December 31, 2012

ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН 2. дел

Марија Јовановиќ - „Востанијата на македонскиот народ во XI-ти век“ (стр. 5-25)

I. ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН (1040 — 1041)

Главен спроводник на византиската асимилаторска политика во Македонија, особено по сменувањето на домородниот архиепископ со Византиец, во 1037 година, било туѓородното византиско свештенство, кое оттогаш започнало да ги зазема сите високи функции во Охридската архиепископија.

Положбата на народот уште повеќе била влошена поради честите пљачкашки упади на Печенезите. Нивниот прв напад бил извршен по смртта на Василие II, во 1026 година. Тие навлегле во земјата и на својот пат ги разорувале селата и градовите, убивале, грабеле и воделе во ропство голем број мирно население. Во 1034 година тие успеале да навлезат дури до Солун. Слични провали се повториле во 1035 година и трипати во наредната 1036 година.

Во овој период голем притисок македонското население трпело и од страна на Власите, кои, слегувајќи од планините, го грабеле и насилувале.

Овие несреќи биле придружени со цела низа елементарни непогоди. Тоа пред сè биле катастрофалните земјотреси што Македонија ги претрпела во 1026 и од 1037—1039 година. По земјотресите уследиле страшни суши, во време на кои пресушувале многу реки, бунари и извори. А не биле ретки и поројните дождови, кои паѓале по неколку месеци и предизвикувале големи поплави. Голем број луѓе останале без домови, покуќнина, без прехранбени продукти и добиток. Како резултат на сето тоа населението умирало од страшен глад. Особено страшен бил гладот во 1030 година. По шестмесечната суша, во 1037 година се појавиле роеви скакулци, а потоа паднал крупен град кој ги испокршил дрвјата и покривите на куќите. Стихијните непогоди и гладот предизвикувале разни епидемични заболувања од кои населението масовно умирало. Според зборовите на споменатиот Скилица, во 1039 година во Македонија умирало големо мнозинство луѓе од епидемија на тифус, а живите не биле во состојба да ги закопаат сите мртви.

Ваквата тешка и неподнослива положба нужно предизвикала негодувањe и отпор кај македонскиот народ, што нашло свој израз и во неколкуте познати востанија од XI век. 

*

Неизгаснатата желба за слободен живот го натерала македонскиот народ само по дваесет години византиско ропство одново да се дигне и да стапи во отворена борба против својот поробувач. Врвна манифестација на таа желба било големото народно востание, дигнато во 1040 година.

На чело на тоа востание застанал Самуиловиот внук Петар Делјан. Тој бил син на Гаврил Радомир од неговата прва жена, ќерка на унгарскиот крал, која, бремена со Делјана, ја избркал додека уште бил жив Самуил, оженувајки се за убавата Ларисчанка Ирина. Во моментот на дигањето на востанието, Петар Делјан се наоѓал во Унгарија кај својот дедо. Штом разбрал за востанието, тој веднаш, заедно со свои приврзаници, се префрлил во Белград. Тука бил прогласен за цар. Оттаму се спуштил на југ и го зазел градот Ниш, а потоа пристигнал во Скопје, каде што воодушевено бил пречекан од востаниците. Изворите не даваат сигурни податоци за постоењето отпор на овие градови. Само Скилица бележи дека востаниците на својот пат „го убивале нечовечки и безмилосно секој сретнат Ромеец“, што наведува на претпоставката дека ним им бил даден отпор. Прв што се обидел да му се спротивстави на Петар Делјан „пред злото да станало големо и пред да е запален пожарот“, како што забележува Скилица, бил драчкиот стратег Василие Синадин. Тој побрзал да му го пресече патот на Делјана кон Солун дигајќи ги набрзина сите месни сили. Но кога стасал во Дебар, Синадин се скарал со еден од потстратезите, Михаил Дермокаит. Тоа придонело да биде наклеветен кај императорот Михајло IV, кој тогаш престојувал во Солун, дека сака да дигне бунт против византиската власт. Императорот веднаш го сменил споменатиот стратег од должноста и го фрлил во солунскиот затвор, а на негово место за стратег го назначил Дермокаит. Новиот драчки стратег, бил користољубив, алчен човек и неспособен администратор. Тој почнал да го измачува населението, навредувајќи го и одземајќи му „коњи и коли, и сè друго“, како што вели Скилица, а кое му било од вредност. Не можејќи тоа да го поднесува, народот се дигнал против него. Плашејќи се да не му се случи нешто лошо, една ноќ стратегот успеал тајно да избега. Овој бунт, кој отпрвин бил насочен против еден претставник на византиската власт, наскоро се претворил во отворено востание против целата византиска управа. Населението од драчката тема во своето словенско мнозинство, го избрало, како што не известува Скилица, за свој водач и за цар го прогласило војникот од својата средина Тихомир, „познат по својата мудрост и храброст“.

Штом разбрал за станатото, Петар Делјан, со цел да ги обедини востаничките сили и да го централизира раководењето со востанието, се обратил со едно пријателско писмо до Тихомира, поканувајќи го да дојде во Скопје за да се договорат за понатамошното заедничко дејствување. Тихомир ја прифатил поканата и со сета своја војска пристигнал во Скопје. Кога двете војски се состанале, Делјан истапил пред насобраните востаници со говор во кој укажал на поразното дејство од двојното раководење со востанието и раздробеноста на силите. Потоа ги поканил востаниците да го изберат за свој водач позаслужениот од двајцата, напоменувајќи дека „еден храст не може да храни два еритака (птица од родот на папагалите), ниту пак една земја која се управува од двајца водачи ќе биде изведена на добар пат“. По тие зборови се дигнал силен џагор и народот го избрал за свој единствен водач Делјана, поради роднинските врски со Самуила, додека Тихомира го убиле, каменувајќи го. Последниот, според зборовите на Скилица, „како на сон да царувал, го завршил својот живот, заедно со власта, а сета власт на востанието преминала во рацете на Делјана“.

Штом ги обединил силите на двете востанати војски и станал нивни единствен водач, Делјан, заедно со главниот дел од војската, се упатил од Скопје кон Солун. Во тој момент во градот се наоѓал на лекување византискиот император Михајло IV (1034—1042), кој страдал од епилепсија и хидрофтизија, и барал оздравување на гробот на Свети Димитрие Солунски. Движејќи се кон југ, востаниците биле одушевено пречекувани од населението, кое масовно им се придружувало. Кога императорот разбрал за правецот на движењето на востаниците, го опфатила страшна паника. Не располагајќи со доволно војска, со која би можел да им се спротивстави на востаниците, тој веднаш заминал за Цариград, оставајќи го целиот свој багаж: шаторот, златото и среброто на својот коморник Манојло Ивец. Последниот, бидејќи бил од словенско потекло (се верува дека е син на храбриот и бестрашен Самуилов војвода Ивец, кој му дал најдолг отпор на императорот Василие II во 1019 година) не можејќи да ѝ одолее на желбата да им се придружи на своите собраќа, место да го брани градот, пребегал на страната на востаниците, заедно со Китонит (еден од евнусите — спалници на императорот). Меѓутоа, цврстите одбранбени ѕидини не им овозможиле на востаниците да го заземат градот. По неуспешниот обид тие се упатиле во југозападна Македонија и се улогориле во градот Острво, на истоименото езеро (Егејска Македонија).


Дел од солунската тврдина

Преминувањето на Манојло Ивец на страната на востаниците уште повеќе го зголемило одушевувањето на народот и востанието земало се поголеми размери.

Сега, со цел да го прошири востанието, Делјан ја разделил и упатил востаничката војска во неколку правци: едниот дел го упатил кон Драч, другиот кон тврдината Василида, а третиот во Грција.

Делот од војската што била упатена кон Драч, кој претставувал важно стратешко потпориште на Јадранското Море, за одбрана на Западна Македонија, му бил доверен на Делјановиот соборец, таканаречениот кавхан. Тој го освоил Драч и го придобил неговото население на страната на Делјан. Со заземањето на градот, востаниците успеале да го заштитат тилот од евентуален страничен напад на Византија.

Упатената пак војска кон тврдината Василида, која се наоѓала меѓу Охридското и Прсспан- ското Езеро, успеала да ја преземе и до темел да ја разурне.

Третиот одред, под командата на војводата Антим, имал за цел востанието да го рашири и во средна Грција. Тој продрел во стариот град Тива, каде што им бил нанесен решавачки пораз на византиските војски предводени од полководецот Алакасевс. Освен тоа, Антим успеал да го прошири востанието и во соседната област Стара Атика, продирајќи дури до Коринтскиот Залив.

Со преостанатиот дел од војската Делјан ја освоил и тврдината Димитријада (сега Воло) на брегот на Егејско Море. Според зборовите на византискиот писател Кекавмен, „откако Делјан го завладеал градот, го испратил во него стариот, опитен во военото дело војник Литовој Деволски, давајќи му војска за да ја пази тврдината. Кога Литовој стасал, ја обновил тврдината, која била напуштена“.

Во време на Делјановото движење од Скопје кон југ, и на Антим во Грција, пламнало востание и во Никополската тема, која се наоѓала јужно од Драчката, на местото на стариот Епир, во која, меѓу другото, влегувал и дел од југозападна Македонија. Таа, со исклучок на главниот град Навпакт, преминала на страната на востаниците, од следната причина: практорот Иван Куцомит, кој бил испратен од цариградската власт да ги собира државните даноци од населението на оваа област, според зборовите на Скилица, „тешко се нафрлил врз месното население, ја предизвикал својата смрт и станал причина никополчаните да се отцепат, зашто, не можејќи да ја поднесуваат неговата алчност, се кренале на востание, го исекле на парчиња и навредувајќи го ромејскиот император се присоединиле кон востаниците“. „Но, заклучува Скилица, тие востанале и го отфрлиле ромејскиот јарем не поради љубовта кон Делјана, туку поради алчноста на Орфанотроф (брат на византискиот император Михајло IV) и прекумерните барања при собирањето на даноците“.

И така, успешните дејствија на востаницитс довеле до ослободување на голем дел од балканските земји кои се простирале од Дунав до Атика и од Драч и Никопол до околината на Солун и Софија, која, според кажувањето на Кекавмен, се наоѓала исто така под власта на Делјана.

Продолжува...

No comments: