Showing posts with label Книжевност. Show all posts
Showing posts with label Книжевност. Show all posts

July 28, 2018

Александар III Македонски во македонскиот книжевен 20 век

Писмени траги што сведочат за присуството на Александар III Македонски во идеологијата на Македонците што се борат за своја држава, јазик и култура среќаваме уште во првите години од минатиот 20 век. Имено, во прогласот до македонскиот народ, односно до востаниците на Горноџумајското востание од 1902 година, полковникот и војводата А. Јанков потенцира: „Македонци! Сетете се за светскиот победител, за светската слава на Македонија – великиот Александар Македонски; сетете се за храбриот цар Самоил, македонскиот великан, за прекрасниот Марко Крале, општословенска слава – дека во нив текла македонска крв; тие од небесните височини бдеат и го благословуваат нашето започнато дело. Да се покажеме достојни нивни потомци“ (Ристовски, 1995: 137).

Alexander III of Macedon

Претседателот на Крушевската република, Никола Карев, во едно интервју дадено за грчкиот весник „Акрополис“ на 8 мај 1903 година потврдно одговара на прашањето дали се чувствува како директен наследник на Александар Македонски. Ова интервју беше преобјавено во 2000 година во неделникот „Македонско сонце“ на македонски јазик (Вамбаковска, 2000: 14 - 15).

Во весникот „Автономна Македонија“ во август 1903 година објавен е уводник во кој непотпишаниот автор се повикува на македонскиот крал Александар Македонски: „Когато нам се налага да предприемем защитата на угнетените Македонци, ние требва на радо сърце да направим това. Нам тука ни е твърде охотно да отбележим, че Александр Великий, тоя цар на вселената, е засвидетелствувал добродетелите на славянското племе, като е казал, че славяните носят геройски сърца и поради това заслужават да носат великото име славяни, което ще рече славни. Преди да издъхне тоя велик, наш завещател заявил, че прокли на всекиго, който за напред би злословил славяните. За всичките войнствени качества техни, той им завещал всичките земи от Адриятическо море до океяна на вечните ледове. Освен това, той заклел небесните си покровители да пазят од нащастия и постоянно да се притичат на помащи на дванадесеттех князе, потомци на дванадесеттех негови другари. Сега, ако Македонците не са в положение сами да спрат техното изтребление и да подобрят своята участ, то Българите, Сърбите, Черногорците и другите славяни са длъжни да се притекат на помощ на тия братя по кръв и вера, на тия които са родени от ’майка дойна‘ (Македония) и от където са излезли най - знаменитите начала и светила“ (Ристовски, 1995: 137).

Во истиот весник („Автономна Македонија“) во септември 1903 година е објавена песна на авторот Петар Загоров со наслов „Таму!“ во која тој вели дека во Македонија „достојните потомци на Александар Велики / херојски се борат со вековните тирани“ (Ристовски, 1995: 137). И членовите на Македонското научно-литературно другарство во Петроград го негуваат споменот за античка Македонија и за Александар Македонски. На македонското знаме во 1913 или 1914 година како амблем се јавува Букефал, коњот на Александар Македонски, врз црвена основа. Претседателот на ова Другарство, Димитрија Чуповски, на синџирчето од својот часовник до крајот на животот ќе ја носи сребрената пара со ликот на Александар. Братот на Димитрија Чуповски, Наце Димов, во својата книга за Македонија од 1913 година се повикува на пишувањето на англискиот историчар Јаков Абот во врска со древните Македонци и нивниот македонски јазик што бил неразбирлив за Грците (Ристовски, 1995: 138).

Во писмото на Трифун Греков од Женева испратено во октомври 1922 година до раководителот на Македонската федеративна партија во Софија, Н. Јуруков, исто така, се споменуваат античка Македонија и Александар Македонски во контекст на македонската кауза: „Бев испратил статија до ’Автономна Македонија‘ за Александар Велики за да биде публикувана како подлисник; настојчиво молам за нејзиното публикување. Од капитално значење е да ја сврземе нашата кауза со старата историја на Македонија“ (Ристовски, 1995: 138 - 139).

И Крсте Мисирков не ја одминува античка Македонија. Во своите „Спомени и впечатления“ Мисирков зборува за престолнината на старата македонска држава на Аминта II, Филип и Александар Велики. Во својата статија „Крали Марко“ објавена во весникот „Илинден“ во март 1923 година Мисирков инсистира на континуитетот во историјата на Македонија. Мисирков е дециден: „Крали Марко е син и гордост на Македонија и еден од тројцата велики завојувачи што го разнесоа името на својата земја далеку од нејзините предели: 1) Александар Македонски ја разнесе славата на Македонија до средноазиските реки Аму-Дарија, Сир-Дарија, како и до Индија и Индискиот Океан; 2) Светите Кирил и Методија го разнесоа македонското слово и писмо меѓу сите словенски народи, и 3) Крали Марко ги потчини под својата власт и под онаа на македонската муза сите народни певци и народи на Балканскиот Полуостров, во тој број и самите вас, потомци на неговите заклети непријатели“ (Ристовски, 1995: 137 - 138).

Еден македонски емигрант во Софија, кој се претставува со псевдонимот „Комитски“, во писмото упатено до Македонскиот национален комитет во декември 1932 година, меѓу другото, ќе запише: „Некогаш имало славна земја со храбар народ што дал светски владетели како Филип и Александар Македонски. Многу древни народи, иако слегуваа од светската сцена, по извесно време, пак се издигнуваа. Зошто да не се случи истото и со Македонците?... Зашто ако еден народ, што си има свои обичаи, вера, јазик, традиција и друго опстанал по толку ропства, тоа значи дека тој народ е способен за слободно постоење!... Бугарија нека им го даде на мирен начин на Македонците она што е македонско. Зошто Бугарија уште го држи туѓото и го прикажува како свое? Зарем Македонците се Бугари? Колку што се Македонците Бугари – толку се и Бугарите Македонци! Разликата е голема! Едните биле на Балканскиот Полуостров уште од пред Христа, а другите дошле во 7 век...“ (Донски, 2002/20 03: 232).

Димче Аџимитрески, раководителот на организацијата МОРО, дава сведоштво за чувањето и пренесувањето на споменот за Александар Македонски од генерација на генерација во македонското семејство: „Ние имавме една стара книга за Александар Македонски. Заклучена беше во едно чекмеџе и дедо ми често ја земаше и ни читаше за подвизите на Александар Македонски. Така ние се воспитувавме. Го сметавме за наш крал и сонувавме за такво кралство што некогаш тој го создал“ (Ристовски, 1995: 140).

Еден од членовите на раководството на веќе споменатата организација МОРО во Скопје, Благоја Димитров, во сеќавањата за таа организација во периодот од 1932 до 1934 година подвлекува: „Основната задача беше да се зборува македонски, да се купуваат книги; се формираа ќелии од по тројца членови и секоја таква ќелија си формираше своја библиотека (се сеќавам, имавме и книги за Александар Македонски и сето тоа го сметавме за наше)“ (Ристовски, 1995: 140).

Македонскиот културно-национален деец и публицист Васил Ивановски (Бистришки) во својата статија од 1934 година со еден мошне концизен наслов „Зошто ние Македонците сме одделна нација?“ потенцира дека „грчките шовинисти ја фалсификуваат историјата прогласувајќи го племето на старите Македоно-Илири, заедно со водачите на тоа племе – Македон, Филип Македонски и Александар Велики – како составен дел од старите Грци“ (Ристовски, 1995: 139).

За Александар Македонски и за античка Македонија пишува и Ангел Динев во брошурата со наслов „Македонските Словени“ од 1938 година, каде што зборува и за супериорноста на античките Македонци во однос на Хелените: „Се знае дека македонското уметничко творештво, уште во времето на Филип Македонски, го надминувало елинското. Победата на Александар Велики над Елините не била само резултат на борбената техничка моќ, туку на моќта и на една цивилизација што ја предизвикала во свеста на Александар чудната идеја за организирање на една светска школа за единствено светско учење и за мирно обединување на човештвото во една целина. Тоа се несомнено идеи и на неговиот учител Аристотел, којшто не е Елин, како што тврдат некои, туку Македонец од Халкидичкиот Полуостров што живеел во Атина како минувач и тоа само кога била на власт македонофилската група. По смртта на Александар Велики и по распаѓањето на македонската држава, Елините го присвоија целото уметничко творештво, а она што не подлежи на фалсификација Византијците подоцна го разрушиле“ (Ристовски, 1995: 139 - 140).

Дури и Кочо Рацин во неговите препирки со професорот Никола Вулиќ укажува на континуитетот на името Македонија, пред сè, од еден историско - географски аспект: „Имало кај Македонците свест дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име... Не ќе биде точно дека Македонија ’исчезнала‘ засекогаш до денеска, туку Македонците го извлекоа своето име од историската ризница... Тие рекле: Оваа земја се викала Македонија. Не е турска! Не е ни бугарска, ниту пак српска. Не е ни богумилска, туку оваа земја е македонска, а ние сме Македонци. Сеедно дали оваа земја била до Велес или под Велес, а сега велат дека е до Шар Планина, но тоа била Македонија и тој народ си го зел тоа име“ (Ристовски, 1983: 340 - 341).

И во анонимниот „Одговор по повод статијата на професорот Никола Вулиќ“ од 1940 година, меѓу другото, се потенцира еден идентичен став: „Географическото положеније на Македонија не је вчерашно, то јет ушче от времето прет Христа, от времето на Филипа и Александар Македонски“ (Ристовски, 1995: 140).

Меѓутоа, во периодот пред Втората светска војна, под влијание на идеологијата на Комунистичката партија, веќе почнуваат да се појавуваат тенденции за негирање и отфрлање на тезата дека Македонците од 20 век се потомци на античките Македонци, како и на тезата дека тие имаат каква било врска со античките Македонци, оставајќи го само името на територијата (Македонија) како единствен заеднички елемент на античките и денешните Македонци. Така, Борка Талески ќе одржи говор пред една организирана група од младинци во Прилеп при што „нагласува дека не сме по потекло од Александра Македонски, туку сме Словени и името сме го добиле по територијата на којашто сме се населиле“ (Ристовски, 1980: 410). Слично предавање одржал и Диме Бојановски-Дизе пред друга таква група во Прилеп во 1939 година (Ристовски, 1995: 140). И во двете групи се зборувало за извесно разочарување што произлегло од таквите искажувања.

Слично разочарување доживеал и охриѓанецот Гоце Митески според кого интелектуалната младина од Дебарца пред Втората светска војна била воодушевена од својот предок Александар Македонски. Гоце Митески е и автор на две песни во кои се споменува Александар Македонски, а песните датираат од 1942 година. Неговото разочарување било големо кога некој повозрасен ученик од Охрид му рекол дека „ние сме Словени, а не директни потомци на античките Македонци“. Митевски вели: „Цела недела тоа го болував“ (Ристовски, 1995: 140 - 141).

Оттука и оттогаш, всушност, во Македонија започнува да се практикува еден игнорантен однос кон Александар Македонски и воопшто кон античко-македонската историја под влијание на комунистичката идеологија, под влијание на идејата за југословенското заедништво, како и под влијание на македонската официјална историска наука во чии рамки беше и сè уште е доминантна историската теза за доселувањето на „македонските Словени“ на Балканскиот Полуостров во 6, 7 и 8 век, како и тоа дека денешните Македонци се чисти Словени и дека немаат никаква врска со античка Македонија и со античките Македонци. Се разбира, во таа теза се наѕира и една расистичка нијанса за „чистата словенска раса“! Дека Александар Македонски и античка Македонија биле табу-тема во Македонија по Втората светска војна, во времето на социјалистичката идеологија, најдобро сведоштво ни дава Петре. М. Андреевски чие кажување е мошне концизно и илустративно за нашата тема: „Зошто, на пример, се дистанцираме од античките Македонци? Ова прашање ни го постави и еден кардинал на заедничкиот ручек во Ватикан во 1973 година. Прашањето му беше и еден вид одговор. Вие сте единствен народ (парафразирам) кој го носи македонското име, се гордеете со него, го опевате во народните песни, а во историските читанки сè ви почнува со Словените. Македонците никаде ги нема. Кај исчезнале тие, ако не во вас? Бевме засрамени. Како да му кажеш дека во тоа време имаше и една премолчена забрана да се поклонуваме и пред гробот на Гоце Делчев?“ (Христова – Јоциќ, 2008: 4).

Ваквиот игнорантен однос кон античко-македонската историја е присутен во Македонија во сите области, а тоа значи и во историската наука, во воспитно-образовниот процес, но и на полето на литературата. Во врска со ова Александар Донски потенцира: „Факт е дека за време на социјалистичкото југословенско едноумие историјата на античка Македонија кај нас беше тенденциозно запоставувана“ (Донски, 2002/2003: 5). Да наведеме неколку примери.

Во книгата „Одбрани четива за историјата на македонскиот народ“ во издание на Државното книгоиздателство на НРМ од 1951 година не може да се најде ниту еден документ поврзан со историјата на античка Македонија. Во „Историја на македонскиот народ“ од 1969 година (три тома) сложениот период од историјата на античка Македонија е претставен само на 15 страници (стр. 33 - 47). Исто така, во трудот „Историја на македонскиот народ“ од 1988 година од вкупно 375 страници за античко-македонската историја има само 10 страници (Донски, 2002/2003: 5 - 12).

За жал, со вакви појави се соочуваме дури и денес, во 21 век. Така, во вториот том од книгата „Историја на македонската книжевност“ од Георги Сталев (издадена од Институтот за македонска литература во 2003 година) нема ниту збор за Александар Македонски во македонската книжевност и воопшто во македонската култура во првата половина на 20 век (Сталев, 2003).

Извесни активности поврзани со историската личност Александар Македонски и со историјата на античка Македонија во овој период (од крајот на Втората светска војна па сè до осамостојувањето на Македонија во 1991 година) се забележливи кај Македонците иселеници. На пример, во 1974 година, членовите на една од најголемите македонски иселенички организации позната како ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија) ќе издадат поштенска картичка со ликовите на Александар Македонски и Гоце Делчев (Донски, 2002/2003: 234). Но, ова се само инцидентни пројави и тоа надвор од границите на Македонија.

Идентична е состојбата и во македонската литература. Во периодот од 1903 до 1942 година не забележавме ниту едно македонско книжевно дело за Александар Македонски, но, како што покажавме, во овој период Александар Македонски е присутен во бројни записи и искажувања на наши културни дејци. Меѓутоа, во периодот од 1942 (двете песни на Гоце Митески кои останале во ракопис, а беа објавени од страна на Блаже Ристовски во 1980 година) до 1978 година (песната „Пејзаж“ од Радован Павловски во која се споменува Александар Македонски, објавена во збирката „Молњи“) не успеавме да пронајдеме ниту едно објавено оригинално книжевно дело од македонски автор во кое барем се споменува Александар Македонски ниту, пак, може да се рече дека Александар е споменуван често во как ви било записи или во регистрирани искажувања во споменатиот временски интервал. Единствено што е објавено во овој период како книжевно дело за Александар Македонски на македонски јазик е преводот на романот „Александар Македонски“ (во два дела, односно два тома) од Словомир Настасиевиќ во 1965 година од српски (тогашниот т.н. српскохрватски) на македонски јазик. Но, овој роман влегува во рамките на преводната, а не на оригиналната литература на македонски јазик (Словомир Настасиевиќ, Александар Македонски, I и II дел, превод Трајан Бавтироски, Новинско издавачко претпријатие „Нова Македонија“, Редакција „Детска радост“, Скопје, 1965). Тука треба да се спомне и текстот на Томе Саздов во „Нова Македонија“ од 1958 година за една откриена народна песна за Александар Македонски (Саздов, 1958).

Во 80-тите години на 20 век се појавија само неколку (осум) македонски книжевни дела за Александар Македонски. Во 1984 година беше објавен расказ со наслов „ Александар и вазната“ од Зоран Ковачевски во збирката раскази „Аристотел од Ресен“, а истата година се појави и песна со наслов „Александар Македонски“ од Илија Бошков-Крајнички, објавена во стихозбирката „Моето прво раѓање“. Во 1986 година Радован Павловски ја објави песната „Клуч на походот (На Александар Македонски)“ во збирката „Клучеви“, а во третиот том од „Избрани дела“ со наслов „Отклучување на патиштата“ од истиот автор беше објавена песната „Александар Македонски“. Во 1987 година Блаже Конески ја објави песната „Послание“ во истоимената збирка, а во 1988 година Анте Поповски се појави со песните „Алелуја“, „Копнеж“ и „Повелба на Александар Македонски“ во поетската збирка „Ненасловена“. И тоа е сета македонска книжевна продукција за Александар Македонски што успеавме да ја регистрираме во периодот од 1942 до 1988 година.

Ваквата состојба во голема мера ќе се промени по 1991 година, односно по осамостојувањето на Република Македонија. Имено, во 1992 година е објавен романот „Александар и смртта“ од Слободан Мицковиќ, а истата година е објавен и романот „Домот на Александар“ од Митко Маџунков. Исто така, во 1992 година е објавена поетската збирка „Живи ѕвезди“ од Петре Бакевски со еден циклус посветен на Александар Македонски. Потоа следуваа „Фрески и гротески“ од Венко Андоновски (1993) каде што се објавени два раскази во кои како лик се појавува Александар Македонски, поемата „Александар Македонски“ од Пандо Колевски (1994), ТВ драмата „Александар на Исток“ од Петар Бошковски (1994), поемата „Во сенката на мечот (Александар Велики)“ од Петре Бакевски (1994), збирката раскази „Ледно око“ од Блаже Миневски (1994) во која се објавени три раскази за Александар Македонски, а во следните години се појавија бројни книжевни дела од македонски автори на македонски јазик што се однесуваат на Александар Македонски. Би ги споменале тука авторите Атанас Вангелов, Матеја Матевски, Богоја Таневски, Никола Кљусев, Владимир Шопов, Иван Василевски, Кире Неделковски и други.

Покрај ова, во 90-тите години на минатиот век беа објавени и бројни историски трудови како и т.н. „романизирани биографии“ за Александар Македонски, како од македонски така и од странски автори преведени на македонски јазик коишто, секако, извршија влијание врз сè поголемото актуелизирање и популаризирање на Александар Македонски во нашата средина (Мојсиева – Гушева, 2004: 139 - 153).

За да се има појасен увид во македонските книжевни дела за Александар Македонски овде ќе дадеме хронолошки преглед на објавените литературни творби во македонскиот книжевен 20 век:

1. Петар Загоров, Таму (песна), објавена во весникот „Автономна Македония“, I, 13. IX 1903, стр. 4.
2. Гоце Митески, Робина (песна), од стихозбирката во ракопис со наслов „Смрт или слобода“; песната е напишана во 1942 година; објавена во: Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900 – 1944, Истражувања и материјали, II, Мисла, Скопје, 1980, стр. 408-409.
3. Гоце Митески, Гоце Делчев (песна), од стихозбирката во ракопис со наслов „Смрт или слобода“; песната е напишана во 1942 година; објавена во: Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900 – 1944, Истражувања и материјали, II, Мисла, Скопје, 1980, стр. 411-413.
4. Радован Павловски, Пејзаж (песна), во: Молњи (поетска збирка), Мисла, Скопје, 1978.
5. Зоран Ковачевски, Александар и вазната (расказ), во: Аристотел од Ресен (збирка раскази), Мисла, Скопје, 1984.
6. Илија Бошков-Крајнички, Александар Македонски (песна), во: Моето прво раѓање (поетска збирка), ОСИЗ за култура – Кочани, Кочани, 1984.
7. Радован Павловски, Клуч на походот (песна), во: Клучеви (поетска збирка), Мисла, Скопје, 1986.
8. Радован Павловски, Александар Македонски (песна), во: Отклучување на патиштата (Избрани дела, 3,), Наша книга, Скопје, 1986.
9. Блаже Конески, Послание (песна), во: Послание (поетска збирка), Култура, Скопје, 1987.
10. Анте Поповски, Алелуја (песна), во: Ненасловена (поетска збирка), Мисла, Скопје, 1988.
11. Анте Поповски, Копнеж (песна), во: Ненасловена (поетска збирка), Мисла, Скопје, 1988.
12. Анте Поповски, Повелба на Александар Македонски (песна), во: Ненасловена (поетска збирка), Мисла, Скопје, 1988.
13. Слободан Мицковиќ, Александар и смртта (роман), Култура, Скопје, 1992.
14. Митко Маџунков, Домот на Александар (роман), Детска радост, Скопје, 1992. Објавен и во изданието: Митко Маџунков, Кон другата земја, Култура, Македонска книга, Скопје, 1993 (како седма глава од романот, стр. 405-465). Маџунков го дополни романот „Домот на Александар“ во 2002 година и тоа во српското издание (Иван Вишњиќ, Белград, 2002). Дополнето издание беше објавено и на македонски јазик: Митко Маџунков, Домот на Александар, АЕА, Мисла, Скопје, 2005.
15. Петре Бакевски, Белите крилни птици на Александар Великиот (поетски циклус), во: Живи ѕвезди (поетска збирка), Македонска ревија, Скопје, 1992.
16. Венко Андоновски, Фреска прва: Александар, Аристотел, Упокоение на Александар Грешен (расказ); во збирката „Фрески и гротески“; во: Венко Андоновски, Азбука на непослушните, Фрески и гротески, Култура, Скопје, 2001; збирката раскази „Фрески и гротески“ за првпат е објавена во 1993 година.
17. Венко Андоновски, Фреска втора: Кирил, Исијан. Потем Далмант. Ѓавол го искушува Кирила, Вознесение негово (расказ); во збирката „Фрески и гротески“ од 1993 година.
18. Петре Бакевски, Во сенката на мечот (Александар Велики) (поема), Спектар прес, Скопје, 1994.
19. Петар Бошковски, Александар на Исток, ТВ драма, Матица македонска, Скопје, 1994.
20. Блаже Миневски, Грди камења (расказ); во: Ледно око (раскази), Култура, Скопје, 1994.
21. Блаже Миневски, Лажниот Александар (расказ); во: Ледно око (раскази), Култура, Скопје, 1994.
22. Блаже Миневски, Пораз (расказ); во: Ледно око (раскази), Култура, Скопје, 1994.
23. Пандо Колевски, Александар Македонски (поема), Огледало, Скопје, 1994.
24. Анте Поповски, Трите жени и Александар Македонски (песна), во: Провиденија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 1995.
25. Атанас Вангелов, На безгласје глас (поема), Детска радост, Скопје, 1995.
26. Матеја Матевски, Копнеж по целината (песна), во: Завевање (поетска збирка), Зумпрес, Скопје, 1996.
27. Никола Кљусев, Цар на царевите мои (песна), во: Неизртено семе (поетска збирка), Матица македонска, Скопје, 1996.
28. Владимир Шопов, Записи и сништа за Александра Магнум (роман), АБ, Скопје, 1997.
29. Иван Василевски, Александар (поема), Формика, Скопје, 1997.
30. Кире Неделковски, Александар Македонски (песна), во: Безмерно (поетска збирка), Macedonia Prima , Охрид, 1997.
31. Петре Бакевски, Градењето на Александрија (песна); во: Сто сонети, Спектар прес, Скопје, 1997.
32. Петре Бакевски, Љубопитство (песна); во: Сто сонети, Спектар прес, Скопје, 1997.
33. Петре Бакевски, Вавилон, Либрето за симфониска поема - ораториум „Александар Велики“, Детска радост, Скопје, 1997.
34. Петре Бакевски, Антички Македонци (песна), во: Елегии, Спектар прес, Скопје, 1998.
35. Стојан Боризов-Марковски, Вранештица (песна); во: Македонска поезија и проза од Австралија, самостојно издание, Скопје, 1998.
36. Стојан Боризов-Марковски, Кон Македонија (песна); во: Македонска поезија и проза од Австралија, самостојно издание, Скопје, 1998.
37. Радован Павловски, Синот на Сонцето (еп), Зумпрес, Скопје, 1999.
38. Петре Бакевски, Александар ја урива Теба. Еврипид – молчи (песна), во: Балади, Спектар прес, Скопје, 1999.
39. Богоја Таневски, Македонија (песна); во: Судбини (поетска збирка) , АПЕКС, Битола, 1999.
40. Богоја Таневски, Александар Македонски (песна); во: Судбини (поетска збирка), АПЕКС, Битола, 1999.
41. Богоја Таневски, Корени на старото дрво (песна); во: Судбини (поетска збирка), АПЕКС, Битола, 1999.
42. Славе Ѓорѓо Димоски, Гроб во бесмртната вода (песна), во: Темно место (поетска збирка), Зумпрес, Скопје, 1999.
43. Влада Урошевиќ, Дива лига (роман), Три, Скопје, 2000.
44. Симе Пандовски, Александар Македонски: според дневникот од жена му Роксана, самостојно издание, Битола, 2000.
45. Трајан Петровски, Ти беше таа жена (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
46. Трајан Петровски, Писмо (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
47. Трајан Петровски, Тајна (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
48. Трајан Петровски, Манас (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
49. Трајан Петровски, Смртта во Азија (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
50. Трајан Петровски, Идентификација (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
51. Трајан Петровски, Мечот на Александар Македонски (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
52. Трајан Петровски, Нашите болести (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.
53. Трајан Петровски, Дрвото (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост Скопје, 2000.
54. Трајан Петровски, Минувајќи покрај Гордион (песна), во: Живеам во Азија (поетска збирка), Детска радост, Скопје, 2000.

Од хронолошкиот преглед на објавените книжевни дела за Александар Македонски во македонската книжевност во 20 век може да се види дека се застапени сите позначајни книжевни жанрови – роман, расказ, поезија, драма. Исто така, очигледно е дека по осамостојувањето на Македонија ликот на Александар Македонски зазема значајно место во македонската литература.

Литература
1. Вамбаковска, Л. 2000. „Јас сум Македонец“, досега необјавено интервју со претседателот на Крушевската република за грчкиот весник „Акрополис“, Македонско сонце, бр. 318, стр. 14-15.
2. Донски, А. 2002/2003. Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел – фолклорни елементи). Штип: Центар за културна иницијатива.
3. Мојсиева–Гушева, Ј. 2004. Изгубениот хуманизам. Скопје: Магор.
4. Ристовски, Б. 1980. Македонскиот стих 1900 – 1944, Истражувања и материјали, I. Скопје: Мисла.
5.  Ристовски,  Б.  1983. Кочо  Рацин:  историско-литературни  истражувања,  Прилози  за развитокот на македонската културно-национална мисла. Скопје: Македонска книга.
6. Ристовски, Б. 1995. Македонија и македонската нација. Скопје: Детска радост.
7. Саздов, Т. 1958. Песна за Александар Велики. Скопје: Нова Македонија, 12.01.
8.  Сталев,  Г.  2003. Историја  на  македонската  книжевност  1800 – 1945, II дел:  Првата половина на 20 век. Скопје: Институт за македонска литература.
9. Христова–Јоциќ, С. 2008. Александар Македонски во науката и во свеста на потомците. Скопје: Матица македонска

Ранко Младеноски

July 24, 2018

Односот на македонистите од 19 век кон античка Македонија

Трудот е преглед на пишувањата и тврдењата на македонистите од 19 век за постоење на жива врска меѓу античките Македонци и денешните (тогашните) Македонци. Ваквата теза се појавува поради голем број фактори што се елаборирани во текстот, но таа и денес е актуелна во македонската културна сфера и доаѓа од голем број познати и признати историчари. Главната причина, но и цел на застапувањето на ваквата идеја кај македонистите од 19 век се согледува во неопходноста од враќањето кон славното минато за да се поттикне борбениот дух на Македонците во 19 век во напорите за создавање на своја самостојна држава. Покрај тоа, во овој труд се коригира некоректниот и омаловажувачки однос на некои наши (книжевни) историчари кон големото и значајно дело на македонистите од 19 век.

1. Вовед
Една од карактеристичните и доминантните теми од македонската писменост во таканаречениот „преродбенски“ 19 век е словенското потекло на античките Македонци, а во тие рамки и на Александар III Македонски – практика која продолжува да се појавува и во првите децении на 20 век. Безмалку сите македонски културни дејци од 19 век коишто го споменуваат најславниот антички македонски крал се декларираат како потомци на античките Македонци коишто, според нивните тогашни сфаќања, биле Словени, но истовремено и најстар народ што се доселил на Балканскиот Полуостров. Факторите коишто влијаеле врз ваквите ставови на нашите културни дејци од 19 век се многубројни и од различна природа, но останува мошне значајниот факт дека сите тие дејци се едногласни во тврдењето оти античките Македонци биле Словени и дека денешните Македонци се потомци на античките Македонци како најстар народ доселен на Балканскиот Полуостров.

Alexander III of Macedon

Меѓу позначајните фактори кои придонеле за ваквите ставови на македонистите од 19 век во прв ред е дотогашната историска и историографска практика за ширење и актуелизирање на таквата теза и тоа во пошироки балкански и словенски рамки. Како мошне значаен фактор во оваа смисла треба да се спомене и неопходната потреба од навраќање кон славното минато и кон славните предци на овие македонски простори што требало да биде поттик за воздигнување на борбениот и револуционерниот дух кај македонскиот народ во борбата за слобода и за создавање на своја автономна држава. Општопозната е ваквата потрага по далечните корени од славните и храбри предци во периоди кога народот чувствува дека е загрозен неговиот национален идентитет што, пак, од своја страна претставува поттик за акција. Во таа смисла, се разбира, ваквите идеолошки пројави кај македонскиот народ во 19 век не се никаков исклучок. Тоа е така затоа што македонскиот идентитет во 19 век е загрозен од неколку аспекти – Македонија се наоѓа под петвековно османлиско ропство, а сè повеќе и повеќе земаат замав српската, грчката и бугарската пропаганда кои задираат директно во националниот идентитет на македонскиот народ, но тие пропаганди задираат и во територијалниот интегритет на Македонија како географска и етнографска целина во рамките на Османлиската Империја. Загрозени се, значи, основните составни елементи на македонскиот национален колектив како што се македонската етничка припадност, македонскиот јазик, обичаите, културата, територијата, па како реакција на тоа се појавува потрагата по и навраќањето кон древното и славно минато на македонскиот народ.

Сосема ирелевантни се тука дискусиите за историската автентичност или неавтентичност на таа теза за врските меѓу античките и денешните, односно тогашните (од 19 век) Македонци, зашто таквата национална идеологија бездруго ја извршила целта поради која и настанала – да го мотивира, да го поттикне и да го мобилизира македонскиот народ во борбата за слобода и за создавање на своја самостојна национална држава. На крајот на краиштата, инсистирањето на нашите Македонци од 19 век на древното потекло на својот народ претставува и една практична, но и сосема логична идеја затоа што на тој начин се воспоставува интерактивна врска меѓу две далечни епохи, меѓу две култури коишто, секако, имаат допирни точки во неколку сегменти – националното име, територијата, дел од обичаите, а според последните генетски истражувања и крвта.

2. Македонистите од 19 век vs античка Македонија
Античка Македонија не само што не била terra incognita за нашите културни дејци од 19 век, туку таа за нив претставува сакрален топос од кој тие црпеле огромна енергија за своите подвизи. Тоа го потврдуваат мошне честите споменувања на славното античко минато на македонската држава и на двајцата најзнаменити кралеви од тоа време – Филип II Македонски и Александар III Македонски. Но, да се поткрепиме со примери, како што вели Гане Тодоровски. Да ја споменеме за почеток книгата „Претскажувањата на Голем Александар“ од Атанас Македонец објавена во 1845 година во Венеција. Во предговорот („Пролог на терџуманот“), Атанас Македонец ја поистоветува својата татковина Македонија со татковината на Александар Македонски („со тој големиот човек“): „И шчом ова ракописмо јет пресказање на Голем Александр и чинит мноугу голем збор за негојата мноугу милослива патрида Македониа, јас слугата на Христа од истата земја со тој големиот човек, сторив ниет, со помож на сфети Дух, да го прам терџуме и на јазиците што се зборуваат на мојата патрида“. (Македонец, 1996, 33).

Исто така, меѓу бројните Македонци од 19 век коишто зборуваат за античка Македонија е и јерејот Димитрија од Кривопаланечко кој некаде кон средината на векот, односно во 1848 година вели: „За моето назначување најмногу се заложи г-н Михаил Македонски, зашто сум роден Македонец и службата си ја терам по словенски. Од бога било пишано моето отечество Македонија да страда од Грците, па тие не ни даваат и денеска мир, иако сите знаат дека Македонија била постара држава и од нивното царство“. (Ристовски, 1995, 129).

И нашиот познат учител и собирач на народни умотворби Димитрија Миладинов го носел во себе истиот идеал како и другите многубројни македонисти од 19 век. За ова сведочи Рајко Жинзифов[3] кој пишува за полемиката на Д. Миладинов со некој Грк кој зборувал за тоа дека словенскиот, односно македонскиот јазик е „варварски јазик“. Во таа расправија „Димитрија ги посакал од Гркот не само сегашните Македонци, туку и древните, заедно со Филипа и Александра. Тој ги преобрнал и Хомера и Демостена и Страбона и едвај ли не ги пословенил во очите на Гркот и сегашните Елини“. (Тодоровски, 1990, 51). Од друга страна, и во Зборникот од браќата Миладиновци е објавено и едно предание за Александар Македонски.

Во една дописка од Охрид објавена во „Цареградски вестник“ од 3 март 1860 година среќаваме и еден ваков фрагмент: „Ова страна е Македонија и ако пригледаме природа, нрави, обичаи, характер на жители, нихен стан, нихна физиономија, из цело ште познаеме истите онија мужи кои во старо време составјали фаланги Александра Македонскаго“. (Конески, 1959, 80).

Во своите „Лични дела и спомени“ (Пловдив, 1906) Стефан Салганџиев ни оставил сведоштво за еден солунски учител, охриѓанец, кој некаде на крајот од 60-тите години на 19 век се изјаснувал како потомок на античките Македонци. Овој солунски учител тврдел: „Ја не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцарин; ја сум чист Макидонец, какви су били Вилип и Александри Македонски и Аризтотел вилозов“. (Конески, 1959, 49-50).

Во весникот „Македонија“ од 16 февруари 1871 година во статијата со наслов „По македонското прашање“ нашиот учебникар, национален деец и публицист Димитар Василев Македонски, полемизирајќи со бугарскиот културен деец Петко Р. Славејков, меѓу другото пишува: „Македонците не се изгубиле од лицето на земјата, како што си дозволуваат некои да велат, зашто, колку што знаеме ние, тие не згрешиле некогаш, па да зине земјата и да ги голтне“. (Ристовски, 1995, 131).

Ваквата античко-македонска идеолошка свест била присутна и меѓу „лозарите“. Во весникот „Македонија“ кој почнал да излегува во Русе на 21 октомври 1888 година и чиј уредник бил Коста Шахов, во една статија без наслов во бројот од 11 ноември 1888 година, авторот потпишан со иницијалите Г.К. меѓу другото пишува: „Денеска... секој Македонец, кога го спомнува Александар Македонски, вели: ’Ние сме го имале цар Александар Велики‘. Со тие зборови тој си наумува за блескавиот период и величието на Македонската држава. Александар Македонски стои пред лицето на Македонецот како национална гордост. Таа национална гордост денеска има за него интелектуално значење при односот за постигнување на идејата за самостојност. Великата македонска држава во лицето на Александра ѝ има направено огромна полза на науката“. (Ристовски, 1995, 136).

Како што наведува Блаже Ристовски, „и на едно тајно собрание на македонскиот ’кружок‘ околу в. ’Македонија‘ што се одржало на 19 јуни 1889 год. во хотелот ’Конкордија‘ во Софија, на коешто присуствувале 12-13 истакнати македонски дејци од тоа време (К. Шахов, Д. Македонски, Г. Георгиев, Ив. Шумков, Ножаров, браќа Иванови, Ќузлиев, Мандушев и др.) во рамките на размислувањата за ’да се покрене една поширока дејност‘, меѓу другото се зборувало и ’за Александар Македонски‘“. (Ристовски, 1995, 136).

Во 1890 година во Софија беше формирана Младата македонска книжовна дружина чиј прв претседател е Коста Шахов. Во печатениот орган на оваа книжовна дружина наречен „Лоза“ во 1892 година, во првиот број, пишува дека „татковината на Македонците е Македонија и дека таа била ’отделно славiанско господарство на което миналото е покрито со блесък и особено во времето на Филипа и Александра Велики, но при нихните наследници отпаднало‘...“. (Ристовски, 1995, 136).

И востаниците од Кресненското востание од 1878 во својот акт насловен како Правила-Устав на Македонскиот востанички комитет се повикуваат на античка Македонија, односно на Александар Македонски: „Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв што ја пролеваме по планините и горите македонски ние служиме како Македонска војска на Александар Македонски за слободата со нашата девиза: ’Смрт или слобода‘“. (Ристовски, 1995, 133).

Во овој контекст мошне интересни се содржините од актите произлезени од формирањето на Националното собрание и Привремената влада на Македонија во месноста Гремен-Теќе, Островска околија, во мај 1880 година како резултат на незадоволството на Македонците поради положбата на Македонија по Берлинскиот конгрес во 1878 година. Националното уставотворно собрание донело Протоколарно решение за формирање на Привремена влада на Македонија во кое, меѓу другото, се вели: „Од сите заинтересирани влади ќе се побара реставрација на Античка Македонија, ќе се упати и повик до сите љубители на слободата и од сите родољубиви мажи ќе се побараат благородни жртви“. (Андоновски, 1995, 72; Сталев, 2001, 89).

Покрај Протоколот, Привремената влада на Македонија издала и Манифест (од 23 март 1881 година) до македонскиот народ со кој го повикува на востание за ослободување од вековниот јарем. Во овој Манифест чести се навраќањата и повикувањата на славата на античката македонска држава: „Нашата мила татковина Македонија некогаш била една од најславните земји. Македонскиот народ, исто така, удирајќи ги првите темели на воената вештина, со своите победнички фаланги и Аристотеловата просвета, ги цивилизира човештвото и Азија. Но, таа некогаш толку славна наша татковина, денес е на прагот на својата пропаст поради нашите грешки и поради заборавот на нашето потекло... Наоѓајќи се во ваква немоќ и гледајќи ја целата расплакана нашата мила Македонија, нашата драга татковина Ве вика: вие, што сте верни мои деца, вие што по Аристотел и Александар Велики сте мои наследници, вие во чии жили тече македонска крв, не оставајте ме да умрам, туку помогнете ми... Македонци, сетете се на нашето потекло и немојте да го откажувате!“. (Андоновски, 1995, 74-75).

Меѓутоа, Александар Македонски и античка Македонија, како и тезата за нивното словенство (славјанство), доминантна место имаат и во делата на четворица наши културни дејци од 19 век – Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Цепенков и Григор Прличев. Но, да ги погледнеме мошне интересните, а понекаде и мошне зачудувачките, толкувања на ваквата појава како сегмент од нашиот историски развој, и тоа од врвни македонски историчари, но и конкретно од книжевни историчари.

Ова често навраќање кон античкиот период на Македонија што се случува во 19 век Блаже Конески го согледува во еден поширок балкански контекст. „Тоа уверение впрочем – коментира Конески – не било измислено кај нас. Тоа било распространето пошироко, пренесувано од некои постари истории. Александра го среќаваме на пр. претставен како Словен кај дубровничкиот поет Иван Гундулиќ. Тоа му годело на словенското самочувство. Од истиот разлог и македонистите го земале за свој предок, со кого можеле да се гордеат... Карактеристично за буржоазните национални движења – будењето на ’старата слава‘, националниот романтизам – не можело да не им биде присушто и на македонистите. Кај Бугарите се во тој поглед особено интересни историските конструкции на Г.С. Раковски“. (Конески, 1959, 80).

Според Блаже Ристовски, врз оваа појава во македонскиот книжевен 19 век влијаело зародувањето на современата историска мисла на овие простори, усната народна традиција, европската наука што манифестативно ја култивираше свеста за античка Македонија со постепено, но забележително инклинирање кон претставите за „словенскиот карактер“ на нејзиното население, како и веќе создадените култови во митологијата. (Ристовски, 1995, 127-129).

Александар Донски, пак, потенцира дека поради „огромниот крвен и културен удел на античките Македонци во денешната македонска нација, воопшто не е чудно што голем број Македонци во поблиското минато себеси се декларирале како потомци на античките Македонци... Наспроти сите антимакедонски пропаганди, античко-македонското етничко потекло масовно било прифаќано од страна на Македонците во 19 и 20 век“. (Донски, 2002/2003, 217).

Ставовите на македонистите за словенството на античките Македонци Гане Тодоровски ги квалификува како „хипотетични, утописки занеси на дел од македонските преродбеници (Џинот, Георги Динков, Пулевски, Исаија Мажовски, Јован Гологанов и др.)“, но и како „фикс идеи“. (Тодоровски, 1990, 101-102). Покрај ова, Тодоровски вели дека станува збор за „екстремен национален занес и колективна национална утопија“ (Тодоровски, 1979, 8), како и за „колективна заблуда од која не беа поштедени ни најистакнатите имиња на народната преродба... И како прв грев на младоста на нашата нација и како грда самоизмама“. (Тодоровски, 1979, 32).

За Томислав Тодоровски, пак, таквите пројави во 19 век беа „илузионистичко тврдење и романтичарски занес“ (Тодоровски, 1972, 13-14), а за Мажовски и за Пулевски ќе додаде дека „тоа беа луѓе со скромни интелектуални можности“. (Тодоровски, 1972, 22).

Во идентичен стил, Кирил Пенушлиски зборува за „искривоколчен култ за историското минато“ (Пенушлиски, 2005, 25), како и (на пример) за „неука бесмислица на Ѓорѓија Пулевски дека царот Филип и царот Александар Македонски се Славјани“. (Пенушлиски, 2005, 26).

3. Заклучок
Кога нашите историчари и книжевни историчари зборуваат за „национален романтизам“, за „екстремен национален занес“, за „колективна национална утопија“, за „грда самоизмама“, за „илузионистичко тврдење“, за „фикс идеи“, како и за „скромни и ограничени интелектуални можности“ и за „наивност и неукост“, а кога сето тоа се однесува на македонските културни дејци од 19 век, очигледно е дека се забораваат неколку мошне суштински факти. Имено, посериозните историски, научни проучувања на античка Македонија и објавите на сериозни историски трудови за таа епоха започнаа со германскиот историчар Јохан Густав Дројзен во четвртата деценија на 19 век, односно во 1833 година. Во времето, на пример, кога Ѓорѓија Пулевски ја пишуваше својата „Славјанско-маќедонска општа историја“ (три-четири децении по Дројзен) европската историска наука сè уште талкаше по темниците на античко-македонскиот период. Тие наши „неуки и наивни“ таканаречени „преродбеници“ работеле во време кога македонскиот народ нема своја држава, нема свој стандардизиран јазик, нема образовни и научни институции, во време кога македонскиот национален идентитет бил загрозуван буквално од сите страни и од сите аспекти (етнос, јазик, црква, територија) итн. Сето она што тие го создале и го постигнале во такви тешки услови (или „опстојателства“, како што вели Константин Миладинов) е еднакво на подвиг за восхит и бездруго не заслужуваат таков безмалку омаловажувачки однос, особено во рамките на македонската книжевна историја.

Од трета страна, а во врска со „неуката и наивна“ идеологија на македонистите од 19 век дека Словените, односно Македонците, се староседелци на Балканот, треба да се има на ум фактот дека дури и денес во одредени научно-историски кругови се става под сомнеж историската теза за доселувањето на Словените на Балканскиот Полуостров од зад Карпатите и тоа во бранови во 6, 7 и 8 век по Христа. Односно, наспроти ова, и денес (во 21 век!) се актуелизираат идеите на македонистите од 19 век дека Словените (поточно Македонците) се староседелци на Балканот.[4] Во тој контекст, се појавуваат и застапници на една трета теза според која денешната македонска нација настанала со симбиоза на етничките и културните идентитети од античко-македонскиот и словенскиот елемент што, се разбира, не е далеку од логиката.

Основниот проблем кај овие три тези е тоа што нивните застапници и поддржувачи најчесто вршат селективно презентирање на историските факти со цел, се разбира, да бидат поубедливи при докажувањето на своите ставови. Тоа несомнено значи дека пред историската наука сè уште постои едно прашање коешто ни до денес не е докрај расчистено и расветлено, па според тоа историјата ќе треба во иднина аргументирано да ги елиминира ваквите дилеми.

Но, како и да е, несомнен е фактот дека македонските културни дејци од 19 век, со сето она што го создале, направиле големи подвизи достојни за почит.

3) Во московскиот седмичник Ден, во броевите од 17.XI и 1.XII 1862 година, Рајко Жинзифов ги објавува своите сеќавања за браќата Димитрија и Константин Миладиновци под псевдонимот „Велешанин“.
4) Би ги споменале тука, на пример, тезите на Ташко Белчев, Васил Иљов, Лидија Славеска, Ангелина Маркус, Веле Алексоски, Ристо Стефов, Антоније Шкокљев – Дончо, Славе Николовски-Катин и други.

Библиографија:
1. Андоновски Христо (1995). Јужна Македонија од античките до денешните Македонци. Скопје: Македонска книга.
2. Донски Александар (2002/2003). Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел – фолклорни елементи). Штип: Центар за културна иницијатива.
3. Конески Блаже (1959). Кон македонската преродба, Македонските учебници од 19 век. Скопје: Институт за национална историја.
4. Македонец Атанас (1996). Претскажувањата на Голем Александар. Подготовка, предговор и транскрипција Вера Стојчевска–Антиќ. Скопје: Зумпрес.
5. Пенушлиски Кирил (2005). Митот и фолклорот. Скопје: Матица македонска.
6. Ристовски Блаже (1995). Македонија и македонската нација. Скопје: Детска радост.
7. Сталев Георги (2001). Историја на македонската книжевност 1800 – 1945, I дел: Македонската литература во 19 век. Скопје: Институт за македонска литература. 
8. Тодоровски Гане (1979). Веда Словена. Скопје: Македонска книга. 
9. Тодоровски Гане (1990). Македонската книжевност во XIX век. Скопје: Наша книга.
10. Тодоровски Томислав (1972). Спомените на Мажовски. Скопје: Мисла.
 
Д-р Ранко Младеноски

August 15, 2013

Делата на Прличев за Александар III Македонски

Словата на Григор Прличев

Автор: д-р Ранко Младеноски

Нашиот втор Хомер од 19 век, Григор Прличев, во две свои слова (излагања, обраќања, говори) патемно го споменува и Александар Македонски. Првото е Слово на св. Кирил и Методиј одржано во Солунската гимназија на празникот на сесловенските просветители во периодот на неговото учителствување во Солун од 1883 до 1890 година. Повеќе автори укажуваат на тоа дека не е познато во која од овие години Прличев го одржал овој свој говор пред учителите во Солунската гимназија. Но, Блаже Ристовски тврди дека ова слово на Прличев е одржано во 1885 година.9 Второто слово на Прличев во кое се споменува славниот македонски крал Александар Македонски е Словото одржано во Охрид во 1883 година.10


Во Слово на св. Кирил и Методиј Александар Македонски е спомнат во следниов контекст:

„Майка Македония много е ослабнала. Откако породи великаго Александра, откако породи св. св. Кирила и Методия, оттога майка Македония лежи на леглото си ужасно изнеможена, совършено примрела. Майка, что родила великаго сина, надали ќе може да роди и другего. Затова толко редки са на светот великите мъжи. Цели просветени двржави, во течение на 50 години, едва могат да произведат един велик мъж“.11

И во Словото одржано во Охрид во 1883 година Прличев го споменува Александар Македонски во контекст на светите браќа Кирил и Методиј, односно во контекст на заостанувањето на Македонија во просветата во времето на Прличев:

„Повторувам, оти учителите не се должни да проповедаат. Тие дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги родила светите Кирил и Методија. Не сте ли уверени, господа, оти нашата Македонија денеска е најдолна од сите земји во светот? Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великаго го покорија целиот свет и го натераа да гувее пред македонскиот престиж, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението... Не е ли гревота, учителите со жар и ревност да доаѓаат да и послужат на Македонија, а ние со камен да ги побиваме?“.12

Во двете слова Прличев зборува за загубената слава и за загубениот престиж што Македонија го имала во античкото време на чело со Александар Македонски, но и во времето на мисионерската просветителска дејност на македонските свети браќа Кирил и Методиј. Ова, секако, значи дека во 19 век Александар Македонски не се става само во функција на поттикнувачки фактор во револуционерната, вооружената борба на македонскиот народ, туку неговото славно име и дело се актуелизираат и во рамките на просветителските цели пред кои се поставени Македонците во тоа време.

Поставувањето на Александар Македонски во контекст на светите солунски браќа зборува за тоа дека кај македонистите во 19 век постоела свест за еден континуиран развој на македонската историја од античко време преку средниот век па се до 19 век со што повторно доаѓаме до воспоставувањето на врската меѓу денешните Македонци и античките Македонци. Од тоа може да се заклучи дека и во словата на Григор Прличев, на еден индиректен начин, Александар Македонски е поставен во улога на интерактивен код на културите. Во исказот „Македонците... едно време преку Александра Великаго го покорија целиот свет и го натераа да гувее пред македонскиот престиж“ од Словото на Прличев одржано во Охрид во 1883 година, е потенцирана супериорноста (елитноста) на Македонците (а со тоа и на Александар Македонски) во однос на целиот свет којшто е инфериорен (субалтерен) поради што и „гувее пред македонскиот престиж“. Тоа значи дека Александар Македонски и овде ја има улогата на интеркултурен код (Македонците VS. сите Други), но тоа е базирано врз односот колонизатори (Македонците) - колонизирани (Другите во светот што тогаш бил познат).

Заклучни изводи

Доминантна тема во овие писмени споменици од 19 век што се поврзани со најголемиот античко-македонски крал е словенското потекло на античките Македонци, па според тоа и словенското потекло на Александар Македонски. Имено, овие македонски дејци од 19 век, Исаија Мажовски, Марко Цепенков и Григор Прличев, најчесто се изјаснуваат како потомци на античките Македонци, односно како потомци на Александар Македонски. Ваквата идеја на овие наши културни дејци, но и на безмалку сите македонисти од 19 век, има една сосема практична цел - да го поттикне, да го мобилизира, да го анимира македонското население во вооружената борба за слобода, како и во просветителската акција за образование на свој македонски народен јазик, и тоа против османлиската тиранија и против туѓите пропаганди (српската, бугарската и грчката) на македонска почва во времето кога македонскиот народ, исто како и другите народи на Балканскиот Полуостров и во Европа, тежнее кон создавање на своја национална држава во нејзините јазични и етнографски граници.

Во делата на Исаија Мажовски, Марко Цепенков и Григор Прличев, античкиот македонски крал Александар III Македонски многу често е поставен во улога на интерактивен код на културите и тоа во рамките на категориите супериорност и инфериорност, односно елитност и субалтерност (колонизатори и колонизирани). Тоа бездруго значи дека Александар Македонски има мошне значајно место и суштинска улога во мемоарското и книжевното творештво на овие тројца македонисти од 19 век и тоа, пред се, како интерактивен код на култури коишто и временски и просторно се многу оддалечени меѓу себе.

9) Блаже Ристовски, Александар Македонски во историската свест на Македонците во XIX и XX век, во: Македонија и македонската нација, Детска радост, Скопје, 1995, стр. 135.
10)    Гане Тодоровски, Големиот подвиг на Григор Прличев, во: Македонската книжевност во XIX век, Наша книга, Скопје, 1990, стр. 159 - 160.
11) Григор Љрличев, Слово на св. Кирил и Методил, во: Григор Љрличев, Избрани произведенил, „Бмгарски писател“, Софил, 1980, стр. 233; Да се види исто и во: Гане Тодоровски, Големиот подвиг на Григор Прличев, цит. дело, стр. 157.
12) Исто, стр. 159.

Библиографија

1. Пърличев Григор (1980), Избрани произведения, „Български писател“, София.
2. Ристовски Блаже (1995), Македонија и македонската нација, Детска радост, Скопје.
3. Тодоровски Гане (1990), Македонската книжевност во XIX век, Наша книга, Скопје.
4. Тодоровски Томислав (1972), Спомените на Мажовски, Мисла, Скопје.
5. Цепенков Марко К. (1980), Македонски народни умотворби, Книга десетта, Материјали, Литературни творби, Редактирал Влаже Ристовски, Македонска книга, Институт за фолклор, Скопје.


Делата на Цепенков за Александар III Македонски

Песната на Марко Цепенков

Автор: д-р Ранко Младеноски

Станува збор за песна од нашиот најактивен и најоригинален собирач и запишувач на македонски народни умотворби од 19 век. Тоа е песна со еден подолг наслов кој гласи Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците.6 Според својата содржина, но и според својата уметничка порака, оваа песна на Цепенков е многу слична со двете песни на Горѓија Пулевски („Самовила македонска“ и „Македонцим ув прилог“), а тоа го потврдува и Блаже Ристовски:

„Оваа песна по многу свои карактеристики е слична на песните на Ѓорѓија М. Пулевски. Иако Македонците ги наречува и ’Бугари‘, и Цепенков посегнува по ’велика цара Александра што се слави и до ден- денеска‘. Тоа беше всушност говорот на генерацијата на Цепенков и на тој наш граѓанско-еснафски слој од македонските низини, од кои произлегоа Пулевски, Мажовски, Мушевич и др. што во основата на својата идеологија ја постави државноста и културата на античката македонска држава“.7


Во споменатата песна Марко Цепенков ги повикува своите сонародници, Македонците, да се борат против петвековниот „турски јарем“ потсетувајќи на славното минато во древните времиња кога Александар Македонски со својата македонска војска ги победувал непријателите и на Балканскиот Полуостров, но и во Азија:

Помислете вие мили чеда:
за велика цара Александра
што се слави и до ден-денеска
за негово чудо по земјата
што напраи со негоа војска
и отиде дури до Азија,
во Азија при цара Дарија,
го победи и данок зеде.8

Јасно е дека и овде Александар Македонски треба да послужи како пример за поттикнување и воздигнување на борбениот дух кај Македонците во борбата за слобода. Очигледно е, исто така, дека како и во двете песни на Пулевски, и во песната на Цепенков се поставуваат опозиции базирани врз категориите супериорност и инфериорност во кои во прв ред е вклучен македонскиот крал Александар Македонски и неговите персиски непријатели.

Интересно е тоа што Цепенков во песната го споменува и историскиот податок за војувањето на Александар Македонски против персискиот крал Дариј III, односно ги споменува битките на македонските воини против персиската војска во кои Персијциге секогаш биле победувани. На ваков начин, со потсетувањето на големите победи на античко- македонската војска, ангажираноста на оваа песна добива во интензитет и во поголема мера ја постигнува основната интенција на нејзиниот автор - поттикнување и охрабрување на Македонците за нивното вклучување во ослободителната борба против петвековните поробувачи. Токму поради тоа, воопшто не е случајно што Марко Цепенков во поголемиот дел од својата песна дава опис за мошне тешката положба на македонскиот народ којшто секојдневно е подложен на тортури и измачувања од страна на „клетите Турци“ што, секако, треба да биде уште поголем поттик за да станат „сите на оружје“.

Навраќањето кон исклучителното херојство и кон светската воена слава на античките Македонци и на најголемиот крал и освојувач во античкиот период, Александар III Македонски, во песната на Цепенков е во функција да ја засили веќе споменатата поетска поента, односно порака (повикот за борба) во втората половина на 19 век, т.е. во времето кога на сета територија од Македонија веќе зачестуваат организираните акции за слобода и за своја самостојна држава врз национална основа.

6)    Првата објава на песната од Марко Цепенков: Майка Македония ги съветува своите чеда да востанат против тиранията на Турците, ,Автономия“, I, 28, София, 12.11. 1899, стр. 3; За ова, исто така, да се види: Марко К. Цепенков, Македонски народни умотворби, Книга десетта, Материјали, Литературни творби, Редактирал Блаже Ристовски, Македонска книга, Институт за фолклор, Скопје, 1980, стр. 244 - 246.
7)    Марко К. Цепенков, Македонски народни умотворби, Книга десетта, Материјали, Литературни творби, цит. дело, стр. 367.
8)    Исто, стр. 246

Делата на Мажовски за Александар III Македонски

Делата на Мажовски, Цепенков и Прличев за Александар III Македонски

д-р Ранко Младеноски

Апстракт: Трудот претставува преглед и анализа на мемоарските и книжевно-уметничките дела на Исаија Мажовски, Марко Цепенков и Григор Прличев во кои се споменува славниот крал на античка Македонија, Александар III Македонски. Станува збор, имено, за Спомените на Мажовски, песната на Цепенков со наслов Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците, како и две слова (беседи, говори) на Прличев - Слово на св. Кирил и Методиј и Слово одржано во Охрид во 1883 година. Овие тројца наши културни и револуционерни дејци од 19 век се повикуваат на славата на Александар Македонски со цел да го поттикнат и да го зацврстат националниот, револуционерниот, но и просветниот дух на Македонците во нивното време. Тоа е време кога македонскиот народ, исто како и многу други народи на Балканскиот Полуостров и во Европа, тежнее кон создавање на своја самостојна, независна национална држава во нејзините јазични и етнографски граници.


Меѓутоа, покрај ова, во наведените македонски книжевни споменици од 19 век Александар Македонски ја има и улогата на интерактивен код на различните култури, а тоа значи дека на најславниот античко-македонски крал, покрај националниот, му се придава и еден општ, универзален карактер.

Клучни зборови: Александар Македонски, Мажовски, Цепенков, Прличев, култури, интеракција

Вовед

Присуството на најславниот крал на античка Македонија, Александар III Македонски (356 - 323 пред Христа), во македонската книжевна традиција е засведочено од фолклорот па сè до современата македонска литература. Во македонската писменост од 19 век Александар Македонски го среќаваме кај голем број македонисти, но во тоа предничат пет наши културни дејци, а тоа се Горѓија Пулевски, Атанас Македонец, Исаија Мажовски, Марко Цепенков и Григор Прличев. Односот на Ѓорѓија Пулевски и Атанас Македонец кон античка Македонија и конкретно кон Александар Македонски го елаборираме во друг труд, а овде се задржуваме на мемоарите од Исаија Мажовски, една песна од Цепенков и две слова на Прличев во кои се споменува славниот крал на античките Македонци.

Она што ги обединува овие тројца автори (Мажовски, Цепенков, Прличев), но и многу други македонисти од 19 век, е нивното верување и нивната убеденост дека современите Македонци имаат потекло од античките Македонци. Ќе ги погледнеме овде ставовите на Мажовски, Цепенков и Прличев во однос на тоа прашање, но и нивниот однос кон историската личност Александар Македонски. Во нашите истражувања на делата од тројцата споменати македонисти од 19 век од посебен интерес ќе биде прашањето за улогата на Александар Македонски како интерактивен код на културите.

Спомените на Исаија Мажовски

Македонскиот културен и револуционерен деец од 19 век Исаија Радев Мажовски ја застапува тезата дека Словените се староседелци на Балканскиот Полуостров, а според него, тоа особено се однесува на Македонците од неговото време коишто се потомци на славните антички Македонци. Се разбира, и Мажовски смета дека античките Македонци биле Словени, како и античко-македонските кралеви Каран (легендарен античко-македонски крал), Филип II Македонски и Александар III Македонски.

Ваквите свои ставови Мажовски ни ги пренесува преку своите мемоари што денес се познати како Спомените на Исаија Мажовски. Целосниот наслов на мемоарите на Мажовски, всушност, гласи: „Спомените на Исаија Радев Мажовски роден на 9 март 1852 година во село Лазарополе, Дебарско - Македонија“. Во Спомените Мажовски го опишува својот живот од неговото раѓање па се до 1908 година, а во книжевната историја се уште останува отворено прашањето за тоа кога и каде починал овој наш деец од 19 век.

Спомените на Мажовски за првпат се објавени во 1922 година во Софија и тоа на бугарски јазик. На македонски јазик овој значаен текст од македонската книжевна историја го издаде Томислав Тодоровски во 1972 година со еден предговор за животниот пат и за делото на Исаија Радев Мажовски.2

Од мемоарите на Мажовски може да се види дека тој имал мошне активен и бурен живот исполнет со чести патувања, преземање конкретни акции во борбата за слобода на македонскиот народ, но и со чести клеветења, предавства и затворања. Мажовски, всушност, е застапник на идејата за заедничка борба на Македонците и Албанците против османлиското ропство и за создавање на посебни и самостојни држави на македонскиот и на албанскиот народ на Балканскиот Полуостров. Затоа, тој често патува во Албанија, но и во Бугарија и во Русија за да бара поддршка од тамошните фактори за таа своја идеја. При тие патувања, Мажовски се среќавал со видни и влијателни личности од тоа време и секогаш ја користел можноста да ги запознае сите нив со тешката положба на македонскиот народ и неговата желба за слобода и за своја самостојна национална држава.

Во таа смисла, во својот говор одржан во јули 1888 година на бродот „Рицар“ на реката Днепар, пред голем број руски великодостојници, Мажовски, меѓу другото, ќе ги изложи своите сфаќања за историјата барајќи, секако, разбирање и помош за својата идеја за ослободување на Македонија од тешкото и мачно петвековно турско ропство:

„Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е доселен во денешна Македонија под водството на царот Каран кој, како и царевите Филип и Александар, бил чист Словен“.3

Потврда за ваквиот став наоѓаме и на друго место во „Спомените“ на Мажовски:

„Меѓутоа, мојата желба не се ограничуваше само на испраќање егзархиски владика во Дебар, туку и на подобрување на неподносливата положба на македонскиот народ, кој во денешна Македонија се доселил пред 2.600, а не пред 1.200 години, како што тоа го тврдат нашите душмани“.4

Покрај ова, Мажовски сведочи и за една значајна книга, за некаква „Стара албанска историја“, чиј сопственик бил првиот албански шеик од градот Јанина, во која пишувало за „великиот и моќниот македонско-словенски цар Александар“. Идентично како во мошне популарниот средновековен Роман за Александар Македонски, во таа историја се зборувало и за влегувањето на Александар Македонски во Рим.5

Во Спомените на Мажовски, Александар Македонски се става во контекст на словенството, но и во функција на поттик во борбата на македонскиот народ за слобода. Очигледни се тука воспоставените врски меѓу современата македонска и античко-македонската култура, а тоа за нашиот Мажовски е идеја која ќе ги поттикне и ќе ги охрабри Македонците да се борат против тиранијата, но ќе ги поттикне и ќе ги охрабри надворешните фактори да ја помогнат или, пак, барем да не ја попречуваат таа борба. Носејќи го во себе Александар Македонски како модел за херојство и за борбеност, Мажовски го воспоставува тој линк меѓу руската, современата македонска, албанската и античко-македонската култура. Воопшто не е случајно тоа што Мажовски го потенцира фактот дека еден албански шеик зборува за древната македонска историја и потврдува, преку веќе споменатата „Стара албанска историја“, дека Македонците се тие што први се доселиле на Балканскиот Полуостров, зашто на тој начин неговиот исказ станува поубедлив и во поголема мера поттикнувачки. Тој албански шеик зборува (односно прекажува што пишува во старата историја) и за Александар Македонски кој, пак, во Спомените на Мажовски е историска личност со поттикнувачки и интегрирачки карактер.

1) Филолошки факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип.
2) Томислав Тодоровски, Спомените на Мажовски, Мисла, Скопје, 1972.
3) Исто, стр. 44.
4) Исто, стр. 72.
5) Исто, стр. 82-85.