МАКЕДОНЦИТЕ ИМААТ ПРАВО НА САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ

Ретки се ликовите од соседните земји, кои во минатото ја признаваа и се бореа за самобитноста на Македонците.

Еден од тие борци е Србинот Коста Новаковиќ кој во почетокот на 20 век издаде брошура под наслов „Македонија на Македонците! Земјата на земјоделците”

Оваа брошура објавена на 23 јуни 1924 год. Само по три дена е забранета поради нанесени навреди врз кралот на СХС. Но таа брошура и покрај запленетиот тираж во одреден број примероци доаѓа и во Македонија. Силните реакции што  ги предизвикува оваа брошура беа причина за започнување на судски спор против  Коста Новаковиќ.
 
За време на кривичниот претрес  тој ја дал следната изјава:

„Оваа брошура ја напишав за да ги известам сите народи во Југославија за своите гледишта и моето мислење за македонското прашање, едно од најважните политички прашања во денешната ситуација...

...Јас сметам дека секој еден народ па и Македонците, треба да добие право на свое самоопределување...

...Јас потсетувам дека за време на  војната Србија и останатите сојузнички буржоазии зборуваа дека се борат за правото на самоопределување на нацијата. Тоа беше лага, ако се бореа за тоа, јас денеска немаше да бидам обвинет. Македонскиот народ е национално поробен...

Единстевено решение на македонското прашање е создавање автонома Македонија, соединета со останатите балкански земји во една федеративна балкансака република, во која ќе се создадат услови за нејзино развивање. Нашата партија се бори за тоа полно право на самоопределување до отцепување и за Македонците , како и за сите останати народи во Југославија. ”

На судењето одржано на 8 септември 1924, Првостепениот суд за град Белград го оптужи Новаковиќ за „повикување на ѓраѓаните на оваа држава кон насилство врз државните власти и повик до Македонците како посебен народ и сите револуционерни елементи во борба против оваа држава до отцепување.„

На овие обвинувања Новаковиќ изјавил:

„Јас во својата брошура ја зборувам вистината, која имам право да ја кажам како син на српскиот народ и како член на една револуционерна партија... Ниедно ослободување на Македонија не донесе мир ни слобода на нејзиниот народ. Единствено решение кое се наметнува е Македонија да добие самостојност и да биде алка за поврзување на останатите балкански народи. ”

Новаковиќ на судењето дал свое мислење и за српскиот терор во Македонија истакнувајќи дека:

„Властите често истакнуваат дека Македонија е земена со меч и дека мора да остане српска. Тоа е опасен аргумент... Ако Македонија остане под било која држава нема да има мир на Балканот. Мир на Балканот ќе има кога таа ќе е независна. Ако таа спасоносна идеја создава вина, тогаш мирно ја очекувам казната. ”
 
Осврнувајќи се на брошурата и големото внимание кое го предизвика во Македонија и пред властите, Новаковиќ  пред судот додава: „...власта нејзе ја пребарува. Тоа е доказ дека има вредност. ”

По добивањето на пресудата Новаковиќ се обрати со жалба до Апелациониот суд. Каде што уште еднаш во жалбата зборува за брошурата и неговото мислење:

„...Пред вас ќе биде и мојата брошура во која ја изнесов суштината за Македонија. Јас знам вие ќе ми речете дека работите што ги напишав и реков за време на претресот за Македонија и животот на народите во Македонија , дека се страшни и тешки и дека не смеат да се зборуваат – па и да се вистинити затоа што со тоа се штети на виши „интереси„. Јас само видов дека за тие виши „интереси„ стотици илјадници српски мајки се завиени во црно баш за Македонија , а уште неколку пати по сто илјади  македонски, бугарски, грчки мајки и сите без никаква  корист за народите на Балканот.

Гледам дека заради тие „виши интереси„ ќе се создадат уште многу нови костурници на балканските народи. Затоа јас – и сите кои мислат како мене – морам да зборувам  и понатаму  за вистината за Македонија, и да гледам да се разбуди свеста кај сите балкански народи, за да се спречат оние кои ги припремаат овие костурници, да се здружиме во братски сојуз. Ете затоа мислам дека мојата вистина е опасна за вашата правда.”

Оваа жалба не беше прифатена и Новаковиќ  беше осуден на 7 месеци затвор. Тој во својата автобиографија овие настани ќе ги  искоментира:

“Година 1924 одлежав во затвор седум месеци заради брошурата Македонија и Македонците во која во отсуство и на суд го бранев правото на нација на самоопределување. ”

Со својата брошура но и со својот непроменлив став Новаковиќ покажа дека и во периодот на масовна асимилација и негација на Македонецот во сите делови на распарчена Македонија , постоеле  единки кои решението за македонското прашање го наоѓаа единствено во давање на полно право  на самоопределување  во своја независна и автономна држава Македонија.

Ова демократско право и денеска одредени кругови сакаат да му го оспорат на Македонецот, но тие како и во минатото се само марионети и послушници   за „вишите интереси”.

Благојче Андонов

No comments: