Солунските атентати 5. дел

Ванчо ЃОРЃИЕВ

СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ

5. Единаесет дена пред планираното гемиџиите се огласиле во Солун. На 15/28.04.1903 во 11 часот и 15 минути пламнал парабродот „Гвадилкивир“ на француската компанијата „Месажери Маритим“. Негов потпалувач бил патникот Павел Шатев, кој во парабродот се качил со пасош на име Георги Манасков од Кустендил. Кога бродот почнал да се оддалечува од пристаништето, Шатев поставил неколку килограми динамит до неговите машини и успешно го активирал. Капетанот огласил тревога за спасување на патниците и багажот. Бродот успешно го напуштиле сите патници и екипажот. На патниците им било соопштено, следниот ден да се јават во агенцијата за да го подигнат багажот и парите за билети. Единствено патникот Манасков (Шатев), не се појавил во агенцијата. Момент доволен за сомнеж. Следниот ден тој бил уапсен на меѓународниот воз во Скопје и вратен во Солун.

Вечерта на 15/28.04.1903 г., Д. Мечев, И. Трчков и М. Арсов, подментнале експлозив на возот Цариград-Солун. Поради нестручното поставување на експлозивот, оштетувањата на шините и локомотивата биле незначителни. Вистинските атентати допрва претстоеле.

Вечерта на 16/29 април, Солун потонал во темнина. Константин Кирков, со неколку килограми мелинит го разрушил мостот под кој минувале цевките од гасопроводот за осветлување и водоводот. Тоа било сигнал за почеток на другите. Тогаш, Д. Мечев и И. Трчков се обиделе да го кренат во воздух главниот резервоар во фабриката за осветлување. Во тоа биле спречени од чуварот, кој ги забележал и пукал по нив.

Во бакалницата бил дежурен Јордан Поп Јорданов. По прекинот на осветлувањето, тој го запалил фитилот што се протегал до експлозивот под темелите на Отоманската банка. Таа за миг се претворила во урнатини. Во тој момент покрај Банката со пајтон минувал германскиот инженер Хекел, кој загинал. Покрај банката настрадале еден полицаец и неколку гавази. Еден ѕид од банката се урнал врз германскиот клуб и во дворот на соседниот хотел. При излегувањето од германскиот клуб од урнатините на банката бил повреден управникот на германскиот конзулат во Солун. На место загинал Швајцарецот Ото Трумплер, кој бил трговец, инаку француски поданик. Под урнатините на банката бил пронајден и трупот на еден ситен трговец со тутун. Во дворот на хотелот смртно бил ранет еден италијански шивач, а неговите две деца се здобиле со сериозни повреди. Околу банката и германскиот клуб биле ранети повеќе Германци и Австријци.

Д. Мечев и И. Трчков, по неуспехот да го кренат во воздух резервоарот во фабриката за освстлување, се разделиле во различни правци. Притоа, Мечев фрлил две бомби во кафеаната „Egypt“. И. Трчков активирал една една бомба во поштата. Гавазот кој се обидел да ја исфрли активираната бомба, загинал кога таа експлодирала во неговите раце. Веднаш потоа, Мечев и Трчков се забарикадирале во својот стан, каде имале цел склад бомби. Двајцата, фрлајќи бомби скоро цела ноќ им се спротивставувале на војската и полицијата. Откако ги завршиле бомбите, двајцата се самоубиле. Во текот на борбата активирале 40 до 60 бомби.

Најмладиот гемиџија, Милан Арсов, фрлил една бомба во кафеаната ,,Ал-хамбра“. Бидејќи фитилот бил прилично долг, гостите побегнале додека бомбата експлодирала. Притоа загинал еден служител. Истата ноќ, „берберот“ Владимир Пингов, со малку бертолова сол и едно шише течен фосфор се обидел да го потпали Бошњак ан. Оттаму се упатил кон станот на Д. Мечев и И. Трчков. Патем бил сопрен од војската. Во обидот да фрли бомба кон нив, В. Пингов бил убиен. Истата ноќ, К. Кирков фрлил бомба пред Гранд Хотел, а Георги Богданов, пред кафеаната „Ноњо“, каде што немало жртви.

Ноќта помеѓу 16 и 17/29-30 април 1903 година, Солун бил потресен од две силни детонации на експлозив и многу други од бомби. Таа ноќ загинале тројца од атентаторите: Д. Мечев, И. Трчков и В. Пингов.

Следниот ден 17/30 април, по кратко затишје, бомбите одново одекнале. Овој пат се огласил Орце, кој почнал да фрла бомби по војската од својот стан. Откако фрлил 11 бомби, го извадил сопствениот револвер и извикал: „Ете, вака умира јунак!“ и се самоубил. Разбеснетите војници се впуштиле да го унакажат неговиот труп. Во тоа ги спречил Хусеин ефенди, со зборовите: „Убиениот нека ви служи за пример, како треба да се жртвувате и да умирате за татковината“.

Истиот ден Цветко Трајков, (40-50-годишна возраст) се обидел да го убие солунскиот валија Хасан Фехми-паша. Тој бил спречен од телохранителите на валијата да се доближи до неговиот пајтон. Тогаш, Цветко се оддалечил малку, извадил една бомба, ја активирал и седнал врз неа. Таа го разнела пред очите на валијата.

Последна активност пројавил К. Кирков. Проблематичен е датумот на неговата акција. Изгледа тоа било на 3 мај 1903. Тој се обидел да влезе во телеграфската станица под изговор дека ќе испраќа телеграма. Притоа стражарот го запрел и побарал да го претресе. Во тој момент Кирков се обидел да активира бомба, но стражарот бил побрз и го прободел.

Продолжува

No comments: