May 18, 2012

Македонски Препород - 5

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Прличев ги поврза Кирил и Методиј со Филип и Александар Македонски

Кримската војна и даде уште посилен гласок на словенската идеја на Балканот и веќе во 1857 год. рускиот воспитаник Партенија Зографски ги објави не само првите студии за македонскиот јазик, туку и со конкретен предлог ја прокламира идејата за заеднички литературен јазик на Македонците и Бугарите, но со настојување во основата да бидат сепак западномакедонските говори. Неговите учебници за македонските училишта беа пречекани со восхит во Македонија и со остри реакции од бугарските преродбенски кругови. Практичен пример за неговиот предлаган јазик претставува првиот учебник, а уште во следната година го објави поправениот и дополнет буквар на Анатолија Зографски (Солун, 1838) под наслов "Началное учение за дицата, напечатено от Архимандрита Партениа Зографскаго". Истовремено тој ја објави и првата филолошка обработка на македонскиот јазик и го образложи својот компромисен предлог за заедничкиот јазик.

"Нашиот јазик, - вели Зографски - како што е познато, се делит на две главни наречја, от които едното се говорит во Болгарија и Тракија, а пак другото во Македонија". Истакнувајќи ја цело време дистинкцијата ние и вие, Партенија подготвил и граматика на овој јазик, укажувајќи дека за литературен јазик на Македонците и Бугарите како основа треба да се земе наречјето од "југозападните страни на Македонија".

УЧЕБНИЦИ НА ПАРТЕНИЈ
Двата учебника на архимандритот Партенија брзо беа растурени по Македонија и се појави потребата за нови изданија и други учебници и книги. Со залагање на самиот П. Зографски и неговите сомисленици од Солун и од Света Гора, беше направен обид во грчката солунска печатница на Киријак Држилович да се донесат кирилски букви "за да се печатат книги на македонскиј јазик за овдешните жители", но печатарот беше наклеветен од Грците и печатницата му беше затворена.

Токму во тоа време во Русија македонските студенти Константин Миладинов и Рајко Жинзифов, минувајќи преку Бугарското настојателство во Одеса и добивајќи ја материјалната издршка од Словенскиот комитет во Москва, беа регистрирани и третирани како Бугари од Македонија, но и едниот и другиот пројавија голема енергија за афирмација на македонскиот јазик во литературното творештво. Нивните стихови, пишувани "на македонското наречје", но во духот на концепцијата на нивниот добротвор П. Зографски, заедно со стиховите и другите творби на нивните повозрасни сонародници Константин и Андреја Петкович, ги поставија почетоците на современата македонска уметничка поетска реч. Не помалку е значајно што токму во тоа време (1858) во Москва излезе и посебното издание "Православни црковни братства..." во превод на К. Миладинов. Овој превод, како впрочем и поетските преводи на К. Петкович и Р. Жинзифов од руски, украински и чешки, ја покажа способноста за пренесување на македонски на суптилниот руски јазик на една стручна расправа од Јоан Флеров со целата специфична термнологија и апстрактна лексика што обично ја нема во народните говори. Тоа беше веќе еден наддијалектен јазик и сугерираше една посебна, македонска правописна норма. Притоа дошле до израз и способностите на еден воспитаник на Атинскиот и на Московскиот универзитет што имаше веќе солидна филолошка подготовка.

МИЛАДИНОВ ЗА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА
Тоа се потврдува и со стручниот труд за Охридската архиепископија што К. Миладинов го објави во "Братски труд" и уште појасно во предговорот и коментарите во зборникот "Блгарски народни песни" (Загреб, 1861). Самиов зборник направи антологиско претставување на македонската народна песна пред европската јавност и имаше широка рецепција во светот во тоа време, особено по трагичниот крај на браќата Миладиновци. Иако уште В. Караџиќ објави народни песни од Македонија, а една година пред Миладиновци во Белград Ст. Верковиќ напечати и цел зборник, сепак дури со зборникот на Миладиновци македонскиот јазик и македонското усно народно творештво станаа привлечен предмет за европската славистика и фолклористика.
Точно е дека и Петкович, и Миладиновци и Жинзифов во тој период се послужија и со бугарското народносно маркирање, но треба да се има предвид дека само малку пред тоа не само што истите браќа Димитрија и Константин Миладиновци беа грчки учители, туку се до средбата со В. Григорович и врските со руските словенофили, тие беа и големи елинофили. Истото тоа се однесува и за Р. Жинзифов, кој не само што и самиот се викаше Ксенофон и беше грчки учител, туку и татко му Јоан Ѕинѕиф си умре како грчки учител и по чувство гркофил. Тоа уште повеќе се однесува за охридскиот "Втор Хомер" Григор Прличев. Тој не само што беше голем елинофил, туку како поет ги доживеа и најголемите успеси и почести среде Атина. Дури по смртта на Миладиновци, по обидите да пишува на македонски и на "општословенски", се потруди да стане Бугарин и почна упорно да го учи бугарскот јазик, но без да го донаучи - пред крајот на животот се сврте кон античка Македонија и гласно ги поврза браќата Кирил и Методија со Филипа и Александра Македонски. Науката треба само да ги констатира фактите, а историјата да им го даде заслуженото место на овие труженици во националните истории, каде што дале принос или биле во некаква функција. Но, сосем разбирливо, тие ќе си останат и во матичната македонска историја, зашто биле не само синови, туку и изразители и учители на сопствениот македонски народ, независно од користениот јазик и разновидната народносна маркираност во разните историски периоди. "Повеќедомноста" не е привилегија само за Македонците. Во шеријатскиот систем на Турција клучно беше прашањето за црквата, бидејќи тоа право не признава националности, туку само вери. Од друга страна, само оној народ што има своја призната црква може да има и училиште, па следствено и јазик, литература и култура. Затоа и Македонците правеа толку напори за обновување на Охридската архиепископија. Кога тие барања упорно им беа одбивани, Македонците од Јужна Македонија (со центар во градот Кукуш) во 1858-1859 година ја отфрлија Цариградската (грцизирана) патријаршија и направија унија со Рим, под услов да им се признае посебна црковна самоуправна хиерархија што ќе го води духовно просветниот живот во Македонија, при што да си го задржат словенскиот јазик во црквата и народниот во училиштата, зачувувајќи го православниот обред со одеждите на свештенството и само спомнувајќи го во службата папата, наместо патријархот. Меѓутоа, Патријаршијата, со посредство и на руската дипломатија, успеа да ја разбие унијата, но, по барање на кукушаните, таа мораше да го назначи токму рускиот воспитаник Партенија Зографски за прв владика Македонец во Дојранско-кукушката епархија. Иако формално ова движење имаше црковен карактер, всушност се работеше за прво масовно национално раздвижување што ги постави основите и на првата македонска (рудиментарна) национална програма.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: И Македонциве се народ и местово нивно е Македонија

ПОДГОТВИ: Де.Т.

No comments: