September 20, 2011

Гоце Делчев во Daily press

Во американскиот весник Daily press кој излегува од 1896 година па се до денес, во статија од 17 јуни 1906 година (стр. 9) со поднаслов "Jункерот го води првиот револт" е прикажана улогата и заслугата на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев за формирањето на ВМРО:

"Темелите на најсовршената револуционерна организација со која Турција досега мораше да се соочи беа поставени од страна на јункерот, кој беше избркан од воената академија во Софија поради непотчинување. Прераната смрт на Гоце Делчев - во Баница, во предвечерието на востанието од 1903, беше сериозна загуба на неговата Внатрешна организација, која што тој ја создаде. Но тивкото раководство, темелноста и неговата строга дисциплина кои што тој ги воспостави навидум го надживеаа."

Понатаму во истата статија, овој пат со поднаслов "Храбриот човек прави чуда" е спомната една речиси непозната мисла на Делчев:

"Восхитувајќи се на карактерот на некои четници протестанти од Банско, каде што американските мисионери веќе долго време работеле, Делчев еднаш изјави дека - Ако Македонија беше протестантска, тaа одамна ќе беше слободна."

Иако новинарот јасно ја наведува причината поради која Делчев рекол дека ако Македонија била протестантска земја одамна ќе била ослободена и иако таквата констатација можеби е веродостојна, сепак имаме простор за сомнеж и дополнително истражување.

Познато ни е дека во тоа време Вселенската (Цариградската) Патријаршија позната и како Грчка Патријаршија засилено вршела грцизирање на македонското население, а пак Бугарската Eгзархија работела за вештачко всадување на бугарска национална свест кај Македонците. Во едни такви услови на асимилација и денационализација на Македонците огромен напор и драгоцено време требало да биде вложен првенствено во борба против таквата асимилаторска дејност како потоа разбудениот народ на Македонија со јасна македонска национална свест би можел обединето да се крене на вооружено востание за ослободување од турското ропство. Доколку Македонците биле протестанти нивната денационализација затскриена зад маската на православието, односно преку Грчката Патријаршија и Бугарската Егзархија немало да се случи.

Втора теорија за причината поради која Делчев го изговорил тоа е дека Македонците како протестанти можеле да очекуваат помош за нивното национално ослободување од големите земји со претежно протестантско население кои што во тоа време ја кроеле главната политикa во светот, пред се' Обединетото Кралство (околу 60% протестанти), САД (околу 55% протестанти) и Германија (околу 34% протестанти). Постојат повеќе примери од тоа време со кои може да се потврди солидарностa на протестантите кон протестантите, а истата може да се забележи и во денешно време.

Понатаму во статијата е опишано како Делчев и ВМРО ја освоиле довербата на Македонците, а спомната е и активната вклученост на жените во помагањето на организацијата, нешто што често неправилно се испушта:

"Строгата трезвеност и доброто однесување, на неговите луѓе, и неговата немилосрдност кон лежерното однесување од било кој вид ја освои довербата на селаните, и македонските жени наскоро станаа најголеми помагачи и подржувачи на четите."

Александар Стеванов, објавено и на Cooltura и Канал 77

No comments: