May 20, 2022

Досега непозната фотографија на Гоце Делчев

На 16 мај 2022 година, на порталот „Македонска нација“ беше објавен написот „Досега непозната и необјавена фотографија од веридбата на Гоце Делчев“. Автор на написот, во кој е споделена фотографија на која наводно е прикажан апостолот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, е историчарот Александар Донски од Штип.

„Како што се гледа, на фотографијата (која на некои места е малку оштетена, главно поради прекршување, но сепак е јасно видлива) има шест личности од кои две седат, а четири стојат“, пишува во написот објавен на „Македонска нација“. „Прва од десно на фотографијата е Јустинијана (Јанка) Каневчева – вереницата на Гоце Делчев. Веднаш до неа е самиот Гоце Делчев. Пред нив седат родителите на Гоце: таткото Никола и мајката Султана. Лево од Султана стои млад маж, а меѓу Султана и Никола стои млада жена.“

Со помош на модерните технологии, фотографии со оштетувања настанати поради прекршување не е претешко да се реставрираат дигитално. Како би можело фотографијата што подобро да се анализира, ја реставрирав во програмата фотошоп. Секако, резултатот што на тој начин се добива никогаш не е 100 % еднаков на оригиналниот изглед на фотографијата од пред нејзиното оштетување. Но при истражувања што се потпираат во голема мера на визуелниот дел, ваквите реставрирања можат да бидат од голема корист.



„Да се открие досега непозната и необјавена фотографија од најголемиот и најславен македонски револуционер, апостолот на македонското револуционерно движење и идол на Македонскиот народ Гоце Делчев, несомнено е едно од најголемите историски  откритија на македонската историска наука во поново време“, заклучува Донски во продолжение на написот. И навистина е така. Сепак, како потврда дека Делчев е прикажан на фотографијата тој не споделува многу докази кои ја надминуваат очигледната визуелна сличност. 

Тезата дека се работи за Гоце Делчев во најголем дел се потпира на сличноста помеѓу Делчев и личноста прикажана на фотографијата за која се тврди дека е Делчев. Сличности навистина постојат, обајцата се со црна коса и сличен облик, имаат мустаќи и слична форма на лицето. Но, колку врз база на таквата сличност би можело да се донесат дефинитивни заклучоци? Особено кога станува збор за фотографија на која забот на времето оставил длабок траг, а воедно не е портрет туку групна, односно лицата на фотографираните личности се прикажани ситни.

Донски за фотографијата пишува дека е во сопственост на познатиот штипски фотограф Јордан Симоновски (р. 1947). Имајќи предвид дека станува збор за фотографија на која се тврди дека е прикажана значајна личност за Македонија од калибарот на Делчев, човек би очекувал дека во неговото семејство е споделена приказната како таа стигнала кај нив. Сепак, што не помага за потврдување на тезата дека на фотографијата е прикажан Делчев, Симоновски не знае како таа се нашла во нивната семејна архива. 

Донски дава две можни објаснувања за потеклото на фотографијата, но и по ова прашање се работи за претпоставки. Притоа тој посочува дека во времето на Делчев „фотографиите биле ретки и скапи (посебно фотографиите на илегалните војводи и револуционери)“, па „енигмата за добивањето на оваа фотографија во посед на Мите Сушев, а подоцна и на неговиот син Трајче и внук Јордан, е уште поголема“, што оди во насока кон оспорување на тврдењето дека се работи за фотографија на која е прикажан Гоце Делчев. Донски, сепак, не мисли така.

Во поткрепа на тезата дека на фотографијата е прикажан Делчев, во написот е посочено дека тој е фотографиран заедно со неговата љубена Јустинијана (Јанка) Каневчева. „Ликот на Јустинијана (Јанка) Каневчева во целост е идентичен со единствената нејзина позната фотографија од тоа време“, пишува тој. Иако постојат сличности, не го споделувам таквиот заклучок. Исто како кај личноста за која се тврди дека е Гоце, се забележуваат разлики во очите. Во споредба со фотографиите за кои се знае дека се прикажани Гоце и Јанка, погледот на наводниот Делчев е построг, а очите на наводната Јанка се помали/позатворени. Врз база на тезата дека се работи за Гоце и Јанка, во написот објавен на „Македонска нација“ се гради претпоставка дека тие биле верени, иако историографијата тоа го нема потврдено.

„Науката досега не беше сигурна дали Гоце бил верен со Јустинијана или само му била девојка, но фотографијава дефинитивно потврдува дека тие сепак биле верени. Имено, незамисливо за тоа време (првите години на ХХ век, но и подоцна) било момче да се фотографира со својата девојка без да бидат верени“, пишува Донски. Но, ова тврдење е како меч со две острици. Исто како што врз база на фотографијата го носи заклучокот дека Гоце и Јанка биле верени, имајќи предвид дека историјата нема потврдено дека биле верени, би можело да се донесе заклучок дека на фотографијата не се прикажани тие.

Донски посочува дека на фотографијата можат да се забележат Никола и Султана, родителите на Гоце Делчев, што би требало да оди во прилог на тезата дека личноста со црни мустаќи на фотографијата е Гоце. Никола и Султана „се облечени во своите традиционални алишта од кукушкиот крај. Нивните ликови исто така во целост се идентични со останатите нивни ретки фотографии од тој период“, пишува тој. Ликот на повозрасната машка личност за која тврди дека е Никола, навистина има сличности со таткото на Гоце. Кај ликот на повозрасната женска личност за која тврди дека е мајката на Гоце, во споредба на фотографијата на која знаеме дека е Султана, сепак се забележуваат разлики.

Иако постои можност дека на фотографијата навистина е прикажан Гоце, немам впечаток дека авторот на написот објавен на „Македонска нација“ успева тоа да го докаже. Визуелен индикатор што би помогнал за потврда на тезата дека Гоце Делчев е прикажан на фотографијата, е парче од облеката за кое од други фотографии знаеме дека е на Гоце (или Јанка). Но, овде не само што нема такво, туку наводниот Гоце е со темна кошула, а на сите други негови зачувани фотографии е со светла. Авторот на написот тоа го оправдува со свеченоста прикажана на фотографијата, но и во овој случај се работи за претпоставка која е во функција на потврда на наративот.

Во насока кон потврда на тезата евентуално би помогнала и анализа на хартијата, за да се утврди дали одговора на периодот од крајот на XIX век односно почетокот на XX век (пред 1902 година). Но дури и да одговара тоа би бил само индикатор. Секако, од корист би било и експерт да направи споредба на лицата, иако, со оглед на квалитетот на фотографијата и големината на лицата, тешко би се стигнало до дефинитивен заклучок.

Како заклучок, навистина постојат сличности во изгледот на личностите на фотографијата и оние за кои се тврди дека се (споредено со нивни фотографии), но постојат и разлики. Дополнително, исто како што корелацијата незадолжително значи каузалитет, визуелната сличност во случаите како овој не секогаш е доволна потврда. Особено не, имајќи предвид дека лицата на личностите од фотографијата се ситни. Особено не кога станува збор за „едно од најголемите историски  откритија на македонската историска наука во поново време“, како што го нарекува, за најголемиот македонски син од времето на македонската револуционерна борба.

No comments: