Спомени за Димитар Влахов 1

Спомени за татко ми - Густав Влахов

ДИМИТАР ВЛАХОВ

Димитар Влахов се вклучува во борбата на својот народ за национално и социјално ослободување во периодот кога веќе беа поставени темелите на Македонската револуционерна организација, кога таа веќе ја беше воспоставила својата широка организациона мрежа и имаше развиено мошне голема активност во сите слоеви на македонското население, а особено меѓу школската македонска младина.


Тој уште во своето семејство и во својот роден град се воспитуваше во револуционерен дух. Влијанието на Гоце Делчев и на неговиот роден брат Христо Влахов — еден од основачите на Организацијата и одговорен повереник за Кукушкиот револуционерен реон, како и влијанието на целото потесно и пошироко семејство, кое исцело беше вклучено во револуционерното движење, одигра многу позитивна улога за брзо созревање и определување на Димитар Влахов.

На деветнаесетгодишна возраст Д. Влахов веќе беше активен член на Македонската револуционерна организација. Уште од самиот почеток на својата револуционерна дејност тој сметаше „оти македонското движење не е ниту бугарско, нити грчко, нити српско и дека Македонија е земја што заслужува да биде една одделна единка, чиј народ е посебен народ во смисла на тие на соседните балкански земји, дека тој има своја историја, своја култура, своја непрекината во текот на десетици години револуционерна дејност за ослободување и дека тој народ има свој голем придонес во делото на општословенската култура“ (Од уште необјавените мемоари на Д. Влахов; I дел, стр. 8.).

По матурата како учител во Белоградчик (Бугарија) тој се дружи со социјалистите, а за време на студиите во Софија соработува со Васил Главинов и Антон Шулев. Во Швајцарија е во контакт со Ленин, Луначарски, Плеханов, Акселрод, Троцки и многумина други, како и со цела плејада француски и германски социјалисти. Од 1903 г. тој е веќе член на Бугарската социјалистичка партија (тесни), т. е. на Партијата на Благоев, Кирков, Димитров, Коларов и Харлаков. Во истата таа година тој станува и член на ЦК на ВМРО.

Прашањето за политичка автономија на Македонија тогаш е многу актуелно. Но бугарскиот дворец, а и сите партии во Бугарија, некои повеќе, некои помалку, како и еден дел од Македонците, главно од поситуираните слоеви, во тие пароли гледаа само етапа во обидот за приклучување на Македонија кон Бугарија, додека прогресивниот дел на Македонците во тоа гледаше создавање една посебна политичка единица, одвоена држава во сојуз со другите држави на Балканот, тоест создавање самостојна држава во рамките на балканска федерација.

Во текот на целата своја политичка и општествена активност Димитар Влахов ѝ остана верен на таа цел. Доследен во борбата против големобугарските, големосрпските и големогрчките аспирации, тој беше длабоко уверен дека само револуцијата и социјализмот можат на македонскиот народ да му донесат слобода, обединување и независност и чесно суверено место меѓу балканските народи. Затоа, во неговата натамошна работа тој ќе води бескомпромисна борба против сите оние што имаа илузии и сметаа дека ослободувањето на Македонија може да дојде само од страна на Бугарија и нејзината армија.

Неговата неверојатна живост и способност целиот да му се предаде на извршувањето на задачите што му се доверени и готовноста во таа работа да даде сè од себе, набргу му го кренаа угледот не само кај македонското население, што тогаш претставуваше огромно мнозинство во Македонија, во нејзините вистински географски граници, туку и кај малцинствата на другите народи.

Димитар Влахов имаше навика ноќе во сон да зборува, така што кога во 1904 г. беше уапсен (во текот на својата револуционерна активност, тој беше повеќепати апсен и тоа во разни земји), плашејќи се во сонот да не ги предаде имињата на своите другари, си ја чукаше главата од ѕидот на ќелијата, во која се наоѓаше, за да не може да заспие. Се разбира, таквата состојба до крајност го исцрпе. Многу бурни се годините по победата на младотурската револуција и по изборот на Димитар Влахов во Турскиот парламент, како кандидат на левицата на Македонската револуционерна организација, каде што фигурираше како социјалистички депутат. Македонците од Тиквешка и Струмичка област гласаа еднодушно за кандидатот на левицата. Периодот од 1908 – до 1912 г. е период исполнет буквално со секојдневна борба.

Иако дотогаш не го владееше турскиот јазик (единствен на кој можеше да се зборува во Турскиот парламент) тој за многу кусо време го научи до таа мера што можеше успешно да учествува и во дебатите. Неговиот говор против самоволството на младотурската власт над македонското население (1910) и говорот за заштита на правата на националните малцинства (1911) веќе му имаа создадено име. Неговиот особено долг говор во врска со буџетот во 1911 г. предизвика коментари не само на територијата на Отоманската Империја, туку беше забележан и како солидна економска анализа на ситуацијата во Турција и надвор од нејзините граници.

Димитар Влахов и натаму неуморно работи во правец на револуционизирање на македонските маси, во правец на искористување на секоја укажана можност за создавање нова организациона форма во борбата за извојување на нивните права. Тој е еден од организаторите на Народната федеративна партија, формирана во 1905 г., претседател на Централното биро на Партијата и главен редактор на нејзиниот весник „Народна волја“. Тој станува член и на солунската Социјалистичка федерација, претседава на Првиот конгрес на тутунските работници во Кавала и води непрекинато борба, како против турскиот режим, така и за ширење на идејата за балканска федерација, за која објавува повеќе статии во весникот „Л'жен Тирк“.

Од тој период на животот на Димитар Влахов е карактеристична една епизода која многу видливо осветлува некои особености за неговите ставови како и цврстината на неговиот карактер. Младотурците пред сè од надворешно — политички причини, односно настојувајќи да ја покажат внатрешната стабилност на Империјата, организираа патување на султанот Мухамед Решад по Македонија и Косово со цел да му се поклони на гробот на султанот Мурат, убиен на Косово во 1389 година. Поради тоа беа повикани сите пратеници да се концентрираат во своите изборни центри, за да можат со своето присуство да ги покажат единството и стабилноста на режимот. За секој пратеник, се разбира, беше подготвен подарок — тежок златен џебен часовник што го врачуваше самиот султан. Меѓутоа, Димитар Влахов не се согласи да дојде во Солун и тој беше единствен од пратениците кој одби да учествува во оваа церемонија. Оваа негова демонстрација им беше многу непријатна на младотурците.

Продолжува

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]  

Обработка Дукадин и А.С.

No comments: