Како на вратот гердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежале.
Денови ли се - денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано,
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси,
навечер тага донеси -
ај пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Роди се човек - роб биди,
роди се човек - скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!
За себе само 'ргај си,
за себе маки тргај си -
нижи се гердан денови,
нижи се алки ковани,
нижи се синџир железен
околу вратот навезен!
Кочо Рацин
No comments:
Post a Comment