Showing posts with label Митологијата и постанокот на древниот македонски народ. Show all posts
Showing posts with label Митологијата и постанокот на древниот македонски народ. Show all posts

September 24, 2014

Македонците сакале да ги исфрлат и од Хелада

Македонците биле прикажувани одвоено од Хелените и кај Плутарх, кој исто така користел постари автори, современици на Александар Македонски. Во животописот "Демостен", Плутарх вели: "Придружувајќи им се на пратениците од Атина, Демостен помагал на сите градови сложно да удрат на Македонците и заеднички да ги исфрлат од Хелада. Филарх, навел дека во Аркадиј дури и во народното Собрание дошло до заемно навредување меѓу Питеј и Демостен кога едниот ги застапувал Македонците, а другиот Хелените"

Во делата на оние антички автори кои живееле и пишувале во времето на Филип II и Александар III Македонски, исто така, Македонците се одвојувале од Хелените.

Кај Теопомп Хиоски, на пример, во неговата "Philippika" се наведува дека хетајрите од Македонија биле варвари, а оние од Хелада Хелени.

Од "Александровата анабаза" на Фл. Аријан, кој користел постари автори меѓу кои ги спомнува Птоломеј Лагов и Аристобул Аристобулов, современици на Александар Македонски, дознаваме дека и постарите автори ги издвојувале Македонците од Хелените. Токму Птоломеј, за Аријан бил изворот за битката на реката Ис каде Хелените како Дариеви платеници навалиле на Македонците, таму каде нивната фаланга била најмногу развлечена. Тука настанала жестока битка, бидејќи платениците настојувале Македонците да ги потиснат во реката и да ја спасат победата на Персијците кои бегале, а Македонците не сакале да заостанат пред видливите Александрови успеси, ниту да ја затемнат славата на фалангата... Притоа "и едните и другите ги опфати некое народно честољубие меѓу Хелени и Македонци".

На друго место кај Аријан стои дека "Тој (Дареј) кога стапил на кралскиот престол морал да војува и со Македонците и со Хелените".

Во епизодата за бунтот на македонската војска пред реката Хифас во Индија, како што запишал Аријан, Којнос ќе се обрати кон Александар Македонски со следните зборови: "Сам, имено, знаеш колку наши Македонци и Хелени со тебе тргнаа, а колку останаа живи... " Потоа не исклучувајќи ги новите подвизи по враќањето дома, Којнос рекол: "Тебе ќе те следат други Македонци и други Хелени, млади наместо стари".

Кај Аријан, Македонците се издвојувале од Хелените и при кавгата меѓу Антипатер и Олимпијада: "Имено, тој сака првенство меѓу Македонци и Хелени". Потоа во истата книга, глава 15,4: ... "Тогаш Хелените и Македонците за првпат ги запознале имињата и носиите на тие народи".

Истото се потврдува и во книга IV, каде настанала поделба "за" и "против" желбата на Александар за проскинеза. Според зборовите на Анаксарх, Македонците (не Хелените) можеле да оддаваат божествени почести на Александар, затоа што ниту Дионис ниту Херакле се македонски богови. Првиот бил тебански, а вториот аргивски, т.е. и двата се хеленски богови.
Анаксарх вели: "Александар има повеќе право да биде почитуван како бог, отколку Дионис и Херакле, поради тоа што Дионис беше Тебанец, кој на Македонците ништо не им значи, а Херакле Аргеец, кој дотолку им значи што Александар - како Хераклид - припаѓа на неговиот род. Македонците, наспроти (Хелените), имаат поголеми права на својот крал да му оддаваат божествени почести. Против проскинезата се изјаснил олинтискиот филозоф Калистен. Во обраќањето кон Александар, меѓу другото, тој вели: "Кога ќе се вратиш дали и Хелените ќе ги присилуваш на божествено почитување или ќе ги поштедуваш, а на Македонците ќе им ја наметнеш таа срамота. Или при изразувањето на почест ќе одредиш разлика за сите - така што Хелените и Македонците ќе ти искажуваат почест на човечки и хеленски начин, а само варварите на варварски начин".

И на други места во Анабазата на Аријан името на Македонците посебно се нагласува.

МАКЕДОНСКА КОЊАНИЦА

Македонците биле прикажувани одвоено од Хелените и кај Плутарх, кој исто така користел постари автори, современици на Александар Македонски. Во животописот "Демостен", Плутарх вели: "Придружувајќи им се на пратениците од Атина, Демостен помагал на сите градови сложно да удрат на Македонците и заеднички да ги исфрлат од Хелада. Филарх, навел дека во Аркадиј дури и во народното Собрание дошло до заемно навредување меѓу Питеј и Демостен кога едниот ги застапувал Македонците, а другиот Хелените".

Во животописот на Александар од Плутарх, според овој автор Александар им се обратил на Ксенодох Кардиецот и Артемиј Колофоњанинот со зборовите: "Зарем не ви се чини дека Хелените меѓу Македонците се шетаат како полубогови меѓу ѕверови?".

Кај Диодор Сицилиски, во неговото дело "Историска библиотека", книга XVIII, меѓу другото, се наведува дека "коњаницата ја сочинувале илјада и осумстотини Македонци и шестотини од Хелада". Од книга XVIII, дознаваме за победата што Македонците ја извојувале над Хелените предводени од војсководецот Питон. По победата, откако им било наредено да го положат оружјето Хелените се измешале со Македонците... Понатаму се кажува дека "Македонците го прекршиле договорот со Хелените, ненадејно ги нападнале и ги погубиле".

БИТКАТА НА ХЕРОНЕЈА

Кај Полибиј, кој го пренесува владеењето на последните македонски кралеви стои дека за Хелените македонското владеење било ропство. Во својата "Истории", книга IX, Полибиј го пренесува говорот на етолскиот пратеник против Филип V, одржан пред Спартанците: "Уверен сум Лакедајмонци дека никој не се осмелува да одрече дека власта од Македонците не значи ропство за Хелените". Инаку, и самиот Полибиј, Македонците не ги смета за Хелени. Тој јасно ги одделува едните од другите на повеќе места.

Во книга XVIII, споредувајќи го римското и македонското вооружување, тој истакнува дека македонскиот боев ред во поранешните времиња на дело се докажал понадмоќен од другите формации во Азија и Хелада".

Во книга I, се наведува дека "сакал на сите да им ја објасни ситуацијата на Македонците и Хелените" во времето пред војната со Римјаните, односно "каква била тогашната ситуација во Хелада, во Македонија, а исто така и во Картагина..."

Полибиј ги одвојувал настаните во Македонија од оние во Хелада и Сирија. Истото го прави и на други места, на пример, во книга XXXVIII, итн.

Претходните податоци од античките автори покажуваат дека Македонците од стапувањето на историската сцена биле сметани за посебен народ, одделен од Хелените. Од претходните автори, исто така дознаваме дека по битката на Херонеја (338 г. пред н.е.) каде Хелените биле поразени од Македонците, предводени од Филип II, им била наметната македонската власт, која ја чувствувале како ропство, се до појавата на Римјаните, кога дошло само до смена на господарите. Тоа го потврдува и самиот Полибиј, кој во својата "Истории" запишал: Римјаните од Филип V ги презеле "оковите на Хелада, а со тоа дошло само до смена на господарите, а не и до ослободување на Хелените".

КРАЈ

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446

September 19, 2014

Демостен: Филип Втори е еден никаков Македонец

Прочуениот антички оратор Демостен бил против хеленскиот карактер и на Македонците и на нивните кралеви. Тој на повеќе места во своите говори Македонците и нивниот крал Филип II ги нарекувал варвари.

Ќе го спомнеме Третиот говор против Филип, во кој, меѓу другото, ќе каже:

"...Тој не само што не е Хелен, ниту пак има нешто хеленско туку е варварин од земја за која не би можел ништо убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил".

Покрај митолошките, постојат и други историски сведоштва, според кои древните Македонци биле посебен народ. Како што посочивме претходно, Херодот древните Македонци ги одвојува од Хелените (за разлика од кралскиот род). Во книга VIII во Херодотовата Историја, исто така, се посведочува разликата меѓу древните Македонци и Хелените. Таму стои: "Персискиот војсководец Мардониј го испратил Александар I кај Атињаните, кој во атинското Собрание предложил мир со Персијците". Наспроти ваквиот предлог на Александар, пратениците од Спарта, кои исто така по тој повод биле испратени во атинското Собрание, се залагале да не се прифати мировниот предлог. Атињаните во одговорот и на едната и на другата страна ја изразиле разликата меѓу Македонците и Хелените. Отфрлајќи го персискиот предлог за мир, на Александар, тие му одговориле "ние не сакаме да доживееш нешто немило од Атињаните, зашто си наш гостопримец и пријател". Во одговорот на спартанските пратеници стои дека Атињаните немало да го изневерат хеленскиот народ, "а најмногу заради хеленството - иста крв, ист јазик, заеднички божји светилишта и жртвувања, обичаи и начин на живеење".

Според тоа, Александар за Атињаните бил само "гостопримец и пријател", но не и истороден како Спартанците - со иста крв, ист јазик, заеднички божји светилишта и жртвувања, обичаи и начин на живеење. Македонците, значи, не биле сродни со Хелените, тие не биле сметани за Хелени, туку за варвари.

АЛЕКСАНДАР ПРВИ НЕ БИЛ ХЕЛЕН

За Александар I не се објаснува дека тој бил Хелен по потекло, ниту врз основа на јазикот, ниту врз основа на верата и обичаите, туку само преку истакнување на едно крајно сомнително родословие, според кое тој самиот се сметал за Аргеец, односно за Хераклид. Пред очите на тогашните Хелени, древните Македонци не се издвојувале со ништо друго, освен со "нехеленскиот карактер на македонскиот народ".

Тукидид, иако го презел известувањето на Херодот за хераклидското потекло на македонскиот кралски род, наспроти тоа, на повеќе места во "Историјата на Пелопонеската војна" тој ги одвојува Македонците како народ и ги смета за варвари. Ќе го спомнеме оној дел во кој се раскажува за спартанскиот војсководец Брасид, кој заедно со македонскиот крал Пердика по вторпат организирал поход против Арабеј, кралот на Линкестите. Таму стои: "Еден ја водел војската на Македонците, со кои владеел..., а другиот Пелопонесците... Вкупно хеленски оклопници биле околу три илјади, а го придружувале околу илјада коњаници Македонци со Халкидијци и други варвари".

Тукидид го наведува и говорот на Брасид што го одржал пред војската откако останале сами по бегството на македонската војска. И тука Македонците се одвојуваат од Хелените и се сметаат за варвари.

"...што се однесува до варварите од кои сега стравувате, можете да просудите и по тоа што се боревте со Македонци и според нив ќе се уверите дека варварите не ќе бидат страшни".

НЕГРЧКИОТ КАРАКТЕР НА МАКЕДОНЦИТЕ

Кај Тукидид Македонците се прикажани како варвари и во книга II: "на хеленската војска составена од Ампракијци, Левкадци, Анакторијци и Пелопонесци им се придружиле и илјада варвари Хаонци, Теспрокијци, Молошани, Атинтанци, Параврејци... и илјада Македонци кои Пердика ги испратил без знаење на Атињаните, кои стигнале предоцна".

Негрчкиот карактер на Македонците, уште поодредено се изразува кај Исократ. Исократ не ги вбројува Македонците меѓу варварите, но не ги сместува ни кај Хелените. Тој ги одделува Македонците од варварите, но не и кралевите, најверојатно да им угоди како на Македонците, така и на нивниот крал Филип II.

Прочуениот антички оратор Демостен бил против хеленскиот карактер и на Македонците и на нивните кралеви. Тој на повеќе места во своите говори Македонците и нивниот крал Филип II ги нарекувал варвари.

Ќе го спомнеме Третиот говор против Филип, во кој, меѓу другото, ќе каже:

"...Тој не само што не е Хелен, ниту пак има нешто хеленско туку е варварин од земја за која не би можел ништо убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил".

МАКЕДОНЦИТЕ НАЈГОЛЕМИ НЕПРИЈАТЕЛИ

Демостен со револт зборувал против Македонците и нивниот крал Филип II и на други места во Филипиките. Дури во сите негови говори јасно била нагласена противречноста меѓу Македонците и Хелените. Во Олинтските говори вели дека македонските кралеви биле послушни на Атињаните како што е ред за барбарите да бидат послушни за Хелените. Сигурно во тоа време кај Атињаните не била општопризната хеленската припадност на Македонците и нивниот крал, штом Демостен можел постојано да повторува дека тие биле варвари. Инаку од неговите политички противници, доколку не ја зборувал вистината, лесно можел да биде соборен и обвинет пред атинските граѓани.

Демостеновото мислење дека Македонците биле варвари наполно го прифаќа и ораторот Есхин, еден од неговите најголеми политички противници. Спротивноста меѓу Македонците и Хелените, исто така, била силно изразена не само во Есхиновите говори, туку и во писмата што до нас стигнале под Есхиновото име.

Македонците биле варвари и според ораторот Динарх од Коринт, кој исто така бил еден од големите претставници на македонската партија во Атина. Тука ќе го спомнеме и ораторот Хиперид, кој јасно ги одвојувал Македонците од Хелените и ги сметал, како и Персијците, за варвари. Според тоа, мислењето на Демостен, за нехеленскиот карактер на Македонците не било исклучиво само негово лично, туку, напротив, тоа било поделено речиси од сите негови современици, атински оратори, без разлика на нивните политички убедувања. Трасимах од Халкедон (В век пред н.е.) кој се спомнува кај Клемент Александриски, изричито вели дека македонскиот крал Архелај бил варварин. Псеудо-Херод ги нарекува Македонците барбари и најголеми непријатели.

ПРОДОЛЖУВА: Македонците сакале да ги исфрлат и од Хелада

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446

September 10, 2014

Александар Македонски ја повикал стражата на македонски јазик

Древниот македонски народ, како и сите древни народи, имал и свој посебен јазик. Според Плутарх, Македонците имале свој мајчин јазик кој бил различен од хеленскиот. Во неговиот животопис за Александар Македонски се наведува дека Александар на гозбата во Мараканда во 328 год. пред н.е. при кавгата со Клит (Клејтос) ја повикал својата телесна стража на македонски јазик.

Кај Псевдо-Калистен е запишано дека македонските војници се збогувале со Александар Трети на македонски јазик

Древниот македонски народ, како и сите древни народи, имал и свој посебен јазик. Постојат повеќе антички сведоштва според кои древните Македонци за Хелените биле варвари, односно народ што зборувал на јазик неразбирлив за Хелените. Во тој поглед, самиот збор варвар треба да се сфати како ономатопејски термин од сферата на јазикот, а не од културата. Барбарос, барбарои биле оние што брборат, односно што зборуваат неразбирливо, на чуден, неразбирлив јазик. За старите Грци варвари биле и Персијците и Египќаните, кои во културен поглед не биле на пониско ниво од нив.

Зборот варвар кај Хелените првобитно означувал "туѓинец", "туѓ народ". И древните Македонци за Хелените биле туѓ народ", аллопхѕлои, како што стои кај Плутарх.

Според еден податок од В век пред н.е., ако јазикот на Крестонците, кои припаѓале на бригиско-едонската група бил варварски, тогаш тоа се однесува и на Македонците, бидејќи и тие биле староседелци, односно "Пелазги" како и Крестонците, за чиј јазик Херодот вели дека бил варварски и "се разликувал од јазикот на сите други кои живееле околу нив". Тукидид, исто така, пишувајќи за дејствата на Халкидик, ги спомнува Грестонците, Едонците и Бисалдите, и притоа ги нарекува "варварски народи", односно

народи со неразбирлив јазик. Истото тоа мора да важи и за Македонците бидејќи токму Грестонците, Едонците и Бистонците за кои зборува Тукидид биле дел од основниот супстрат кој го сочинувал древниот македонски народ.

И други стари автори според јазикот Македонците ги одделувале од другите народи. Страбон, на пример, соопштува дека, судејќи според јазикот, Македонија се протегала дури до Коркира. Кај овој автор стои: "...Некои ја нарекуваат Македонија областа што се протега се до Коркира". Тука Епирците, според Страбон "и по косата, и по наречјето, и по облеката, и по другите работи што ги користеле им биле многу блиски на Македонците", а некои од нив, додава Страбон, биле и двојазични. Ако двојазичноста се однесува на она време кога Епирците не биле одвоени од Македонците, тогаш станува уште поразбирливо зошто во тоа време Страбон меѓу Епирците ги вбројувал Орестите, Пелагонците и Елимејците, додека за Полибиј, истите тие се Македонци.

МАКЕДОНЦИТЕ ИМАЛЕ МАЈЧИН ЈАЗИК

За Епирците се знае дека постоеле во земјата на запад од Македонија која се протегала од планината Пинд до морскиот брег и која од најстарите времиња ја нарекувале само "копно". Таа така се нарекувала наспроти островите во Јонското Море. Ако било така, тогаш постоењето на Македонците на истите тие простори не случајно не упатува на името на планината Пинд. Имено, Македонците не треба да се бараат надвор од оние простори каде што во најраното митолошко време се спомнува теонимот на Македонците - богот Македон и неговите синови. Ако меѓу нив, покрај синот Пиер (епиномот на Пиерија) и синот Амат (епиномот на Ематија) каде живееле Македонците, веднаш по нив се спомнува и Македоновиот син Пинд, тогаш не треба да не изненадува зошто токму тука, покрај планината Пинд, се среќаваат оние Македонци кои живееле заедно со Епирците.

Според старите автори, како што наведува Катичиќ, уште во најрано време пред одделувањето на Епирците од Македонците, јазикот на кој зборувале епирските племиња бил варварски. Краткиот попис на личните имиња што ги дава Тукидид, "наведува на мислењето дека епирските племиња биле варвари и во јазична, а не само во културна смисла".

И во подоцнежните времиња јазикот на Македонците се назначува како различен од хеленскиот. Тука ќе ја спомнеме епизодата за судењето на Филота во 330 год. пред н.е., според "Историјата на Александар Македонски" од К. Руф, каде е посведочено следното: кога Александар го прашал дали ќе зборува на мајчиниот (македонски) јазик, Филота рекол дека ќе зборува на хеленски, за да го разберат и оние што не се Македонци. Тогаш Александар му рекол:

"Еве, гледате ли, дотаму ли дошол Филота, што го презира дури и мајчиниот јазик?".
Оваа епизода јасно покажува дека македонскиот јазик Хелените не го разбирале, бидејќи бил различен од оној на којшто зборувале тие.

Според Плутарх, исто така, Македонците имале свој мајчин јазик кој бил различен од хеленскиот. Во неговиот животопис за Александар Македонски се наведува дека Александар на гозбата во Мараканда во 328 год. пред н.е. при кавгата со Клит (Клејтос) ја повикал својата телесна стража на македонски јазик.

ПОЗДРАВ НА МАКЕДОНСКИ

Кај Псевдо-Калистен е запишано дека македонските војници се збогувале со Александар ИИИ на македонски јазик. Опишувајќи ги борбите меѓу Антигон и Евмен во Месопотамија (опсадата на тврдината Нора) Плутарх во животописот на Евмен вели "...а оние (војници) откако го видоа (Евмен) веднаш го поздравија на македонски." Според друг извор, истиот тој Евмен, кога требало да испрати пратеник кај Македонецот Неоптолем во 321 год. пред н.е., задачата му ја доверил на некојси Ксенија, чиј мајчин јазик бил македонскиот.

Атенај од Наукратис го спомнува билингвизмот на жителите во Атина, од кои "многумина зборувале македонски заради мешањето". Одново ќе го спомнеме римскиот историчар Куртиј Руф, кој известува дека Македонците имале потреба од преведувач за да го разберат хеленскиот јазик.

Кај Павзание стои дека за време на напаѓањето на Месена во 214/13 год. пред н.е. Месенците според облеката и јазикот на непријателите сфатиле дека ги напаѓаат Македонци, а не Лакедајмонци, итн.

Од изложеното доста јасно се гледа дека древните Македонци имале свој сопствен јазик, кој суштествено се разликувал од оној на којшто зборувале Хелените.

Во прилог на гореизнесеното, ќе ги споменеме македонските глоси (зборови) од кои, исто така, се дознава дека древните Македонци имале свој посебен јазик, различен од хеленскиот. Старите граматичари ги нарекувале глоси оние зборови кои во нивно време биле неразбирливи и излезени од употреба. Тие зборови ги класифицирале и ги преведувале на грчки јазик, и со тоа го олеснувале читањето на старите автори.

Најголем број македонски глоси, како што е познато, биле запишани во III век пред н.е. од александрискиот граматичар Америас, Македонец по потекло. Дел од тие глоси до нас стигнале од подоцнежните граматичари и глосографи, а најмногу од Хесихиј (В век по н.е.). Лексикографите забележале околу 100-200 глоси како македонски. Од нив во Хесихиовиот лексикон се наоѓаат 68, а другите се запишани кај Полукс, Суида, Фотиј, во псевдо-кириливиот речник и на други места.

Врз основа на овој лексички материјал, научниците во изминатиот период не биле во состојба да го реконструираат говорниот јазик на древните Македонци. Не само заради скудниот јазичен фонд (глосите се дојдени во преписи од преписи и исто со грешки), туку и заради непостоењето на речиси ниту еден текст, напис и реченица на јазикот на којшто зборувале древните Македонци. Тоа дава повод за разни тези и шпекулации за припадноста на древниот македонски јазик и за поделеност кај научниците по ова
прашање.

ПРОДОЛЖУВА: Демостен: Филип Втори е еден никаков Македонец

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446

August 28, 2014

Оти бил Македонец, на Александар Први не му дозволувале да се трка

Херодот во книга В, зборува за обидот на Александар I да учествува на Олимписките игри: "Имено, кога Александар сакал да се натпреварува и кога слегол таму, оние Хелени кои требало да се натпреваруваат во трчање не му допуштиле да земе учество, велејќи дека натпреварот не е за натпреварувачи варвари, туку за Хелени". Ова покажува дека на Александар I не му дозволувале да учествува во трката, бидејќи како претставник на Македонците бил сметан за варварин (во очите на Хелените, значи, Македонците биле варвари, т.е. не Хелени)


Во Историја на Херодот стои: "Пердика, прадедото на тој Александар во седмото колено, ја воспоставил власта над Македонија на следниот начин. Од Арг избегале кај Илирите тројца браќа, кои биле потомци на Темен, а тоа биле Гаван, Аероп и Пердика. Откај Илирите, преминувајќи ги планините стасале во Горна Македонија, во градот Лебаја. Таму се главиле кај месниот крал... Подоцна, откако биле избркани тие дошле во друг дел на Македонија и се населиле близу до таканаречените Градини на Мида, синот на Гордиј... напаѓајќи оттаму, тие ги покориле и другите делови на Македонија".

"Од тој Пердика", стои кај Херодот, "Александар води потекло вака:

Александар бил син на Аминта, а Аминта син на Алкет, на Алкет му бил татко Аероп, кој бил син на Филип, а на Филип му бил татко Аргај, а на Аргај татко - Пердика, тој што ја освоил кралската власт."

Така, Херодот во првиот дел на ова родословие ја воспоставил врската меѓу македонскиот кралски род и Теменидите, односно Хераклидите така како што некој му раскажал додека престојувал на македонскиот двор во времето на владеењето на Александар I Филхелен. На овој начин Херодот го дели потеклото на династијата, од потеклото на народот. Но и со ваквата поделба не се негира дека пред тројцата браќа (Гаван, Аероп и Пердика), како што наведува и самиот Херодот, веќе постоела Македонија, а тоа значи дека постоеле и древните Македонци како народ, пред да се појават оние кралеви со наводно хераклидско потекло.

Кога го спомнува Арг, Херодот го имал предвид пелопонескиот Арг, а потоа македонските кралеви ги претставил како потомци на Темен. И според други автори, Темен бил ставен во родословието за да се поврзат македонските кралеви со Хераклидите, од една, и со пелопонескиот Арг, од друга страна.

Подоцна ова предание на Херодот го презел и Тукидид, кај кого исто така стои дека предци на македонскиот кралски род биле Теменидите кои воделе потекло од Арг.

Од друга страна, самата приказна на Херодот за потеклото на македонските кралеви само потврдува дека древните Македонци биле народ различен од Хелените. Херодот во книга V, зборува за обидот на Александар I да учествува на Олимписките игри: "Имено, кога Александар сакал да се натпреварува и кога слегол таму, оние Хелени кои требало да се натпреваруваат во трчање не му допуштиле да земе учество, велејќи дека натпреварот не е за натпреварувачи варвари, туку за Хелени". Ова покажува дека на Александар I не му дозволувале да учествува во трката, бидејќи како претставник на Македонците бил сметан за варварин (во очите на Хелените, значи, Македонците биле варвари, т.е. не Хелени). Наедно, оваа случка и инцидент на Олимписките игри потврдува дека дотогаш Хелените сметале дека и македонските кралеви имаат варварско потекло. Тој тоа право го остварил дури откако докажувал за себе лично, а не и за народот, дека по потекло, наводно, бил Хелен.

Врз основа на вакви лични кажувања, Херодот се обидува да покаже дека македонската кралска династија, како потомци на Пердика, од минатото влечеле некакво хеленско потекло. Потребата пак на Александар I да истакнува дека има хеленско потекло само покажува дека Македонците во тоа време не биле сметани за Хелени.

МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

Постојат повеќе историчари кои не го прифаќаат ваквото Херодотово тврдење и начин на толкување. Според нив, ако Александар I бил Хелен, тогаш немало потреба да докажува дека е Хелен. Човек кој по потекло е Хелен, не би требало да има таков епитет - "филхелен", каков што го имал Александар I, бидејќи во тој случај би бил љубител на самиот себе. И за Е. Н. Борза навистина е чудно еден Грк да нарекуваш дека е "љубител на Грците", и таа титула нормално е да биде резервирана само за не Грци. Тој го поставува и прашањето: "Зошто ниту еден Спартанец, Атињанин или Аргивец не бил принуден да докажува на другите дека тој или неговото семејство се Хелени?"

Според други автори, името на Александар I го нема во списоците на победниците - Олимпиките, ниту, пак, постојат други сведоштва за учеството на Македонци на овие игри се до Филип II.

Наспроти Херодот, постојат податоци според кои во Македонија, во градот Дион кој бил религиски центар на древните Македонци, биле организирани македонски олимписки игри, не заради друго, туку и заради тоа што Македонците како различен народ од Хелените не учествувале на хеленските Олимписки игри во Елида, Пелопонез.

Проф. В. Бешевлиев, исто така, не го прифаќа хеленското потекло на Александар I. Според него, предците на македонските кралеви не дошле од пелопонескиот Аргос и таквата хеленизација "побргу треба да изумре, отколку да постои."

Тврдењето на Херодот го отфрлаат и други историчари, кои се занимавале со потеклото на македонските кралеви. П. Грин ќе напомене дека:

"Всушност, се она што Херодот го говори е дека Александар лично демонстрирал негово аргеадско потекло (во едно многу сомнително генеалошко тврдење), и така бил признат за Хелен наспроти лутите противници".

Всушност и самиот Херодот говори за Тесалците како први Хелени кои биле потчинети од Персијците, што покажува дека древните Македонците не ги сметал за Хелени.

И според Е. Н. Борза "Херодотовата приказна е исполнета со многу нејаснотии, за да има некаква смисла. Тој, исто така, е категоричен дека Теменидите треба да исчезнат од македонската историја.

По сето ова, сепак како единствен валиден историски факт останува дека македонското кралско семејство потекнувало од македонскиот Арг во Орестија.

МАКЕДОНСКИОТ КРАЛ КАРАН

На сличен начин, подоцна (кон крајот на V век пред н.е.) како предок на македонскиот кралски род се појавил некојси Каран, кој според Теопомп, исто така се поврзува со Темен, односно со Хераклидите и со градот Арг на Пелопонез.

Преданието за Каран не се среќава ни кај Херодот, ни кај Тукидид. За него дознаваме од други антички автори. Основањето на градот Ајга од Каран, преку кој се поврзува македонскиот кралски род со Хераклидите, го раскажал и Помпеј Трог, според Јустин:

"Каран заедно со голем број Грци, по заповед на Оракулот, трагајќи по место за населување во Македонија, дошол во Ематија и го зазел градот Едеса, без да го забележат жителите поради поројните дождови и големата магла. Тој минал зад стадо кози, кои заради дождот бегале во градот. Откако се сетил на Оракулот, кој му претскажал да се зацари таму кадешто ќе го одведат козите и да ја воспостави во тој град престолнината на своето царство... Во спомен на укажаната помош од козите, градот Едеса го нарекол Ајга (коза)".

Ќе го спомнеме и преданието за Каран, забележано од Павзаниј:

"Македонците раскажуваат дека македонскиот крал Каран во војна го победил Кисеј, кој владеел во соседната земја. Каран тогаш во чест на победата подигнал споменик (трофеј). Но еден лав, раскажуваат, дошол од Олимп и го превртел трофејот и потоа исчезнал. Каран, тврдат тие, тогаш сфатил дека не била добра одлуката да биде изложен на непомирлива омраза кај соседните барбари. Оттогаш се воспоставило правилото, ни Каран, ни македонските кралеви по него, да не подигаат трофеи, доколку сакаат некаде
да ја постигнат наклонетоста на соседните народи".

ПРОДОЛЖУВА: Македонците и пред нашата ера имале свој јазик

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446.

August 25, 2014

Земјата Македонија е наречена по Македон

Некои сметаат дека Македонија е наречена според Македон, синот на Еол, како што вели Хеланик во првата книга "Светковини во Аргос". Од Македон, по кого сега се нарекуваат Македонци, кои тогаш живееле сами меѓу Мизите. Исто така и Евстатиј во схолиите за делото на Дионисиј Периегет забележал дека Македон бил син на Еол. Според овие двајца автори (Хеланик и Евстатиј), Македон се прикажува како син на Еол со јасна цел: затоа што македонските владетели не биле Хелени, како што тоа го истакнува и проф. В. Бешевлиев, се барала врската со Хелен (Еол бил син на Хелен) за да може потоа оттаму да се извлекува грчко потекло на македонските владетели. Според тоа, тие владетели можеле да бидат Еолиди само доколку влечеле корен од Еол.

Во античките извори постојат повеќе сведоштва што го потврдуваат постоењето на богот Македон. Најстар зачуван запис каде што е забележано името на богот Македон се среќава во еден фрагмент од изгубеното генеалогичко дело на Хесиод "Каталог на смртните жени". Велиме забележано, затоа што тој бог постоел многу порано пред Хесиод, а тој само го запишал неговото постоење. Според тој фрагмент, Македон, теонимот на Македонците, бил син на Зевс и Тија. За овој податок дознаваме од византискиот автор Константин ВИИ Порфирогенит (905 - 959). Во неговото дело "За Темите" стои вака: 2. Втора тема Македонија. - Земјата Македонија е наречена по Македон, синот на Зевс и Тија, ќерка на Девкалион, како што вели поетот Хесиод. Покрај ова, во истото дело се наведува:

"Таа откако затрудни му роди на Зевс громољубецот два сина, Магнет и борбениот коњаник Македон, кои се вдомиле во Пиерија и Олимп".

Според еден друг фрагмент од Хесиод, наспроти Тија, мајката на Македон, која била ќерка на Девкалион, се наведува дека и Хелен, родоначалникот на Хелените, бил син на Девкалион. Понатаму стои дека Хелен имал три сина: Дор, Ксут и Еол, предци на Дорците, Еолците и Јонците. Според тоа, ако Македон бил син на Тија (која била сестра на Хелен) тогаш не можел да биде потомок на Хелен, ниту на некој од неговите синови, на Еол или на Дор. Оттаму произлегува дека Македонците не биле ниту Хелени, ниту Дорци, ниту Еолци, туку биле посебен народ различен од Хелените.

Подоцна уште еден автор го забележал името на Македон како внук на Девкалион. Тоа бил Гај Јулиј Солин од ИИИ век, кој во својата "Збирка на знаменитости" наведува дека Македон бил внук на Девкалион и дека го променил името на Ематија, нарекувајќи ја според своето име Македонија.

..."Ематиј, кој прв ја променил врховната власт во Македонија, се смета за автохтон или затоа што трагите на неговото потекло со тек на времето биле потполно избришани или едноставно затоа што така стојат работите. Според него, добиеното име кај Македонците, Ематија, се затврднало. Но Македон внук на Девкалион од мајчина страна, кој едноставно заедно со својата жена ја избегнал општата пропаст, го променил тој назив и ја нарекол земјата според своето име Македонија. Македон бил наследен од Каран"...

Ако според ова родословие за Македон (забележено од Хесиод, а повторено од Солин) се запрашаме во кое митолошко време се појавиле Македонците како народ, тогаш произлегува дека тоа е времето по Потопот што го преживеале Девкалион и Пира, чија ќерка била Тија, мајката на Македон. Овој период за постанокот на народите, па и на древниот македонски народ, се совпаѓа со времето за настанувањето на народите што Шелинг во "Филозофијата на митологијата" го определува по Потопот. Според Стариот завет тој преод од монотеизам кон политеизам се доживува како општа пропаст во вид на Потоп.

ГРЧКО ТОЛКУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ БОЖЕСТВА

Наспроти Хесиод и другите автори, според кои Македон бил син на Зевс и Тија, односно внук на Девкалион, кај древномакедонскиот историчар Марсија од Пела (околу 307 год. пред н.е.) се наведува дека таткото на Македон бил Дион, а мајка му се викала Ајтрија, односно Ајтија. Марсија од Пела напишал посебна Историја за Македонија (Македоника) во десет книги, од кои првите четири се однесувале на македонската митологија. Првата книга на ова дело, кое, за жал, не е зачувано, претставува основа за три схолии во кои стои дека Македон е син на: 1) Дион и Ајтија, 2) на Диос и на Ајтија и 3) на Диос и на Ајтрија. Од овие три схолии се гледа како имињата на македонските божества Дион и Ајтрија се промениле во божества со грчки имиња (Диос, односно Зевс и Тија), па според тоа преданието за Зевс и Тија не може да претставува ништо друго освен едно грчко толкување на македонските божества. Имено, во грчката митологија Дион и Ајтрија не се посведочени. Зборот "ајтрија" на грчки значи воздух, ведро време. Меѓутоа, зачувана е и една македонска глоса (абраиа) = грчки аиориа (ајтрија) со значење светло, јасно небо што покажува дека станува збор за грчки превод на името на македонската божица на светлината Ајтрија.

Од Марсија од Пела исто така постои податок дека Орестија, според Македон била наречена Макета. Овој податок го наведува Константин ВИИ Порфирогенит, во делото "За Темите":

"Дел од Македонија се нарекува Макета, како што вели Марсија во првата книга Македоникон: а и Орестија по Македон ја нарекуваат Макета".

Едно друго родословие за Македон кое од корен се разликува од Хесиодовото, доаѓа до нас од Хеланик В в. пред. н.е. од Лезбос.

Според ова родословие Македон бил син на Еол. Тој фрагмент, зачуван од првата книга "Светковини во Аргос" од Хеланик, доаѓа до нас преку делото "За Темите" од Константин ВИИ Порфирогенит:

"Другите, пак, сметаат дека Македонија е наречена според Македон, синот на Еол, како што вели Хеланик во првата книга "Светковини во Аргос". Од Македон (синот) на Еол, по кого сега се нарекуваат Македонци, кои тогаш живееле сами меѓу Мизите.".

Исто така и Евстатиј во схолиите за делото на Дионисиј Периегет забележал дека Македон бил син на Еол.

Според овие двајца автори (Хеланик и Евстатиј), Македон се прикажува како син на Еол со јасна цел: затоа што македонските владетели не биле Хелени, како што тоа го истакнува и проф. В. Бешевлиев, се барала врската со Хелен (Еол бил син на Хелен) за да може потоа оттаму да се извлекува грчко потекло на македонските владетели. Според тоа, тие владетели можеле да бидат Еолиди само доколку влечеле корен од Еол. Примерот на македонскиот крал Александар И Филхелен, кој за да учествува на

Олимписките игри докажувал дека наводно водел потекло од Аргос од Пелопонез, бил добар повод за лажно прикажување на македонските владетели дека биле Еолиди, односно Хелени. "Хеланик бил тој кој го направил Македон син на Еол", вели проф. В. Бешевлиев, а потоа додава:

МАКЕДОН ВО КРЗНО ОД ВОЛК

Македон се спомнува и кај Псевдо Скимнос. Тој забележал дека Македон бил староседелец кој кралувал над македонската земја.

"Над Темпе се наоѓа македонската земја, распространета покрај Олимп, над која, како што раскажуваат, кралувал земнородниот Македон".

Страбон во својата "Географија", исто така забележал дека Македон по потекло бил староседелец, односно еден од старите владетели. Кај Страбон стои: "Сегашна Македонија едно време се нарекувала Ематија. Името го добила од Македон, еден од своите стари владетели. Исто така, постоел и град Ематија на море."

Македон го спомнува и Диодор од Сицилија. Тој во своето дело "Историска библиотека" забележал едно сосема поинакво родословие, според кое Македон бил син на Озирис и брат на Анубис.

"Тие (египетските свештеници) раскажуваат дека заедно со Озирис тргнале и неговите двајца синови Анубис и Македон, кои се одликувале со храброст. Двајцата биле облечени во најдобра воена облека од крзна на животни што сосема одговарала на нивната храброст и смелост. Анубис носел крзно од куче, а Македон преден дел од крзно на волк, па затоа Египќаните ги обожаваат овие животни.

"Но тој (Озирис) ги посетил и другите народи на Азија, па потоа преку Хелеспонт навлегол во Европа. Притоа во Тракија тој го убил кралот на варварите Ликург, кој им се спротивставувал на неговите одредби... Својот син Македон тој го поставил да владее како крал со земјата која според него го добила името Македонија".

ПРОДОЛЖУВА: Оти бил Македонец, на Александар Први не му дозволувале да се трка

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446.

August 19, 2014

Десетици факти дека древните Македонци не биле Хелени

Во обраќањето кон Александар, меѓу другото, тој вели: "Кога ќе се вратиш дали и Хелените ќе ги присилуваш на божествено почитување или ќе ги поштедуваш, а на Македонците ќе им ја наметнеш таа срамота. Или при изразувањето на почест ќе одредиш разлика за сите - така што Хелените и Македонците ќе ти искажуваат почест на човечки и хеленски начин, а само варварите на варварски начин". И на други места во Анабазата на Аријан името на Македонците посебно се нагласува. Македонците биле прикажувани одвоено од Хелените и кај Плутарх, кој исто така користел постари автори, современици на Александар Македонски.

Во делата на оние антички автори кои живееле и пишувале во времето на Филип II и Александар III Македонски, исто така, Македонците се одвојувале од Хелените.

Кај Теопомп Хиоски, на пример, во неговата "Philippika" се наведува дека хетајрите од Македонија биле варвари, а оние од Хелада - Хелени.


Од "Александровата анабаза" на Фл. Аријан, кој користел постари автори меѓу кои ги спомнува Птоломеј Лагов и Аристобул Аристобулов, современици на Александар Македонски, дознаваме дека и постарите автори ги издвојувале Македонците од Хелените. Токму Птоломеј, за Аријан бил изворот за битката на реката Ис каде Хелените, како Дариеви платеници, навалиле на Македонците, таму каде нивната фаланга била најмногу развлечена. Тука настанала жестока битка, бидејќи платениците настојувале Македонците да ги потиснат во реката и да ја спасат победата на Персијците кои бегале, а Македонците не сакале да заостанат пред видливите Александрови успеси, ниту да ја затемнат славата на фалангата... Притоа "и едните и другите ги опфати некое народно честољубие меѓу Хелени и Македонци".

На друго место кај Аријан стои дека "Тој (Дареј) кога стапил на кралскиот престол морал да војува и со Македонците и со Хелените".

ДРУГИ МАКЕДОНЦИ И ДРУГИ ХЕЛЕНИ

Во епизодата за бунтот на македонската војска пред реката Хифас во Индија, како што запишал Аријан, Којнос ќе се обрати кон Александар Македонски со следните зборови: "Сам, имено, знаеш колку наши Македонци и Хелени со тебе тргнаа, а колку останаа живи...". Потоа не исклучувајќи ги новите подвизи по враќањето дома, Којнос рекол: "Тебе ќе те следат други Македонци и други Хелени, млади наместо стари".

Кај Аријан, Македонците се издвојувале од Хелените и при кавгата меѓу Антипатер и Олимпијада: "Имено, тој сака првенство меѓу Македонци и Хелени". Потоа во истата книга, глава 15,4: ..."Тогаш Хелените и Македонците за првпат ги запознале имињата и носиите на тие народи".

Истото се потврдува и во книга IV, каде настанала поделба "за" и "против" желбата на Александар за проскинеза. Според зборовите на Анаксарх, Македонците (не Хелените) можеле да оддаваат божествени почести на Александар, затоа што ниту Дионис ниту Херакле се македонски богови. Првиот бил тебански, а вториот аргивски, т.е. и двата се хеленски богови.

Анаксарх вели: "Александар има повеќе право да биде почитуван како бог, отколку Дионис и Херакле, поради тоа што Дионис беше Тебанец, кој на Македонците ништо не им значи, а Херакле Аргеец, кој дотолку им значи што Александар - како Хераклид - припаѓа на неговиот род. Македонците, наспроти (Хелените), имаат поголеми права на својот крал да му оддаваат божествени почести. Против проскинезата се изјаснил олинтискиот филозоф Калистен.

СЛОЖНО ДА УДРАТ НА МАКЕДОНЦИТЕ

Во обраќањето кон Александар, меѓу другото, тој вели: "Кога ќе се вратиш дали и Хелените ќе ги присилуваш на божествено почитување или ќе ги поштедуваш, а на Македонците ќе им ја наметнеш таа срамота. Или при изразувањето на почест ќе одредиш разлика за сите - така што Хелените и Македонците ќе ти искажуваат почест на човечки и хеленски начин, а само варварите на варварски начин".

И на други места во Анабазата на Аријан името на Македонците посебно се нагласува.

Македонците биле прикажувани одвоено од Хелените и кај Плутарх, кој исто така користел постари автори, современици на Александар Македонски. Во животописот "Демостен", Плутарх вели: "Придружувајќи им се на пратениците од Атина, Демостен помагал на сите градови сложно да удрат на Македонците и заеднички да ги исфрлат од Хелада. Филарх, навел дека во Аркадиј дури и во народното Собрание дошло до заемно навредување меѓу Питеј и Демостен кога едниот ги застапувал Македонците, а другиот Хелените".

ПОБЕДАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ НАД ХЕЛЕНИТЕ

Во животописот на Александар од Плутарх, според овој автор Александар им се обратил на Ксенодох Кардиецот и Артемиј Колофоњанинот со зборовите: "Зарем не ви се чини дека Хелените меѓу Македонците се шетаат како полубогови меѓу ѕверови?"

Кај Диодор Сицилиски, во неговото дело "Историска библиотека", книга XVIII, меѓу другото, се наведува дека "коњаницата ја сочинувале илјада и осумстотини Македонци и шестотини од Хелада". Од книга XVIII, дознаваме за победата што Македонците ја извојувале над Хелените предводени од војсководецот Питон. По победата, откако им било наредено да го положат оружјето Хелените се измешале со Македонците... Понатаму се кажува дека "Македонците го прекршиле договорот со Хелените, ненадејно ги нападнале и ги погубиле".

Нехеленскиот карактер на Македонците многу јасно се нагласува и во книгата XVII, 100, 101 каде се раскажува за двобојот меѓу Македонецот Кораг и Атињанинот Диоксип. На договорениот ден повеќе од десетина илјади луѓе се собрале да ја следат борбата... Македонците, а со нив и кралот Александар навивале за Кораг, а Хелените за Диоксип... По поразот на Кораг "кралот го распуштил собирот и се повлекол незадоволен од македончевиот пораз, а Диоскип по победата се здобил со слава за сите Хелени".

Македонците се одделуваат од Хелените и на други места кај Диодор.

Кај Полибиј, кој го пренесува владеењето на последните македонски кралеви стои дека за Хелените македонското владеење било ропство. Во својата "Истории", книга IV, Полибиј го пренесува говорот на етолскиот пратеник против Филип В, одржан пред Спартанците: "Уверен сум Лакедајмонци дека никој не се осмелува да одрече дека власта од Македонците не значи ропство за Хелените". Инаку, и самиот Полибиј, Македонците не ги смета за Хелени. Тој јасно ги одделува едните од другите на повеќе места. Во книга XVIII, споредувајќи го римското и македонското вооружување, тој истакнува дека македонскиот боев ред во поранешните времиња на дело се докажал понадмоќен од другите формации во Азија и Хелада".

Во книга I, се наведува дека "сакал на сите да им ја објасни ситуацијата на Македонците и Хелените" во времето пред војната со Римјаните, односно "каква била тогашната ситуација во Хелада, во Македонија, а исто така и во Картагина...".

Полибиј ги одвојувал настаните во Македонија од оние во Хелада и Сирија. Истото го прави и на други места, на пример, во книга XXXCIII, итн.

Претходните податоци од античките автори покажуваат дека Македонците од стапувањето на историската сцена биле сметани за посебен народ, одделен од Хелените. Од претходните автори, исто така дознаваме дека по битката на Херонеја (338 г. пред н.е.) каде Хелените биле поразени од Македонците, предводени од Филип II, им била наметната македонската власт, која ја чувствувале како ропство, се до појавата на Римјаните, кога дошло само до смена на господарите. Тоа го потврдува и самиот Полибиј, кој во својата "Истории" запишал: Римјаните од Филип В ги презеле "оковите на Хелада, а со тоа дошло само до смена на господарите, а не и до ослободување на Хелените".

ПРОДОЛЖУВА: Земјата Македонија е наречена по Македон

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446.

August 14, 2014

Историски факти за древните Македонци

Александар Македонски се налутил оти Македонец изгубил двобој од атињанин.

Пред повеќе од десетина илјади луѓе кралот Александар навивал за Македонецот Кораг, а по поразот го распуштил собирот и се повлекол незадоволен.

Пишаната историја недвојбено укажува на тоа дека древните Македонци и Хелени биле различни народи. Овој познат факт е разгледуван и во книгата од Драги Арсов "Митологијата и постанокот на древниот македонски народ"...


Меѓу многуте историски факти за древните Македонци, и филозофските согледувања на историјата, ќе може да прочитате и интересни, а помалку познати сведоштва. Едно од нив е двобојот меѓу Македонецот Кораг и атињанинот Диоксип, кој го следел лично Александар Македонски, навивајќи за Кораг.

За овој двобој е запишано дека Александар се налутил бидејќи пред повеќе од десетина илјади луѓе, кои го следеле двобојот, Кораг загубил, а по поразот "кралот го распуштил собирот и се повлекол незадоволен од поразот на Македонецот, а Диоксип по победата се здобил со слава за сите Хелени".

Во книгата на Арсов, кој во минатото беше и пратеник во македонскиот Парламент, публицист и новинар во "Нова Македонија" и политички аналитичар, се поместени многу сведоштва за нехеленската припадност на Македонците и за нивниот постанок, сето тоа пропратено со извадоци од книгите на познатите антички историчари и автори како Диодор, Плутарх, Аријан, Теопомп Хиоски, Птоломеј Лагов, Аристобул Аристобулов...

Стручниот труд на Арсов е поднасловен "Едно толкување аналогно на Шелинговата филозофија на митологијата".

(Де.Т.) Извор: Вечер