Во огромниот фонд на Ватикан има многу интересни, всушност сензационални сведоштва за Македонија и за Македонците, кои покриваат период од 1622 до 1644 година. Според еден од документите, во Колеџот во Лорето во 1620 година студирале тројца Македонци, стипендирани од Ватикан
Ватикански документи за Македонија од 17 век
Во трезорите на Ватикан се чуваат значаен број документи за Македонија и
за Македонците, кои допрва треба да бидат истражени и објавени. Во
архивот на Конгрегацијата за пропаганда на верата во Рим (Арцхивио делла
Сацра Цонгрегазионе де Пропаганда Фиде), кој е формиран за да ги собира
и чува документите од тајното дипломатско функционирање на Светата
столица, се чуваат документи што го покриваат периодот од 1622 година до
денес. Првиот секретар на Конгрегацијата, Франческо Инголи, уште од
основањето на Конгрегацијата како „ресор за пропаганда на католицизмот
во светот“, целокупната документација систематски и стручно ја
распоредувал, а на тој начин ги удрил темелите на денешниот архив.
Кога по десет години работа се собрала голема збирка на тајни документи, Инголи почнал да го пишува првиот водич (Мемориа Рерум), овозможувајќи со тоа лесно и едноставно пронаоѓање на сите архивирани списи. Од друга страна, пак, одредувајќи простор во Ватиканската палата за сместување на архивската граѓа, папата Урбан Осми покажал не само разбирање за напорите на Инголи туку со тоа оваа драгоцена збирка ја ставил под личен надзор и патронат. Извесен период документите се наоѓале во Апостолската канцеларија, каде што била и канцеларијата на Инголи, а потоа оттаму, по неговата смрт, збирката била преместена во зградата на Конгрегацијата за пропаганда на верата. Веќе кон крајот на 18 век овој архив поседувал богатство со кое го привлекол вниманието и на францускиот цар Наполеон. Имено, Наполеон наредил целокупната архивска граѓа да се пренесе во Франција, од каде што, по неговиот пад, повторно е вратена во Рим и сместена во просториите на Конгрегацијата, каде што се наоѓа и денес. За време на транспортот во Франција, односно при враќањето назад, одреден број кутии со значајни документи засекогаш биле изгубени, а 74 кутии стигнале во Виена. Овие 74 кутии австриската влада ги вратила во Конгрегацијата дури во 1925 година. Како работела Конгрегацијата, односно Центарот за пропаганда на верата во Ватикан?
СЕДНИЦИ ВО ПРИСУСТВО НА ПАПАТА
Според документите од функционирањето на оваа институција може да се види дека е основана во времето на папата Григориј Петнаесетти. Документот за основање е потпишан на 6 јануари 1622 година, а основна задача била да стане централен и врховен орган за ширење на римокатоличката вера, односно за создавање унија со православието и враќање на протестантите во пазувите на Римокатоличката црква. Освен тоа, обврска на Конгрегацијата била да го организира и надгледува ширењето на католицизмот меѓу нехристијаните. Конгрегацијата, според актот за нејзиното основање ја сочинувале 13 кардинали, од кои еден бил префект, двајца прелати и секретар. Во овој состав подоцна влегол и еден кармелитанец, а потоа и протонотар и акцесор на Светиот уред. Членовите на Конгрегацијата редовно одржувале седници еднаш месечно, и тоа најчесто во присуство на папата. На тие седници (Цонгрегазионе Генерали) биле разгледувани важни прашања, додека оние сложените биле поверувани на посебни комисии што ги воделе кардиналите во Конгрегацијата и други експерти (Цонгрегазионе патриколари). Секојдневните работи ги водел префектот на Конгрегацијата со секретарот и минутантите. Тие одржувале седници еднаш неделно (Цонгресси). Прашањата, кои барале интервенција на папата, му биле соопштувани лично нему на аудиенција. Своите одлуки Конгрегацијата ги објавувала со декрет, препораки и писма.
До 1665 година генералните или месечните седници се одржувале во присуство на папата, меѓутоа таа практика е прекината во 1666 година. Оттогаш, секретарот на Конгрегацијата, во одредени денови, го известувал папата за најважните прашања и од него барал неопходни одобрувања за решавање на прашањата што ја надминувале надлежноста на префектот и на целата конгрегација. Од овие извештаи, и кратки молби, поднесени до папата, основан е посебен фонд. Мнозинството документи во овој фонд се однесуваат на прашања од приватен карактер, како молби, индулгенции, привилегии, одобренија за склопување брак во недозволени степени на сродство и слично. Овие прашања, односно прашањата за кои реферирал папата, во почетокот биле бележени во општи бележници, а подоцна секој предмет бил запишуван на посебен лист. На крајот на листот секретарот на Конгрегацијата ја нотирал и одлуката на папата.
СТИПЕНДИИ ВО 1619 ГОДИНА!
Во еден документ од 1624 година се зборува за обновување на Илирскиот колеџ, значи Словенски колеџ во Лорето, кој би основан 1580 година. Токму своето образование на овој колеџ го почнале 40 студенти. Пред тоа, во 1593 година, истиот колеџ бил преселен во Рим, а бројот на слушателите бил сведен на 12 ученици. Во 1619 година, далматинските бискупи побарале папата Павле Петти да донесе одлука колеџот да се врати во Лорето, а истовремено да се доделат места на питомци „Срби, Бугари и Македонци, кои во иднина нема да имаат причина да се обраќаат до Светата столица за стипендии“. Значи, уште во 1619 година во Ватикан правеле разлика меѓу Македонците, Србите и Бугарите, па затоа за нив била одобрена посебна квота во колеџот, посебна графа во документите за апликација како за одделен народ за кој треба да се одвојат одреден број места според националната припадност. Во Колеџот во Лорето во 1620 година студирале тројца Македонци, стипендирани од Ватикан.
Освен овој, во Архивот на Когрегацијата, односно во Ватикан, има и друг документ што е мошне значаен за нас. Станува збор за писмо од февруари 1625 година, испратено од Мантова од охридскиот патријарх Порфириј Палеолог. Во писмото го известува папата дека поради болест се задржал во Мантова, и дека тука ја добил веста да не се враќа во својата резиденција во Охрид, затоа што му се заканува голема опасност од Турците поради големиот долг на неговите претходници кон Портата. Се работи за даноци што ги наметнал султанот, а кои Охридската патријаршија не можела да ги плати. Во прашање се околу 40.000 скуди. Откако Конгрегацијата го добила ова писмо на патријархот Порфириј, стигнува понуда да остане во Мантова и да служи во црквата според неговиот обред, но Порфириј таа понуда не сакал да ја прифати без дозвола на папата. Конгрегацијата веднаш го известила папата за барањето на охридскиот патријарх, односно одлучила писмото на Порфириј да го достави за одлука до папата.
ОД ТАТКОВИНАТА НА АЛЕКСАНДАР!
Исклучително интересни се двете оригинални писма на „епископот македонски Мардарије од отечества великого цара Александра“, епископ на Охридската архиепископија, испратени до кардиналот Беберини, во кои жали за зулумите што ги прават Турците, особено Албанците, во неговата диецеза. Во двете негови писма, кои стигнале во Конгрегацијата, а со нив бил запознат и папата, стои дека тој е „епископ македонски од татковината на големиот цар Александар“. На заднината на истото писмо во Конгрегацијата било запишано да се достави на увид на кардиналите Алвициј и Инголиј, за да видат што може да се направи по тоа прашање. Врз основа на документацијата што се чува во Ватикан, Францеско Инголи, како прв човек на оваа своевидна влада на Ватикан, детално го известува папата за овој проблем на охридскиот архиепископ. Целата таа преписка се случува во јануари и февруари 1640 година.
Мошне интересен документ е и писмото испратено од Паштровиќи на 15 февруари 1642 година, во кое Франческо де Леонардис, специјален пратеник на папата, кој чекал да отпатува за Пеќ, каде што со српскиот патријарх требало да преговара за унија на Српската православна црква со Светата столица во Ватикан, известува за состојбите на теренот. Во своето доверливо писмо, Леонардис го известува папата дека е принуден да го одложи патувањето за Пеќ, затоа што бил известен дека српскиот патријарх отпатувал за Цариград „каде што охридскиот патријарх се обидува повторно да ги потчини сите поранешни територии под своја јурисдикција, односно да се прогласи за глава на ‘Бугарија, Србија, Македонија и Босна‘“. Тоа се случува во средината на 17 век. Во таа насока мошне интересно е и едно известување испратено од Скопје, на 22 март 1642 година, значи еден месец по паниката на Србите дека охридскиот патријарх ќе договори со султанот враќање на целосната контрола на Охридската архиепископија врз своите поранешни, одземени територии. Имено, барскиот надбискуп Георго Бјанки, известува дека на Скопска Црна Гора, освен православни, живеат и 500 католици, а ниту еден муслиман.
Како и кога се населени Албанците на теренот од денешното Арачиново до Танушевци, нема податоци во Конгрегацијата.
Во секој случај, овие и многу други документи што се чуваат во Ватикан сигурно ќе фрлат ново светло на затемнетиот дел на балканската историја, која, како што се знае, особено по пропаста на античка Македонија, ја пишувале само победниците.
Автор: Блаже Миневски
No comments:
Post a Comment