November 29, 2012

За помош на нашите браќа од егејска Македонија

ЗА ПОМОШ НА НАШИТЕ БРАЌА ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

Лазар Колишевски

Прашањето за бегалците од Егејска Македонија многу малку беше засегнато во нашата дискусија и покрај тоа што уште на почетокот на нашата работа беше предложена една резолуција во врска со настаните во Грција, поточно — во врска со теророт што беснее таму над нашиот народ. Јасно е дека бегањето на нашите сонародници од Егејска Македонија (8), поради теророт на монархофашистите во Грција, реакцијата ќе го искористи за да ја напаѓа нашата народна власт. Меѓутоа, една поширока демократска јавност не може да не сфати дека ова прашање за нас не е само прашање на сочувство спрема патилата на нашите браќа од Егејска Македонија, туку пред сè прашање на загриженост воопшто за судбината на нашите сонародници. Очигледни докази за таа загриженост на сета југословенска јавност секојдневно дава нашиот печат, кој објективно ја изнесува вистинската положба во Егејска Македонија и соопштува за страшниот терор што се врши таму. Нашиот печат исто така пишува за топлиот прием на кој наидуваат нашите браќа бегалци од Егејска Македонија во средината на нашиот народ. Ние ќе треба да ја мобилизираме нашата фронтовска организација за помош на нашите браќа Македонци од Егејска Македонија, за да можат полесно да се оттргнат од тешките мисли за своите блиски останати во Егејска Македонија под монархофашистичкиот терор и да можат целосно да се оддадат на мирен труд во нашата слободна Федерална Македонија.


Ние треба на тие акции да им дадеме организиран карактер. Случајот на прилепските работници е за пофалба. Тие, и при сè уште тешката материјална положба на нашата земја, како последица од ограбувањето и разурнувањата за време на четиригодишната војна, од она што го имаат — одделуваат што можат откажувајќи се од цели надници за да им помогнат на нашите браќа од Егејска Македонија. Тој пример на прилепските работници треба да го следи целиот наш народ. Народната влада како прва помош оддели еден милион динари. Од Белград Сојузната влада исто предвиде триесет милиони динари засега, а од новиот буџет се предвидуваат нови триесет милиони динари за помош на бегалците од Егејска Македонија. Но ние не треба да се задржиме на таа помош. Основната помош што треба да им се даде на нашите браќа, тоа треба да биде од самите нас, Македонците.

Говор одржан во дискусијата по организациониот реферат поднесен на Земската конференција на ЕНОФ, на 1 јули 1945 год.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска библиотека]

No comments: