December 23, 2018

Методија Шаторов-Шарло: одметник и предавник или огнен поборник за македонска самобитност (1)

Во македонската историографија и во учебниците по историја до 1992 година Методија Шаторов–Шарло е оквалификуван како „одметник и предавник на македонскиот народ“, беше обвинуван за „националшовинистички ставови“, „капитулантство“, „фракционерство“, „опортунизам“ и сл.

За Шарло, според неговиот најблизок соработник Перо Ивановски-Тиквар, „можеше и се бараше да се пишува, но само во една негативна конотација“. Лазар Колишевски, неговиот наследник на функцијата секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, во трудот „Аспекти на македонското прашање“ сите слабости на партиската организација во Македонија ги објаснува со „злочинечката политика на Шарло“, поради неговите „неизживеани автономистички тенденции... за создавање некаква ‘самостојна’ или ‘независна’ Македонија“.

Методија Шаторов-Шарло

Дури во последниве години почнаа да се преиспитуваат неговото место и неговата улога во македонската историја. Некои негови современици, соборци и партиски функционери ги ревидираат своите ставови за Методија Шаторов, признаваат дека сите обвинувања вперени против него биле лажни, дека тој не бил предавник, како што се тврдело, туку „огнен поборник за самобитноста на македонското национално битие“.

Но кој бил Методија Шаторов-Шарло?

Син на ситен дуќанџија, роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп, завршил гимназија и учителска школа. Во септември 1918 година емигрирал во Бугарија и станал член на Бугарската социјалдемократска партија, а во исто време се вклучил во политичките активности на македонската емиграција во Софија, непрекинато учествувајќи во националнореволуционерното движење на македонската левица. Во 1920 година станал член на Бугарската комунистичка партија и поради неговите активности повеќепати бил апсен и испрашуван од бугарската полиција.

Од 1925 година бил вклучен во Внатрешната македонска револуционерна организација (Обединета), а во август 1926 година бил избран за член на Комисијата за нелегални работи и член на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) за Пиринска Македонија. Во 1928 година, по своето враќање од Германија, ја раководел ВМРО (Обединета) во Пиринска Македонија, а во 1934 година, по враќањето од Советскиот Сојуз, повторно се вклучил во работата на ВМРО (Обединета).

Како еден од поистакнатите и најангажирани раководители на ВМРО (Обединета) во Бугарија, Методија Шаторов бил задолжен да работи по „македонска линија“ во Задграничното биро на ЦК на БКП. Така, Шаторов најрано од сите македонски револуционери и комунистички дејци ја истакнал идејата за создавање посебна македонска национална организација или партија.

Според досието на Методија Шаторов, заведено во Државната безбедност на Дирекцијата на полицијата на Бугарија од 1924 година, тој бил окарактеризиран како „активен комунистички функционер“, кој „работел во националноослободителното движење среде македонската емиграција во Бугарија“. Повторно бил апсен и осудуван, и откако бил ослободен од затвор, во 1930 година ја напуштил Бугарија и престојувал во Прага, Виена, а подоцна и во Германија.

Од 1930 година Методија Шаторов работел во телата на Коминтерната во Москва по прашањето на националнореволуционерното движење на балканските народи, каде што бил задолжен да работи по ,,македонска линија“. Учествувајќи во дискусиите во телата на Коминтерната за идниот статус на Македонската организација, се залагал за создавање „посебна македонска национална организација или партија“ што ќе дејствува по „македонските работи“.

Во ноември 1939 година Шаторов се вратил во Македонија, во Прилеп. Во април 1940 година бил избран за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Тој веднаш го сменил името на Партијата, од Покраински комитет на КПЈ за Македонија во Покраински комитет на КП во Македонија.

Во резолуциите и повиците на ПК на КП во Македонија Методија Шаторов ја пропагира македонската национална платформа, чија цел е создавање македонска држава, а во меѓупартиската преписка првпат почнува да се употребува македонскиот јазик.

На Петтата земска конференција на КПЈ одржана во Загреб во 1940 година Методија Шаторов, како единствен член на ЦК на КПЈ од Македонија, им се спротивставил на другите делегати во врска со националното прашање и прашањето за враќањето на српските колонисти во Србија.

Во мај 1941 година, во познатото писмо до „Стојана“, Шаторов ги изнел своите актуелни полички ставови, ја осудил окупацијата на Македонија од германските, италијанските и од бугарските фашистички војски и ги повикал македонскиот народ и народностите во Македонија во заедничка борба за слобода: „Да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо свое право за слобода и рамноправност, но не цепење на македонската земја и македонскиот народ“. Во истата година, во писмото до ЦК на БКП, тој побарал „издигнување на актуелното прашање, како задача за непосредно решение: Македонија да биде откината од Бугарија и да биде оформена како независна македонска држава“.

Под негово раководство ПК на КП во Македонија презеде низа активности за организационо средување, зацврстување и проширување на партиската организација и за нејзино идејнополитичко издигнување. Во многубројните прогласи, апели и повици упатени до македонскиот народ и до народностите во Македонија е изложена целокупната програмска и практична акција на Покраинскиот комитет во тогашните услови: пред сè борба за одбрана и афирмација на македонскиот национален идентитет, борба против врзувањето на Кралството Југославија за кој и да е империјалистички блок и против негово вовлекување во војна, сојуз со СССР, борба за демократски национални и социјални права на работниците и на национално угнетените маси во Кралството Југославија, а во тој контекст и во Вардарска Македонија. Од содржината на овие прогласи, апели и повици се гледаат ставовите на Методија Шаторов за македонското национално прашање, борбата за создавање посебна македонска држава, односот кон окупаторите на Македонија, особено кон бугарскиот окупатор, потребата од оружен отпор на македонскиот народ и др.

Во својство секретар на ПК на КП во Македонија, Методија Шаторов покажал голема активност во организирањето на македонскиот народ во борбата за национално ослободување од тројното ропство и за организирање самостојна суверена држава. Основен предуслов во тоа гледал во организирањето на самостојна Комунистичка партија на Македонија, која ќе ги обедини комунистите и другите македонски прогресивни сили во борбата за национално ослободување на целиот македонски простор, со цел да ги отстранат штетните остатоци од распарченоста на македонската земја, кои предизвикаа тешки последици врз македонското национално револуционерно движење.

На Покраинската конференција на КП во Македонија од 8 септември 1940 година беа разгледани клучните прашања од општествениот, меѓународниот и внатрешнополитичкиот живот, пред сè од интерес за „развој на борбата на македонскиот народ за подобар живот, демократизација и национално ослободување“. На Конференцијата беше донесена резолуцијата позната како „Македонска платформа“, во која, меѓу другото, е истакнато дека „големо значење за комунистичките организации се разбирањето и спроведувањето на револуционерната политика и политиката на националното прашање, затоа што тоа се јавува како прашање над прашањата“.

Понатаму се вели: „Само слободна и независна Македонија може да им гарантира слобода на сите потиснати и поробени во Македонија“. Со тоа комунистичкото движење во Вардарска Македонија, предводено од Покраинскиот комитет, првпат настапува со изградени основни програмски цели за решавање на македонското национално прашање преку борба на македонскиот народ за докажување на неговиот национален идентитет, за рамноправност со другите народи на Балканот, за своја слободна и суверена држава.

Таквите ставови на Шарло не соодветствуваа на тогашната политичка состојба, на плановите на големите сили и тој беше обвинет: „1) по неовластеното приклучување на нашата партиска организација кон БРП(к); 2) по директивата за предавање на оружјето на окупаторот; 3) по ставот спрема колонистите; 4) по прашањето за распуштањето на ПК; 5) по прашањето за Првомајскиот проглас на ЦК на КПЈ од 1941 година...“

Врз основа на овие и некои други обвинувања, во средината на септември 1941 година Покраинскиот комитет бил суспендиран, а Методија Шаторов бил сменет од должноста политички секретар и исклучен од Партијата. Причината за сменувањето на Методија Шаторов од должноста политички секретар на Покраинскиот комитет лежела во неговата македонска платформа, која се потпира врз правото на самоопределување до отцепување на секој народ посебно, односно врз правото за сопствена суверена држава на Балканот.

Според зборникот „Методија Шаторов-Шарло – Документи и материјали“, издание на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ и Државниот архив на Република Македонија. Извор: МКД.мк

(Продолжува)

No comments: