Showing posts with label Руска Реч. Show all posts
Showing posts with label Руска Реч. Show all posts

April 23, 2014

Македонската емиграција во Русија: почетоци

Руска реч на македонски јазик започнува со циклусот статии посветени на македонската емиграција во Русија, но и руската емиграција во Македонија. Првата статија е посветена на почетоците на македонската емиграција во Русија. Тука ќе се задржиме на формирањето на првите иселенички организации на Македонците, не само во Русија, туку и во државите на Балканскиот полуостров, односно, Србија и Бугарија, каде Македонците најчесто наоѓале прибежиште од тешката економска ситуација во Османлиската Империја. Првиот текст од овој циклус е посветен на периодот од почетокот на XX век и формирањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург.

Балкански гласник

Емигрирањето на Македонците во соседните, европските па и прекуокеанските земји започнало кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Причините за емигрирањето биле главно економски. Мажите оделе на печалба, додека жените останувале дома. Меѓутоа, освен од економски причини, македонците емигрирале и поради тоа што биле прогонувани и затво­ра­ни од властите, на почетокот од турските, а по Балканските војни и поделбата на Македонија, од српските (во Вардарскиот дел), од грчките (во Егејскиот дел) и од бугарските власти (во Пиринскиот дел на Македонија). Најголем дел од населението од Македонија, емигрирало по завршувањето на Илинденското востание, кое имало катастрофални последици за самото на­се­ление. Турските власти, поради одмазда, се нафрлиле врз невиното македонско население, со најразлични реперкусии, палежи, убиства, силувања и прогони.

Стефан Јакимов Дедов

Почетоците на македонската емиграција може да се бараат некаде во средината на XIX век. Најпрво, македонците емигрирале во соседните земји, Србија и Бугарија. Здружувањето на македонската емиграција започнува во Белград кога во 1902 година се органзирале во Македонскиот клуб. Во тој период во Белград е формиран Словенскиот клуб, а негови фили­ја­ли станале Рускиот и Чешкиот клуб, а се најавило и формирање на Бугарски клуб. Македон­скиот клуб побарал од српската влада признавање како рамноправен член на новата словен­ска институција. Но, српската влада не била спремна за признавање, бидејќи тоа би значело признавање на посебноста на македонскиот народ, посебноста на македонскиот национален ентитет во словенскиот свет.

Дијаман­ди­ја Мишајков

Без формално признавање, Македонскиот клуб во Белград околу себе ги собрал интелектуалците, занаетчиите, печалбарите, трговците и на 7 јули 1902 година, започнале со издавање на неделниот весник ,,Балкански гласник”. Овој весник пишувал написи и статии за самобитноста на македонскиот народ, но често доаѓале во судири со пропагандата во Белград. Во последниот број на весникот, излегол напис со наслов ,,Меморандум”, во кој се најавило дека македонската емиграција подготвува меморандум до големите сили-потписнички на Берлинскиот договор, врз основа на кој ќе бараат да се подобри состојбата во Македонија.

Оваа вест, за организирано дејствување на македонскта емиграција во Белград наишла на огромен отпор како од српските власти, така и од другите пропаганди кои биле најголем противник на емиграцијата од Македонија. По ова, Македонскиот клуб во Белград не ги добило потребните документи за легално работење, весникот бил забранет само по осум недели излегување, а неговите уредници биле изгонети од Србија.


Кон крајот на септември 1902 година, Стефан Јакимов Дедов и Дијаман­ди­ја Мишајков го посетуваат рускиот дипломат во Белград и со неговоа препорака заминуваат во Санкт Петербург.

Заедно со нив заминале и Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски, кои всушност, биле и основоположници на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Од почетокот ова друштво како свој патрон го имал Св. Климент Охридски, а по донесувањето на Уставот на друштвото, патрони станале Св. Кирил и Методиј. Тоа биле зачетоците на нај­зна­чај­на­та македонска национална асоцијација, што скоро дваесет години ја имала улогата на офи­ци­јален претставник  на македонската национална мисла и акција. Оваа македонска асо­ци­ја­ци­ја, всушност, ги поставила темелите на денешната Македонска академија на науките и умет­нос­тите.

Крсте Мисирков

Во основачкиот акт на Другарството, т.е. писмото до Советот на Санкт Петербуршкото словенско благотворно друштво, од 28 октомври 1902 година, се забележани основните кон­цеп­сиски пунктови од Програмата на идната национална институција. Во писмото се вели: ,,Со се­која година бројот на нас родените во Македонија што се школувале во високите школи во Санкт Петербург се зголемува. Истовремено со секој ден се зголемува неопход­нос­та за раз­мена на мислите меѓу нас за да можеме со заеднички усилби да се запознаеме на нашата тат­ковина, со нејзината сегашност, минатото и иднината....”

На состанокот од 1 ноември 1902 година Советот им ја задоволува молбата на потпис­ни­ците на писмото (19 потписници). Им биле определни денови кога како посебен словенски ентитет ќе можат да се собираат во салата на Словенското друштво, а со тоа, всушност, Ма­ке­дон­ците биле признати како посебна нација во совенскиот свет.

Димитрија Чуповски

По ова, во Русија, започнала најголемата активност на македонската емиграција. Бил дооформен текстот на Меморандумот што бил концепиран уште во Белград и на 12 ноември 1902 година бил претставен пред Руската влада и пред Советот на Санкт Петербуршкото словенско благотворно друштво што претставува и единствена пишана полна македонска на­цио­нал­на програма, која во следната, 1903 година само фрагментирано била објавена во не­офи­ци­јалниот орган на Другарството во Софија, весникот ,,Балканъ”. Во меморандумот упатен до рус­ката влада, се изнесува разработен план за мирољубиво, т.е. по еволутивен пат, решавање на македонското прашање. Се барало признавање на националната посебност на маке­дон­ски­от народ, како и создавање автономна Македонија, најпрво во рамките на Осман­лис­ката држа­­ва, а подоцна и како посебна држава на Балканскиот полу­остров, под заштита на голе­ми­те сили.

ПРОДОЛЖУВА

Кире Филов (извор: Руска Реч)

April 9, 2014

Букурешт: 100 години подоцна

Со договорот од Букурешт од 10 август 1913 година, е нанесена најголемата неправда што може да му се нанесе на еден народ, на една држава. Македонија беше поделена помеѓу балканските држави Србија, Бугарија и Грција. Интересен е фактот што овој договор беше потпишан со “амин” на големите сили, кои не гледајќи ја судбината на еден народ, исцртаа нови граници на Балканот, а македонскиот народ остана поделен и оставен на (не)милост на новите окупатори. Од големите сили најголема улога имаше Русија, која во еден миг ја имаше можноста засекогаш да го реши македонското национално прашање.

Со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, завршиле крвавите меѓусојузнички балкански војни. Воедно, со овој договор е распарчена етничка, географска и економска Македонија. Денес, 2013 година, 100 години подоцна, Македонците се сеќаваат на една од најтрагичните епизоди во поновата македонска историја.

Да направиме една кратка ретроспектива на настаните кои доведоа да се случи овој договор, кој Македонците го сметаат за најголема неправда која може да се нанесе на еден народ.

По контрареволуцијата (Младотурската револуција) во Османлиска Турција, наместо ветените слободи и еднаквости кои биле ветувани на поробените балкански народи, младо­тур­ците спроведувале националистички мерки и терор врз населението, кој не можел да не биде приметен од големите сили. Се заканувала опасност големите сили да ја поделат Европ­ска Турција на штета на балканските народи. Балканските народи својата цел можеле да ја остварат само со заеднички сили и акции. Создавањето на Балкански сојуз не било тајност кај големите сили. Секоја од балканските држави имала свој “грб” кај некоја од големите сили. Први од балканските држави кои склучиле договор за пријателство и сојуз биле Србија и Бугарија.


Грција, пак имала силна подршка од Англија и благодарејќи на оваа подршка, сметала да го оствари своето територијално проширување за сметка на Македонија. Поради тоа, била солидарна со другите балкански држави. Така се создал сојуз на балканските држа­ви, сојуз кој бил создаден не за да ги ослободи “браќата христијани”, туку сојуз создаден да ги оствари територијалните аспирации на балканските држави.

Првата балканска војна била водена помеѓу балканските сојузници Бугарија, Србија, Црна Гора, Грција од една страна и Османлиска Турција од друга страна. Завршила во мај 1913 година со победа на балканските сојузници. Тогаш е потпишан Лондонскиот договор, со кој е направена првата поделба на Македонија. Од исходот од договорот Бугарија останала незадоволна. Всушност, таа била иницијатор за почеток на Втората балканска војна или позната како меѓусојузничка војна.

Со оглед на сопствените интереси кон Балканот, големите сили, по завршувањето на Првата балканска војна, развиле широка дипломатска активност. Имено, Русија настојувала да го зачува Балканскиот сојуз како брана на австро-унгарските интереси на Балканот, а Австро-Унгарија сакала да се растури сојузот и ја подржувала Бугарија да не попушта во однос на воспоставената поделба на македонската територија. За да го спречи избувнувањето на меѓусојузничка војна, Русија ги повикала сојузниците да го решат спорот по мирен пат и ги предупредила Србија и Бугарија на руската арбитража предвидена со Српско-Бугарскиот договор (во член 4 од Договорот е утврдено дека секој спор кој би произлегол по повод толкувањето или извршувањето на која и да било одредба од Договорот, да и се поднесе барање на Русија за конечно решение на спорот, штом едната страна ќе изјави оти смета дека е невозможно да се постигне спогодба со непосредни преговори). Оваа одреба од договорот покажува дека Русија имала неограничени можности во поглед на решавање на македонското прашање.

Бидејќи ниту Србија ниту Бугарија не отстапувале од своите барања, Русија се откажала од понатамошна арбитража. Со тоа го забрзала почетокот на Втората балканска војна, новото распрачување на Македонија и воспоставување на нови граници по пат на сила.

Тоа била војна за територија, војна за Македонија. Била кратка, но исцрпувачка војна. Борбата за македонската територија се водела со сета своја жестина, со сите сили и во сите области. Македонското население било принудено да се прикажува како да е од иста националност со органите кои ја воспоставиле власта и да испраќа писма, анкети, апели дека наводно сака нивниот град и околија да бидат соединети кон соодветната држава.

Иако големите сили зазеле став да не се мешаат во војната помеѓу сојузниците, сепак решиле да ја прекинат војната особено поради насилните злосторства кои ги вршеле сите војски врз невиното цивилно македонско население. Русија, која на почетокот зазела став дека Европа треба да интервенира само во случај ако едната страна се обиде целосно да ја уништи другата страна, сега со подршка и од Франција, на 9 јули им се обратила на владите на балканските земји итно да ја прекинат војната и да дојдат во Петроград за да потпишат мир со руско посредство. Од друга страна, Австро-Унгарија барала од големите сили да извршат нова поделба и да ги натера балканските земји да ја прифатат истата. Англија го прифатила овој предлог под два услова и тоа, да се воспостави граница меѓу Србија и Грција и Бугарија да добие излез на Егејското море. Германија сметала дека е најдобро претставниците на завојуваните страни да се состанат и во присуство на претставници на големите сили да склучат мир. Русија ги прифатила овие предлози. Било одредено завојуваните страни да се состанат во Букурешт, а Романија да биде посредник помеѓу големите сили и балканските држави.

Воените дејствија прекинале на 31 јули 1913 година, со потпишување на прелиминарен договор. На 10 август 1913 година бил постигнат договор со кој Македонија била поделена и ги поставил границите, со мали измени, онакви какви што ги знаеме денес. Србија ги добила Вардарска Македонија, Косово, дел од Метохија и дел од Санџак, со вкупна површина од 39.00км2 и 1.290.000 жители. Грција ги добила Северен Епир, Егејска Македонија, Полуостровот Халкидик со Солун, дел од Западна Тракија и неколку острови во Егејско Море. Својата површина ја зголемила за 51.300км2 и за 1.624.000 жители. Бугарија го добила Пиринскиот дел од Македонија, Струмица со околината, дел од западна и источна Тракија. Својата територија ја зголемила за 21.000км2 и со 600.000 жители.

Сите учествувале во креирањето на Букурешкиот мировен договор, освен една страна – онаа страна која беше најзасегната од овој договор. Големите сили со цел да си ги остварат своите интереси на Балканот, останаа глуви на повиците на Македонците за решавање на македонското национално прашање. Седум месеци пред потпишувањето на договорот, на 1 март 1913 година, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков, потпишаче Меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, како и на амбасадорите на големите сили. Заедно со Меморандумот Димитрија Чуповски изработил карта на Македонија во боја со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност и независност на Македонија. Меѓутоа, големите сили, иако имале можност да го решат македонското прашање, сепак, останале глуви на повиците.

Но се уште не било доцна. На 11 август 1913 година, претсавниците на Бугарија, Русија и Австро-Унгарија побарале ревизија на Договорот, со оглед на бројните неправилности, недоречености и нелогичности во поделбата на териториите и во донесувањето на одлуките. Но, неколку дена подоцна, Русија се повлекла од барањето за ревизија, па Франција остро се спротивставила на ревизија.

Интересно е да се напомене дека и САД учествувале преку свој претставник на конференцијата во Букурешт. Амбасадорот Џексон, на 5 август ја прочитал Нотата на американската влада во која се истакнува: “Владата на САД става до знаење дека во секоја конвенција која би била заклучена во Букурешт, со задоволство би сакала да ја види одредбата за целосна граѓанска и верска слобода на населението на секоја област, која би потпаднала под суверенитет на која и да било од петте сили која би поминала од јурисдикција на една под јурисдикција на друга сила”. Претседавачот Мајореску ја прифатил оваа Нота и таа се спроведувала во однос на влашкото население во Вардарскиот дел на Македонија. Но, на предлог на грчкиот премиер Елефтериос Венизелос, Нотата не влегла во мировниот договор, па и на тој начин македонското население било обесправено.

Едно е сигурно. Македонија остана поделена помеѓу балканските држави благода­ре­ние на големите сили, најмногу на Велика Британија, Франција, Австро-Унгарија и Русија. Сите напори на Македонските организации, најмногу од Русија и Швајцарија, останале без никакви резултати. Големите сили, сакајќи да ги прошират своите граници на влијание, запоставиле цел еден народ, му нанеле таква неправда каква што до тогаш не била видена. Македонскиот на­род остана обесправен, негиран, омаловажуван, но Македонскиот народ преживеа, не успееја да му го скршат духот и самодовербата. Македонците засекогаш ја загубија довербата во своите соседи. Очекувајќи дека соседите ќе помогнат во ослободувањето и потоа ќе ја остават Македонија сама да си ја крои сопствената судбина, се случи она спротивното. Македонија стана предмет на војни, преговори, договори и поделби помеѓу соседите и “сојузниците”.

Кире Филов (извор: Руска Реч)

April 4, 2014

Македонскиот Русин - Георгиј Максимилијанович Маленков

Георгиј Максимилијанович Маленков (1902-1988) бил советски политичар, лидер на Комунистичката партија на Русија, близок соработник на Јосиф Сталин. По смртта на Сталин, станал Премиер на Советскиот Сојуз и на таа функција останал до 1955 година. Се смета дека бил еден од најмоќните советски политичари, пред да биде отстранет од страна на Никита Хрушчов.

Г.М. Маленков

Маленков е роден во Оренбург, Русија на 8 јануари 1902 година. Потекнува од македонски доселеници од околината на Охрид. Во време на Руската (октомвриска) револуција завршил гимназија и како волонтер во 1918 година се приклучил на Црвената армија. Во 1920 година станал член на руската комунистичка партија. Работел како политички комесар во областа Туркестан.

По завршувањето на граѓанската војна во Русија, брзо напредувал во неговата политичка кариера. Во дваесеттите години на XX век бил назначен за политички секретар на високата техничка школа во Москва. Изворите наведуваат дека Маленков, наместо да го продолжи образованието, ја избрал политичката кариера. Во овој период Маленков станал близок пријател со Вјачеслав Малишев, кој подоцна станал шеф на советската нуклеарна програма. 1924 и 1925 година претставуваат пресвртница во неговата политичка кариера. Бил задолжен за чување и креирање на досиеја за членови на Комунистичката партија. Под негово раководство, во наредните десет години, биле створени над 2 милиони вакви досиеја. Работејќи ја оваа работа, станал близок соработник на Сталин. Се верува дека длабоко бил вмешан во политичките процеси кои се воделе против политичките ривали и неистомисленици на Сталин. Во 1938 година бил еден од клучните играчи за симнувањето на шефот на НКВД, Николај Ежов. Во текот на 1939 година станал член на Централниот комитет на партијата, а во февруари 1941 година, станал кандидат за член на Политбирото на Комунистичката партија.

Маленков е роден во Оренбург, Русија на 8 јануари 1902 година. Потекнува од македонски доселеници од околината на Охрид.

Пред војната бил ангажиран во широк спектар на воени прашања: бил задолжен за воениот персонал, за авијацијата, како и за радиоактивните материјали. Од јули 1940 година е член на Воениот совет на Црвената армија. Неговиот потпис, заедно со потписите на Генерал Жуков и Тимошенко, стоеле на Директивите 2 и 3, со кои била испратена војска по нападот на Германија на Русија.


 Во текот на Втората светска војна извршувал важни воени должности, но една од најважните должности секако е изградбата на нуклеарните ракети и рактните лансирни места. Маленков бил поставен за Шеф на Советската ракетна програма, а негов прв заменик бил Дмитри Устинов, кој подоцна ќе стане еден од најмоќните министри за одбрана.

Маленков ја надгледувал операцијата за заземање на германаските V2 ракети, кои подоцна ќе станат основа за изградба на ракетите Восток и познатиот Спутник кој ја обиколи Земјата.

Георги Маленков станал десна рака на Сталин. Неговите политички амбиции биле толку големи што немилосрдно се пресметувал со своите политички ривали (генерал Жуков, Андреј Жданов, Лаврентиј Берија...). Ја користел блискоста со Сталин до толку, што по смртта на Сталин во 1953 година, успеал да го наследи и да стане Премиер на Советска Русија, а со тоа и да стане еден од двајцата најмоќни државници во светот. Во овие бурни времиња на политичка нестабилност, заладени односи со САД, русинот со македонско потекло седел на едно од највисоките две политички места во светот. На светот му соопштил дека Советскиот сојуз поседува хидрогенска бомба. Оваа вест ја објавил лондонскиот весник “Сандеј” под наслов “Маленков вели дека Русија поседува хидрогенска бомба.”

Георги Маленков станал десна рака на Сталин. Неговите политички амбиции биле толку големи што немилосрдно се пресметувал со своите политички ривали (генерал Жуков, Андреј Жданов, Лаврентиј Берија...). Ја користел блискоста со Сталин до толку, што по смртта на Сталин во 1953 година, успеал да го наследи и да стане Премиер на Советска Русија, а со тоа и да стане еден од двајцата најмоќни државници во светот.

Неговото владеење траело две години. Веќе во февруари 1955 година, морал да поднесе оставка од функцијата Премиер, поради честите критики дека ја злоупотребувал фукцијата, бавно течеле најавените реформи, а особено кога станувало збор за политичките затвореници. Наредните две години (до 1957 година), останал на функцијата која ја имал во Политбирото. Се уште важел за многу моќен.

Заедно со Хрушчов заминуваат во Југославија, (ноќта помеѓу 1 и 2 ноември 1956 година), каде, биле водени разговори во врска со ситуацијата во Унгарија и интервнецијата на СССР во истата земја. Нападот бил планиран за 4 ноември. “Протокол 49” кој е заведен како ТАЕН од 31 октомври 1953 година, меѓудругото се вели: “Потврден е текстот на телеграмата која Советскот Абасадор во Белград треба да му ја предаде на другарот Тито. Во случај на потврден одговор, другарите Хрушчов и Маленков се овластени да започнат преговори со другарот Тито.”

Во телеграмата која советскиот амабасдор му ја дал на Тито се вели: “Во врска со настаната ситуација во Унгарија, би сакале да имаме таен состанок вечерта на 1 ноември или утрината на 2 ноември. Се согласуваме да дојдеме во Белград за оваа цел, или на било кое друго место во Југославија и Советскиот сојуз, во зависност од вашите желби. Нашата делегација е составена од другарите Хрушчов и Маленков.”

Во 1957 година, Маленков направил обид да се врати на премиерското место, што значело отворен судир со Хрушчов. Обидот бил неуспешен.

Во 1957 година, Маленков направил обид да се врати на премиерското место, што значело отворен судир со Хрушчов. Обидот бил неуспешен. Булгаљин, Молотов и Каганович, како конспиративци, на вонредна седница на Централниот комитет биле окарактеризирани како “Антипартиска група” биле експресно избркани од Политбирото. Маленков бил отпуштен од работа во Владата, биле укинати сите негови привилегии во Кремаљ.

Во 1961 година бил означен како учесник во сталиновите чистки при што бил избркан од Комунистичката партија и бил протеран во внатрешните провинции на СССР. Станал раководител на хидроелектрична централа во Казахстан.

Умрел во длабока старост на 14 јануари 1988 година на 85 години.

Кире Филов (извор: Руска Реч)

March 27, 2014

Руското влијание на Балканот непосредно по Втората светска војна

Влијанието на Русија во Југословенско-бугарските преговори за федерација и македонското прашање за обединување.

Черчил, Рузвелт и Сталин на конференцијата во Јалта, февруари 1945 година
По завршувањето на Втората светска војна на Балканот големо влијание имале договорите кои биле склучени меѓу силите на антифашистичката коалиција. Меѓу нив Русија, своето влијание го базира на неколку фактори.

Историски фактор. Во минатото Русија врз база на нејзината надворешна политика, која датира од времето на Петар Велики, а се однесува на излезот на Русија на топлите мориња преку Балканот. Истата политика продолжила и во периодот по Втората светска војна.

Геополитички фактор. Советска Русија граничи со три балкански држави, Романија, Бугарија и Турција. По завршувањето на Втората светска војна во две од трите држави се воспоставува социјалистичко (комунистичко) уредување. Нормално, советска Русија има огромно влијание во овие две држави.


 Идеолошки фактор. Во име на заштита на православното население, политика која е зацртана уште во политиките на царска Русија, а по војната оваа идеолошка концепција била проширена со тезата за заштита на социјализмот на Балканот. Оттука е и ставот на Сталин кон Тито во времето на Резолуцијата на Информбирото, иако Југославија уште во почетокот се отклонувала од зацртаниот модел на социјализам воведен од Сталин.

Меѓутоа, Русија имала силни конкуренти на Балканот, најмногу во лицето на САД и Велика Британија. Во периодот по завршувањето на Втората светска војна, на Балканот биле промовирани т.н. доктрини од страна на големите сили. Овие доктрини најмногу се однесувале на поделбата на влијанија, односно, спречување на влијанија на Балканот.

Најпрво ќе ја споменеме Трумановата доктрина, која се однесува на помошта која САД требало да ја дадат на Грција и Труција по завршувањето на војната. Но, позадината на доктрината е друга. Имено, Русија имала претензии кон Босфорот и Дарданелите, а со тоа биле загрозени интересите на Турција, односно, САД. Затоа САД излегле со оваа доктрина со цел да не се дозволи Русија да има влијание во оваа земја. Во Грција, ситуацијата била полоша за САД и Британија. Имено, постоелa можност да не се испочитува “џенталменскиот договор” со оглед на тоа што во Грција беснеела граѓанска војна, а Демократската армија на Грција, предводена од Комунистичката партија, бележела успеси се до доаѓањето на воените трупи на Велика Британија и САД. Во Трумановата доктрина, овие две земји биле означени како земји од посебен интерес на САД. Всушност оваа доктрина послужи како основа за Маршаловиот план и блоковската поделба меѓу големите сили.

Доктрината на ограничен суверенитет се однесувала на т.н. социјалистички интернационализам со кој Русија можела во името на социјалистичките обврски да врши интервенција во таборот на социјалистичките земји, ако е загрозен социјализмот во поедина земја. Оваа доктрина е во тесна врска со Сонефелдовата доктрина (наречена по Хелмут Сонефелд, помошникот на Хенри Кисинџер), која дозволува интервенција на големите сили само во своите блокови. Овие две доктрини претставувале основа за руската интервенција во Унгарија, Чехословачка и Авганистан.

Периодот од 1944 до 1948 година е многу важен за Македонија и решавањето на нејзиното национално прашање, прашањето за обединувањето. Ова прашање станало особено актуелно по Првото заседание на АСНОМ. Веднаш по донесувањето на одлуките од АСНОМ, се вклучиле големите сили, првенствено Велика Британија, за да го спречат обединувањето на Македонија.

Британската дирекција за истражување при Министерството за надворешни работи подготвила студија во која се разгледувале географските, геостратешките и геофизичките карактеристики на Македонија. Оваа студија потврдува дека Македонија се наоѓа во рамките на Југославија, но не се исклучувала можноста да се постави барање за обединување со делови на Грција, Бугарија и Албанија. САД исто така будно ја следеле ситуацијата на Балканот и почетокот на преговорите за формирање на една нова федерација помеѓу Бугарија и Југославија, во која Југославија би имала водечка улога. Велика Британија се плашела од две работи кои можеле да се случат на Балканот а тоа се јужнословенско обединување и независност на Македонија. Во обете ситуации Русија би имала неограничено влијание, што не одело во прилог на другите сили, САД и Британија. Самото споменување на името Македонија, Британците ги фаќала паника, бидејќи обединувањето на Македонија се сметало за закана на британскиот штитеник, Грција, а со тоа би биле поткопани британските интереси на ова подрачје.

На почеток биле југословенско-бугарските преговори, кога Антони Идн тврди дека е можна ваква федерација, но само ако во неа влезе и Турција. Идн сметал дека во некои кругови преовладувало мислењето дека со обединувањето на Југославија и Бугарија, најправилно ќе се реши македонското прашање. Уште на почетокот на војната во 1941 година, имало обид за обединување (федерација) меѓу Југославија и Грција, обиде направен помеѓу владите во емиграција на двете земји, кој требало да претставува основа за идна балканска федерација. На ова се спротивставила Русија, која сметала дека таа федерација ќе претставува бедем за руското влијание на Балканот.

Но, и Русија не била за федерација на Балканот, ниту била за обединување на Македонија. Русија, пак, втор пат во својата надворешна политика имала можност да го реши обединувањето на Македонија и решавање на нејзиното национално прашање. Да се потсетиме, првиот пат беше во предвечерието на Втората балканска војна кога Русија се откажа од арбитражата во балканскиот сојуз, со што директно ја предизвика Втората балканска војна и распарчувањето на Македонија.

Имено, В.Г. Деканазов, заменикот на Молотов, на 31 јануари 1945 година на британското претставништво во Москва му порачал “што се однесува до создавање на една балканска федерација, посебно на една југословенско-бугарска федерација, тоа прашање според мислењето на советската влада, сега е неактуелно и нема практичо значење.”

На сите конференции на кои присуствувале лидерите на големите сили било истакнато дека не се поддржува федерација помеѓу Југославија и Бугарија. Тоа особено било нагласено на конференцијата во Јалта, кога се покренало прашањето за федерација, имало несогласувања околу тоа дали државата која е под режим на примирје може да склучува договори (се однесува на Бугарија). Било предложено, од страна на британскиот министер такво нешто да не се дозволи.

По сите овие негодувања околу федерација помеѓу Бугарија и Југославија, се случил Бледскиот договор. Форин офисот оценил дека тој договор е директно насочен против една сојузничка земја и дека воопшто не го признаваат. Британската влада не можела да разбере зошто Тито прифатил да преговара со Димитров, кога знаел за спогодбата помеѓу Черчил и Сталин за поделбата на влијанија. Сè изгледало дека ќе се случи федерацијата помеѓу Бугарија и Југославија. Се случила Резолуцијата на Информбирото. Сталин, ги прекинал сите односи со Југославија и се придржувал на “џенталменскиот договор” со Черчил. Последната средба пред Резолуцијата се случила во Москва, на 10 февруари 1948 година, каде престојувале и бугарската и југословенската делегација. На оваа средба Сталин рекол: “Да, федерации ќе создаваме, ама не такви какви што вие замислувате, другар Димитров, туку поинакви! А како прво, ќе создадеме бугарско-југословенска федерација и тоа што побргу.” Овој предлог, Тито го одбил како резултат на заладувањето на односите со Русија.

Уште еднаш било спречено решавањето на македонското национално прашање. Што се однесува до Егејскиот дел на Македонија, САД и Велика Британија биле целосно ангажирани во завршувањето на војната во Грција, а со тоа и во уништувањето на ДАГ, во која масовно учество зеле Македонците. Комунистичката партија на Грција добила поддршка во лицето на Русија. Ова најголема опасност претставувало за интересите на Велика Британија, која исцрпена од Втората светска војна, дозволила на “нејзина територија” да влезат американски трупи, со кои ДАГ не можела да се справи. Но, пропагандите не застанале. САД и Британија, почнале да поттикнуваат автономистички движења за создавање на македонско-грчка федерација и создавање на автономна Македонија под закрила на Грција?! Оваа идеја имала само една цел, а тоа е да создаде расцеп помеѓу Македонците.

Граѓанската војна завршила катастрофално за ДАГ и за Македонците. Почитувајќи го договорот со Британија, Русија останала неутрална во однос на судирот со Грција со што се спречи ослободување и обединување на Македонија. Подоцна, Сталин за оваа ситуација во Грција, ќе ја обвини Југославија.

Поради лакомоста и непомисленоста на големите сили еден народ повторно беше угнетуван и омаловажуван, непризнат и расцепен помеѓу своите соседи. Сите во Европа знаеја и признаваа дека постои “македонско прашање”, но никој не сакаше да признае дека постои македонски народ.

Кире Филов (извор: Руска Реч)

March 21, 2014

Првата македонска национална програма е напишана во Русија

Македонското научно – литературно другарство во Санкт Петербург претставува најзначајна македонска национална асоцијација на македонската емиграција воопшто. Основано е во Санкт Петербург на 28 октомври 1902 година, со потписите на 19 национални дејци од сите краишта на Македонија. Меѓу потписниците се Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Дијамандија Мишајков, Стефан Јакимов Дедов и други.


Прв привремен претседател бил Дијамандија Мишајков, а од почетокот на 1903 година па се до 1917 година, тоа место го заземал Димитрија Чуповски. На 12 ноември 1902 година до Руската влада и до Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство, Македонското научно – литературно другарство испратило Меморандум, што всушност претставува прва национална програма, во која се бара признавање на Македонците како посебна нација и народ, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на Турција. И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, сепак, Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно – литературно другарство, како рамноправен член на Советот. За таа цел му дало простории во кои другарството би можело да одржува редовни состаноци и советодавни седници. Од денот кога Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно – литературно другарство, доаѓала константна помош од руските организации од овој тип. Во Русија се печателе книги, брошури, летоци, кои ја објаснувале улогата, задачата и целта на МНЛД. Особено значаен е фактот што во Македонското научно – литературно другарс­т­во, со помош на Советот на С. Петербуршкото братство, била создадена првата книга на современ македонски литературен јазик, со фонетски правопис. Станува збор за книгата на Крсте Петков Мисирков “За Македонцките работи”. Книгата „За македонцките работи“ била отпечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и поделена на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија. Со тоа може да заклу­чиме иако книгата е печатена во Софија, таа всушност е создадена во Русија.


Уште на првите состаноци на Македонското научно – литературно другарство се поставиле целите на другарството. Биле определени границите на Македонија, Другарството требало да ја развива македонската национална свест помеѓу еми­гра­ци­јата, да ја негува културната, духовната и научна традиција на Македонскиот народ, да ги обединува сите Македонци без разлика на нивното образование и убедување.

Задачите на Другарството предвидуваат организирање собранија и предавања, читање реферати, раскази, собирање и зачувување на народни умотворби, со еден збор зачувување на македонската традиција и култура. За прв пат во македонската историја бил воведен македонскиот јазик како службен јазик. Сите овие цели и задачи биле концепирани во Уставот на македонското научно – литературно другарство донесен на 16 декември 1903 година.

Прв привремен претседател бил Дијамандија Мишајков, а од почетокот на 1903 година па се до 1917 година, тоа место го заземал Димитрија Чуповски. На 12 ноември 1902 година до Руската влада и до Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство, Македонското научно – литературно другарство испратило Меморандум, што всушност претставува прва национална програма, во која се бара признавање на Македонците како посебна нација и народ, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на Турција. И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, сепак, Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно – литературно другарство, како рамноправен член на Советот. За таа цел му дало простории во кои другарството би можело да одржува редовни состаноци и советодавни седници. Од денот кога Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно – литературно другарство, доаѓала константна помош од руските организации од овој тип. Во Русија се печателе книги, брошури, летоци, кои ја објаснувале улогата, задачата и целта на МНЛД. Особено значаен е фактот што во Македонското научно – литературно другарс­т­во, со помош на Советот на С. Петербуршкото братство, била создадена првата книга на современ македонски литературен јазик, со фонетски правопис. Станува збор за книгата на Крсте Петков Мисирков “За Македонцките работи”. Книгата „За македонцките работи“ била отпечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и поделена на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија. Со тоа може да заклу­чиме иако книгата е печатена во Софија, таа всушност е создадена во Русија.

Уште на првите состаноци на Македонското научно – литературно другарство се поставиле целите на другарството. Биле определени границите на Македонија, Другарството требало да ја развива македонската национална свест помеѓу еми­гра­ци­јата, да ја негува културната, духовната и научна традиција на Македонскиот народ, да ги обединува сите Македонци без разлика на нивното образование и убедување.

Задачите на Другарството предвидуваат организирање собранија и предавања, читање реферати, раскази, собирање и зачувување на народни умотворби, со еден збор зачувување на македонската традиција и култура. За прв пат во македонската историја бил воведен македонскиот јазик како службен јазик. Сите овие цели и задачи биле концепирани во Уставот на македонското научно – литературно другарство донесен на 16 декември 1903 година.

Другарството како активен чинител на македонската емиграција постои до 1917 година. Последниот расположлив документ кој го носи потписот на Македонското научно – литературно другарство е Програмата на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград од 18 јуни 1917 година.

Македонското научно – литературно другарство претставувало единствена интелектуална организација на македонската емиграција во Русија. За краткото време колку што постоела, оваа организација силно се залагала за решавање на македонското национално и црковно прашање. За таа цел, биле остварувани средби, биле испраќани меморандуми до видни политичари од Русија, балканските земји, европските сили.

Поради фактот што во Македонското научно – литературно другарство членувале видни интелектуалци, со право се верува дека токму оваа организација во Русија претставува темел на Македонската академија на науките и уметностите, која ќе се формира многу подоцна, во слободна Македонија.

Со ова се покажува дека првите, понови, современи интелектуални стремежи своја плодна почва нашле во Русија. Тоа секако е резултат и на блискоста на културите  и македонската емиграцијата која таму се образувала. Овие историски релации се влог во идните руско-македонски односи и повик за идна соработка и истражување. Руските архиви, сè уште кријат бројни информации за Македонија, а руската култура сè уште може да биде инспирација за идна соработка.

Кире Филов (извор: Руска Реч)

March 19, 2014

Автономна Македонија во составот на Балканскиот сојуз – тоа е гаранција на мирот

Во последниот свој текст Кире Филов анализира еден значаен текст за „Македонското прашање“, објавен во весникот „Македонски глас“ во 1913 година. Кој е ставот на авторот А. Новгородски, за судбината на Македонија во тој период, дознајте во текстот на Филов.

“Под победничката кола” е статија на А. Новгородски, објавена во првиот број на весникот “Македонски глас”, од 9 јуни 1913 година, кој излегувал во Русија. Весникот е орган на Македонското научно – литературно другарство во Санкт Петербург, основано од првиот бран емигранти од Македонија во Русија. Ова другарство било составено од македонски интелектуалци и се смета за зачеток на модерната Македонска академија на науките и уметностите.


Текстот е пишуван од аспект на руски интелектуалци и како тие ја толкуваат неправдата која е нанесена на Македонија во текот на Балканските војни. Тој Македонија ја нарекува “несреќната земја” и “земја на раздорите”, притоа наведува дека цела Европа знаела за судбината на Македонија и наместо еднаш за секогаш да го реши македонското прашање, таа го дозволила најкатастрофалното решение, односно поделба на територијата на Македонија. Ниту еден меѓународен договор, од австро – руските договори до турските реформи не успеаја на Македонскиот народ да му ја дадат долго очекуваната слобода. Тогаш на меѓународната сцена се појави Балканскиот сојуз на четирите балкански држави, и “вети” дека на Македонија ќе и ја донесе слободата. Но тоа било уште една измама од низата измами кои ги преживеа Македонија. “...убав почеток, неизмерно херојство и...измама”. Настаните што следеа понатаму ја покажале реалната намера на балканските држави. Се покажа дека паролите од типот “ослободителна улога” и “заштита на браќата” беа само изговор и лажно претставување на “словенските браќа” кон своите “браќа” во Македонија.


Новгородски смета дека Русија, имајќи ги предвид интересите на Русија, може и треба да ја подржи идејата за создавање на Македонската држава.

Со особена иронија Новгородски пишува за Србија и Бугарија. Тој вели: ”до балканските војни во 1912 година постоеја малите српска и бугарска држава, чиј глас Европа воопшто не го земаше предвид” за Имајќи ги предвид интересите на светските сили, Балканскиот сојуз добил поддршка за војната против Турција и “ослободување на браќата христијани”, со што, како што вели авторот го започнаа “последниот крстоносен поход”. Со тоа балканските држави направија одличен потег, бидејќи во очите на јавноста војната би била “ослобо­ди­тел­на”. Војната започна, “…и Македонија – „ослободената„ Македонија – падна како прва жртва на растежот на новите сили на Балканот. На нејзините полиња, завојувани од Турците, се судрија нови – и не една, туку три – непријателски сили и тие го смачкаа живото тело под своите победнички коли.” Балканските “неуранети” држави Македонија ја видоа како своја пљачка, како поле каде можат да си ги нахранат своите великодржавни претензии, спремни “да се бијат и со нови потоци крв да ја залијат многу­на­ма­че­на­та словенска земја”.

Текстот е пишуван од аспект на руски интелектуалци и како тие ја толкуваат неправдата која е нанесена на Македонија во текот на Балканските војни.

Новгородски смета дека Русија, имајќи ги предвид интересите на Русија, може и треба да ја подржи идејата за создавање на Македонската држава. Тој вели дека само автономна Македонија би придонела за мир на Балканот. Ја смета Македонија како причина за Балканските војни. Јавно го кажува фактот дека Македонците биле измамени, не само од балканските сојузници, туку и од најголемата словенска држава, Русија. Новгородски вели: “Македонија нема своја државност, но таа може да постои при услов, да се изрази силен стремеж за независност, ако во неа остро се чувствува неопходноста од автономно постоење и во колку државите, главно Русија, му излези во пресрет на тој стремеж. А Русија би требало да му излезе, имајќи ги предвид општословенските и руските интереси, со кои наполно се согласува идејата за автономна Македонија.” Како што Австро – Унгарија ја создала албанската држава од ништо, за како што вели: “...повод за продолжување на збрката на Балканот...”, така и Русија би можела да и вдахне државност на Македонија и со тоа да ја прекине петвековната голгота на Македонскиот народ.

Со оглед на тоа дека статијата е пишувана во предвечерието на Втората балканска војна, во Русија веќе се знаело дека ќе следува нова, втора војна, овој пат меѓусојузничка, која ќе се води за територијата на Македонија. Всушност, авторот знаел дека и Првата балканска војна се водела не за ослободување, туку за протерување на Турците од Балканот и окупација на Македонија. Македонците биле премногу слаби да се спротивстават на агресорската наезда која доаѓала од нивните “браќа”. На крајот авторот заклучува: “Од меѓусојузничката војна Македонците не ќе добијат многу, а без сомневање ќе настрадаат. Кој и да ја владее Македонија, за секој еден таа ќе биде средство за закрепнување на туѓата државност. Македонија нема своја државност, но таа може да постои при услов, да се изрази силен стремеж за независност, ако во неа остро се чувствува неопходноста од автономно постоење и во колку државите, главно Русија, му излезе во пресрет на тој стремеж. Автономна Македонија во составот на Балканскиот сојуз – тоа е гаранција на мирот сред Јужните Словени”.


Кире Филов (извор: Руска Реч)

March 17, 2014

Рускиот печат за убиството на Борис Сарафов 1907 и Букурешкиот договор од 1913

Ситуацијата во Македонија во периодот од 1907 до 1913 година предизвика многу внимание како во европскиот печат, така и во рускиот. По завршувањето на Младотурската револуција, за прв пат македонски пратеник влезе во собранието на Турција, за да ги застапува интересите на Македонците. Сер Едвард Греј беше единствениот дипломат кој излезе се решение за проблемите во Македонија, а тоа беше автономија за Македонија, на чело со Гувернер кој би одговарал само пред Големите сили. Тоа остана само илузија, затоа што Русија не го прифати овој предлог. Овој турбулентен период на Балканот го претставуваме преку рускиот печат. 

Периодот по завршувањето на Илинденското востание е еден од најтешките за Македонија и нејзиното револуционерно движење. Како што е познато востанието завршува катастрофално, многу дејци од раководството на Македонската револуционерна организација се убиени, така што Организацијата била буквално обезглавена. Идеологот на МРО, Гоце Делчев, загинал уште пред да започне востанието, обидувајќи се да го спречи кревањето на востанието за кое сметал дека е прерано, бидејќи народот се уште не бил доволно информиран, а востаниците недоволно спремни за да се спротивстават на се уште моќната османлиска војска.


Илинденското востание наишло на огромен интерес кај медиумите ширум Европа. Цела Европа разбрала за состојбите во Македонија, за ѕверското уништување на Крушево, за протерувањето на неговите жители, за убиствата...

Во продолжение на текстот ќе презентираме некои статии од весници во Русија кои се однесуваат на Македонија и нејзината ситуација. Во Русија силно одекнала веста за убиството на лидерот на Македонската револуционерна организација, Борис Сарафов и Иван Гарванов.

Рускиот весник “Московскiя вѣсти” во 1907 година известува за убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов, задграничните претставници на Организацијата во Софија: “ Денес се одигра страшна ‘Македонска трагедија’, во која паднаа две нови жртви. Македонецот Паница (Тодор Паница, н.б.), денес со револвер ги уби Борис Сарафов, претседател на Македонската револуционерна организација заедно со професорот Гарванов (Иван Гарванов, н.б.). Постои убедување дека смртта на Гарванов ќе предизвика распад на Македонската револуционерна организација, така што судирот со врховистите ќе ескалира.” Понатаму во весникот се наведува дека извесен бугарски дипломат изјавил дека убиството на Борис Сарафов не било извршено без турско влијание. Од Високата порта била испратена награда од 2000 турски фунти за главата на Сарафов. Бугарскиот дипломат смета дека Сарафов паднал како жртва на предавство.

Друг руски весник за убиството на Сарафов пишува: ”Од Софија пристигна веста за убиството на Борис Сарафов. Поради сите случувања во Македонија, ова име предизвика европска интервенција во Турција. Сепак, движењето продолжи со несмален интензитет, а инспирација на движењето беше Сарафов, како шеф на Македонската револуционерна организација. Во 1899 година Сарафов лично беше вклучен во борбите со Турците, на чело на една македонска чета. Тогаш турската влада ја процени неговата глава на 1000 франци. Учествувал во киднапирањето на Мис Стон...Сарафов имаше многу непријатели и против него беа лансирани многу клевети и обвинувања главно за проневера на пари од Организацијата.”

Не помалку важни биле и вестите од 1913 година, односно по прекројувањето на границите на Балканскиот полуостров. Балканските војни завршуваат поразително и крајно деструктивно за Македонија и нејзиното население, а за тоа (како што пишувавме во претходните колумни) огромен придонес секако има и Русија. Весникот “Русские Ведомости” од 20 септември 1913 година излегува со статија под наслов “Нови граници на Балканот”. Во статијата се опишува прекројувањето на границата, односно распарчувањето на Македонија. Територијата на Европска Турција изгубила значаен дел од својата територија, односно изгубила скоро една десетина од територијата што ја имала пред војната. На Лондонската конференција и било наложено на Турција да се врати на линијата Енос – Мидија, што значи Турција сепак задржала дел од европското копно.  “...Грција ја зголеми својата територија ни повеќе ни помалку туку една и пол пати, односно дел од плодната Тракија и цела јужна Македонија. Иако, Грција била богата со пристаништа, сепак добила уште едно, овој пат Солун, како директен пристап до морето, додека Србија и Бугарија добија помали делови.”

Рускиот весник прави споредба со она што го добила Бугарија и Грција во споредба со Србија. Вели: “...Србија не успеа да добие директен пристап до морето. Иако доби голем дел, најдобриот дел на Македонија, со нејзиниот главен центар, Битола, која брои околу 60.000 жители, сепак го доби делот со многу економски потешкотии и области со силно национално непријателство.”

Весникот “Новое Время” од 23 јули (5 август) 1913 година објавува статија за прекро­ју­ва­њето на границите на Балканскиот полуостров, поточно за Бугарско – Романската граница и Грчко – Бугарската граница. “Претседателот на Мировната конференција во Букурешт го објави целосниот договор меѓу Бугарија и Романија во врска со границите...Нашиот дописник зборуваше со српскиот делегат на мировната конференција во Букурешт Спалаиковиќ (д-р Мирослав Спалаиковиќ, н.б.)... Конференцијата траеше три дена. На состанокот, Грците направија некои отстапки во корист на Бугарија, но не се согласија да ја отстапат Кавала.”

На конференцијата во Букурешт присуствувала и Македонска делегација. Во име на 160.000 бегалци од Македонија се обратил Претседателот на мировната конференција, Мајореску, а “Сер Едвард Греј со телеграма побара автономија за Македонија.”

Сер Едвард Греј истото ова го истакнуваше и во 1908 година, по завршувањето на Младотурската револуција, кога требаше да се спорведат реформите од Мирцштег во Европска Турција. Неговата иницијатива се состоеше во тоа што во Македонија би се формирала влада, на чело со Гувернер (христијан или муслиман), кој би бил одговорен само пред големите сили. Австро-унгарија, Франција и Велика Британија ја прифатија иницијативата на британскиот дипломат, но не наиде на поддршка кај Русија.

Така, Македонија никогаш не ја доби ниту автономијата, ниту независноста на нејзината обединета територија.

Кире Филов (извор: Руска Реч)