Гоце Делчев - 8

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ - Ванѓа Чашуле

Тој останува во Костурско месец ипол и ги средува сите организациони работи. Оттука заминува за Леринско, Кајларско и Воденско, а кон средината на март е во Струмичко и потоа во Малешевско. Во Малешевските планини ја сретнува врховистичката чета на Софрони Стојанов, ја обезоружува ѝ ја враќа назад откаде што и беше дошла.


По осуммесечно крстосување низ Македонија што открај докрај ја беше изодил пеш, зацврстувајќи ја и проширувајќи ја Организацијата, насекаде со народот пред кој ги отвораше перспективите за една слободна автономна македонска држава на рамноправни граѓани, затврдувајќи ја вербата дека таа треба и единствено може да биде само дело на сопствениот народ, неуловлив за турските власти кои го бараат најусилено (султанот ветува 1000 лири за неговата глава, a познатиот Дервиш ефенди праќа порака од Скопје: „Кажете му на тој јунак Делчев дека сакам да го видам и да му се поклонам — од цар до говедар ние сме веќе изморени, а тој сам не се изморува“), Гоце преку Џумајско се префрлува во Бугарија и околу 10 март 1902 година е во Софија.

Во меѓувреме, таму, во негово отсуство беа станале мошне значајни и судбоносни работи за ослободителното дело на македонскиот народ. На чело на Врховниот комитет сега се наоѓа генералот на бугарската армија Иван Цончев. Целта на Фердинандовиот генерал е да ја ослаби, разниша и уништи Внатрешната македонска револуционерна организација, која не само што не ги прима неговите планови за „ослободување“ на Македонија, туку се осмелува четите што ги праќа тој, да ги обезоружува и да му ги враќа назад. За постигнување на таа цел тој се служи со сите средства: со пари, поткупи, ветувања големи служби и чинови. Касата на кобуршка Бугарија нему му е ширум отворена пред перспективата круната на Фердинанда да се украси со алемкаменот — Македонија, та дури да ја оствари желбата што еден друг бугарски генерал, по повод прославата на Санстефанска Бугарија, ја искажал — Фердинанд да стане крал на Македонија! Од стари арамии и разбојници, од луѓе што ги гони Организацијата поради нивни престапи и грешки, Цончев формира чети и ги праќа во Македонија — сè со истата цел да ја уништи ВМРО, да сее недоверба кај народот во неговите раководители, служејќи се со гнасни клевети и демагошки ветувања. Тој отворено зборува дека најдоцна до есента треба да се дигне востание. „Борбата со Врховниот комитет за Гоце беше една бескрајна мака“, пишува Јаворов во своите спомени за Гоцета. „Во тоа време луѓето често го гледаа Гоцета како снове по работа низ цела Софија — со којзнае од кое ѓубре земена шапка, со негодно веќе и за бит-пазар кусо палто, со панталони — случајно зачувани и предлагани досега на шестмина голтаци, за да бидат шест пати презриво отфрлени... со нервозен вид на потрес и досада, готов небаре да гракне на другари, и на противници, и на цел свет“.

Во септември 1902 година Врховниот комитет од Софија објави востание во Џумајско и Петричко, што беше жална реприза на „востанието“ од 1895 година. „Секое зло за добро — се надеваше Гоце — Џумајско и Петричко ќе ја спасат останатата Македонија“, пишува Јаворов за тоа како Гоце ја примил оваа нова врховистичка провокација. И тој има намера да замине пак во Македонија за да го исползува станатото во разобличување на врховизмот.

Кон средината на јануари 1903 година тој е во Македонија. Тука, меѓу својот народ тој е сосем друг, прероден. Тука тој е војводата кој им заповедува на пашите мир да мируваат, зулуми да не прават и пашите треперат... Тоа е Гоце-војводата кој зборува дека неговата мајка е — земјата македонска, а пак род роднина.— зговорна дружина. Еве го описот на Јаворов за Гоцета од тоа време, што е и единствениот што го имаме за него:

„Бело арнаутско фесче со црн шал, завиткан околу него, покриваше немногу голема, обла глава. Сиво шаечно палто, сиви шаечни панталони и опнати до колената ореови чешири во пристегнати опинци — ги оцртуваа правилните форми на фигура од среден раст. Облечено само во левиот ракав темносиво ќепе, полунаметнато и со повлечена десна пола, и придаваше особено дива убавина на целата горда појава. Co кама, револвер и патрондаш на крстот, со префрлена зад рамото манлихера, Гоце личеше на некакво ајдутско божество.

Китка темнокостенливи коси се подаваа над високото јасно чело, потпрено од лесно смуртени веѓи. Тркалесто црномурно лице се озаруваше од големи кафеави очи, со поглед обично кроток, но готов да блесне како нож при најмала возбуда. Правилен римски нос, подизвиен над неголеми мустаќи, со ноздри што дишат жедно, го обликуваше пламенот на благородното срце. Извајани во неопределена насмевка, одвај подуени усни, и убаво заоблен подбрадник сведочеа можеби за едно пламено чувство, длабоко поетично во својата сушност. И во тој општ вид имаше нешто извонредно меко и истовремено тврдо, нешто извонредно нежно и истовремено заповедничко, нешто којзнае колку мечтателно и секогаш устремно и победно. Во тој општ вид беше самиот Гоце — во својата мисла, во своето чувство, во своего дело, во целиот свој живот...“

Таквиот Гоце ќе го запамети и овековечи цела Македонија. Тука, на својата родна грутка, тој е во својот елемент: по цели ноќи одржува состаноци со раководителите пред кои ги изнесува плановите за идната работа: „Престапно е да се ослободува народ преку преднамерно создавани пожаришта и касапници. Инаку, ние ќе заприлегаме на питач, кој ги чепка своите рани и вади гноишта и крв, за да ги натера луѓето со еден грош да се спасат од глетката на една гнасотија“. Тој е за востание, но востание во кое ќе земе учество целиот народ, бидејќи востанието не е самоцел, туку средство да се извојува саканата слобода. Дотогаш народот треба да се поштеди од непотребни жртви и пожаришта. Организацијата преку своите чети ќе презема акции кои ќе создадат анархија во турската империја и кога народот ќе биде наполно готов, а надворешно-политичката ситуација погодна за дигање востание — тоа ќе биде прогласено.

Продолжува

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека

No comments: