May 28, 2012

Македонски Препород - 6

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

И Македонциве се народ и местово нивно е Македонија

Поради продорот на бугарската книга и бугарскиот јазик во училиштата, во Македонија се појавува отпор што се изрази со барање за печатење учебници на македонски јазик. Во 1867 год. се појави првиот учебник на Димитар В. Македонски и Димитар Хр. Узунов, а уште во следната 1868 година беа отпечатени серијата учебници на македонски јазик на Кузман Шапкарев. Согледувајќи го ефектот на отпорот против бугарскиот јазик и стремежот на Македонците за афирмирање на сопствениот јазик во образованието, Бугарското читалиште во Цариград во 1869 година формирало посебна комисија што да ги преведе бугарските учебници на "македонското наречје" и така да се пенетрира бугарската национална идеја во оваа турска провинција. Меѓутоа, само по неколку месеци султанот го потпиша ферманот за основање на Бугарската егзархија и бугарскиот јазик веќе можеше легално да се воведува во сите црковни општини, што ја прифатија новата словенска православна црква во Турција. Со тоа истовремено беа осуетени и натамошните борби на македонскиот народ за обновување на Охридската архиепископија како православна национална црква, бидејќи султанот не можеше да дозволи две посебни словенски православни цркви во своите граници. Но сето тоа не ги угасна надежите на народот за сопствена културно-национална афирмација.

НЕ СМЕ БУГАРИ
Почнуваат и јавно да се поставуваат приговорите дека "друго било Бугарин и бугарски јазик, а друго Македонец и македонски јазик" и отворено да се реагира: "Ние сме Македонци, не сме Бугари". И кога барањата станаа јавни, се виде принуден и самиот П. Р. Славејков на 18 јануари 1871 год. отворено да настапи со статијата под јасен наслов "Македонското прашање", во која признава дека "уште пред десетина години од некои Македонци" ја слушал таа идеологија што сега веќе прераснала во "мисла што мнозина сакаат да ја спроведат во живот". Тој "многу пати" слушал од овие идеолози дека Македонците не се Бугари и дека тие отворено му изјавувале: "Се откинавме од Грците, под други ли да паднеме?".

Во Македонија постоеше изразита жед за учебници на македонски јазик. Во 1872 год. кукушкиот учител Венијамин Мачуковски најави дека има подготвено граматика на "македонското наречје" и бара претплатници за објавување. Тоа предизвика најжестока фронтална реакција во бугарскиот печат во Цариград и Букурешт, бидејќи ќе значеше кодификација на еден посебен литературен стандард. Таа полемика уште повеќе го засили македонското национално движење. Во моментот кога се пренесуваат слухови за спогодба на Бугарската егзархија со Патријаршијата за сметка на македонските епархии, шест големи македонски епархии, по пропаѓањето на обидот да ги извојуваат своите права преку протестантизмот, одново го подигнуваат прашањето за унија со Римската црква и се поведуваат разговори за вклучување на цела Македонија во ова национално-политичко движење. Оценувајќи дека Егзархијата конечно ги губи македонските епархии, бугарскиот егзарх, пак со помошта и на руската дипломатија, во почетокот на 1874 год. го испраќа П. Р. Славејков во Солун со специјална тајна мисија да ја неутрализира унијата во Македонија. Неговите писма до егзархот уште еднаш даваат точна претстава не само за силината и карактерот на ова општонародно движење, туку и за степенот на порастот на македонската национална свест и основите на формулирањето на македонската националноослободителна програма. Според сознанијата на Славејков, на чело на движењето стоел руско-српскиот воспитаник Димитар Попгеоргиев Беровски, кој токму тогаш ги правеше подготовките за кревање на првото организирано масовно народно востание во XIX век. Барањата веќе беа прецизирани: македонскиот народ е посебен од бугарскиот, македонскиот јазик не е бугарски, Македонците треба да имаат своја црковна хиерархија и сопствена национална просвета.

МАКЕДОНСКИЈОТ ЈАЗИК ЈЕ СТАРОСЛАВЈАНСКИ
И овојпат обединетите акции на православните Руси, Бугари и Грци привремено ја неутрализираа унијата, но уште во 1875 год. Ѓорѓија М. Пулевски во Белград го објави својот (втор) "Речник од три језика с.(лавјанско)македонски, арбански и турски", каде што ги изложи и контурите на македонската национална програма: "Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме с.(лавјано)Македонци, бидејќи "и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија", а "македонскијот јазик је најсроден со црковно-славјанските книги и тој је старославјански".

Во 1876 година избувна Српско-турската војна. Македонската национална програма веќе беше конципирана и проверена во народното движење. Како резултат на тоа се крена и првото националноослободително македонско востание - Разловечкото. Тоа беше синхронизирано со Босанско-херцеговското и со Априлското бугарско востание, но си имаше своја програма и сопствени цели. Источната криза дојде по Цариградската амбасадорска конференција (1876-1877) што го разгледуваше и предлогот за една посебна биполарна држава Бугарија, составена од две автономни области со посебни престолнички центри - Трново за Бугарија и Софија за Македонија - по угледот на тогаш скоро востановената дуалистичка монархија Австро-Унгарија (1867). Тоа беше и првиот меѓународен форум што непосредно ја тангираше судбината на Македонија и Македонците како субјект.

Како продолжение на Источната криза избувна и Руско-турската војна (1877-78). Таа заврши со Санстефанскиот прелиминарен договор што предвидуваше да ги вклучи сите епархии на Бугарската егзархија во една голема Бугарија на Балканот. Од Македонците тој беше сфатен како реализација на заклучоците на Цариградската конференција за создавање биполарна држава и затоа мечтаеја за "кралевина македонска".

Бидејќи предизвика голема реакција и во соседството и кај големите сили, прелиминарниот договор беше ревидиран со Берлинскиот договор (1878), кога беше создадено вазалното Кнежевство Бугарија, беше дадена автономија на Источна Румелија, а Македонија и беше вратена на Турција со магливи ветувања за автономија. Меѓутоа, соседите со сите сили и средства ја спречуваа таа автономија, а Турција мошне успешно ја одлагаше преземената обврска. Но тој недоволно конкретизиран чл. 23 со меѓународно ветената автономија, иако изречно не ја ни спомнуваше Македонија, стана програмска надеж што се рефлектира во сите натамошни акции на Македонците во ослободителната борба.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Тешко на Македонија

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

No comments: