Солунските атентати

Кон крајот на април и почетокот на мај 1903 година во Солун биле извршени серија на динамитни атентати, главно насочени кон странскиот капитал во Османската Империја. Извршители на овие атентати биле членовите на групата т.н. “Гемиџии”. Оваа група го должи својот настанок и идеолошко формирање на тајниот кружок од Пловдивската Гимназија кој бил формиран во 1896 година. Целта на овој круг била ослободување на Македонија по пат на внатрешна револуција. Организатори и раководители на кружокот биле Михаил Герџиков (син на директорот на Народната банка во Пловдив) и Петар Манџуков (внук од сестра на митрополитот Натанaил) [1] . Тие биле под идеолошко влијание на Степњак, Кропоткин, Лавров, Чернишевски, Жан Грав итн [2] . Поради недостатокот на средства Манџуков и Герџиков се решиле да украдат од своите блиски некои драгоцености и тоа еден руски орден на митрополитот Натанаил и еден скапоцен прстен на мајката на Герџиков. Овие кражби брзо биле откриени и полицијата ги дознала сторителите на овие кражби. Поради овој престап, Герџиков и Манџуков биле исклучени од гимназијата. Во 1897 година поголем дел од членовите на Пловдивската група се нашле на студии во Женева. Меѓу нив биле Герџиков, Манџуков, Јордан Колчев, Димитар Општински, Димитар Ганчев, Димо Николов, Григор Дочев и др. Подоцна кон оваа групација се приклучил и Славе Мерџанов од Карнобат. Во Женева, преку контактите со руските револуционери, групата се оформила како анархистичка. Групата го добила името Македонски Таен Револуционерен Комитет. Комитетот го издавал весникот “Отм’штение” (Одмазда) [3] . Исто така бил издаден апел кој почнал да се дели меѓу македонската емиграција во Бугарија и странските дипломатски претставништва. Целта на Комитетот била “... полна независност и најширока слобода за македонскиот народ да си создаде управа каква што тој сака...” [4] Средствата предвидени за остварување на идеите на МТРК биле пред сè да се удира по институциите на европските капиталистички сили со цел да се сврти погледот на светската јавност кон состојбите во Македонја. МТРК бил во тешка финансиска состојба па со цел да извлечат извесни средства во Софија бил испратен Григор Дочев. Откако Дочев не успеал да обезбеди средства, се самоубил. Преку Стефан Михов, кој бил службеник во банаката во Софија, МТРК успеал да добие околу 4000- 5000 лева. Со тие пари, Славе Мерџанов, користејќи го пасошот на Михаил Герџиков заминал за Солун. [5] Таму Мерџанов стапил во контакт со неколку ученици на солунската гимназија, кои главно биле од Велес. Меѓу нив биле: Јордан Поп Јорданов-Орце, Константин Кирков, Тодор Богданов, Илија Трчков, Владимир Пингов и други. [6] Мерџанов успеал да ги зарази со анархистички идеи и оваа група почнала идеолошки да се оформува и да се трансформира во она што подоцна ќе биде запаметено како “Гемиџии”. Идеите на оваа група не се поклопувале со идеите на ТМОРО. Главно гемиџиите сметале дека со мал број жртви можат да се постигнат големи резултати, главно со директно загрозување на странскиот капитал на европските сили во Османската Империја. Исто така во нивните начела се предвидувало извршување на постојани терористички акции против Царството, со што би било одвнатре разнишано. Кон јадрото на оваа група подоцна се приклучиле Димитар Мечев, Тодор Органџиев, Георги Богданов, Милан Арсов и Илија Поп Јорданов, а нешто подоцна и Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид и Димитар Коштанов од Горна Џумаја. Во 1899 година Мерџанов, Кирков и Поп Јорданов изработиле планови за атентати во неколку градови во европскиот дел на Царството. И во овој случај пак парите биле најголем проблем за организација на овие акции. Кај гемиџиите се јавила идејата за фиктивно киднапирање на Кирков и на Тодор Богданов, чии родители биле материјално добро ситуирани. Во истата година гемиџиите стапиле во контакт со Борис Сарафов кој подоцна ќе ги поддржи финансиски и морално. Во Солун по враќањето од летната ваканција, Јордан Поп Јорданов ги повикал Кирков, Трчков, Пингов и Органџиев и ги запознал со планот за минирање на Отоманската Банка. За таа цел била изнајмена берберница која се наоѓала наспроти банката. Копањето на каналот било прекинато на едно место каде што гемиџиите наишле на остатоци од античка градба т.н. ”Термопили”. Во исто време во Цариград С. Мерџанов, П. Соколов и П. Манџуков исто така се обидувале да ја кренат во воздух тамошната експозитура на Отоманската Банка. Турската полиција во септември 1900 година го уапсила доставувачот на експлозив за акцијата во Цариград, кој како руски поданик бил екстрадиран. Набрзо потоа биле уапсени копачите на каналот и Павел Шатев. Тие биле третирани како обични комитаџии, а по интервенцијата на бугарскиот дипломатски претставник Иван С. Гешов биле протерани од Цариград [7] . По откривањето на каналот во Цариград и падот на комитетот на Сарафов, гемиџиите останале без морална и финансиска поддршка. Гемиџиите барале финансиска помош од ВК, но не ја добиле. За да се здобијат со пари, Мерџанов и Соколов формирале чета на чело со Георги Фотев со која што влегле во Одринско, со цел да го ограбат возот Ориент Експрес. Оваа акција не успеала, па така тие грабнале еден турски бег за откуп. Оваа акција била осудена на пропаст, бидејќи по првиот судир четата била уништена, а Мерџанов и уште двајца Ерменци од четата биле уапсени и подоцна осудени на смрт и обесени во Одрин. Во март 1902 година Јордан Поп Јорданов отишол во Женева каде што од Борис Сарафов добил 10 000 франци и ветување за околу 1000 килограми динамит. Исто така, и Гоце Делчев финансиски ги помогнал гемиџиите со 5000 лева кои биле добиени од грабнувањето на Мис Стон. [8] Откако се здобиле со финансиски средства, гемиџиите продолжиле со нивната работа. Берберницата била изнајмена па затоа бил изнајмен друг дуќан, кој бил уреден како бакалница. Каналот бил обновен и почнал повторно да се копа. Кратко време подоцна, гемиџиите дошле во конфлкт со Иван Гарванов, кој побарал интервенција на Гоце Делчев, дури и протерување на гемиџиите од Солун [9] . Делчев одржал една средба со Попјорданов. Притоа успеал да ги смири духовите на двете страни и да ги одложи планираните гемиџиски акции. Од друга страна бил Борис Сарафов, кој всушност ги поттикнувал гемиџиите да дејствуваат и финансиски ги помагал. Во овој период почнале да доаѓаат првите тури со динамит. Имено тие пристигнале со посредство на Милан Саздов, кој бил келнер во возот Белград-Цариград. Експлозивот во Цариград бил складиран кај Унгарката Ана Шепец. Динамитот ветен од Сарафов, кој изнесувал околу 1000 килограми бил испратен под маска на антифилоксерин во Дедеагач, каде што извесен Евангелијадис за сума од 100 лири требало да го извлече. Истиот тој го известил Гарванов, кој посакал да се докопа до експлозивот. Евангелијадис успеал да го извлече динамитот од царинарницата во Дедеагач, но тој бил откриен и конфискуван. Евангелијадис избегал за Атина. [10] Последните количини на динамит пристигнале со посредство на Тодор Александров, Тодор Органџиев и Атанас Малинкин. Овој експлозив бил пакуван во канти за шарлаган и така бил испраќан во Солун. Така, гемиџиите успеале да обезбедат 283 килограми динамит. Откако главното средство било обезбедено, сè повеќе растела желбата за акција, а и оправданиот страв од провала. Непосредно пред атентатите ЦК на МРО размислувал за протерување на гемиџиите или нивно елиминирање. Јордан Попјорданов кратко пред почетокот на атентатите го известил Гарванов дека ќе дејствуваат и му препорачал да превземат мерки на конспирација. Како што претходно кажавме, отворена била можноста за провала на кружокот. Дипломатските претставници биле известени дека ќе се случат серија атентати со експлозивни средства. Тие дури го известиле и солунскиот валија. Останува нејасно зошто турската власт не презела никакви мерки за заштита или за апсење на гемиџиите. [11] Првата акција на гемиџиите се случила на 15/28 IV.1903 . Тоа било потопувањето на францускиот брод “Гвадалкивир”. Извршител на оваа акција бил Павел Шатев. На име на Георги Манасков од Ќустендил тој се качил на бродот каде што со неколку килограми динамит го разнесол машинското одделение на бродот. На бродот немало човечки жртви. На патниците им било соопштено следниот ден да појдат во седиштето на агенцијата “Месажери Маритим” за да ги подигнат парите за билетите и багажот. Шатев бил единствениот кој не отишол, што предизвикало сомневање. Следниот ден бил уапсен на меѓународен воз во Скопје и вратен во Солун. После оваа акција, истата вечер Мечев, Трчков и Арсов се обиделе да го дигнат во воздух возот Цариград-Солун. Поради нестручното ракување со динамитот, немало некои позначителни оштетувања на пругата и на возот. Ова било само вовед во тоа што допрва следувало. Ноќта на 16/29 IV Константин Кирков со неколку килограми експлозив меланит го уништил мостот под кој минувале цевките на солунскиот гасовод. Во исто време, Димитар Мечев и Илија Трчков се обиделе да го минираат главниот резервоар во фабриката за осветлување, но притоа биле забележани од чуварот кој отворил оган. Истата вечер во бакалницата дежурал Орце Попјорданов. По прекинот на осветлувањето, тој ги запалил фитилите на динамитот кој бил поставен под Отоманската Банка. Банката била демолирана и притоа загинале неколкумина случајни минувачи и еден полицаец и гаваз. [12] По неуспехот кај фабриката за осветлување, Трчков и Мечев тргнале на различни страни. Мечев фрлил две бомби во кафеаната “Egypt” а Трчков активирал една бомба во поштата. Откако ги извршиле овие акции, Трчков и Мечев се повлекле во нивниот стан, од каде што фрлале бомби кон војската и полицијата. Откако снемале бомби, двајцата извршиле самоубиство. Истата вечер Милан Арсов фрлил една бомба во кафеаната “Алхамбра” при што загинал еден од вработените. “Берберот” Владимир Пингов опремен со Бертолетова сол и течен фосфор се обидел да го запали “Бошњак ан”. Потоа се упатил кон станот на Мечев и Трчков. Таму бил пресретнат од страна на воена патрола и бил убиен во обидот да фрли бомба кон нив. На 17/30 април Попјорданов почнал да фрла бомби од неговиот стан кон војската. Откако му завршиле бомбите го извадил сопствениот револвер и се убил. Масакрот врз него бил спречен од страна на еден од командантите Хусеин-ефенди кој бил воодушевен од храброста и саможртвата на Орце. Истиот ден, ресенчанецот Цветко Трајков на возраст од околу 40 години се обидел да изврши атентат врз солунскиот валија Хасан Фехми-паша. Откако не успеал да стигне до валијата, тој со една бомба се самоубил пред очите на валијата. Последната акција ја извршил Константин Кирков, по сè изгледа на 3 мај. Тој под изговор дека ќе испраќа телеграма влегол во телеграфската станица и се обидел да фрли бомба. Пред да успее, бил прободен со бајонет од страна на еден од стражарите. Секако дека не изостанала репресија од страна на турската власт. Уште на 29 IV. во Солун започнале масовни апсења и масакри. Бројот на убиени за време на овие турски погроми кон македонското население се процени дека се движел од 35-300 убиени. Масакрот запрел на 30 април околу пладне. За смирување на состојбата во Солун повлијаело и доаѓањето на странски воени бродови во Солунското пристаниште. Солунските атентати ѝ дале повод на османската власт за нови апсења и репресии низ целата територија на Македонија. Во овие апсења биле опфатени околу 2200 луѓе. Од атентаторите биле уапсени Павел Шатев, Георги Богданов, Марко Бошнаков (Стојанов) и Милан Арсов.[13] За нивно судење бил подготвен специјален воен суд. Во него учествувале Едип-паша (претседател), Расим- паша, Сабхан-беј, Омер-беј, Ештреф-беј, Неџмедин Шефкет, Џемаил-беј и иследникот Хусеин-Ефенди. Сите овие биле виши воени офицери. На 4 мај Етхем-паша кој требало да го води процесот пристигнал од Цариград во Солун.

Судот најмногу признанија успеал да извлече од Георги Богданов, кој бил психички болен. Тој ги посочил имињата на сите членови на кружокот и нивните задолженија. Сите признале дека учествувале во атентатите, освен Павел Шатев, кој и понатаму тврдел дека се вика Георги Манасков од Ќустендил. Кога бил донесен таткото на Шатев за препознавање, Шатев тврдел дека не го познава. Останатите полека-полека ги издале и контактите што ги имале со МРО и дале многу податоци за структурата на оваа организација, а посебно за претседателот Иван Гарванов. На 24 мај (стар стил) 1903 година судот донел смртни пресуди за четворицата фатени гемиџии. Одделен процес бил воден против Иван Гарванов и уште 49 лица. Најголем дел од нив биле од Велес и од Кукуш и биле роднини и познаници на гемиџиите. Специјалниот воен суд осудил 35 луѓе од кои 4 на смрт, а останатиете на временски казни. Многумина од осудените биле осудени само затоа што ги познавале гемиџиите или биле во сродство со нив. Таков е случајот на Ѓошо Попјорданов. Воениот суд престанал со работа на 19 јули (стар стил).

Осудените гемиџии ја очекувале смртната казна во солунскиот затвор. Во мај 1906 година казната им била заменета со доживотен затвор и биле испратени во Фезан, во африканскиот дел на Отоманската империја. Во почетокот на 1908 година од болест починале Милан Арсов и Марко Бошнаков. По младотурската револуција Шатев и Богданов биле амнестирани. Тие при своето враќање ги донеле главите на Арсов и Бошнаков во Македонија, каде што ги погребале. 

Дарко Дорошевски [објавено во Македонска Ризница, бр. 10]

1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или смрт,Македонското револуционерно националноослободително движење во солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје 2003, стр.472
2 Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија,т.1 Илинденско востание, Скопје 2003 г. стр. 290
3 Ванчо Ѓорѓиев, цит. дело, стр 473
4 Исто
5 Христо Силјанов,цит. дело, 290-291
6 Ванчо Ѓорѓиев, цит. дело, стр. 474
7 Исто стр.476
8 Исто стр.477
9 Исто
10 Ванчо Ѓорѓиев, цит. дело стр. 478
11 Исто стр.479-480
12 Исто стр.481-482
13 Ванчо Ѓорѓиев, цит.дело, стр 487

Користена литература:

  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје 2003 година.
  • Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, т.1 Илинденското востание, Скопје 2001

No comments: