Showing posts with label Македонскиот јазол. Show all posts
Showing posts with label Македонскиот јазол. Show all posts

May 25, 2012

Македонскиот јазол 19

Англиската бариера ја „проголта" Македонија

Германската амбасада во Лондон го наведува доказот дека Македонија, и покрај неуспешното и со многу жртви проследено востание од 1903 година, остана доволно добар објект за да добие една улога во стратегиското поле на силите на Балканот - било тоа, најпрво, само како шаховска фигура на англиската „глобална" политика. Оваа функција на Македонија е тесно поврзана со интересите на Германскиот Рајх, кои почнувајќи од неговото основање се означуваат како исклучиво стопански - дури и кога се работеше за големиот проект на багдадската железница, чија изградба (со двотретинско германско учество) почна во 1903 година. Овде владата на Рајхот грубо ги прецени британските интереси и нивната чувствителност, оти Лондон ја посматраше трансанатолиската железница од една сосема поинаква перспектива.

Германската амбасада го цитира во еден извештај текстот на прилогот од 1906 година во кој беше тематизирана неопходноста на британската одбрана од „опасност од панисламистичките движења". И тоа „движењето... можело да нарасне во сериозна опасност за земјите со мухамеданско население, особено за Англија и за Франција, затоа што зад него стоела Германија".

Оваа процена беше предизвик за англиската политика на рамнотежа (секако, подобро: политика на сопствената рамнотежа) - можеби со цел еден ден таа да ја присвои за себе и багдадската железница, како претходно Суецкиот Канал, Кипар и другите стратегиски значајни објекти.

„Во услови на голема опасност од панисламистичкото движење би морало наскоро да се преземат мерки за борба против него. Ќе мора..., пред се, да биде прекината врската меѓу Берлин и Константинопол. Отаде, панисламот било прашањето за кое треба, заедно со другите, да се договорат со Германија. Мачно било да се тврди дека односите меѓу Германија и Англија биле добри се додека во Берлин не дошло до целосна промена во мислењата... „Се додека Англија не постави една бариера меѓу Германија и Турција, панисламизмот се повеќе ќе се шири и стремежот на Германија кон Исток ќе станува се поголема опасност. Вистинската опасност на багдадската железница лежела во тоа што, во практика, со неа би се воспоставила врската на Мала Азија со европските поседи на Германија".

Поимот „европски поседи на Германија" дејствува навистина, многу опскурно (можеби, сепак, намерата беше да се навредат Австријците?), од една страна - покрај намерата да се полемизира против Германија, главната задача на прилогот, очигледно, се состоеше во тоа, да се анализира тогашниот начин на мислење на колонијалната сила Англија, како и да се даде лајтмотивот за идниот начин на постапување на Велика Британија во однос на Германија.

На ова место, повторно влегува Македонија во англиска сметка: „Бариерата... треба да биде постигната со тоа што англиската влада ќе се одбие да постигне договор со трите дунавски држави, Србија, Романија и Бугарија. Обединувањето на државите меѓу себе, кои не посакуваат ништо друго освен можност за мирољубив развиток" (ова не е единственото лицемерство и залажување во долгиот прилог) „ќе биде постигнато кога на Србија, со Скутари, ќе и биде овозможен пристапот на Јадранот, на Бугарија, пристапот на Егејско Море, кон Кавала. Вилаетите Салоники и Манастир треба да станат една автономна покраина под меѓународна контрола".

Да се размисли! Најдоброинформираната светска сила Англија поаѓа, сосема разбирливо, од еден македонски Салоники, додека Грција од 1913 година, сака да го натера светот да верува дека Тесалоники „отсекогаш" бил грчки град.

И понатаму: „Грција треба повторно да го добие подрачјето во последната војна и освен тоа, не сметајќи го Крит" (се разбира, оти тој еден ден треба да стане англиски) „уште еден дел од крајбрежјето до висината на Крф". (Значи, албанска територија). „На Турција и останува сопственоста на Адрианопол и Константинопол и таа добива една извесна сума како отштета. Албанија треба да стане една одвоена државна творба под италијанска или меѓународна контрола. Ишкип (Скопје) ќе биде единствениот камен на сопнување, тој ќе мора да потпадне на Србија или на Македонија". Сигурно било „дека Англија може да постигне согласност со балканските држави, и со тоа, и решение за македонското прашање".

Извонредно интересно. Никој не ќе може да оспори дека ова беше еден трезвен и објективен поглед на тогашната реална состојба на Балканот. Во принцип, Англија со својата остроумна анализа го следеше истиот урнек, според кој и на сите други балкански држави им беше дозволена независноста. Соседите на Македонија таа реалност ја имаа претставено целосно извртено, само поради тоа што таа не одговараше на нивните сопствени амбиции со оглед на туѓата македонска територија. Затоа се покажа дека англискиот стратег ја имаше направено сметката без данскиот крал на Грција.

На денешните Македонци еднаш треба да им е повеќе од јасно колку блиску нивниот народ, во тоа време, беше стигнал до посакуваниот статус на автономија и, со тоа, до претскалилото до независноста. Значењето на оваа проблематика се состои во тоа, доовде се работи за размислувања на една од водечките големи сили на Европа. Следствено, и покрај пропуштената шанса на Берлинскиот конгрес и покрај неуспешното Илинденско востание, историјата, секогаш одново, ја држеше вратата кон слободата малку подотворена - се додека таа во 1944 година не беше отворена на половина и во 1991 година целосно.

Не треба воопшто да се потсетува на тоа дека Лондон, имено, не се раководеше од симпатии за Македонците или од некој (непостоен) стремеж за праведност и еднаквост.

Во исто време, не треба да се потцени далекосежното значењето на тој прилог. Во него беа изложени основните начела на англиската политика, кои во идните години станаа меродавни како водечки линии за практичното постапување во однос на Германскиот Рајх. Како главна цел на нејзините политички намери, Англија го следеше - уште тогаш! - затворањето на еден херметички обрач од сојузници околу Австрија и Германија. Тоа не е, во никој случај, некаква шпекулација: во тоа време (1906) беа изминати две години од основањето на Entente Cordiale и подготовките на Tripel Etente мора да оделе под полна пареа. Средбата од Ревал, потоа, ќе ја постави само уште заклучната точка. Овде беше веќе долгорочно конципирано да се додели лекција!

Незамисливо!

Ханс - Лотар Штепан (крај)

May 20, 2012

Македонскиот јазол 18

Предупредувачки зборови на кнезот Фердинанд

Релативната скудност на актите од овие години што се однесуваат на Австрија во врска со темата Балкански сојуз на ова место остава простор за приклучување на други хронолошки извештаи, кои авторот не ги презема од оригиналните томови на политичкиот архив, туку по Првата светска војна одбраните и објавените извештаи на повеќе од педесеттомниот зборник „Големата политика на европските кабинети“, чиј круг на теми (согласно на членот 231 од Версајскиот воен договор), природно, беше многу пошироко замислен отколку релативно прегледниот комплекс на Балканскиот сојуз. Иако, гледано од сегашната перспектива, доаѓа до израз дека едно подетално разгледување на актите за Балканскиот сојуз и за Балканските војни би било многу полезно за процената на прашањето за исклучителната вина на Германија за војната.

Цитираните извештаи се погодни да се заокружи досегашната слика: така, амбасадорот во Константинопол известува дека неговиот австриски колега му изјавил во еден доверлив разговор дека „усилбите на Македонците во врска со политичката автономија на Македонија“ добивале еден облик што е опасен за Портата“.

Нека ни биде дозволено, само патем, уште еднаш да укажеме на тоа дека австрискиот амбасадор не говорел за бугарските, за српските или за грчките Македонци, туку едноставно за Македонците - и тоа за оние што се стремеа за нивната политичка автономија. И покрај спротивните тврдења на денешните соседни држави, оваа „нормална“ ознака, своевремено, беше сосема разбирлива.

„Македонците“ ги образложуваа „своите барања во однос на Турција со членот 23 од Берлинскиот договор, според кој, Портата во нејзините европски покраини треба да воведе статути на самоуправа со помош на комисии што треба да се формираат од тамошното население.

Значајно е да се истакне колку блиску, уште еднаш, биле Македонците, а со нив и жителите на другите три турски покраини, до статусот на автономија, со кој, исто така, и тие други балкански држави своевремено ја имаа почнато скалата кон независноста. За волја на вистината, за успехот беа неопходни две неодминливи претпоставки.

1. Османлиското Царство ќе мораше да ги исполни ветувањата што ги имаше меѓународно писмено потврдено.

2. Големите сили ќе мораа постојано да бидат будни, да инсистираат на извршувањето и врз контролата на истото.

Настапија двете нешта. Што се однесува до повторното прекршување на договорот од Турција, многу често беше укажувано на оправдувањето со турско-исламското однесување. Напротив, пак, што се однесува до зачудувачката воздржаност на владите на големите сили, мора како објаснување да се повтори дека таа можеше да потекнува само од интервенцијата на кралските дворови. Од огорченост поради ваквото враќање во старата состојба, Македонците се гледаа себеси присилени повторно да размислуваат за други – насилни – патишта до автономија. Ова движење уште повеќе беше засилено откако се дозна за информацијата дека Англија, поддржана од Русија и од Франција, се заложила кај султанот во полза на малоазиските Ерменци.

Тоа, сигурно беше едно оправдано, разбирливо и добредојдено охрабрување за измачениот ерменски народ. Но, зошто не за Македонците!

По ова разочарување почнаа плановите што неколку години подоцна, во 1903 година, доведоа до Илинденското востание.

Извештајот содржи и други значајни аспекти, зашто таму се вели:

„Оваа македонска агитација ја наоѓа својата поддршка во Бугарија и во однос на таа состојба не можат ништо да сменат предупредувачките зборови на кнезот Фердинанд“.

„Предупредувачките зборови на кнезот“ ги објаснува една фуснота: „На 22 април (1895) кнезот Фердинанд даде негативен одговор на писмото што му беше предадено од една македонска делегација, со што ја осуди агитацијата на бугарско-македонските комитети“.

Со други зборови, кај бугарскиот кнез се беше појавила една македонска делегација, значи не некоја каква било делегација „од“ Македонија. Во овој труд е веќе образложено со многубројни изјави и објаснувања зошто бугарскиот поглавар на државата го одби нејзиното барање. Тоа дека Фердинанд ја осудувал агитацијата „на бугарско-македонските комитети“ беше нешто што не можеше да се очекува, поради тоа што нему му беше познато дека комитетите (и тоа, исто така, и бугарскиот!!) се заложуваа за македонската автономија, а не за бугарската експанзија. Тогашното бугарско водство се обидуваше, како и денешното, македонските комитети да ги преземе политички и етнички поради нивното географско седиште во Софија. (Истата стратегија, на подол начин, беше применета и при Илинденското востание: во Крушево беа истакнати бугарски знамиња и се пееја бугарски песни за на тој начин да се префункционира македонското востание во бугарско. Не без успех, зашто европскиот печат неколкупати падна во ваквите маневри на прелага).

Во извештајот понатаму се вели: „Стотици илјади луѓе од бугарскиот род живеат постојано во Македонија и околу 50.000 Македонци во Бугарија“.

Независно од споменатите бројки, треба да се истакне саморазбирливоста со која претставникот на Австрија, значи на онаа земја што долги векови беше не само непријател туку и сосед на Османлиското Царство, та во тоа време таа можеше да се информира од прва рака за состојбите во Турција, фино и прецизно се разликуваше меѓу Македонија и Бугарија, следствено, меѓу Македонците и Бугарите како различни земји и народности.

Интересно е тоа што од текстот станува јасно дека бугарското население – различно од неговата влада гладна за власт - чувствуваше многу јасни симпатии за македонското движење за автономија и тоа го изразуваше со заеднички активности.

Завршната забелешка на австрискиот амбасадор („разбирливо е дека со оглед на овие состојби - што значи на македонската агитација - отоманските чиновници во Македонија не се однесуваат внимателно со политички несигурното население“)уште еднаш фрла светлина врз тогашните понижувачки состојби во Турција.

Тешко на оној што се повикуваше на меѓународно гарантираните права!

Ханс - Лотар Штепан

May 15, 2012

Македонскиот јазол 17

Грција и Турција се коцкаат за Балканскиот сојуз

По 1908 година идејата за Балканскиот сојуз преку нападот на Младотурците откри нова варијанта - повторно да се воведе во игра Турција како член на овој сојуз. Бидејќи Атина ја сигнализираше својата подготвеност, од веќе познати причини ваков сојуз можеше да дејствува само како објект за демонстрација. Во оваа смисла пратеникот Рипенхаузен напиша:

„Речиси секој Елин на своите гради носи помалку или повеќе скриена сегрчка мисла и во сегашна Грција препознава само недовршен труп. Притоа секое отворено или затскриено растење на моќта на Бугарија во Македонија се вкрстува со улицата на нејзините надежи за иднината. Затоа Бугарија во нејзините очи е исконски непријател; затоа Турција мора да се чува се додека таа ја ограничува моќта на Бугарија. Бидејќи онаму каде штоТурчинот владее, таму се уште има надеж за Грција, а онаму каде штоБугаринот стапнал, нема никаква. Во оваа ситуација Грција е премногу свесна за словенската жилавост, за високите бугарски борбени доблести. „Оттаму може да се претпостави дека „и покрај сите меѓусебно дадени гаранции“, „националните страсти повторно во Македонија би се судриле во меѓусебен конфликт“.

Во друг временски тек Турците очигледно направиле една реална анализа, бидејќи турскиот претставник во Атина на крајот на 1909 година му призна на својот германски колега дека султанот и Високата порта „при веста за некаков Балкански сојуз многу се вознемириле“. Задоцнета реакција! Дури и да се покажале како невистинити 30-годишните гласини, најави и закани (и дека и овојпат информациите биле лажни), сепак Турците имале доволно време и искуство да се приспособат. Тие дополнително се исплашија и од повторно распламтените востанија на Албанците (кои при нападот намладотурците играа одлучувачка ролја). Во склоп на ова ќе биде наведена една статија на „Тајмс“, која известува околу тоа дека пролетта 1910 год. албанскиот револт беше задушен од Турците со безмилосна грубост, а потоа тоа продолжи на тој начин што тие и во Македонија, иако таму немаше никакво востание, спроведоа општо разоружување на населението со истите методи што ги применија во Албанија.

Да се вратиме на Балканскиот сојуз.

Грчкиот министер за надворешни работи Мавромихали (најверојатно наследник на членот на првата провизорна влада по востанието во 1821 год.) упорно се трудеше да го смири турскиот пратеник. „Грчката антипатија кон Бугарите (е) премногу силна..., за воопшто да дојде предвид сојуз со таа земја.“

Токму до ваков сојуз дојде една и пол година подоцна!

Во секој случај, министерот му соопшти на пратеникот Наби Беј дека меѓу Србија и Бугарија веќе се „разграничени заемните сфери на интереси во Македонија“. Сепак, баронот Фон Вангенхајм во својот извештај изразисомнеж:

„Не можам сосема да го споделам верувањето на Наби Беј во искреноста на Мавромихали. Тоа поради интересот на Грција, со предупредување од Бугарите, да ја насочи Турција кон зближување со Грција и кон концесија во однос на Крит.“

На крајот уште еден цитат од Министерството за надворешни работи. Заменикот на државниот секретар, баронот Фон Ротенхан, во своитебелешки запишал дека австриското Министерство за надворешни работи„сериозно опоменало да се спречат сите тајни заговори во Македонија. Во спротивно, Европа не ќе може да се погрижи за можното турско ѕверско однесување.“

Оваа белешка дава карактеристично светло како на грчкото сеење омраза во Македонија, кое велесилите го сметаа за илегално, така и на вообичаеното турско ѕверско дивеење при казнувањата.

Угледот на Турците се формира низ долгите столетија полни со најлоши искуства за потчинетото христијанско население: вистината за турскиот режим во никој случај не беше поднослива и толерантна, како што тоа денес милуваат да го претстават некои смирувачки застапници на интересите

Ханс -Лотар Штепан

May 10, 2012

Македонскиот јазол 16

Загадочно однесување на велесилите

Како што се дознава од еден разговор во јуни 1908 година меѓу дипломатот во Атина, господинот Фон Арко, и грчкиот крал, во Равел се одржала англиско-руска средба во присуство на придружба невообичаена за наводно приватна посета, имено во присуство на меродавни генерали, адмирали и министри од обете страни.

Кон оваа средба Едвард патуваше со царот иако британските парламентарци за Николај Втори зборуваа како за „одвратен убиец“ и „крволочно чудовиште“, можеби уште една последица од ужасната крвава недела во Санкт Петербург во јуни 1905 година (која, според Паул Зете, не ќе ја имало ако зависело од самиот цар) или на инцидентот Доџер-банк, кога руската флота на пат за Јапонија потопила неколку беспомошни англиски рибарски бродови или на ригорозната, во Англија остро критикувана политика на русифицирање во Летонија.

Бидејќи англискиот крал и покрај тоа отпатува, за англиските интереси морало да има уште некое поголемо чудовиште!!

Од оваа средба грчкиот крал даде една невообичаена информација:

„Тој се уште не знаел што точно било договорено во Ревал за Македонија. Тој само чул дека обата владетели се согласиле“.

Еден момент - полека! Прво вдишете длабоко и издишете...!

Уште еднаш да се потсетиме дека англискиот крал Едвард Седми беше сопруг на данската принцеза Александра, сестрата на грчкиот крал, а со тоа Георг му беше шура; и тоа дека рускиот цар беше син на другата сестра на кралот Георг, данската принцеза Дагмар, а со тоа тој беше и внук на Георг. И доколку се уште има сомнеж за исклучително династички условените решенија за иднината на Македонија, како дообјаснување ќе се цитира забелешката на грчкиот крал дека на руско-англиската средба во Ревал „беше присутна и кралицата на Грција“, значи Олга, сопругата на Георг, руската велика кнегиња, сопруга на шурата на англискиот крал Едвард и братучетка на таткото на цар Николај - но, пред се мајка на потенцијалниот генерал-гувернер на Македонија, принцот Георг!

При средбата во Ревал се работеше значи за историски клучна сцена за судбината на Македонија, која за неколку години ќе биде распарчена.

Тука, само тука, старата доктрина може темелно да ја измени денешната состојба на Балканот во однос на опстојување на Османлиското Царство на европска почва и при начелното утврдување на Турција на Златниот рог - може неговото владеење да го претвори во најминимална трошка. (Значи токму во формата што итриот српски крал Милан ја предвиде уште пред многу години).

И тука исто така се наоѓа причината за загадочното однесување на велесилите за време на следната фаза, која води до создавање Балканскиот сојуз, како и до избувнување на Балканските војни: при сите досегашни воени дејства против Турција, па дури и при помали расправии, фалангата на европските велесили интервенирала со зачудувачка сложеност, која и за денешните европски институции може да служи за пример, со цел да ја поддржи својата политичка философија - но за време на Балканските војни таа не мрднала ни со најмалиот прст!

Токму спротивното: тие ќе бидат движечка сила од заднината!

Конечно стратегијата на Георг роди плод. Неговото трпение со текот на годините прерасна во истрајност, неговата истрајност премина во тврдоглавост, а таа пак во опсесија. Тој што со сигурност доволно често дури и досадуваше, конечно при очекуваното остварување на империјалистичките планови за експанзија од неговите роднини во Санкт Петербург, Лондон и во Париз доби согласност да ги спроведе грчките територијални аспирации.

Грците би имале секаква причина на Георг да му изградат еден споменик - доколку досега не го направиле тоа.

Македонците можат грчкиот крал само да го проколнуваат - исто така како што Персијците некогаш го проколнувале Александар Велики.

Иронијата на историјата е безгранична, нејзините миленици таа ги издигна на височините на Олимп - нејзините жртви ги задушува.

И покрај тоа, со сета почит кон историјата, таа, сепак, не е потчинета на никаков автоматизам: политиката, а со тоа и историјата се дело на човекот. Оваа: на данскиот грчки крал Георг!

Со тоа се уште не е исцрпено сеопфатното обременето значење на средбата од Ревал. Тоа присилува на други повратни прашања:

дали е доволно убедливо дека двајца толку моќни мажи како рускиот цар и англискиот крал се сретнале на заливот во Ревал да не дискутираат за ништо друго туку за една земја како Македонија и нејзината поделба меѓу соседните држави - дури и ако притоа станува збор само за удоволување на еден роднина? Тоа би било апсурдно.

И не помалку роднински испреплетените Германци, на кои им беа замачакни очите со тоа дека средбата во Ревал и била посветена на програмата за реформи за Македонија, требало ли да наседнат на овој изговор на обата владетели? Смешно.

Вистината беше ужасна. (И не само за Македонија) .

Без оглед на добрите вести од Ревал, кралот Георг цврсто се држеше до неговата „патувачка дипломатија“. Тој ги знаеше бурите и расположението во политиката и кај неговите роднини - никогаш не се знае... Значи беше најавена постојна будност. На бугарскиот кнежевски трон Александар фон Батенберг мораше на непријатен начин да дознае дека и милите роднини не се трајна гаранција за непоколебливо пријателско расположение иако тој сепак беше внук на царот Александар Втори. На грчкиот крал не му беше потребен овој разочарувачки пример, сепак, Грција често се наоѓаше во осаменичка положба, доколку тој само помислеше на (јужен и северен) Епир, Тесалија и Крит. Со Македонија му одеше многу подобро. Токму ваков триумф тој повеќе не доживеа.

На 17 и 18.11.1908 година доаѓајќи од Копенхаген во Берлин Георг (повторно!) му беше гостин на кајзерот Вилхелм Втори, од каде што тој го продолжи своето патување кон Париз.

Кралицата Олга есента се уште престојуваше во Русија и откако Бугарија во почетокот на октомври во сенка на австриската анексија на Босна ја прогласи својата независност и така се осмели да се стави на исто рамниште со Грција (како и со Србија и Црна Гора) и се осмели и да се прокламира за кралство, таа побара итно забрзано враќање назад во Грција.

Германскиот амбасадор во Санкт Петербург, Фон Мигел, извести дека Олга својата „лутина за постапката на кнезот на Бугарија ја прикажала во најостра форма“.

Многу енергична драма.

Повеќе од злобата и зависта на Грците со оглед на изненадувачкиот напредок на новакот и конкурент Бугарија во натпреварот (или повеќе од борбата) за турската оставина на европска почва, Атина ја измачуваа разочарувањето и лутината поради пропуштената шанса и таа да може, во исто време како и Австрија и Бугарија, да ги постигне сопствените цели, т.е. да нападне врз Турците на Крит, а можеби и во Епир - па дури и во Солун.

Ханс -Лотар Штепан

May 5, 2012

Македонскиот јазол 15

Македонците како самостоен народ

Споменувањето на името Солун во оваа пригода има потреба од поткрепа: во последните осум-девет столетија Европејците се навикнале на грчките тврдења дека Солун од многу одамна и припаѓа на Грција. Но вистината е дека Солун пред 1913 година - а за тоа има и други сведоштва - никогаш не бил грчки. Дури и кога таму, како и на многу други крајбрежја долго време живееле грчки трговци, морнари и свештеници, а можеби и занаетчии и учители, градот меѓународно-правно и припаѓаше на Македонија. Виктор Мајер пишува: „Солун тогаш беше пред се словенско-турско-егејски град, но во никој случај грчки".

Три години подоцна, во 1886 година, се чинеше дека тронот на грчкиот крал е разнишан. Неколку недели откако бугарските револуционери го спроведоа обединувањето на источна Румелија со кнежеството Бугарија, „сето грчко крајбрежје... беше блокирано од здружените флоти на сите европски велесили", за да се спречат Грците поради Крит да предизвикаат нова војна против Турција. Бизмарк го извести претставништвото во Санкт Петербург за разговор со грофот Шувалов, рускиот амбасадор во Берлин. Клучниот пасус вели: „Ако силите не интервенираат во Грција во полза на мирот и династијата, ќе биде многу веројатно дека потоа династијата ќе побегне од земјата, а следствено на тоа ќе се прокламира и една елинска република, која не може а да не вшприца отров, како во Македонија така и во радикализираните бугарски и српски племиња..."

Според ова, Бизмарк сосема се загрижи за Грција и се залагаше за одржување на државата. Навистина Грците, вклучувајќи го и нивниот кралски двор, не му беа баш по ќеф, но уште понесимпатично му беше да види републиканци на Акропол. Понатаму, за Бизмарк беше сосема разбирливо, освен Србија и Бугарија, истозначно да ја спомене и Македонија - а како сосед на Грција дури да ја стави на прво место. Оттаму, Бизмарк ги гледа Македонците како самостоен народ. Но, како убеден монархист тој, во согласност со духот на времето, македонскиот народ го смета - најпрво како народ без држава - исто така безобѕирно како маса што му стои на располагање, како што го правеле тоа и алчните соседи.

Од Бизмарк воопшто не се очекуваше симпатија за слобода, независност или право на самоопределба - дури во нејзината во тоа време само рудиментирана форма - или дури за активностите на комитаџиите, т.е. на револуционерите, кои ги нарушуваа редот и мирот, до толку помалку откако тој и во веќе споменатото изјаснување повторно ја застапува познатата линија на кајзерот дека „Германија воопшто не е директно заинтересирана". Што се однесува до неговиот кајзер, тоа подоцна значително ќе се промени.

Не може да им се оспори консеквентноста на грчките експанзионистички планови. Нивното планирање е навистина на долги патеки.

Откако беа конкретизирани грчките територијални придобивки во Тесалија и во еден дел на јужен Епир, без оглед на приемот на грчката делегација во Берлин, вниманието на Грција се сврте кон следниот објект на нејзиниот глад. Следствено на тоа во Атина почна да се дискутира во врска со прашањето за користа од стапувањето на Грција во еден можен Балкански сојуз.

Како што во 1886 година известил пратеникот гроф Лајден, така атинските весници забележале: „Со извесно задоволство дека почнала да се зацврстува увереноста во самостоен политички развој на балканските држави". Што се однесувало до евентуалното грчко пристапување, „од Грција, која го застапувала елинизмот, не би можело да се побара врз основа на нејзиниот денешен посед да се впушти во одговорности условени со договор".

Весникот „Акрополис" додаде уште нешто: „Грција во еден Балкански сојуз би можела да биде застапена на начин соодветен на нејзината национална чест само тогаш кога островот Крит, Епир и Македонија би се соединувале со својата земја - мајка".

Тука, значи, се појави името! Она на што не се осмели владата, т.е. она што таа не беше лекомислена да го изјави, печатот можеше да си го дозволи. Во секој случај, стои во весникот, значи никој не може да тврди дека оваа експанзионистичка мегаломанија во смисла на Megali Idea не била веќе позната.

Уште тогаш весникот покажа дрскост да напише за „соединување" на (албанскиот северен) Епир и на (македонската) Македонија со грчката земја-мајка. Сепак, во 1886 година тој и не предвиде дека еден ден Грција ќе посегне и по источна Тракија и по азиското копно, по Анатолија - иако таму, за разлика од Македонија, уште многу пред појавувањето на османлиските Турци - Татари и дури и во предвизантиско време живееле Грци, така што аспирациите таму сигурно би можеле да бидат оправдани.

Што се однесува до бројот на Грците што живеат во Македонија - и овој податок како тогаш, така и денес се смета за фундаментален критериум - неколку години подоцна Грците претрпеа значителен удар во форма на реалистично разоткривање. При една сосема редовна посета во Виена кралот Георг не поведе разговор само со царот Франц Јозеф, туку уште еднаш и со министерот за надворешни работи грофот Калноки. Амбасадорот принцот Ројс, слушнал од грофот дека тој кај кралот не забележал ни трага од „далекосежните големогрчки идеи", Георг не го спомнал ниту Крит.

„Неговите желби, пред се, се однесуваат на црковните состојби во Македонија, каде што грчкиот елемент не е толку застапен, а турската власт ги поттикнува бугарските интервенции. Конечно, Неговото величество му призна на министерот дека во Македонија имало само многу малку Грци".

Неочекувано признание на грчкиот крал.

Од добрата информираност на грофот Калноски следува - поинаку отколку што се стравуваше со перманентно повторуваните тврдења за постојните етнички и историски права на Грција или на други балкански кралства на Македонија во тоа време (дванаесет години по Берлинскиот конгрес) очигледно сепак не ги зашеметил Големите сили, па тие (во овој случај) не наседнале на грчките прекројувања на историјата.

Од друга страна, пак, овој случај одново дава шанса да се укаже на тврдоглавоста многу повеќе на првобитноста - на кралот посебно, а и на Грците општо, во нивниот стремеж кон голема моќ. Георг и овојпат не се збуни. Точно една година подоцна тој повторно се појави во Виена. А што извести принцот Ројс за неговите најавувања кај австрискиот министер за надворешни работи?

„Тој... досега никогаш не го слушнал кралот толку разумно и смирено да говори. Со моменталната ситуација на Крит тој не бил незадоволен и бил радосен што изгледа дека таму ќе дојде до смирување на состојбата. Неговата главна болка била Македонија, каде што грчкиот елемент се повеќе бил потиснуван од бугарскиот".

Истрајноста се исплати.

Само шест недели подоцна кралот го привлече вниманието со еден многу значаен гест, кој беше во тесна врска со следната етапа цел на Грција. На прославата на полнолетството - и на традиционалната воена заклетва - на престолонаследникот Константин во декември 1886 година.

„Кралот за време на дворскиот ручек, кој се одржа во чест на пристигнати делегации... од странство, упати многу важен поздрав до Крит, Епир и до Македонија".

Зад оваа пропаганда се криеше системот.

Ханс -Лотар Штепан

May 3, 2012

Македонскиот јазол 14

Бугарски извештај со неоспорни докази

Еден извештај во декември 1909 година беше повод царскиот дипломатски пратеник во Србија да му испрати на Министерството за надворешни работи текст со инструкција, „кој бугарската влада во 1900 година му го испрати на својот тогашен претставник во Белград во врска со поделбата на сфери на влијание во Македонија, предложена од Србија и“, како што пишува понатаму господин Фон Рајхенау, „од кој една копија ми беше достапна во тоа време“.

Со оваа инструкција пратеникот спасил еден толку фундаментален документ за аналите на Република Македонија, што се чини оправдано поопширно да се цитира соодветниот дел од извештајот - до толку повеќе што ова е еден од ретките случаи во сите испитани документи, во кои македонскиот народ не е претставен само како жртва на агресивните соседи, како што било вообичаено, туку и како предмет на трговија.

Во документот на бугарската влада до нејзиниот претставник во Белград се вели: „Имаме неоспорни докази, а и случувањата во последниве години јасно покажаа дека големото мнозинство христијанско население во Македонија секоја поделба на сфери на влијание ја сфаќа многу непријателски. Нивната желба оди дотаму да им се гарантираат личната безбедност и правото на сопственост и да им биде дадена слобода мирно и мирољубиво да се развиваат и да ги уживаат сите права на рамноправни отомански државјани според меѓународните договори и законите на Отоманското Царство. Секаков обид за каква било поделба кај македонското население би предизвикал огромно незадоволство и во оваа братска земја би причинил еден таков раздор и неединство, што би можело да изврши многу штетно влијание не само врз тамошното население туку и врз мирот и редот како во Бугарија, така и во Србија. Кога пред неколку години, првпат беше отворено прашањето на 'сфери на влијание', од населението во Македонија кон нас беа упатени најжестоки протести по однос на ова прашање. Населението со сите сили се бореше против една ваква поделба и се изјасни дека никогаш не сака да се стави ниту под старателство на Бугарија, ниту пак под она на Србија. Идејата за сепарација и самостоен развиток за кратко време стана толку популарна, што во многуте места во Македонија почна да се оспорува постоењето на какво било племенско сродство или други врски меѓу тамошното население и оние од другите балкански држави“.

Во принцип, доволно е да се остави да дејствува севкупниот впечаток на документот, за да се сфати трагиката на историјата, чија тогашна констелација го дозволила тоа, македонскиот народ да прерасне во објект на алчноста за моќ на неговите христијански соседи, иако исто како и другите балкански народи можеше да биде ослободен од турската превласт.

Требаше да поминат 78 години од распарчувањето на Македонија, за кон крајот на 20 век да дојде поволниот судбоносен час во светската историја, кога Македонија повторно - барем делумно - можеше да исплива од историскиот заборав.

Бидејќи секоја реченица од овој текст има толкава моќ на соопштување и секоја говори за себе нема потреба секоја од нив одделно да се коментира на пример:

- противењето на Македонците на плановите за поделба и тенденција за национална самостојност беше јасно уште многу пред 1900 година, и тоа под името Македонија;

- обидите за делба би предизвикале огромни незадоволства и раздор во Македонија, така што тоа би извршило штетно влијание врз мирот и редот во Бугарија и во Србија;

- но, пред се, македонското население оспорува секакво племенско сродство со народите на другите балкански држави!

Документи за една „самоопределба“, која со ништо не се споредува.

Впрочем, паѓа в очи и тоа што во бугарската инструкција станува збор само за Срби и за Бугари. Фактот што и Грција би можела да се обиде да си ги припои словенските области, во 1900 година, за бугарската власт бил сосема незамислив.

Во меѓувреме некои придружни забелешки се покажаа сосема на место.

1. Иако на сите балкански жители им беше докажано и добропознато дека Македонците се самостоен народ, Бугарите, Србите и Грците не се двоумеа во Првата балканска војна да ги нападнат своите христијански браќа и да ги одведат од едно во друго ропство. Ова го имаме веќе со векови зацртано и испланирано. Уште полошо: дури и да му го припишеме тогашното однесување на „духот на времето“ иако за тоа, всушност, нема никакво оправдување, сепак во 1990-91 година не живееме повеќе во времето на империјализмот, туку во време на човекови и малцински права. Но и тука истите држави не се двоумеа - како да постапуваа и понатаму по правилото научено од Турција, со заведување и измама на европските „спријателени“ влади, како и на светската јавност да им создадат претстава дека Македонците противзаконски ги поседувале својата држава, своето државно име, како и својот државен симбол, па дури и својот јазик! И тоа не е се: дури и во 21 век истиве актери се до ден-денес (Србите до вчера) со истите тие невистини го чуваа целото семејство на народи во лажно верување, дека тие за своите условувања, рестрикции, барања и опструирања насочени кон Македонија имале навистина основани причини. Тие непречено стојат зад ова, без притоа нашиот „систем на држави да ги повика на пристојност и да се исправи оваа неправда“!

Ова создава разочарувачка сила за слабата способност на спроведување на вредностите на сите демократски сили на Западот и во Обединетите нации - особено во рамките на Европската Унија. Меѓународните институции имаат должност да му стават крај на ова самоволие.

2. Токму во вакви моменти, кога се кроела историјата, јасно се гледа трагиката на немоќноста на погодените - како историјата да не била создавана од дејствувачки ликови, туку како сама од себе да произведувала виновни и невини.

Сепак, историјата не тече според правото, законот и нормата, а за рамноправност воопшто не станува збор.

Но, таа не смее да се одвива ниту онака како што сакаат Бугарите, Грците и Албанците, односно таа да биде водена исклучиво од нивните сопствени национално-егоистични интереси.

Во овој случај силите на редот на светскиот систем мораат да го сопрат тркалото на „направената“, пред се, фалсификувана историја и да го насочат во корист на слабите и обесправените.

Ханс - Лотар Штепан

April 23, 2012

Македонскиот јазол 13

Конференција на словенските социјалдемократи

Комунистите на 20 век често заземаа објективен став кон националната засебност на Македонците. Ова размислување можеше да се забележи за време на граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, кога на Македонците во Северна Грција (така Атина ја нарекуваше Егејска Македонија од анексијата 1912/13 па се до 1985 година) им ветија автономија доколку им се придружат во граѓанската војна; таквиот однос продолжи и во модерно време. Дури и во времето на владеењето на премиерот Мицотакис, грчките комунисти не зедоа учество во ловот на вештерки на Владата и на Грчката православна црква против Република Македонија.

Еден извештај од Белград нуди можност да се фрли поглед на тогашните активности на, ако не комунистите, тогаш социјалдемократите:

На крајот на 1909 година во Белград се одржа конференција на делегатите на социјалдемократските партии од балканските држави. Дури и по составот на учесниците може да се согледа нешто необично што српската влада, имајќи ги предвид нејзините намери за анексија, никогаш не би го дозволила во оваа форма да се појави во официјална пригода: на листата испратена од претставништвото, покрај социјалдемократите од Србија (12 учесници), Бугарија (11 учесници), Хрватска (3 учесници), Босна, Херцеговина и Црна Гора (по еден учесник) се најдоа и имиња на четири учесници од Македонија.

Овие не можеле да бидат српски или бугарски Македонци, инаку би биле заедно со своите сонародници на листата, а уште помалку грчки, кои како несловени воопшто и не присуствувале, туку се работело за автохтони македонски социјалдемократи.

Тема околу која постојано се дискутираше во децениите помеѓу Берлинскиот конгрес и Балканските војни, поради тоа што ги засегаше политичките концепти на сите велесили и балкански држави, беше прашањето за статус кво на Балканот. Како што повеќе пати беше речено, големите сили во Берлин се одлучија, во недостиг од подобри алтернативи, а за жал на се уште неослободените европски христијански народи, за одржување статус кво што значи заостанување на Турција на европска почва. За владите на малите балкански држави овој поим стана предизвик за нивната вештина да ги внесат своите интереси во меѓународната партија покер, кои беа дијаметрално спротивни на овој концепт, бидејќи само со промена на статус кво можеа да се приближат до својата цел да добијат дополнителни територии. Во исто време не смееја отворено да го отфрлат овој концепт. Всушност, мораа со насмевка да ги прикријат своите планови.

Од оваа настаната перманентна игра на сплетки, која заврши дури кога по Балканските војни се испостави дека Русија и двете други членки на Антантата, во секогаш нови варијанти, не само што со години ги анимираа балканските држави кон еден Балкански сојуз, туку и зад кулисите правеа се за да го поткопаат овој статус кво, со исклучок на еден мал дел - источна Тракија и Константинопол. Во основа, статус кво воопшто не соодветствуваше со вековната руска политика за протерување на исламска Турција од Европа.

Зошто скршнувањето до основната руска цел: ослободување на христијанските и словенските народи од исламската полумесечина со голем напор, но и успех, се држеше во тајност?

Затоа што дотогашната руска цел беше заменета со нова, повисокорангирана цел на Антантата. Според неа, во принцип, на балканските држави не требаше повеќе да им се помага во освојувањето на турските поседи на европската почва. Намерата на силите на Антантата беше Турција колку што е можно поцврсто да се вгради во нивниот „глобален европски“ концепт.

Ова мораше да доведе до конфликт на интереси, бидејќи балканските држави можеби можеа да се вклопат во стратегијата на Антантата против (се уште) Тројниот сојуз, но не можеа да се натераат да се откажат од напад на Турција.

Да се вратиме кон Србија и кон статус кво.

Србите достигнаа завидно ниво на мајсторство во играта на сплетки. Амбасадата во Константинопол ја цитира следнава изјава на веќе споменатиот министер за надворешни работи Миловановиќ:

„За Србија одржувањето статус кво е подобро од која било друга состојба“.

Каква лага! Но, задачата на Миловановиќ беше да не го сврти прерано вниманието на западните велесили, поточно: западните сили што не беа членки на Антантата, значи Германија и Австрија, кон постепеното приближување кон Балканскиот сојуз и решението на македонското прашање. За таа цел печатот требаше да одигра важна улога во оваа претстава. Но, сепак, српскиот трговски весник „Трговински гласник“ ја нападна политиката на статус кво.

„Формалното задржување статус кво на Балканот не задоволува. Оти статус кво би им одел во прилог само на непријателите на Србија, кои, откако зграпчија за себе се што можеа, сакаа со оваа формула да си го обезбедат пленот“.

Со овој опис, весникот го откри трикот на Австрија, т.е. анектираната Босна да си ја осигури за себе под заштитата што ја нудеше политиката на статус кво.

„Опозициските весници“, продолжува пратеникот, „одат и понатаму“ српскиот крал, за разлика од „Кобурговецот“ (бугарскиот крал Фердинанд), нема политички обврски кон царот.

„Руско-австриските договори од Рајхштат и Бухалау, како и одговорот од Сан Стефано и Берлинскиот конгрес не ослободија од такви обврски. Вербата во Русија, која во Србија беше огромна, со кризата околу анексијата ја снема.

Всушност, клатното на руската милост постепено се придвижуваше од Бугарија во насока на Србија. И покрај руско-бугарското помилување во 1896 година, стануваше се поочигледно дека Русија, односно Антантата, многу потешко ќе ја сврти Бугарија во насока на „новиот“ Балкански сојуз (против Тројниот сојуз, наместо против Турција), отколку нивниот сосед Србија, која поради постојаните штети претрпени од Русија си „заработи“ во извесна мера руска благонаклоност.

Покрај тоа, постоеше и една не баш мала предност, која за руската стратегија Србија ја правеше многу поатрактивна од Бугарија: заедничката граница со Австро-Унгарија.

Во секој случај, калкулациите на Миловановиќ беа успешни.

Дека политичката клима станува благонаклона кон Србија и дека односите со Русија, кои долго време беа напнати, видно се подобрија, се покажа при една посета на српскиот крал Петар на Санкт Петербург од 22 до 26 март 1910 година. Дури и во колумната на рускиот весник „Новоје времја“ искрените пријателски и британски односи беа оценети по тоа што здравиците на софрата не беа изречени на француски, како што беше вообичаено, туку на руски и на српски. Но, кон другите се продолжи со заведувањето, и тоа недвосмислено во договор со Русите, та министерот за надворешни работи на Миловановиќ за гореспоменатиот весник идејата за Балканскиот сојуз ја опиша како убава утопија и наивен сон.

Ханс - Лотар Штепан

April 19, 2012

Македонскиот јазол 12

Белградски пратеник ја открива вистината

Министерството за надворешни работи во својот архив чува документ од 1904 година што е од исклучително значење за Македонија.

Во еден извештај упатен до германскиот канцелар и до министерот за надворешни работи (од 1897 год. грофот Фон Билов), пратеникот во Белград ја пренесува содржината на една статија, која извесен г. Балугџиќ ја објавил во еден берлински весник во 1886 година. Балугџиќ во тоа време беше одговорен за односите со јавноста на кнезот Петар (Караѓорѓевиќ), кој во тоа време живееше во егзил во Женева, и уште тогаш ја уживаше неговата доверба. Во 1904 година одлучил - можеби под влијание на Илинденското востание, задушено есента 1903 година - истата статија да ја објави и во својата родна земја, и во органот на Младите Срби, „Словенски југ“, списание на кое и самиот бил претплатен. Балугџиќ се уште бил одговорен за односи со јавноста, но сега на кралот Петар, и статијата ја даде да се објави неколку недели пред крунисувањето, кое беше извршено на 21.9.1904 година.

Во статијата „сите претензии кон Македонија се оценуваат како скршнување во погрешна насока“.

„Пред австриската окупација на Босна, никој во Србија не помислил на искажување претензии кон Македонија“, „...се додека Србија ги бараше своите брегови на Јадранско Море, немаше тврдење дека во Солун има српско население“. „Дури откако на Србите, со насилен акт на Берлинскиот конгрес, им беше одземено природното право, поради историјата и јазичните граници, да се прошират кон Јадранско Море, со вештачка агитација погледот на српската политика се сврте кон Македонија“.

Сензација!! Ова признание мора и денес да одѕвонува како откровение во македонските уши!

Уште две забелешки за дополнување:

1. Очигледно е колку Австрија, со своето долго планирано бесмислено посегнување по Босна, силно влијаеше и врз судбината на Македонија;

2. Балугџиќ и Младите Срби, очигледно под покровителство на самиот крал, се стремеа кон искрено помирување со Бугарите во полза на мирот на Балканот и јакнење на поединечно слабите сили за самоодбрана од напад од надвор. Колку овие стремежи беа искрени и умерени, се гледа од заклучната реченица на овој текст:

„Во моментот кога Србија ќе се откаже од неоснованите претензии кон Македонија, ќе биде тргната единствената пречка што стои на патот на вистинското збратимување со Бугарите“.

Покрај мошне отвореното признавање на вистината, се забележува дека српските рани од австриската окупација на Босна, дури и четврт век потоа, се уште не се залечени. Поради оваа нанесена болка, Австрија и Германија - ќе се соочат со трагични последици:

Како и Русите по Берлинскиот конгрес, така и Србите главната вина за лошата пресуда не им ја припишаа на Австријците и на Англичаните (кои го дадоа предлогот во полза на Австрија), туку на Германците: Русите, кои по 8. руско-турска војна, преполна со жртви, се почувствуваа измамени за нивната заслужена награда; Србите затоа што Австријците - поддржани од Германскиот Рајх, пред нив влегоа во Босна. Српскиот бес спрема Австрија (и Германија) постојано се зголемуваше поради тоа што Србите веруваа во ветувањата на Виена, т. е. дека во скоро време ќе дојде до повлекување од Босна, верување, кое од година во година носеше разочарување.

Кога со подоцнежната анексија (1908) стана јасно дека Австрија си го прекрши зборот, Србија - поддржана од Русија, Франција и Англија - реагираше уште погневно. Овој гнев го зголемуваа и понатамошните шпекулации за, на пример, марш на Австрија кон Солун, па дури и кон Константинопол.

Воопшто не изненади што статијата на Балугџиќ предизвика жестока полемика во другиот српски печат. Еден опозициски весник ја нарече оваа идеја „предавство на татковината“. Вестите од Македонија - лансирани во вистинско време (?) - за „варварското однесување на бугарските комитски банди кон српските жители во Македонија“, не придонесоа за смирување на духовите во српскиот печат и во јавноста.

Кај „делот млади, европски образовани српски политичари“, пак, „желбата за формирање Балкански сојуз на трите словенски држави“ беше толку силна, „што за таа цел се спремни да ги жртвуваат националните надежи кон Стара Србија“. Но, затоа пак според пратеникот Фон Хејкинг, „овие млади луѓе ја негуваа илузијата дека Балканскиот сојуз ќе им послужи да ги протераат омразените Австријци од Босна“.

Оваа варијанта на очекувањата од Балканскиот сојуз во годините од неговиот развој во постанок во 1912 година сепак беше само епизода. Во секој случај, растежот на „српските аспирации за обединување со босанските племенски браќа кои страдаа под туѓа окупација“ во Виена беа опишани како „лошо расположение“.

„Нота бене“: под „туѓа окупација“ не се мислеше на Османлиското Царство туку на Хабзбуршкото Царство.

Како резиме мора да се заклучи дека обидот на Балугџиќ за објективен поглед набргу беше надвладеан од српските националистички интереси. Исто така, во поглед на темата и денешна Република Македонија, останува да се заклучи дека отпаѓа можноста Србија да е првостепен аспирант за македонската територија, бидејќи Србија немаше со што да ги оправда своите претензии. Нејзините постојани напори да ја освои и анектира македонската земја од Османлиското Царство - што 1912/13 година и појде од рака - оттаму не беа ништо друго туку насилни акти под империјалистичкиот урнек и не можат да се гледаат како „ослободување“ на „српските“ државјани и поседи во Македонија.

Ова се покажа и во историографијата: Јута де Јонг известува за напорите на историчарите во сите соседни земји да ги внесат своите наводно научно втемелени аргументи во борбата за Македонија и пишува дека „Карл Хрон уште во 1890 година на словенските жители на Македонија им додели посебна етничка ролја. Ова, две децении подоцна, е потврдено и од еден Србин, географот Јован Цвијиќ, со неговиот 'македословенски' компромис. И во помалку модерните претстави - на пример на Дакин, Овингс и особено на Фишер-Галати - не се негира постоењето на посебна македонска струја“. И како дополнување од нејзината фуснота бр. 34: „Една посебна интерпретација нуди... Ставрианос..., кој ги класификува жителите во централниот дел на македонската област, како 'посебен идентитет'“.

Отпорот на шовинистичките соседи против правото на постоење на Македонците сигурно го забележал и Хрон. Основано ја дава следната изјава, која Јута де Јонг ја цитира и која гласи: „...посебниот идентитет на Македонците, со понатамошното истражување, ќе станува се појасен“.

Ханс - Лотар Штепан (Време)

April 14, 2012

Македонскиот јазол 11

Игрите со Илинденското востание

Авторот можеше да се увери дека за неуспешното Илинденско востание од 1903 година, кое доведе до формирањето на Крушевската Република, е многу поопширно пишувано во списите на политичкиот архив - во стотиците томови за Турција - и тоа низ значително подолг период и на забележително поголем географски простор, отколку што можеше да се претпостави по кусите ознаки „Илинден“ (на 2 август) и „Крушево“. За разлика од тоа, во делот од списите на тема „Балкански сојуз“, за ова востание има само еден извештај:

Од весникот „Уставна Србија“, службениот орган на повеќето радикали, во кој е преземена една статија од листот „Застава“ од Нови Сад, претставништвото во Белград цитира пасуси за очајната ситуација во Македонија и итната потреба од еден балкански, или барем словенски сојуз. Известувачот ги посочува жртвите и сосема отворено ги обвинува соседните држави:

„Во Македонија и во стара Србија се уште горат многубројните запалени села, а илјадници жители пребегнаа во планините“.

Бугарија, најмногу го поттикнуваше востанието, но и ја стори најголемата грешка: сакаше се сама да стори, но сепак да не влезе во војна. Доколку претстојната зима не се искористи „за балканските држави да најдат заедничко разбирање, тогаш нема да има ослободување за Стара Србија и за Македонија...“

Доколку не успее создавањето на сојуз, овие држави ќе мора да се откажат од нивните стремежи, кои сами не се во состојба да ги спроведат, и кои уште повеќе им штетат на нивните браќа. Во името на „многуте илјади беспомошни лица...“, кои талкаа по тмурните и студени гори во Турција... „мораме да им порачаме на засегнатите: онака како што досега постапувавте, никој не ги ослободува своите браќа!“.

Начинот на кој новинарот го составил својот извештај, се чини дека е убеден во искрената спремност на соседите да им помогнат на своите христијански македонски браќа, и дека стоењето на страна го смета за погрешна политика, неуспех или во најдобар случај, за недоразбирање. Всушност, мора да му се чинело сосема логично оние народи, кои за ослободувањето од Турците беа помогнати од големите сили, сега треба да им помогнат на другите народи во нивното ослободување, штом – или поточно токму затоа што – Големите сили им откажаа поддршка.

Доколку во Македонија, како што постојано се тврдеше, навистина живееја Срби, Бугари и Грци, тогаш соседите би им помогнале на истиот начин како што Бугарите им помогнаа на своите бугарски сонародници во Источна Румелија, или пак Грците на своите грчки сонародници во Тесалија. Но, бидејќи всушност се работеше за „туѓ“ народ Македонците (кои поседуваа сопствен идентитет, се уште без своја држава) словенските братски народи се задоволија со тоа да ги поттикнат Македонците да го запалат огнот, и потоа да ги остават сами да се борат со него.

Има уште нешто, за што Едит Дурхам, искусен експерт за Балканот, известува:

„Се испостави дека несреќното население во востаничките места беше излажано да верува дека Русија, како и во 1877 година, ќе поита и ќе им помогне во нивното ослободување!“

Нескриеното обвинување на известувачот ја раѓа помислата дека зад односот на Бугарите и на Србите не се крие несмасност или неуспех, туку калкулација: десеткувањето на борбено способното македонско население им одеше во прилог на соседите, кои и онака имаа намера во блиска иднина самите да ја поробат проблематичната територија; а доколку имаа помалку борци кои би им се спротивставиле на напаѓачите во моментот, кога ќе ги препознаат како такви, а не онака како што лажно се претставувале со години, тогаш ова само им оди во полза на агресорите.

Ова не е обична шпекулација. Споменатата госпоѓа Дурхам во своите сеќавања пишува:

„Во Македонија го открив... интересниот факт дека ... христијанските балкански цркви ги држеа Турците на власт. Грците и Србите организираа банди на комитаџии и ги испраќаа во Македонија, не за да ги ослободат христијанските браќа - не, тоа најмалку го сакаа – туку да им помогнат на Турците во угнетувањето на христијанските браќа“.

На следната страница заклучува:

„Ова беше христијанството за кое тогаш се молеа во европските цркви“.

Тука треба да се разгледа уште еден аспект:

Во текстовите, отпечатени пет години по востанието, та затоа можат да се сметаат од истото време (по оваа фаза на рефлексија тие дури се најдоа и во лексикон за конзервација), се гледа дека по ненадејното избивање на македонското востание пролетта 1903 година, кое подоцна доведе до Илинденското востание (во август), Русија и Австрија (секоја поради своите специфични интереси), на соседите на Македонија им испратија предупредувања, за да се задржи мирот (!) да не се мешаат во Македонија, т.е. со други зборови (доколку воопшто имале таква намера), да не им помогнат на Македонците!

Ова е збунувачки – бидејќи нецели 10 години подоцна, во 1912 година, кога соседите Србија, Бугарија и Грција уште повеќе се вмешаа и не се задоволија само со пружање помош на востаниците, туку го прекршија ветениот мир и директно ја нападнаа Македонија, со цел да ја поробат, - немаше никакво предупредување од Големите сили сепак да се зачува овој мир.

Подоцна се испостави дека Русија и другите две членки на Антантата не само што детално биле запознаени со планот на Балканскиот сојуз, туку и самите го ставиле во движење.

Оттаму може да се заклучи дека мора да постоел договор меѓу Големите сили и агресорите во поглед на нивните планови за анексија. Така, пак, се доаѓа до заклучокот дека силите на Антантата намерно ја жртвувале Македонија на Србите, Бугарите и Грците. Зошто?

Ова не беше случајност, туку династичка поддршка од страна на велесилите во полза на балканските монархии, на прво место Грција - поради стратегијата на Антантата кон Двојниот сојуз.

Ханс -Лотар Штепан

April 11, 2012

Македонскиот јазол 10

Автономија или делба?

Новинарот Франклин Бујон од парискиот весник „Фигаро“ во октомври 1897 год. спроведе серија интервјуа со српски и со бугарски државници, кои беа отпечатени и во „Пестер Лојд“. Тоа беше 20 години по Берлинскиот конгрес - доволно време за да се дојде до јасна претстава за позициите. Во интервјуата се јавуваат два термина, кои во однос на Македонија, уште тогаш се сметале за мошне важни.

Мнозинството бугарски соговорници биле сконцентрирани кон мислата за автономија за Македонија. Србите, пак, тврдеа дека со ваков чекор би се одложило решавањето на прашањето за турските поседи во Европа, за на Бугарија да и се даде време за развој на стопанството и за подготвување. Белград ги обвини Бугарите дека, исто како што се случи со автономна Источна Румелија, очекуваат автономна Македонија еден ден да им падне в раце. Српскиот премиер Симиќ со следниве зборови го искажа својот впечаток за намерите на Бугарите: „Автономијата секојпат оди рака под рака со припојување“. Од друга страна, бесполезно било да се чека на исходот од реформите (кои на Османлиското Царство му беа наложени на сите конференции и во многу договори, но секојпат остануваа неспроведени), бидејќи овие поради „бавноста на Турција на Ориентот се неможни“, па би требало „уште денес да се согледа неопходноста од поделба“.

На ова Бугарите одговорија дека не може да склучат сојуз со Србија, со аргументите дека „Србите кон бугарска Македонија имаат претензии кои не можат да ги поткрепат“. Оттаму „е невозможно да се разграничат сферите на влијание“. „Делба... на нешто што, според правото, сметаме дека нам ни следува, не доаѓа предвид“.

Поранешниот српски премиер Новаковиќ можеше да си дозволи на „Фигаро“ да му го соопшти реалното признание: „Да ја говориме вистината, Бугарите, Србите и Грците, никој од нас не е подготвен да ја почне битката која ќе ја одреди судбината на Ориентот“.

Имајќи ги предвид чистата калкулација со моќ, која стоеше зад српските планови за поделба, дејствува речиси наивно – идеалистички кога човек го чита искрениот и претпазлив став на германскиот генерален конзул во Софија, кој го изјави тоа една цела година подоцна во врска со овој план:

„Српско-бугарскиот договор за разграничување на сферите на интересите во Македонија, кој во основа не е ништо друго туку очекувана поделба на оваа турска провинција, и кој не содржи ниту план за практично спроведување ниту пак за одржување на редот и мирот во дадената област, не може да очекува одобрение или поддршка од царската влада...

Како на Србите и на Бугарите (или пак на Грците) да им е до „одржување на редот и мирот“ во Македонија!

Сепак, заклучокот сосема точно и концизно го пренел ставот на Владата на Рајхот и особено кајзерот Вилхелм Втори.

Но: подоцна ќе се покаже дека и ваквите параметри, кои важат за непроменливи, некогаш се подложни на измени.

Колку многу продолжената австриска окупација на Босна влијаеше врз балканските односи, и дури и врз македонското прашање, се гледа од зборовите на поранешниот бугарски премиер Драган Занков (кој беше еден од одговорните за падот на првиот владетел на Бугарија десетина години порано, грофот Александар фон Батенберг): „Откако Австрија ги зазеде Босна и Херцеговина, две српски провинции, се трудеше оваа анексија да биде заборавена, со тоа што на властите во Белград им вети компензации на југ“.

А на југ беше Македонија.

Иако во текстот на Берлинскиот договор од 1878 година членот 25, уставно-правно стануваше збор за окупација, Занков всушност говореше за анексија како уште во 1897 година да насетувал каков епилог, околу 10 години подоцна (1908), ќе има авантуристичката политика на Австрија. Конкретно за Македонија, тој додаде: „Надвор од територијата на Косово, не постои српска Македонија од проста причина што во Македонија нема Срби“.

Со ова бугарскиот премиер сосема точно ја опишал ситуацијата. (Секако не додал дека истото се однесува и на Бугарија). За жал, овој настан во следните 100 години постојано е порекнуван и прикриван, и од Србите, и од Бугарите.

Со оглед на тоа што, конечно во 1913 година навистина дојде до поделба на Македонија, очигледно е дека уште додека траеле балканските искривоколчувања во врска со предметот на трговија со Македонија, од политичкиот пристап јасно се открила вистинската ситуација:

Доколку и едната и другата влада биле толку убедени дека местото на Македонија и е во склоп на нивната држава, тогаш не би прифатиле никакво тргување околу тоа со владата на соседот.

Бугарија никогаш не би побарала автономна Македонија – освен за да и се спротивстави на Србија (а подоцна и на Грција) – доколку навистина била убедена дека Македонија е бугарска. Следствено, Белград веднаш ги откри вистинските намери на Бугарите.

Уште понеконсекветна беше српската страна: доколку Македонија порано навистина била српска област, српските власти никогаш не би се согласиле на поделба.

Србите, и покрај нивната православна вера, се чини не се сосема запознаени со библијата, инаку, тие немаше толку непростливо да ја занемарат соломонската пресуда за поделба на детето, за конечно без секое сомнение да се открие вистинската мајка.

Но, тука се работеше за две грабливки што се бореа за што поголем дел од пленот, со кој немаа ништо заедничко.

Во неговиот придружен извештај пратеникот, в. Векер-Готер, во два случаи навлегува во детали: „Што се однесува до проектот за автономно уредување на Македонија, кое беше лансирано од бугарските власти, како што можам да забележам од изјавите на тукашните бугарски агенти, програмата се уште се составува, и на ова од српска страна, исто како и тогаш, се уште се гледа како на неизводлив и злонамерен експеримент. Само Новаковиќ, со нему својствен идеализам на воодушевен професор по историја и археолог, можеше да се загрее за овој тројански коњ, со кој во Македонија требаше да се прошверцува хегемонијата на бугарштината“.

Навистина, пратеникот не можеше попрецизно да ги опише односите.

Бившиот крал Милан поинаку гледаше на работите. Иако, помалку образован од професорот, кој ја намириса бугарската стапица и преку синот Александар ја одби оваа понуда: Нема да испрати „тројански коњ“ кон Скопје (ниту пак кон Солун ниту кон Охрид...)!

„Балкански сојуз“, како што секогаш бев убеден, е една Химера – сега уште поголема од порано – и доколку се создаде ќе значи избивање на војна помеѓу малите балкански држави“.

Колку само беше во право. За жал на Македонија.

Ханс -Лотар Штепан

April 9, 2012

Македонскиот јазол 9

Балканскиот Сојуз крие многу одговори

Балканскиот Сојуз денес е речиси заборавен. Оттаму и мотивите за неговото основање веќе не се толку познати. Неговите цели и последици во последната деценија, деценија со толку еминентно значење за Балканот, во размислувањето на европските и на меѓународните политички институции не се земени предвид на јасен и препознатлив начин. Тоа е жално, бидејќи со познавањето на овие односи, одлуките донесени во врска со Македонија во европските кабинети, комисијата на ЕУ и Генералното собрание на Обединетите нации би ги поставиле врз пообјективни основи и тоа нив би ги извлекло од затворениот круг од застапување интереси и полуинформации. Тогашните планови и однесувања на државите соседи на Македонија имаат огромна вредност во интерпретацијата на денешната политика кон Република Македонија по распаѓањето на Југославија, особено што последиците од Балканскиот Сојуз, во прва линија Балканските војни што резултираа од него во 1912 и 1913 година, како што веќе споменавме, на многу начини до денес се одразуваат врз целиот Балкан, а особено во Македонија.

Во актите можат да се сретнат и логични принципи за објаснување на резервите на соседните држави условени од интереси во однос на Република Македонија, која во 1991 година произлезе од рамките на СФРЈ.

Во секое стандардно дело од областа на историјата може да се прочита дека целта на Балканскиот Сојуз, склучен на 13.3.1912 година, беше „поделбата на Македонија". Херцфелд за тоа пишува: И покрај сите разлики, оваа група држави „беа водени од заедничката желба во блиска иднина да станат и да настапат како наследници на наследството на Турција и на Австро-Унгарија".

Ова мора навистина многу внимателно да се прочита за да се согледа сета содржина на оваа изјава, што навестува несреќа, во сиот нејзин обем: бидејќи како што и произлегува од текстот, балканските држави се надевале да настапат како наследници на „наследството на... Австро-Унгарија"!

Зарем овој воен поход (без него не би можеле да станат наследници) против тогашната велесила - Хабзбуршката двојна монархија, за која дури и другите европски велесили имаа респект, ако не и страв, сакале сами да го изведат. Со овој дополнителен аспект, Балканскиот Сојуз добива една друга димензија, која според неговото име и првичната цел, имено наследувањето на Турција, никој не би ја предвидел.

Дополнително објаснување дава „Винер зон -унд монтагсцајтунг" пет недели по избувнувањето на Првата балканска војна, кога од воен аспект исходот веќе беше решен: „Претходно" дискусиите одеа во насока дека „балканските држави се здружиле за да се одбранат од надворешната агресија" „но денес се чини... дека токму во балканските држави треба да се бара изворот на немирите низ цела Европа".

Во тоа време сите беа запознаени со Балканскиот Сојуз, па нормално најде место и во печатените дела: „Целта на Балканскиот Сојуз беше меѓусебна поделба на европскиот посед на Турција". И „...државите обединети во Балканскиот Сојуз, Црна Гора, Бугарија, Србија и Грција, и објавија војна на Турција со цел да ја поделат турска Македонија".

Оттаму енциклопедиите, за разлика од стручната литература од областа на историјата, пропуштиле една од клучните цели на Балканскиот Сојуз (Австро-Унгарија).

Основањето на Балканскиот Сојуз на крајот зависеше од многу параметри. Во одредени периоди овие многу брзо се менуваа, што за резултат дава целосно непрегледна слика од правци и струи.

На прво место се комплицираните меѓусебни односи на балканските држави, како и различните комбинации од тогашните пет балкански кнежества и кралства, кои беа потенцијални учесници во Балканскиот Сојуз. Во стадиумот на планирање односите постојано се менуваа и изненадувањата не беа ништо невообичаено, се спомнуваше дури и учеството на Турција, иако оваа имајќи ја предвид целта на Сојузот, не беше ништо друго освен фарса.

Обидот и Турција да се приклучи во фалангата на балканските држави за центрланоевропските сили го доби неговиот целосен заканувачки потенцијал дури по проширувањето на зацртаните цели на Балканскиот Сојуз, со посредство на стратегијата на силите на Антантата.

Потоа, однесувањето и интересите на големите сили кон нивните штитеници и противници, и тоа во постојано менливи групации, што подразбира и постојано менување на меѓусебните односи, некогаш непријателски, некогаш пријателски. Меѓу големите сили, Османлиското Царство ја играше главната улога, не поради тоа што се уште беше сметано и третирано како велесила, иако веќе одамна тоа не беше, туку затоа што беше објект на желбите на сите држави (со исклучок на Германија) по добивањето на поранешните европски поседи на Турција, т.е. со стратегиски исклучително важната точка на Златниот Рог на Константинопол.

Иако основањето на Балканскиот Сојуз со десетлетија се одложуваше, и покрај тоа што имаше јасна цел, во почетокот на 20 век дојде до негова нагла реализација. По 1904 и 1907 година, а особено по 1908 година, Балканскиот Сојуз беше инструментализиран врз основа на глобалните европски интереси на Антантата, пред се на Англија - насочен против Германскиот Рајх.

Со ова Балканскиот Сојуз ја добива етикетата во „историски".

На крај, и „духот на времето", во овој случај на империјализмот, ја одигра својата нескриена и несреќна, но очигледно и неизбежна улога. Токму поради последнава особина овој термин го доби и своето првенствено значење. Теодор Шидер го опишува империјализмот како „насилно експанзионистичко движење на европските сили".

Балканот можеби изгледа како споредна бина на ова светско движење, на која малите балкански држави - кои како да биле инфицирани од империјалистичкото движење на големите сили - како грабливки се свртеа кон последните беспомошни народи на Балканот, кои се уште беа под османлиско ропство, за да ја приграбат нивната територија (по пример, на нивните „идоли" во Африка, Азија и во Америка).

Би се очекувало целите и дејствувањето на новите, повторно создадени држави на Балканот, кои, исто како и Македонија, со столетија страдаа под турското ропство, да бидат насочени кон уживање на независноста, кон солидирање на нивните држави и можеби кон подобрување на добросостојбата на нивните народи. Но, на прво место во политиката на сите беше желбата за територијално ширење. Оттаму, очигледно е дека желбата за мир не била присутна во кабинетите на балканските држави. Само што зедоа здив по нивното ослободување, властите се ангажираа во врска со плановите за експанзија. Објекти на сонот за станување велесила беа последните турски области со христијанско население на европска почва - значи токму оние провинции што со промената на одредбите во прелиминарниот мировен договор, од Сан Стефано на Берлинскиот конгрес, и беа вратени на Турција. Овие беа, како што веќе рековме, Тракија, Епир, и како најголема Македонија, поради што често се нарекува pars pro toto.

Ханс -Лотар Штепан

April 4, 2012

Македонскиот јазол 8

Посебноста на јазикот

Ако македонскиот јазик е ист со бугарскиот, зошто Софија ја забрани и ги уништи сите примероци на книгата на Мисирков „За македонцките работи"? Оваа тактика стана секојдневна практика. Таа подоцна се прошири и беше особено насочена кон славниот македонски соосновач на ВМРО и коорганизатор на Илинденското востание, Гоце Делчев, на кого од бугарска страна му беше припишано дека во своите преписки се користел со бугарскиот јазик, па со самото тоа и тој бил Бугарин! Без да споменуваме дека во периодот на преминот меѓу 19 и 20 век се уште немаше кодифициран македонски литературен јазик - иако македонските студентски здруженија, и од странство (и од Бугарија), веќе бараа „потиснување на странските елементи" од македонскиот јазик, базирани врз наречјата од централна Македонија - неоснованоста на ова обвинување беше мошне впечатливо демонстрирана од македонскиот лингвист Мито Миовски на втората германско-македонска конференција во Јена, на крајот од ноември на 2001 година.

Словачкиот автор Јан Колар во 1830 година неговите дела ги пишувал на чешки јазик. Дали тоа значи, праша професор Миовски:

1. Дека Колар е Чех?

2. Дека воопшто не постоел словачки јазик?

Никој не би се осудил – ниту тогаш ниту денес – да дојде на ваква апсурдна идеја.

Но, со тогашната беспомошна Македонија човек можел се да си дозволи.

На сличен начин може да се побие и обвинувањето дека Гоце Делчев и самиот се пишувал како Бугарин, и тоа да стане фундаментален доказ против тврдењата на Бугарите. Изјаснувањето како Бугарин е разбирливо од тогашната ситуација, која Торстен Сцобрис ја цитира од делото „Remarks of the Macedo -slavs"на меѓународно признаениот српски географ Јован Цвииќ од 1906 година:

„Фактот што тие (Македонците) сами се изјаснувале како Бугари, е само затоа што овој термин бил употребуван како синоним за ознаката раја (немуслимански поданици).

И овој пример ја поткрепува тезата на Аданир дека проблематиката во врска со македонското прашање настанува со признавањето на Бугарската егзархија во 1870/72 година, а не со Берлинскиот конгрес во 1878 година.

Впрочем, во своите обвинувања против Гоце Делчев, Бугарите сосема забораваат дека тој не само што се бореше за македонска автономија туку и го даде животот за Македонија.

Во овој генерален однос на Бугарите има и исклучоци, Торстен Сцобрис цитира еден упатен и разумен уредник на весникот „Македонија", кој изјавува разбирање за „стравот на македонистите... од можна источнобугарска култура и стопанска хегемонија". Сцобрис оваа умесна статија од 1871 година ја оценува како „прв знак за македонски сепаратизам".

Значи и во тоа време постоел македонски јазичен и етнички сепаратизам. Ова го потврдува и Јута де Јонг врз основа на своите истражувања, со тоа што во нејзината студија упатува на тоа дека македонскиот јазик се одделил од бугарскиот уште во 19 век, а не бил првпат ракотворен од Блаже Конески по наредба на Тито.

Уште повеќе, „помеѓу 1891 и 1903 година можеле да се забележат ангажирања... на македонските студентски иницијативи во Бугарија, Србија и во Русија, македонските словенски дијалекти да се стандардизираат во еден писмен јазик, кој би се одделил во мала, но сепак значајна мера од бугарскиот литературен јазик, кој беше распространет од егзархиските училишта".

Бугарите и Грците го негираат ова се до денес, заради целисходноста на остварувањето на нивната непрекината експанзионистичка политика. Не се задоволуваат во тоа пакосно да укажат на 1944 година, туку тие го декларираат овој датум како почеток на постоењето на македонскиот јазик воопшто.

Едно наполно неоправдано однесување. За проблематиката што ја разгледуваме овде останува да се заклучи дека развојот на еден „заеднички литературен јазик" се одвивал заедно со „сознанието за македонската етничка самостојност".

Треба да напоменеме и дека Ѓорѓи Пулески во 1873 година го издаде првиот македонски четиријазичен речник, а во 1875 година учебникот на три јазици, по што следуваа Збирката на македонски народни песни во 1879 година и Македонската граматика во 1880 година.

Рајнхолд Траутман уште во 1948 година ја дефинира основната константа на „бугарскиот" јазик: „Бугарскиот јазик, односно за нас секако словенско-бугарски јазик..."

Во Бугарија, како и „во цела Slavia Orthodoxa", јазикот на кој се држеа литургиите беше црковниот старословенски јазик. Но, образованите Бугари честопати „пишуваа и говореа" грчки, бидејќи грчкото свештенство силно се трудеше „да ги елинизира словенските верници". Поради ова, бугарскиот просветител Паисиј Хиландарски ги повика своите сонародници да го користат сопствениот јазик. „Во дискусијата за основата на модерниот бугарски стандарден јазик во почетокот може да се распознаат две спротивни позиции: едната група - црковнословенската школа се труди црковнословенскиот јазик да го модернизира и приспособи на барањата на денешнината, а другата група - новобугарската школа, да се развие нов стандарден јазик врз база на народниот говор. На крајот се дојде до компромисно решение, кое содржеше елементи од двата правца и кое се прошири преку новите училишта и литературата.

По добивањето автономија во 1878/1880 година, бугарскиот јазик беше кодифициран. Основата беше источнобугарскиот дијалект (Варна), „но во 20 век западнобугарскиот дијалект изврши силно влијание".

Дали ваквиот развој на јазикот дава право на Македонија да се гледа со потсмев?

Ханс - Лотар Штепан

March 22, 2012

Македонскиот јазол 7

Бугарските заседи и претензии

Јазикот е главна појдовна точка за наводниот доказ за оправдување на претензиите кон Македонија. На оваа тема најактивни се Бугарите, кои се обидуваат во светот да побудат мислење дека јазикот е движечката сила што Македонците би ги направила Бугари. Со овие обиди се поврзани и постојаните укажувања дека Македонците „всушност“ зборуваат бугарски. Оттаму овој комплекс е многу битен, па заслужува повеќе од само краток осврт.

Не сите народи ја имале историската среќа нивниот јазик да се манифестира многу рано. Македонците ја имаа.

Византискиот цар Михаил Трети (842-867) ги испратил браќата Кирил и Методиј на една православна мисија во Големоморавското Царство на кнезот Растислав. Од 863 година тие дејствуваат оттаму.

Траутман го цитира царот Михаил, кој им кажал на браќата: „Вие двајцата сте луѓе од Солун, а луѓето од Солун зборуваат чист словенски јазик“.

Кој не би сакал да ја сподели, или пак целосно да ја присвои за себе славата да биде татковина на славните мисионери! Па така, Бугарите го сторија тоа - исто како и Грците. Но, бугарскиот цар Борис (а со него и неговиот народ) го примија христијанството дури во 865 година. И браќата не потекнуваа од Варна, или Трново, или Сердика, туку од околината на Солун, и беа синови на мајка Македонка и татко Грк. Ништо не влијае што оваа област тоа време беше освоена од Бугарија, бидејќи како што сосема јасно стои во историските текстови, Бугарите помеѓу 840 и 850 година маршираа кон „средна“ Македонија, а не кон Егејот - не сметајќи тука дека во меѓувреме турско-татарските протобугари веќе не постоеја, со оглед на тоа што одамна се претопија со словенското население и го презедоа и словенскиот јазик.

Со сета почит за верските стремежи на царот на Византија, мора да се каже дека мисијата не беше испратена од филантропски или од хуманитарни побуди. Константинопол одамна беше во конкурентски однос со Рим:

Двата центра на христијанството сакаа да стекнат нови верници во новодојдените доселеници на Балканот.

Со Кирил и Методиј „се чинеше дека Константинопол си обезбеди предност. На крајот дојде до поделба на моќта... во Југоисточна Европа... најдоцна од 1054 година, по големата шизма, овие две сфери и луѓето што ним им припаѓаат почнаа да се развиваат во сосема различни насоки на културен план“.

За да си ја олеснат мисионерската работа словенските учители Кирил и Методиј создадоа „нивно т.н. глаголско писмо“.

„Со мерките за повторно погрчување се воспостави кириличната азбука (наречена така во чест на Кирил), која делумно се базираше врз грчката ортографија“.

Но, сепак, дијалектите врз основа на кои словенските апостоли го преведоа Евангелието не потекнуваа од Бугарија (ниту од бугарскиот брег од Црно Море, ниту пак од Родопите), туку исто како и самите браќа, од околината на Солун, значи од Македонија, и колку и често да се повторува бугарското тврдење, нивниот јазик не може да се декларира како бугарски.

Професорот Вајтнам, напротив, многу повеќе прецизира дека Кирил и Методиј проповедале и пишувале на оној јазик „што се зборува во околината на Солун, т.е. јазикот на кој говореле Рихините, Сагудатите и Драгувитите“. Меѓу другото, Вајтман забележува: „Јазичните совпаѓања со другите јужнословенски јазици, српскиот и хрватскиот, се јавиле дури подоцна“.

Трудот на словенските апостоли доби трајна вредност со тоа што тие со „словенскиот литургиски и пишан јазик... го зголемија бројот на европски културни јазици (во Југоисточна Европа) на три јазици. Овој црковен старословенски јазик понатаму за целото словенско православие ја имаше истата улога како и латинскиот јазик за католиците, во исто време беше и литургиски и службен јазик. Сепак, не треба премногу цврсто да се држиме до оваа паралела, бидејќи латинскиот јазик, за разлика од црковнословенскиот, беше носител на културата, а не само средство за нејзино ширење“.

И турско-татарските Бугари ги озари зрак од овој културен труд, бидејќи тие не само што беа асимилирани од Словените туку го прифатија словенскиот јазик, црковниот словенски јазик, како и кириличното писмо.

Во ново време развојот се одвиваше по следниов тек: „Кога Француската револуција ја преобрази старата класна држава во модерна национална држава, јазикот доби ново, дотогаш непознато значење... Тој стана темел-носител за градењето на групната солидарност на нацијата. Барањата за еднаквост, правда и за братство, фундаменти на модерната национална држава, набргу беа дополнети со барања за единствен заеднички јазик. Оттогаш често под нација се подразбира униформна 'јазична нација', и на овој начин се задоволија стремежите за хомогенизација што целеа кон обединување на јазичното подрачје за потпора и зајакнување на националната држава“.

„Делото на двајцата браќа се уште зрачи со интензивна светлина во Русија, Бугарија, Србија и во Хрватска... па дури и во туѓојазичната Романија“.

За денешните Македонци овој развиток доби значење во писмена форма на македонскиот јазик. Според Торстен Сцобрис, овој процес почнал во почетокот на 19 век, кога свештениците почнале да го употребуваат македонскиот јазик во службите и во текстовите за јакнење на духот, кои од 1838 година почнаа да се печатат во Македонија. Во времето кога словенските интелектуалци почнаа да се опираат на грчката културна хегемонија од средината на 19 век, бројот на публикациите за фолклорот, јазикот и за историјата на Словените од Македонија видно се зголеми; нивното засилено печатење имаше цел „македонските дијалекти да бидат избрани за основа на единствениот пишан јазик“.

Во борбата на Македонците за нивниот сопствен јазик - значи и за нивниот национален идентитет - од судбинско значење е 1870 година, кога султанот ја призна автокефалната бугарска православна црква, Егзархијата. Оваа предност Бугарите ја искористија за да го забрзаат побугарчувањето во Македонија (каде што речиси немаше Бугари).

Еден пример може да ја потенцира бугарската заседа: бугарските весници обвинија еден македонски учител за „предавство на бугарскиот дух, затоа што издавал учебници на македонски дијалект. Преку ова се докажува дека Македонците поседуваат различен јазик и идентитет од Бугарите, и дека Бугарите уште тогаш биле свесни за оваа поинаквост и посебност на небугарските Македонци - иако (и до ден-денес) тоа не сакаа да го признаат. Од истата причина, славната книга на Крсте Мисирков „За македонцките работи“, напишана околу 1900 година, во која тој пишува за етничкото и политичко единство на Македонците и предупредува против соединувањето со Бугарија, Србија или Грција, во Бугарија беше забранета и сите примероци беа уништени.

Ханс - Лотар Штепан

March 13, 2012

Македонскиот јазол 6

Ѕвездата ја осветли измамата

За да се навратиме уште поназад во историјата, Бојич/Ошлис го напиша следново за појавувањето на Словените во Византиското Царство.

„Македонските Словени“, во службениот јазик во Византија, се нарекуваат Словените што во 6 век по Христа се населиле на нејзините територии.

Од истото време потекнува и еден извештај што Михаел Вајтман го цитира од двете книги за историјата на Солун и за неговата опсада од Словените во Македонија на крајот на 6 век: Јован Солунски, кој очигледно и самиот учествувал во одбраната, напишал дека во 585 година иницијативата на нападот преминала кај Аварите. Еден дел од словенските војски што се пробивале од Тракија се приклучил кон големиот потфат на Каганите против главниот град на митрополијата Македонија.

Следствено, многу нешта говорат за тоа дека Византија „означувањето на овој регион како Македонија“ го презела од Римјаните и го пренела на Словените, кои до ден-денес не го задржале низ вековите.

Оттука слободно може да се говори за непрекинатата традиција на употребата на името Македонија, од времето пред Христа, преку римската и византиска епоха, населувањето на Словените и турското поробување, се до раѓањето на идејата за национална држава во 19 век, како и до основањето на СФРЈ во 1944 година и на Република Македонија во 1991 година.

Во поглед на сево ова, невистинитите тврдења на грчкиот режисер во 1992 година за наводната своеволна интерпретација на името Република Македонија се смислена измама за претставниците на земјите на ЕЗ во Атина.

Стратегијата на Грција, на која посочува и Јута де Јонг, секоја врска на Македонците со историското име Македонија да се дискредитира како наводно „дури во 19 век повторно заживување на името 'Македонија', се разоткрива како обид неправедно да им се одземе правото на ова име на Словените, кои веќе 1.300-1.400 години живеат на просторите на античките Македонци“. Во исто време, Грција прави сомнителен обид да ги декларира античките Македонци како Грци и со тоа „правото на употреба“ на името Македонија, да го обезбеди само за Грција.

При обидите на Грција да ја фалсификува историјата пред Христа, значи во дамнешно минато, со цел античка Македонија да ја поистоветат со Грција може да се воочи дека Грците изгледа се барем магнетски привлечени од фигурата на Александар Велики (или барем од неговиот татко, Филип Втори, судејќи по неговото глорифицирање во извонредниот музеј во Солун); можеби со надеж дека аурата на чедото на тој народ ќе и даде сјај на денешна Грција.

Но, ова е само површниот, гламурозен аспект.

Крајната цел на оваа стратегија, се чини, оди многу подалеку: штом фалсификуваната претстава на историјата доволно ќе се распространи и светската јавност конечно ќе се помири со тоа дека дури и античка Македонија била грчка, Атина ќе може да го зададе одлучувачкиот удар:

штом античка Македонија била грчка, и античките македонски територии се грчки. Следствено, територијата на сегашна Република Македонија е грчка. Покрај јужниот дел на Македонија, кој Грција го анектира уште по балканските војни, би следувало и барањето на Грција да и се „врати“ (порано српската) Вардарска Македонија, значи денешна Република Македонија. Но, „Република Скопје“ во никој случај не смее да се кити со грчкото име Македонија.

Несмасниот акцент не смее да не измами, Грција одамна ги презела првите два чекора во оваа насока.

1. На меѓународно ниво Грција уште во 1992 и 1993 година во неинформираните меѓународни организации, преку наметнувањето на провизорното име „бивша југословенска Република Македонија“ (англиска кратенка ФИРОМ), успешно го поништи уставното државно име на Република Македонија.

2. Кога Соединетите Американски Држави дипломатски ја признаа Република Македонија во почетокот на февруари 1994 година, Атина своеволно воведе стопанска блокада кон Македонија. (Соодветниот чекор на земјите-членки на ЕУ неколку недели претходно, на 16.12.1993 година, Атина изгледа сепак не се осудила да го земе како повод за акција). По ова македонската влада во преговорите под водство на поранешниот американски министер за одбрана Сајрус Венс, искористувајќи го овој конструиран повод, беше принудена да се откаже од симболот на државното знаме, т.е. ѕвездата (или сонцето) од Вергина, во замена за подигнување на блокадата.

Дали на бившиот министер Венс му беше предочено дека овој симбол на сонце, грчките археолози го пронашле дури 1987 година, при ископувањата кај Вергина на една позлатена урна, во која се претпоставува дека биле посмртните останки на Филип Втори и дека местото каде што се пронајдени овие остатоци се наоѓа токму во областа на Македонија што Грција во 1912/13 година насилно ја припои?

Ова значи: Грција во оваа гротеска бара исклучиво користење на симболот, кој дури според грчките научници, на пример проф. Манолис Андроникос, недвосмислено и припаѓа на Македонија и е најден на место што во повеќевековниот македонско-грчки соседски живот и припаѓа на Грција дури по анексијата од пред 90 години! И уште полошо: во поглед на познатото американско залагање за правда за слабите земји, не може да се замисли ништо друго освен дека САД, на преговорите што доведоа до преодниот договор од 13.9.1995 година, вршеа притисок за откажување од овој симбол исклучиво врз основа на фалсификувања на историјата. Овој срамен случај не е исход на историски докажани барања, туку демонстрација на сила зад грбот на една земја злоупотребена како пријател.

„Сонцето“ го обелодени ова.

Откако Република Македонија го измени знамето, прашањето за знамето беше надминато, но според авторот, словенските Македонци со традиција од околу 1.400 години на живеење на територија на античките Македонци имаат поголемо право на ѕвездата од Вергина, отколку Грција со само 90 години - уште повеќе што симболот во прашање не е ниту грчки, ниту елинистички, туку чисто македонски симбол.

Ханс - Лотар Штепан

March 11, 2012

Македонскиот јазол 5

Византиските формули на Грците

Колку и Македонија да не беше слободна и независна во турско време, во сите акти пишува дека во изјавите на сите државници на сите балкански држави, вклучувајќи ја и Грција, како и велесилите, од првите релевантни извештаи, па се до крајот на периодот одреден за истражување, постојано и во секоја пригода за македонската област се користи името Македонија.

Оваа тривијалност мора особено да се истакне, со оглед на тоа што грчкиот министер за надворешни работи Папаконстанину во 1992 година, на еден официјален брифинг, сакаше да ги убеди „пријателските" членки на тогашната Европска заедница дека дури во 1944 година Тито самоволно и противзаконски и го доделил името Македонија на Република Македонија во рамките на СФРЈ и дека тоа всушност нема никаква врска со нејзиното минато. Како што изјавија доброинформирани извори, Папаконстанину на овој брифинг не изнел никаква конкретна информација и ниту еден историски, етнички, религиозен или пак било каков политички аргумент, туку се служел со емотивни апели, со византиските формули на повикување духови како и со обвинувања против новата Република Македонија. Грција – непопречена од ЕУ, НАТО, ОН, ОБСЕ и Советот на Европа - ја одржува оваа фикција се до денес.

Од цитатите на текстовите од старите извештаи ќе се потврди фактот дека името „Македонија" е традиционално име за областа населена со Словени и ќе се разоткрие грчката измама, со што анахронизмот за името ќе стане $$ad absurdum.$$

За постоењето на оваа традиција постојат недвосмислени показатели, бидејќи постојат примери дека името Македонија се употребувало со векови: на прво место во самото министерство за надворешни работи на Р. Германија. Од околу 2.000 тома што ги опфаќаат извештаите од Османлиското Царство, 154 тома се однесуваат само на – како што пишува на корицата на секој том – односите во „Македонија". Првите документи потекнуваат од 1867 година, значи од времето на пруското министерство за надворешни во рамките на северногерманскиот сојуз. Би било апсурдно да се обвинат тогашните служби во Германија дека сами го измислиле ова име, целосно неповрзано со реалните состојби и со неговата употреба од другите европски сили.

Изворите на другите сили, кои биле потесно врзани со Балканот и имале повеќе интереси кон него отколку Русија или Германскиот Рајх, водат уште поназад во минатото:

Така, на пример, австрискиот цар Леополд се заложил за заштита на Македонците поради трагичното Карпошово востание. Авторот сепак не успеа да пронајде непобитен доказ за овој документ, бидејќи на ова барање, проф. Ауер од виенскиот домашен, дворски и државен архив на 2 јануари го даде следниов одговор: „Наводното писмо за заштита на Македонците од кралот Леополд Први од 26 април 1690 година во литературата се јавува во различни форми, меѓутоа во нашите архиви не може да се пронајде доказ за неговото постоење".

Карпошовото востание имаше трагичен крај и поради тоа што генералот Пиколомини, со цел да го осигури повлекувањето на австриската армија во 1697 година, нареди да се запали во тоа време најубавиот град на Балканот, Скопје, за под заштита на градот што гореше да може брзо и сигурно да ги повлече своите војници од Македонија, исцрпени од многубројните битки по освојувањето на огромните територии и десеткувани од колера (чума?). Залудно.

Иако Турците околу 250 до 300 години претходно при организацијата на покорените области во Европа, новоздобиените области во Југоисточна Европа ги именуваа со едно име како Румелија, еден од петте окрузи во оваа провинција и тогаш го носеше името Македонија. Подоцна султаните се потрудија со странските претставници да го употребуваат само турското име „Румелија" - да, откако султанот по мировните договори од Кучук-Кајнарџи во 1774 година и Адрианопол 1829-30 година го забележа зголемениот интерес на западните сили за судбината на христијаните под турскиот камшик, во еден реакциски испад нареди да се избриши името „Македонија" од житијата на светците во библиите на турски јазик (нив барем ги имаше!!).

Тоа што името Македонија се споменува исто така во првото писмо на Апостол Павле на Солуњаните (три пати), во второто писмо на Колосјаните (пет пати), како и на Римјаните и на Тимотеј (во нив по еднаш), како и во првата книга Макавејска, гл. 1 стих 1, зилотите очигледно го превидоа.

И на крај, за да се навратиме уште поназад во историјата, Бојич/Ошлис го напиша следново за појавувањето на Словените во Византиското Царство.

„Македонските Словени" во службениот јазик на Византија, се нарекуваат Словените, кои во шестиот век по Христа се населиле на нејзините територии.

Од истото време потекнува и еден извештај, кого Михаел Вајтман го цитира од двете книги за историјата на Солун и неговата опсада од Словените во Македонија на крајот на 6 век.

Јован Солунски, „кој очигледно и самиот учествувал во одбраната", напишал дека „во 585 год. иницијативата на нападот преминала кај Аварите. Еден дел од словенските војски што се пробивале од Тракија се приклучиле кон големиот потфат на Каганите против главниот град на митрополијата Македонија".

Следствено, многу нешта зборуваат дека Византија означувањето на овој регион како Македонија" го презела од Римјаните и го пренела на Словените, кои до ден-денес го задржале низ векови.

Оттука слободно може да се говори за непрекината традиција на употребата на името Македонија, од времето пред Христа, преку римската и византиската епоха, населувањето на Словените и турското поробување се до раѓањето на идејата за национална држава во 19 век, како и до основањето на СФРЈ во 1944 година и Република Македонија во 1991 година.

Во поглед на сево ова, невистинитите тврдења на грчкиот режим во 1992 година за наводната своеволна интерпретација на името на Република Македонија се смислена измама за претставниците на земјите на ЕЗ во Атина.

Стратегијата на Грција, на која посочува и Јута де Јонг, секоја врска на Македонците со историското име Македонија да се дискредитира како наводно „дури во 19 век повторно заживување на името 'Македонија'", се разоткрива како обид неправедно да им се одземе правото на ова име на Словените, кои веќе 1300-1400 години живеат на просторите на античките Македонци. Во исто време, Грција прави сомнителен обид да ги декларира античките Македонци како Грци и со тоа „правото на употреба" на името Македонија да го обезбеди само за Грција.

Ханс -Лотар Штепан

March 3, 2012

Македонскиот јазол 4

Како настана „македонското прашање“?

Последната војна на Русија против Османлиското Царство (1877-1878), која доведе до Берлинскиот конгрес, изби поради Бугарија, која од Русија беше избрана за штитеник и отскочна штица.

На Конгресот, Србија, Романија и Црна Гора беа признаени за независни држави, а Бугарија остана со својот статус на автономија. Босна и Херцеговина потпадна под австриска окупација и управа. (Албанија и Епир и без тоа останаа во Османлиското Царство). Наспроти ова, Македонија и Тракија, кои исто така беа ослободени, под притисок на Англија и Австрија и беа вратени на Турција.

Со ова настана македонското прашање.

Но, настана и нешто друго: Виктор Мајер пишува дека со враќањето на Македонија на Турција по Берлинскиот конгрес „се појавија посебна политичка судбина и посебни интереси“. Поради ова последователно мораше „да се развие политичкиот идентитет. Сите жители на Македонија, со исклучок на Турците, во најмала рака сакаа автономија“.

Авторот, од актите и литературата, доби впечаток дека и претходно постоел културен и етнички идентитет; како поинаку може да се објаснат многубројните востанија против Турците во изминатите векови. Со Мајер сме потполно согласни дека селективното оштетување на Македонија на Берлинскиот конгрес водеше до еден момент на пресврт во самата македонска историја и со неа и до еден, во споредба со другите балкански држави, поинаков, небаре со еден крстопат одвоен развиток и со тоа всушност мора да го зајакнало политичкото идентификување на Македонците со својата народност.

Како прв знак за овој поразвиен идентитет може да се посочи повторното македонско востание, кое изби во Кресна 5./17.10.1878 година, бидејќи со измената на обврските на Турција со членот 23 од Берлинскиот договор повторно изостанаа реформи и постепена автономија за Македонија. (Ѓорѓи Стојчевски тука го наведува и востанието во Разлог од 8.11.1878 година). Востанието опстана до 6.6.1879 година, но мораше да биде прекинато поради недостиг од помош, на која се надеваа од странство (читај: Русија), која, нормално, изостана.

Коцката за Македонија одамна беше фрлена.

Овде мора да се вметне појаснувањето на член 23 од Берлинскиот договор:

Првиот пасус од овој член се однесува за подобрувањето на статусот на островот Крит и неговите жители, донесен 10 години претходно, и тоа со следниве зборови: „Високата порта се обврзува да го спроведе органското уредување од 1868 година на островот Крит“.

Овој закон од 1868 година одреди самоуправа на Крит. Тоа што новиот текст само го повтори стариот е јасен доказ дека Турција – како и вообичаено – ниту најмалку не се потрудила да ги исполни своите тогаш прифатени обврски и да ги спроведе прописите.

Во вториот пасус од член 23, врз база на овој закон, се наведува: „Аналогно на ова, треба да се спроведат соодветни решенија во поглед на локалните овластувања и во останатите делови на европска Турција за кои според сегашниот договор не е предвидена посебна организација“.

На овие „останати делови“ припаѓаа и Македонија и Тракија.

Дали, можеби, династичките интриги од заднина навреме беа поставиле пречки со нејасна формулација „останатите делови“ да се спречи појавувањето на овие две имиња, со што не би се јавила ниту помислата за нивната автономија?

Во член 15 на прелиминарниот мировен договор (претходник на член 23), кој Русија го склучи со Османлиското царство во Сан Стефано, други две области во европска Турција (значи од „останатите делови“) сепак беа именувани, имено, Епир и Тесалија.

Сосема нормално – бидејќи Атина јавно ги изјави своите претензии кон нив.

Навистина неразбирливо како е можно, и покрај сето познавање на работите на државниците на христијанска Европа собрани во Берлин, да се превиди грешка со ваква тежина, која доведе до трагични компликации во развојот на Македонија и Тракија.

Или можеби уште тогаш некоја династичка режија, предвидувачки и плански, го имаше редактирано текстот? Доколку оваа претпоставка е точна тогаш денешните грчки интриги имаат долга традиција, и продолжувањето на бесконечниот притисок со наметнување на провизорното име за Република Македонија од 1992 година би ги имало за урнек тогашните настани.

Фон Мах вака ги опишува последиците: „Високата порта во суштина ништо не стори за да ги исполни обврските дури уште повеќе го стегна јаремот на рајата. Колку и да се говореше за реформи, ништо не се случуваше. Причината е сосема јасна, Високата порта се плашеше дека со една полуавтономна земја ќе создаде преодна форма, кожурок, од кој набрзо ќе се оформи автономна ларва и на крај самостојна пеперутка, која нема да плаќа ни данок.

Така се наоѓа и објаснувањето зошто разочараноста и огорченоста на Македонците за – исто како и на Крит – неисполнетото ветување „за свечено пропишаната рамноправност на христијанското население“ доведува до избивање на ново востание.

Одлуките против Беровски во Санкт Петербург и против Македонија на Берлинскиот конгрес неискажливо го отежнаа развојот на Македонија до Илинденското востание во 1903 година и до Балканските војни 1912/13 година, па и подоцна, се до здобивањето со статус на рамноправна република во рамките на СФРЈ и до потполна независност во 1991 година.

Судбината на другите народи беше уште потрагична. Таа им беше запечатена. Тракија и Епир исчезнаа; првата беше поделена меѓу Грција и Турција, а втората меѓу Грција и Албанија.

Според тоа, обидот на Македонците да се предизвика интервенција од Големите сили, а првенствено од Русија, со употреба на веќе испробаната стратегија, т.е. со истрајувањето на востанието, како и со објавувањето на високиот број христијански жртви, беше неуспешен. Целосно исцрпена и без можност да се брани, Македонија постана вакуум простор без политичка власт и, како таква, мошне атрактивна цел на соседите алчни за територии.

По пресвртот од 1990 година, авторот, за разлика од многубројните манифестации на големото македонско малцинство во грција и во Бугарија, нема регистрирано ниеден знак од Тракијците. Ова не беше случај на крајот од 19 век, бидејќи Јута де Јонг меѓу другото ги посочува и „тракиските напори за ослободување“.

Меѓународната заедница не смее да дозволи неправдите од империјалистичко време да се повторат и во 21 век.

Ханс -Лотар Штепан