скопје, Кукуш, Лерин, Тетово и во некои други градови. Сепак, најнискиот ред на свештенството останал домороден, зашто Грците, заради неговите мошне скромни приходи, не биле заинтересирани за овие места. Тие полуписмени, полуприучени свештеници и монаси, во времето на најтемното фанариотско духовно ропство, успеале да ги сочуваат традициите на Климентовата црква и на Охридската архиепископија.

Извор: Македонско братство

No comments: