September 5, 2013

ПО ЧЕКОРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ БОГОМИЛИ

Вовед

Историјата на Богомилското движење, кое се појавило на Балканскиот полуостров, поточно на територијата на Македонија, е предмет чие што значење во голема мера ги надминува неговите географски и историски простори. За научниците и експертите од многу различни области, богомилството сè уште нуди многу неоткриени факти и може да се спореди со полуистражен или воопшто неистражен рудник со злато. Така на пример, теолозите и филозофите во богомилската секта можат да ги најдат едни од најинтересните примери за развојот на еден систем на верувања и начин на живот, кој може да се нарече дуалистички, создаден на почвата на средновековна Европа. Богомилското учење спаѓа во редот на средновековните дуалистички еретички учења, кое се појавило во  X – тиот век на територијата на Македонија. Богомилството по својата суштина преставувало социјално движење и било насочено против економското и политичкото владеење на владетелската феудална класа. Но, некои модерни автори го критикуваат ова мислење. Пример за ова е рускиот византолог Димитри Оболенски, кој во својата книга „Византија и Словените“, вели дека богомилите првенствено биле религиски проповедници, а не борци за „социјална“ правда.

Многу поранешни истражувачи досега го занемарувале големото значење што го имало богомилството за европската историја. Пример за тоа е познатиот англиски историчар Гибон, кој во својата книга „Пропаста и падот на Римската империја“ оваа секта ја опишува со една единствена фраза – „секта на Гностици, која што наскоро исчезнала.“

Социјално – политички причини за појава на Богомилското движење

За појавата на Богомилското учење во Македонија влијаеле повеќе фактори. Како една од главните причини била таа што по словенската колонизација во Македонија, македонските словенски племиња морале да водат жестоки борби со моќната византиска империја, од една страна, и со ново формираната бугарска држава во VII – от век од друга страна. Резултатот од овие борби било тоа што бил закочен процесот на македонските Словени да си создадат своја словенска држава, се до втората половина на Х – тиот век кога таа најпосле била создадена во Преспа. До почетокот на IX – от век дел од македонските Словени биле повремено принудувани да ѝ се потчинат на врховната византиска власт. Во текот на IX – от и почетокот на X – от век, кога се појавило богомилството, еден поголем дел од Македонија до самата околина на Солун, бил владеен од бугарската држава, додека помал дел заедно со градот Солун се наоѓал под власта на Византија. Што значи во политички поглед Македонија се наоѓала под бугарско – византиско владеење. Тоа е причината зашто богомилството се претворило од религиозно во чисто народно движење, придобивајќи карактер на ослободително движење. Друга главна причина, за да стане Македонија почва на зародување и центар на богомилското движење, била таа што во времето на византиско – бугарското владеење зел силен замав феудалниот процес. Како резултат на тоа голем број слободни селски општини биле разложени за сметка на зајакнувањето на феудалниот поредок. Со тоа маса од селани биле останати без својата земја, без таа на општините (шуми, ливади, пасишта и др.) од кои сите заеднички се ползувале. Овие општински земји станувале сопственост на феудалните господари (световни и црковни). Селаните, пак, како обработувачи на   овие земји, често пати не биле исфрлувани од земјата, на која што дотогаш живееле, туку напротив, претворани од слободни во феудално зависни луѓе, биле терани да работат за феудалните господари. Оттука, тешката феудална експлоатација исто така влијаела и на селанството, а и градските   сиромашни  и  робовите, кои ги имало во овој период во помал број, да го прифатат богомилското учење за свое, бидејќи преку него тие можеле да ја изразат својата класна борба, односно борбата против феудалците, кои им наметнувале да извршуваат тешки обврски за нив самите, а и за државата, зашто последната ги штитела нивните интереси. Затоа богомилското движење освен ослободителен добило и антифеудален карактер.

Отпорот кон црквата и пробивот на источните еретички учења од Мала Азија

Напоредно со порастот на византиското влијание и феудализацијата на бугарската држава, притисокот врз понискиот државен слој станувал се потежок, а збогатеното свештенство сè повеќе живеело како крупни земјопоседници, занемарувајќи си ја својата верска и просветна должност.

Современикот презвитер Козма, иако доследно ја брани црквата и нејзиниот клер, раскажува за сè поголемиот број на неморални свештеници, од архиепископите, па до најобичните свештеници и монаси, кои не си останале верни на својот даден завет дека ќе ја проповедаат и ќе живеат во согласност со божјата реч. Зацврстувањето на феудалните односи, при што на црквата ѝ била дадена најзначајната задача, т. е. да ги вкорени тие односи во свеста на народот, отворено наидувала на голем отпор кај словенското население.

Тој отпор и незадоволство од страна на најшироките слоеви на феудалниот поредок, особено бил зајакнат со појавата на различни идејни поттици. Во почетокот на Х – тиот и ХI – тиот век сè уште биле јаки остатоците на старите пагански традиции, особено во планинските области, а освен тоа во IX – тиот век непосредно со примањето на христијанството, на Балканскиот полуостров се прошириле разни еретички учења кои се судрувале со веќе постоечкото државно и црковно уредување. Двете најмоќни нео – манихеистички секти кои се прошириле на територијата на Балканскиот полуостров, а со тоа и низ Македонија, биле павликијанството и масалијанството.

Павликијанската секта се појавила во Ерменија и Мала Азија во втората половина на седмиот век. Во седмиот, а особено во деветтиот век Павликијанците биле жестоко прогонувани и убивани од страна на византиските власти, поради фактот што од гледна точка на византиската црква тие биле еретици и заради военото и политичкото значење што тие го имале за Империјата: односно формирањето на воени колонии на источните граници на Византија и нивните чести сојузи со Арапите, причини кои особено биле иритирачки за византиските власти во Константинопол.

Во 872 – та година византиските војски успеале да ја уништат нивната воена моќ во Западна Ерменија, уништувајќи ја нивната главна тврдина. Но со тоа не биле уништени нивните доктрини. Спротивно, тие уште повеќе се распространиле по Балканскиот полуостров. Главниот извор за нашето познавање на Павликијанството е Петар од Сицилија, кој во 869 – та година бил пратен во Ерменија, како Византиски амбасадор кој требал да учествува во преговорите за мир помеѓу императорот и Павликијанците. Според неговите пишувања, Павликијанците верувале во два принципа. Едниот бил принципот на доброто, а вториот принципот на злото. Богот на злото бил создавачот и владетелот на овој свет, а Добриот – богот што треба наскоро да дојде и да го спаси светот.

Втората секта, Масалијанството исто така може да се смета за можен предок на Богомилството. Тоа се појавило во Сирија и Мала Азија уште многу одамна, во четвртиот век, но постојат цврсти докази дека тоа се одржало во Ерменија и Мала Азија сè до деветтиот век. Многу од нивните учења биле слични со оние на Павликијанците.

Не постои сомнеж дека појавувањето на богомилската секта на териториите на Македонија во одредена мера се должи на пенетрацијата на павликијанските еретици на Балканот. За тоа постојат и докази во изворите. Уште во пишувањата на Петар од Сицилија, се гледа дека Павликијанците ги сметале Балканските простори за погодно место за ширење и развиток на нивното учење. Од друга страна, исто така, се знае дека во неколку прилики, особено во текот на осмиот и деветтиот век, Византиските императори префрлале голем број на сириски и ерменски колонисти во Тракија, со цел заштита на границата со Бугарија поради константните војни што тие две сили ги воделе меѓусебно. Меѓу тие колонисти речиси сигурно морале да се наоѓаат некои од приврзаниците на сектата. Византискиот хроничар Теофан изречно кажува дека пренесените Азијци биле виновниците поради што павликијанската ерес започнала да се шири во Тракија.

Улогата на Охридската книжевна школа за појавата на Богомилството

Уште додека учителствувал во охридско – деволските краишта Климент Охридски развил плодна писателска дејност. Од неговото перо биле напишани или преведени околу 50 „слова“ (дела), кои послужиле како основа за претворување на Охрид во развиен словенски книжевен центар. Преку напишаните или преведени трудови, Климент Охридски, кој уште како ученик и византиски мисионер бил изграден под силно влијание на византиската црковно – феудална идеологија, овозможил и во Македонија, и во делот што го владееле Бугарите, да се изгради новиот црковно – феудален световен поглед. Сето тоа било подредено во заштита на интересите на бугарската црква и бугарската држава. Словенските свештеници преку своите проповеди во црквите почнале да им ја всадуваат на верниците претставата за божјото потекло на светот. На тој начин голем дел од книжевните трудови, кои биле создадени во рамките на Охридската книжевна школа, биле насочени кон тоа читателите и слушателите да стекнат претстава дека општествено – политичкиот живот на земјата е дело на Бога и е хиерархиски уреден (цар – болјари – зависни селани), како и црковниот (патријарх – архиепископ, митрополити – свештеници и монаси) и небесниот (Бог – мајка божја, апостоли и архангели – ангели, светци и богоугодници).

До таквите востановени канонски писанија требало да се држат и големиот број македонски свештеници кои излегле од Климентовата школа. Притоа, нивна главна задача била преку проповедите од црковните амвони (грч. Ambon. 1. во православната црква издигнато место пред олтарот од кое се читаат Светото писмо, молитвите проповедите и помените, амвонот симболично го претставува каменот што ангелот го зел од гробот на Христос, 2. фиг црква, црковна власт) да ги поучуваат верниците дека востановените религиски догми се вистински зашто се дело на Бога. Со тоа свештениците ги терале верниците да не се спротивставуваат на воспоставениот „од Бога“ општествен поредок, да бидат мирни поданици на бугарската држава и социјалните неправди да ги сметаат како дело на Сатаната. На тој начин, на наивните и примитивни христијански верници им била наметнувана претставата дека нивните беди ги создавал лошиот ѓавол (Сатаната), а не нивните господари, предодредени од Бога, поради што истите требало да ги почитуваат и да ги извршуваат кон нив своите даночни обврски. Со тоа обесправените и угнетени луѓе лесно станувале плен на религиозните заблуди и стекнувале сознание дека сите нивни експлоататори (царот, болјарите, државните и црковни органи), се слуги на ѓаволот и дека невидливиот добар Бог, кој живеел далеку во надземниот, свет немал удел во сето тоа. Тоа било и причината мнозинството верници да се запрашаат, истакнува презвитерот Козма, во својата „Беседа против богомилите“, „Зошто  Бог му дозволува на ѓаволот да ги напаѓа луѓето?“ Ваквите ставови на одделните христијански верници, кои ги пренесува презвитерот Козма, заштитникот на официјалното учење на Бугарската црква, јасно говорат дека се појавиле нови дуалистички погледи насочени против востановените религиозни догми, што од своја страна, водело до судир со гледиштата на оние свештеници кои се држеле до воспоставената црковно – феудална идеологија. Имено, претставата дека на земјата господари лошиот ѓавол почнала да пробива пат и дека сите неправди врз луѓето се негово дело, а дека добриот бог царува далеку во небесниот свет. Како резултат на тоа се засилиле тенденциите дека душите на сите онеправдени луѓе на земјата ќе нашле спас и блаженство на „другиот свет“ со кој господарел добриот Бог. Во средината на Х – от век дуалистичките погледи наишле на погодна почва во Македонија, во делот што се наоѓал под бугарска власт. Главните носители на таквите погледи потекнувале од редовите на македонското свештенство кое излегло од Климентовата школа во Охрид. Меѓу нив имало и голем број учители, писатели и други учени луѓе. Како сестрано изградени личности тие аргументирано истапиле против воспоставените религиозни догми, наметнати од официјалната Бугарска црква, против нејзиниот хиерархиски ред, како и воопшто против воспоставениот општествен и државен ред. Таквите „опозиционери“ бугарската црква веднаш ги осудила како „еретици“. На тој начин Охридската школа на Климент и Наум влијаела на територијата на Македонија да се создаде благопријатна почва за појава на новото богомилско дуалистичко учење, кое бргу се претворило во масовно општествено движење.

Појава и центри на богомилството

Богомилството, како „ново појавена ерес“, својот зародиш го влече од средината на Х век, т.е. од времето кога на чело на Цариградската патријаршија се наоѓал патријархот Теофилакт (933-956). Во прилог на тоа говорат податоците од второто зачувано писмо на патријархот Теофилакт испратено како одговор на двете писма на царот Петар, со кои тој побарал совети од патријархот како да постапи во искоренувањето на ереста. „Тебе веќе ти беше одговорено на прашањето за ново појавената ерес, а сега и појасно и поопширно пак ти пишуваме, бидејќи ти побара, а ние поцелосно разбравме од вас за престапноста на догмата“, пишува во своето писмо патријархот Теофилакт. Најпрво богомилството се појавило во Југозападна Македонија и тоа на територијата на бившата склавинија „Берзитија“. Потврда за тоа се податоците од Беседата на презвитерот Козма против богомилите. „Така, се случи – пишува Козма – во бугарската земја за време на првоверниот цар Петар да се појави поп по име Богомил, но попрво е да се рече Богонемил, кој почна како прв да ја шири ереста во бугарската земја“. Под изразот „бугарска земја“, како што потврдуваат и другите пишани извори и топонимијата, се подразбира оној дел од Македонија кој бил приклучен во рамките на Првото бугарско царство. Во прилог на тоа говори и соопштението од Пространото Климентово житие, со кое житиеписецот Теофилакт, обраќајќи се до Климента како на светец, истакнува: „О земен ангел и небесен човек! сè повеќе и повеќе надгледувај го своето наследство, бидејќи сега очигледно имаш повеќе и поголема сила, отколку кога беше жив. Прогони ја погубната ерес која по твојата смрт во Христа како заразна болест се вовре меѓу твоето паство и која ги растерува и погубува овците од твоето стадо, кое што ти го закрепи, о, свети и предобри пастиру.“ Самиот факт дека Климент за светец бил прогласен по неговата смрт (916 г.) потврдува дека соопштението од неговиот житиеписец Теофилакт наполно одговара на времето, т.е. на периодот на владеењето на царот Петар кога богомилството се појавило за првпат во овие македонски краишта. Дека своите зачетоци богомилската ерес ги имала на територијата на бившата склавинија „Берзитија“, сведочи и една стара икона од охридската црква Св. Богородица, на која св. Наум ( кој важел за „велик чудотворец во Деволскиот ливан, близу до градот Охрид“), е насликан во една планинска месност како светец прогонуван од богомилите, што се гледа и од текстот на грчкиот натпис на самата икона. Ангажирањето на Климент и Наум Охридски од Бугарската црква по нивната смрт како светци во борбата  против богомилите, исто така убедливо говори дека охридско – деволските краишта во времето на цар Петар биле масовно зафатени од богомилската „погубна“ ерес. Тоа од друга страна, потврдува дека за широките размери што ги добила ереста во Југозападна Македонија голем придонес имала Охридската книжевна школа, бидејќи од нејзината средина главно излегле богомилските проповедници кои ги прифатиле новите дуалистички погледи на светот.

Дека на територијата на „бугарска Македонија“ т. е. во овој дел од Македонија кој го владееле Бугарите, за првпат се „појавила ереста на богомилите“ и дека истата  потоа се проширила и во Филипопол и околината, се истакнува и во една анатема против богомилите, што ја содржи српскиот Синодик од 1221 година.

На чело на богомилите во Македонија стоел попот Богомил, кој најверојатно потекнувал од кругот на учениците на Климент и Наум Охридски. „Попот по име Богомил“, соопштува презвитерот Козма, започнал како прв да ја шири ереста.“ Како родоначалник на богомилската ерес, попот Богомил е споменат во една анатема против него во Синодикот на Борил од првата половина на XIII век: Анатема на „трипроклетата и богоомразна богомилска ерес чиј началник тогаш (во времето на царот Петар) бил сквернавениот поп Богомил заедно со своите ученици.“ Во истиот Синодик е поместена и друга анатема „за поп Богомил, кој ја прифати при Петар, бугарскиот цар, манихејската ерес и ја распростани во бугарската земја.“ Под изразот „бугарска земја“ и во овој случај се подразбира македонската земја, која била вклучена во рамките на Првото бугарско царство. Попот Богомил е претставен како распространувач на манихејската ерес „во секој град и област“ за време на царувањето на Петар и во една анатема на Виенскиот препис поместена во „Синодикот во недела на православието“ од првата половина на XIII век. Исто така, поп Богомил е споменат и во повеќе апокрифни книги кои биле напишани во Русија и станале популарни во XV – ти и XVI – ти век. Во еден индекс на забранети книги митрополитот Зосим (1490-1494), поп Богомил е претставен како татко и учител на поп Јеремија, кој бил автор на апокрифна книга. Како еден од првите богомилски книжевници, т. е. „творец на забранети книги“ поп Богомил е наведен и во друг руски индекс на забранети книги, кој е поместен во ракопис од XVI – от век. Заедно со поп Јеремија поп Богомил е споменат и во трет индекс, кој исто така потекнува од XVI век. Сите тие забранети книги биле составени, како што се гледа и од нивната содржина, под силно влијание на македонските богомилски книжевни творци. Од XI – от век на територијата на Македонија биле ширени голем број апокрифни книги. Сите тие биле плод од навлегувањето на богомилската „заразна болест“ во монашките средини. Иако Охридската архиепископија се залагала да го спречи продирањето на богомилското дуалистичко учење меѓу верниците во нејзиниот диоцез, сепак повеќе манастири се претвориле во средишта за пишување и ширење на апокрифни книги, чии автори имале директни или индиректни врски со богомилскиот водач, поп Богомил или пак неговите ученици следбеници.

Почетоците на богомилското движење, како и дејноста на поп Богомил се поврзани со Југозападна Македонија, поконкретно со територијата на бившата склавинија „Берзитија.“ Во прилог на тоа говорат пишаните извори и запишаните народни преданија и зачуваните топоними во Велешко – прилепскиот регион. Од Пространото Климентово житие се дознава дека Климент Охридски по неговата смрт како светец дејствувал против „погубната ерес“ во југозападните македонски краишта. Тоа го потврдуваат и народните преданија врзани за овие краишта. Од една запишана легенда ширена меѓу населението од селата Богомила, Нежилово и др. од велешкиот крај, се дознава дека поп Богомил потекнувал од с. Богомила во чија близина се наоѓал и неговиот гроб. Според преданието, во близина на с. Богомила се наоѓал и мал параклис кој на богомилите им служел како молитвен дом. Дека во овие македонски краишта се одвивала главната дејност на богомилскиот водач поп Богомил и дека во овој период  биле претворени во најмасовни центри на богомилското учење и општествено движење, потврдуваат и називот на с. Богомила, како и називот на Богомилското поле по долината на текот на реката Бабуна, потоа името на реката Бабуна  и на соседната планина Бабуна, кои се споменуваат во подоцнежните извори, а се зачувани и до ден денес. Тие секако се одраз на богомилството, зашто богомилите во овие краишта ги викале уште и „бабуни“ . Исто така е можно и името на преспанското с. Асамати да е богомилско, добиено по грчкиот збор што значи бестелесен. Од територијата на Југозападна Македонија богомилството се проширило и во другите македонски области. Тоа добило особено силни размери во Североисточна Македонија, што се потврдува од големиот број апокрифни книги, настанати и сврзани со овие краишта, како и имињата на повеќе села и места, добиени под влијание на богомилското учење и движење. Такви се на пример, имињата на с. Кутугерци во осоговскиот крај, добиени по името Кутугери, како што уште биле нарекувани македонските богомили, потоа името на с. Богослов, добиено по почитуваниот од богомилите евангелист Јован Богослов, псевдоавторот на „Тајната книга“, на с. Еремија, добиено по името на поп Јеремија, познатиот писател и распространувач на апокрифната книжнина, кој во руските забранети книги од XVI век е означен како „син и ученик“ на поп Богомил, на маалото „Бабунци“ во с. Опила, Кривопаланечко, на с. Недокрштеница во Козјак, кое настанало под влијание на богомилите кои одбивале да се крштеваат. Богомилството ги зафатило и другите македонски области уште во X – от век. Во Дебарско – кичевските и скопските краишта богомилите станале познати под името „торбеши“, а во Воденско и Солунско како „Кудугери.“ Од Македонија богомилската „заразна болест“ брзо се пренела и во соседните балкански земји, зафаќајќи ја особено масовно Пловдивската област во Тракија, како што сведочат изворните податоци од српскиот Синодик од 1221 год. Од крајот на Х век кога во рамките на Самуиловото      Царство биле вклучени и повеќе балкански земји и кога богомилството продрело и во македонското царско семејство, богомилската ерес продрела и во потчинетите земји, со што во текот на XI век се претворила во општобалканска ерес.

Називот на богомилското учење дошол по двоен пат. Таквото име се наложило  од една страна поради фактот, што Богомил бил главниот проповедник и правоучител на ереста, а истовремено и заради убеденоста на еретиците дека тие му се најблиски т. е. дека му се  „мили на бога.“ Значи по еден двоен пат називот „богомили“ се утврдил и запазил во наредните столетија.

Суштината на богомилството

Учењето на богомилите во најголема мера можеме да го реконструираме врз пишувањата на нивниот лут непријател презвитерот Козма. Попот Богомил започнал да проповеда за скромен живот, покајание и молитва, бидејќи според неговото учење овој свет е лош и бил создаден од Сатаниел ( Христовиот брат и божји син ), злобниот бог од стариот завет. Светите тајни, иконите и свечените обреди на православната црква се сметале за непотребни, бидејќи биле дело на самиот Ѓавол. Крстот бил омразен поради тоа што на него бил измачуван и умрел Христос. Единствена прифатена молитва била „Oче наш“, која се пеела четири пати дневно и четири пати преку ноќ.

Во споменатото дело на презвитерот Козма е даден многу интересен опис за тоа како изгледале богомилите: „Однадвор еретиците се како овци: навидум кротки и повлечени и молчаливи, изгледаат бледи од лицемерниот пост, излишен збор не велат, не се смеат бучно, не се прават важни, се чуваат од погледи, и  се прават така што надворешно не се разликуваат од правоверни христијани, однатре се волци грабливи, како што рече Господ. Гледајќи ја ваквата и толку голема нивната покорност, луѓето ги сметаат нив за правоверни и за способни да покажуваат пат кон спасението. Затоа доаѓаат кај нив и ги прашуваат како да ја спасат душата...“ Нивната скромност и аскетското настапување било константен извор на нетрпеливост од страна на нивните лути противници – Православната црква. Околу век и половина по Козма, византиската принцеза, Ана Комнена на сличен начин ги опишува византиските богомили. Во „Алексијадата“ таа пишува: „И нема никогаш да најдете некој кој јавно кажува дека е Богомил, туку нивното зло е скриено под нивната наметка и качулка. Богомилот изгледа мрачно и е покриен до носот, има деградиран чекор и мрмори додека оди, но внатре во себе има неконтролиран волк.“

Богомилите не јаделе месо и не пиеле вино, а ги одвратувале луѓето од брак. Нивната заедница не познавала никаков вид на хиерархија. Мажите и жените се исповедале еден на друг и си давале прошка. Богомилите ги критикувале богатите, осудувале големосопствениците и го учеле народот: применувајќи пасивен отпор, да биде непокорен на господарот. Сепак се поставува прашањето колку верниците се држеле до овие верски правила. Иако нема сигурни докази по ова прашање, многу е веројатно дека Богомилите, слично како и Манихејците, биле поделени во две групи: обични „верници“, кои не биле обврзани кон ригорозните аскетски правила, и „перфектните“ од кои се очекувало целосно да живеат во согласност со нивните норми и умереност. За жал денешната историска наука располага со многу малку изворни податоци за обичаите и организацијата на Богомилската секта во нејзиниот најран историски период.

Богомилската ерес за време и по Самуиловото царство

Во втората половина на Х – от век богомилството во Македонија добило уште пошироки размери, придобивајќи сè повеќе и повеќе карактер на општонародно ослободително востание. Кон крајот на 60 – те години на Х век богомилското движење влијаело да се создадат поволни услови за организирање и кревање ослободително востание против бугарската власт на чело со синовите на кнезот Никола, комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самуил. Востанието било кренато веднаш по смртта на царот Петар (969) во западните делови на Македонија и истото било крунисано со отстранувањето на бугарската власт од овие македонски краишта и поставување на темелите на новата македонска словенска држава на Балканот во 969 – та година , со седиште во Преспа. Фактот што средиштето на македонската држава се наоѓало на територијата на бившата склавинија „Берзитија“, каде што се наоѓало и средиштето на богомилското движење, убедливо говори дека богомилите масовно учествувале во востанието на комитопулите и создавањето на македонска држава. За време самостојното владеење на Самуил (976 – 1014) богомилството продрело дури и во македонското царско семејство.

Од грчкото житие на Јован Владимир, владетелот на Дукља и зет на цар Самуил, оженет за постарата ќерка Косара, се дознава дека Косара, како и нејзиниот брат Гаврило Радомир, станале приврзаници на „отровната ерес на богомилите.“ Царот Самуил  ја толерирал активноста на богомилите, бидејќи истите ги користел во борбите со Византија. Инаку, тој до крајот на својот живот останал строго православен, за што говори и надгробниот камен натпис пронајден во с. Герман, Преспанско, што тој го подигнал во 993 година во чест своите родители Никола и Рипсимија и братот Давид. Имено, во натписот е изделкан крст, кој е карактеристичен за православните споменици.

За разлика од Самуил, кој ја толерирал активноста на богомилите, неговиот зет Јован Владимир, како што сведочат податоците од неговото житие, бил „уништувач на богомилите и еретиците масилијани, рушител на нивната заблуда и обновувач на верата“ во Дукља, која ја управувал како вазал на цар Самуил. За широките размери што ги добило богомилството во овој период, известува анонимниот автор на Краткото житие на Јован Владимир, нагласувајќи притоа дека богомилството ги зафатило и „заблудените народи“ во Бугарија, Србија, Албанија како и во Далмација и други земји.

Богомилството зазема многу важна улога во историското, црковното, политичко –социјалното и литерарното наследство на Византија и Словените. Неговите траги можат да се следат дури и до денешно време во топонимијата и современиот фолклор на македонскиот народ.

Деталното проучување на ова верско движење фрла ново светло на сè уште нејасниот проблем за историските врски помеѓу азискиот Манихеизам и средновековните дуалистички секти што проникнале во Западна Европа. Оваа врска, доколку е успешно воспоставена, од друга страна ќе им овозможи на црковните историчари да го поврзат илјада годишниот синџир помеѓу учењата на Мани во Месопотамија од III – от век па сè до катарската крстоносна војна од XIII – от век во Јужна Франција.

Стефан Илиевски

No comments: