June 10, 2012

Потеклото на Карпош

КУМАНОВСКИ КРАЛ КАРПОШ, Проф. Д-р АЛЕКСАНДАР ДИМИЌ — ПАЛАНЧАНСКИ

ПОТЕКЛОТО НА КАРПОШ

Најновите истражувања за животот, делото и херојската смрт на Карпош, внесуваат нови светлини. Врз основа на тие истражувања, животниот пат на Карпош може да се реконструира на следниот начин:

„Во селото Војник, блиску до Куманово, живеел со својата жена Бојана воденичарот Митре. Точно на Нова година т.е. на 1 јануари 1655 година им се родил синот првенец, кого на крштевката му дале име Петар. Петар, окружен со нежноста и љубовта на своите родители, растел и се развивал во мошне напредно момче. Уште во своето најрано детство се истакнувал меѓу своите врсници. За своите години бил мошне крупен и развиен. Во својата десетта година изгледал како вистинско момче. Покрај другите работи, тој мошне често му помагал на својот татко во воденицата.

Воденицата на неговиот татко често ја посетувал некој Грк — трговец, кој тргувал со Митре. При една од тие посети Карпош (Петар) се наоѓал во воденицата, помагајќи му на својот татко при наместувањето на воденичкиот камен. Гркот — трговец изненаден од силата на момчето го запрашал Митре:
— Чие е ова вака силно момче?
— Мое, — одговори гордо Митре!... — Има само десeт години и името му е Петар.
Гркот воодушевен од силата на Петар, притоа додал:
— Баш како да е скршен од карпа, а и името сосема му одговара, бидејќи на старогрчки Петар значи камен — односно карпа.
Забелешката на Гркот — трговец за силата на Петар била прераскажувана во селото, па така малиот Петар го нарекле Карпа, од што подоцна произлезе неговиот надимок Карпош.

Кога Карпош имал 15 години, на Гурѓовден 1670 година, во црковниот двор (манастирот Свети Горѓи во Старо Нагоричане) селаните го прославувале овој христијански празник. Покрај другите, на таа прослава бил и Карпош со своите родители.

Кога прославата била во полн ек неочекувано пристигнале вооружени Турци — арачлии. Злобните Турци, откако го растуриле свечениот црковен собор, ги построиле присутните селани, а тие наседнале покрај свечено подготвената трпеза. И, откако се најале и напиле со сè она што било подготвено за селаните, почнале да ги повикуваат еден по елен присутните домаќини, одредувајќи за секого од нив нови давачки и даноци. На Карпошовиот татко му одредиле на бегот да му дава половина од собраниот уем во воденицата. Сето тоа Карпош го посматрал од крај со стегнати тупаници. Таа вечер Карпош долго разговарал со својот татко за тој грабеж, за она што било стекнато со пот. Откако се наслушал за многубројните турски зулуми во нивното село и во другите краишта, отишол на спиење.

Продолжува

No comments: