December 11, 2019

Возобновување на македонската држава

Пред да се спомне средбата на Македонскиот иницијативен одбор со Националниот комитет за ослободување на југославија  во јуни 1944 година на Вис, која е од посебно  истириско значење за создавање на македонската држава, во меѓувреме се одигруваат значајни воени операции на подрачјето на Македонија. По борбите водени во текот на ноември 1943 година и јануари 1944 година, во Мариово, во Тиквешко, во Гевгелиско и во Меглен се создадоа сите објективни услови операциите да можат од реонот на Кожув да се пренесат во Централна и во Источна Македонија.

....Пролетната офанзива што ја зафати Македонија ќе заврши некаде до втората декада на јуни 1944 година, со последната битка на Петрова Гора.

Правниот континуитет за создавање македонска држава се обезбедува и со одржувањето состанок помеѓу Иницијативниот одбор за свикување македонско Собрание, од една страна и Националниот комитет за ослободување на Југославија, од друга страна. Тој состанок се одржа на 24 јуни 1944 година на островот Вис. Што сé е договорено на спомнатиот состанок, најверодостојно потврдува записникот од одржаниот состанок, во кој буквално стои:

"Присутни: председателот Јосип Броз Тито, матшал на Југославија, подппетседателите: Едвард Кардељ и Владислав Рибникар, поверениците: Влада Зечевиќ, Иван Милутиновиќ, Едвард Коцбек, д-р Владимир Бакариќ;

Александар Ранковиќ и Милован Ѓилас, членови на Президиумот на АВНОЈ.

Членови на Иницијативниот одбор за свикување на македонското собрание: Методија Андонов Ченто, Мане Чучков и Кирил Петрушев;

Инструктор на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во Македонија, генерал- мајор Светозар Вукмановиќ -Темпо.

Со седницата претседава председателот на НКОЈ Јосип Броз Тито, записникот го води д-р Владимир Бакариќ.

                                Дневниот ред ( прифатен ):

1.    Реферат на делегацијата на Иницијативниот одбор за свикунање  Антифашистичко собрание за народното ослободување на Македонија.

2.     Дискусија за македонското прашање.

3.     Разно.

Ад. 1)  Извештајот го започнива Мане Чучков, кој најпрво во името на македонскиот народ го поздравува другарот Тито со надеж дека македонскиот народ во текот на оваа борба ќе ги оствари своите национални права.

Тито се заблагодарува за поздравот и го изнесува ставот на Националниот комитет за некои актуелни прашања во Македонија.

Андонов Ченто и Петрушев го дополнуваат рефератот на Чучков. Андонов Ченто ги чита записниците од двете седници на Иницијативниот одбор ( од 30. IV 1944 и 6. V. 1944 ) и ги предава копиите ( се прилага со овој записник ).

Ад. 2) Се донесува заклучок во поглед на општата политичка линија на Иницијативниот Одбор: и- кога ќе биде избран, на Антифашистичкото собрание на народнотто ослободување на Македонија. Тоа се формулира:

1. Македонскиот народ го изразува својот историски стремеж за обединување на сите негови делови, тоа е негово национално право и затоа , овој сремеж, останува како негово постојано барање.

2. Со оглед на сегашната меѓународна состојба, потоа на внатрешната положба на Македонскиот народ и во соседните земји, како и степенот на развој на оружената борба на македонскиот народ, би било прерано поставувањето на неговиот национален стремеж во форма на акционо барање, било да е од страна на врховните претставници на Федеративна Југославија, или пак од страна на раководните органи на македонскиот народ. Таквото поставување во денешно време би го кочело единството на антихитлеровскиот фронт на Обединетите народи, што би ја довело во неповолна меѓународна положба и Југославија во целина и македонскиот народ посебно.

3. Патот кон ослободување и самоопределување на сите делови на македонскиот народ води денес преку развивање на широко ослободително народно движење против фашистичките окупатори на чело со Хитлер и преку организирана решителна оружена борба против овој главен негов непријател. Во рамките на тоа движење и на борбата на македонскиот народ надвор од границите на стара Југославија, може да се постави барање за национално самоопределување и за демократски права.

4. Македонскиот народ во Југославија сака развивање на Народноослободителната борба против фашистичките окупатори во сите негови делови, свесен дека токму со таа и со таква борба, стекнува право на ослободување и самоопределување на целата своја земја. Во согласност со таа желба, тој ќе ги помага сите слични ослободителни движења без оглед каде се појавуваат тие.

Освен ова, заклучено е што побргу да се свика основачко Собрание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и да се пристапи кон организирано формирање на народноослободителниот фронт на Македонија.

По заседанието на АСНОМ, Андонов Ченто треба да се врати во Националниот комитет.

Завршно,

Записничар                              Претседател                    

д-р В. Бакариќ с. р.                 Маршал на Југославија Ј.Б. Тито с.р.

Ставре Џиков - СВЕТИ ПРОХОР ПЧИНСКИ, Скопје, 2000

No comments: